Април
Сабота, 1 април
Бдејте! Вашиот противник, Ѓаволот, оди наоколу како разрикан лав и бара некого да проголта (1. Пет. 5:8)
Во почетокот, ангелот кој сега е познат како Сатана имал близок однос со Јехова. Но подоцна, кај него се јавила една неисправна желба — посакал луѓето да му служат нему. Наместо веднаш да ја отфрли, тој дозволил таа желба да расте сѐ додека не го навела да направи грев (Јак. 1:14, 15). Сатана ‚не останал постојан во вистината‘. Се побунил против Јехова и станал „татко на лагата“ (Јован 8:44). Од мигот кога се побунил, Сатана е најголемиот непријател на Јехова и на луѓето. Називите што во Библијата се користат за него откриваат колку многу е расипан. Името „Сатана“ значи „противник“. Тоа покажува дека ова злобно духовно суштество не го поддржува Бог како Врховен Владетел. Напротив, го мрази и со сите сили се бори против него. Најмногу од сѐ, Сатана сака да му биде ставен крај на Јеховиното владеење (w15 15/5 1:1-2).
Недела, 2 април
Ако некој го сака Бог, него Бог го познава (1. Кор. 8:3)
Кога ја проучуваме Библијата, откриваме на кои полиња може да се поправиме во духовен поглед. Но, исто така учиме за Божјите прекрасни особини и за величествените работи што тој ги прави. Тоа нѐ поттикнува да го сакаме уште повеќе. Како што расте нашата љубов кон него, расте и неговата љубов кон нас. Така нашето пријателство станува уште поцврсто. Меѓутоа, за да се зближиме со Јехова, многу е важно да проучуваме со исправна цел. Јован 17:3 вели: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“. Според тоа, нашата цел не треба да биде само да стекнеме знаење туку подобро ‚да го запознаеме‘ Јехова како личност (2. Мој. 33:13; Пс. 25:4). Кога подобро ќе го запознаеме Јехова, нема да се вознемируваме непотребно ако во Библијата не е објаснето зошто постапил на одреден начин во некоја ситуација (w15 15/4 3:6-8).
Понеделник, 3 април
Тимотеј ќе ве потсети на начелата за кои се држам додека му служам на Христос Исус и за кои поучувам насекаде во секое собрание (1. Кор. 4:17)
Неодамна некои старешини кои успешно ги обучуваат браќата беа прашани како го прават тоа. Иако овие старешини живеат во различни околности, сите дадоа слични совети. Што покажува ова? Обуката која се темели на Библијата им користи на сите браќа „во секое собрание“, исто како што било случај и во времето на апостол Павле. За да ја даде потребната обука, учителот прво треба да го подготви теренот. Исто како што еден градинар треба да ја раскопа земјата пред да го засади семето, така и учителот треба да го подготви срцето на ученикот пред да почне да го поучува за нови вештини. Како може да го стори тоа? Така што ќе го следи примерот на Самоил кога го подготвувал Саул да биде цар на Израел (1. Сам. 9:15-27; 10:1; w15 15/4 1:11-12).
Вторник, 4 април
Целиот свет е под власта на Злобниот (1. Јов. 5:19)
Многу од работите што ги нуди светот се спротивни на мерилата кои се изнесени во Библијата. Се разбира, не се лоши сите работи во светот. Сепак, треба да очекуваме дека, преку својот свет, Сатана ќе се обиде да ги искористи нашите желби за да нѐ наведе на грев или да нѐ натера да го засакаме светот и да ја занемариме службата за Бог (1. Јов. 2:15, 16). Очигледно, некои христијани во првиот век дозволиле кај нив да се развие љубов кон светот. На пример, Павле напишал: „Димас ме остави, бидејќи го засака сегашниов свет“ (2. Тим. 4:10). Библијата не кажува точно кои работи од овој свет го привлекле Димас и го навеле да го остави Павле. Можеби тој повеќе ги засакал материјалните работи отколку својата служба за Јехова. Ако тоа било случај, тогаш ја изгубил можноста да му служи на Бог на посебен начин. Доколку останел соработник на Павле, ќе добиел многу благослови од Јехова. Зарем светот можел да му понуди нешто подобро од тоа? (Изр. 10:22; w15 15/5 2:10-11).
Среда, 5 април
Јехова е милосрден и добар (Пс. 103:8)
Исус можел да ја почувствува болката на оние што страдале иако можеби самиот никогаш не поминал низ нивните маки. На пример, тој бил свесен дека многумина воделе тежок живот. Верските водачи ги лажеле луѓето и ги оптоварувале со многу човечки правила, и затоа народот се плашел од нив (Мат. 23:4; Мар. 7:1-5; Јован 7:13). Исус никогаш не се плашел од верските водачи и не поверувал во нивните лаги, но сепак можел да разбере како се чувствуваат другите. ‚Штом ги видел мноштвата, тој се сожалил на нив бидејќи биле измачени и расеани како овци без пастир‘ (Мат. 9:36). Исто како својот Татко, Исус бил сочувствителен и полн со љубов. Кога гледал како луѓето страдаат, Исус бил поттикнат да им помогне затоа што ги сакал. На тој начин, совршено ја покажувал љубовта на својот Татко. Во една прилика, Исус и неговите апостоли биле уморни бидејќи поминале долг пат проповедајќи им на луѓето, и сакале да појдат на осамено место за да се одморат. Сепак, кога ги видел мноштвата луѓе што го очекувале, Исус се сожалил на нив и ‚почнал да ги поучува за многу работи‘ (Мар. 6:30, 31, 34; w15 15/5 4:3-4).
Четврток, 6 април
Им се радував на синовите човечки (Изр. 8:31)
Божјиот првороден Син бил првиот и најголем доказ за Јеховината неизмерна мудрост. Тој бил вистинско олицетворение на мудроста — „вешт градител“ кој работел рамо до рамо со својот Татко. Може да си замислиме колку само се радувал кога неговиот Татко ‚ги уредувал небесата‘ и ‚кога ги одредувал темелите на земјата‘. Но, од сите Божји творби, Исус најмногу ‚им се радувал на човечките синови‘ (Изр. 8:22-31). Ова јасно покажува дека тој многу ги сакал луѓето уште пред да дојде како човек на Земјата. Подоцна, Божјиот првороден Син ја докажал својата љубов и верност кон својот Татко, како и својата огромна љубов кон ‚човечките синови‘ кога спремно ‚се одрекол од самиот себе‘ и станал сличен на луѓето. Тој го сторил тоа за да го даде својот живот „како откупнина за мнозина“ (Фил. 2:5-8; Мат. 20:28; w15 15/6 2:1-2).
Петок, 7 април
Бог го испрати својот единороден Син во светот, за да добиеме живот преку него (1. Јов. 4:9)
Дали си благодарен за она што Јехова го сторил за тебе? Ако да, тогаш е добро да му се заветуваш и да се крстиш. Кога му го заветуваш животот на Бог, ти му ветуваш дека ќе ја вршиш неговата волја засекогаш, без разлика што ќе се случи. Дали треба да се плашиш да му дадеш таков завет? Воопшто не! Имај на ум дека Јехова ти го мисли најдоброто, и дека „ги наградува оние што ревносно го бараат“ (Евр. 11:6). Кога ќе му се заветуваш на Бог и ќе се крстиш, твојот живот нема да стане полош, туку подобар. Јехова е сосема поинаков од Сатана, кој е себичен и воопшто не му е гајле за тебе. Ѓаволот не им нуди никаква трајна награда на оние што застануваат на негова страна. Впрочем, како би можел да понуди нешто што и самиот го нема? (w16.03 2:16, 18-19).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 9 нисан) Лука 19:29-44
Сабота, 8 април
Татко, ти благодарам што ме услиши. Јас знаев дека секогаш ме услишуваш (Јован 11:41, 42)
Ако сакаш да си близок пријател со Јехова, мора да бидеш уверен дека тој ги слуша твоите молитви. Размисли за следново: Пред да дојде како човек на Земјата, Исус од прва рака можел да види како Јехова одговара на молитвите на своите слуги. А подоцна, додека бил на Земјата, Исус во молитва му кажувал на својот небесен Татко што мисли и што чувствува. Во една прилика, тој дури цела ноќ му се молел на Јехова (Лука 6:12; 22:40-46). Дали би го правел тоа ако знаел дека Бог не ги слуша молитвите? Дали би ги поучил своите ученици да се молат ако мислел дека молитвата е само еден емоционален вентил? Очигледно, Исус многу добро знаел дека молитвата е вистински разговор со Јехова. И ние може да бидеме уверени дека Јехова ги слуша нашите молитви (Пс. 65:2; w15 15/4 3:11, 13).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 10 нисан) Лука 19:45-48; Матеј 21:18, 19; 21:12, 13
Недела, 9 април
Ава, Татко, за тебе сѐ е можно! Тргни ја оваа чаша од мене! Но нека не биде како што сакам јас, туку како што сакаш ти (Мар. 14:36)
Кога твоите деца те слушаат како понизно се молиш, тие можат да научат да се потпираат на Јехова. Ана, која живее во Бразил, вели: „Кога имавме проблеми, на пример, кога баба ми и дедо ми беа болни, моите родители го молеа Јехова да им даде сила за да се справат со таа ситуација и да им даде мудрост да донесат добри одлуки. Дури и кога беа под силен притисок, тие ги оставаа проблемите во Јеховини раце. Така и јас научив да се потпирам на Јехова“. Кога се молиш со децата, не се моли само за нив. Моли го Јехова да ти помогне и тебе — можеби да ти даде сила да побараш слободни денови за конгрес од твојот работодавач, да ти влее храброст да му сведочиш на некој сосед или да ти помогне на некој друг начин. Ако понизно се потпираш на Бог, и твоите деца ќе научат да го прават тоа (w15 15/11 1:7-8).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 11 нисан) Лука 20:1-47
Понеделник, 10 април
Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум (Мат. 22:37)
Што може најмногу да ја разгори твојата љубов кон Бог? Една работа е тоа што длабоко ќе размислуваш за откупнината — најголемиот дар што Тој им го дал на луѓето (2. Кор. 5:14, 15; 1. Јов. 4:9, 19). Тоа ќе те поттикне да покажеш благодарност за овој прекрасен дар. Ова може да се објасни со следнава споредба: Замисли дека се давиш, но некој ти подава рака и те спасува. Дали едноставно ќе си отидеш дома, ќе се исушиш и ќе заборавиш што направил тој човек за тебе? Се разбира дека не! Сигурно ќе му бидеш многу благодарен и ќе се чувствуваш како негов должник. Слично на тоа, треба да им бидеме многу благодарни на Јехова Бог и на Исус Христос бидејќи им го должиме својот живот. Благодарение на откупнината, имаме можност да живееме вечно во рајот на Земјата! (w16.03 2:16-17).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 12 нисан) Лука 22:1-6; Марко 14:1, 2, 10, 11
Спомен-свеченост
по зајдисонце
Вторник, 11 април
Христос умре за нас (Рим. 5:8)
Јехова имал целосна доверба во својот единороден Син, кој безброј години му бил верен додека живеел на небото. Кога дошол на Земјата, дури и под најтешки испити, Исус останал беспрекорен и го поддржал Јеховиното право да владее, останувајќи му верен на својот Татко сѐ до својата смрт. Колку треба да сме благодарни што на тој начин Исус ја платил и откупнината која била потребна за да можат луѓето да живеат во Божјиот ветен нов свет! Апостол Јован напишал: „Божјата љубов се покажа на нас во ова: Бог го испрати својот единороден Син во светот, за да добиеме живот преку него. Љубовта се состои во ова: не го сакавме ние Бог, туку тој нѐ сакаше нас и го испрати својот Син како жртва помирница за нашите гревови“ (1. Јов. 4:9, 10; w15 15/11 3:13-14).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 13 нисан) Лука 22:7-13; Марко 14:12-16 (настани по зајдисонце: 14 нисан) Лука 22:14-65
Среда, 12 април
Смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија (Рим. 5:12)
Како деца на првиот човек, Адам, сите ние сме наследиле грев и смрт. Никој од нас не може да рече: „Не ми треба откупнината“. Дури и најверниот Божји слуга во потполност зависи од незаслужената доброта која Јехова ја покажува преку Христос. Секој од нас мора да признае дека Јехова му простил огромен долг. На што треба да нѐ поттикнат неговата љубов и милост? Добро е да се прашаме: ‚Дали некој брат ме повредил? Дали ми е тешко да му простам?‘ Ако е така, треба да го следиме примерот на Јехова, кој е ‚спремен да прости‘ (Неем. 9:17; Пс. 86:5). Ако сме благодарни за она што тој го направил за нас така што ни простил огромен долг, тогаш ќе сакаме и самите од срце да им простуваме на другите. Ако не ги сакаме нашите браќа и ако не им простуваме, не можеме да очекуваме Јехова да нѐ сака и да ни прости нам (Мат. 6:14, 15). Иако простувањето нема да го промени минатото, сигурно може да ја промени нашата иднина на подобро (w16.01 2:5, 15-17).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 14 нисан) Лука 22:66-71
Четврток, 13 април
Вие што ме следевте ќе седнете на дванаесет престоли и ќе им судите на дванаесетте Израелови племиња (Мат. 19:28)
Исус ги кажал овие зборови за да им помогне на Петар и на другите следбеници да си ја замислат иднината. Тие можеле да размислуваат за времето кога ќе владеат со него на небото и ќе им донесат огромни благослови на послушните луѓе на Земјата. Јеховините слуги на Земјата секогаш имале корист од тоа што размислувале за исполнувањето на Божјите ветувања. Авел размислувал за Јеховиното ветување за подобра иднина, и поради својата вера му угодил на Бог. Авраам го замислувал времето кога ќе се исполни Божјето ветување за „потомството“, и тоа му помогнало да го послуша Јехова дури и кога не било лесно (1. Мој. 3:15). Мојсеј ‚го насочил погледот на наградата што требало да ја добие‘, и тоа му помогнало уште повеќе да го сака Јехова и да му остане верен (Евр. 11:26). Нашата вера и љубов кон Бог можат да ни помогнат да си го замислуваме она што Јехова го ветил (w15 15/5 3:17-18).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 15 нисан) Матеј 27:62-66
Петок, 14 април
Христос ви даде пример во сѐ да одите по неговите стапки (1. Пет. 2:21)
Христијанинот кој сака духовно да напредува го следи примерот на Исус и не му е доволно само површно да ја познава Библијата. Тој редовно ги истражува длабоките вистини запишани во неа бидејќи знае дека „тврдата храна е за зрелите“ (Евр. 5:14). Зрелиот христијанин сака ‚добро да го запознае Синот Божји‘ (Еф. 4:13). Дали ти ја читаш Библијата секој ден? Дали редовно ја проучуваш, и дали секоја седмица одвојуваш време за Семејната вечер? Додека проучуваш, труди се да ги разбереш библиските начела кои ќе ти помогнат уште подобро да сфатиш како размислува и што чувствува Јехова. А потоа труди се да ги применуваш така што ќе ги земаш предвид секогаш кога донесуваш одлуки. Тоа ќе ти помогне да станеш уште поблизок со Јехова (w15 15/9 1:5, 9-10).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 16 нисан) Лука 24:1-12
Сабота, 15 април
Исус е Божја сила (1. Кор. 1:24)
Исус најдобро ги познава екосистемите на нашата планета. Тој знае како треба да се користат природните богатства на исправен начин, и има контрола над природните сили на Земјата. Кога бил на Земјата, Исус покажал дека може да ги контролира природните сили. Тоа било јасен доказ дека Бог му дал огромна моќ. Замисли си ја сцената: Брановите удираат во чамецот и при секој удар фрлаат вода во него. Но, и покрај бучавата од бурата и силното нишање на чамецот, Исус продолжува да спие. Преморен е од својата напорна служба, и потребен му е одмор. Преплашени од бурата, учениците го будат, викајќи: „Ќе изгинеме!“ (Мат. 8:25). Што прави Исус? Станува и им се заканува на ветрот и на морето, велејќи: „Смири се! Молкни!“ (Мар. 4:39). Силната бура во тој миг стивнува, и ‚настанува потполна тишина‘. Исус навистина покажал огромна моќ! (w15 15/6 1:12-14).
Недела, 16 април
Лебот наш за овој ден дај ни го денес (Мат. 6:11)
Кога го спомнал ‚лебот за овој ден‘, Исус очигледно сакал да каже дека треба да се молиме само за она што ни е неопходно за тој ден. Потоа рекол дека Јехова ги облекува полските растенија, и додал: „Нема ли многу повеќе да ве облече вас, маловерни?“ На крајот заклучил повторувајќи го следниов важен совет: „Не бидете загрижени за утрешниот ден“ (Мат. 6:30-34). Ова покажува дека не треба да бидеме преокупирани со материјалните работи, туку дека треба да бидеме среќни ако секој ден ни се задоволени основните потреби. На пример, може да го молиме Јехова да имаме покрив над главата, вработување за да се грижиме за семејството и мудрост за да се справиме со здравствените проблеми. Но, има нешто уште поважно за кое треба да се молиме — тоа се нашите духовни потреби. Нашиот Господар рекол: „Човек не смее да живее само од леб, туку треба да живее и од секој збор што излегува од Јеховината уста“ (Мат. 4:4). Затоа и понатаму треба да го молиме Јехова да ни дава духовна храна во право време (w15 15/6 5:4, 7-8).
Понеделник, 17 април
Не воведувај нѐ во искушение (Мат. 6:13)
Дали редовно го молиме Бог да ни помогне да му останеме верни кога ќе се соочиме со искушение? Пред да ја запознаеме вистината, можеби сме ги сакале работите кои Јехова ги осудува и сме живееле на начин што тој не го одобрува. Затоа можеби сѐ уште се бориме против некои погрешни желби кои одвреме-навреме повторно ни се појавуваат. Но, Бог може да ни помогне да ги направиме потребните промени за да продолжиме да му служиме како што сака тој. Цар Давид го знаел ова. Откако направил прељуба со Витсавеа, тој горливо го молел Јехова: „Создај во мене чисто срце, Боже, и стави во мене нов, постојан дух“ (Пс. 51:10, 12). Дури и ако грешните желби се длабоко вкоренети во нас и мора постојано да се бориме со нив, Јехова може да ни ја зацврсти решеноста да му бидеме послушни и да живееме во склад со неговите заповеди. Тој може да ни помогне да ги контролираме нашите несовршени мисли (Пс. 119:133; w15 15/6 3:5-6).
Вторник, 18 април
Спасот е во мноштвото советници (Изр. 24:6)
Постарите меѓу нас сѐ уште се сеќаваат на времето кога собранијата ги надгледуваше слуга на собранието наместо старешинство, кога имаше слуга на подружницата наместо Одбор на подружницата, и кога добивавме водство од претседателот на Watch Tower Society наместо од Водечкото тело на Јеховините сведоци. Иако овие браќа имаа верни помошници, главно секој од нив лично имаше одговорност да донесува одлуки во собранието, во подружницата или во главното седиште. Во 1970-тите, беа направени промени со кои надгледувањето им беше доверено на групи од повеќе старешини наместо на поединци. Таквите промени се темелеа на подоброто разбирање на одредени библиски начела. Бидејќи денес одлуките не ги донесува само една личност, туку група луѓе, ние извлекуваме корист од добрите страни на сите старешини кои Јехова ни ги дал „како дарови“ (Еф. 4:8; w15 15/7 1:14-15).
Среда, 19 април
Тие не се дел од светот (Јован 17:16)
На вистинските христијани им е многу важно секогаш да бидат лојални и неутрални, а не само кога има војна. Зошто? Затоа што му ветиле на Јехова дека ќе го сакаат, и дека ќе му бидат верни и послушни (1. Јов. 5:3). Ние се трудиме да постапуваме во склад со Божјите праведни мерила сеедно каде живееме и какво е нашето национално и културно потекло. Лојалноста кон Јехова и кон неговото Царство за нас е најважна од сѐ (Мат. 6:33). Од таа причина, не заземаме страна во разните спорови и конфликти во овој свет (Иса. 2:4; Јован 17:11, 15, 16). Многу луѓе денес се лојални на својата татковина или култура, па дури и на некој национален спортски тим. За жал, последиците од ова се страшни — непријателство и соперништво, а во некои поекстремни случаи и крвопролевања и геноцид. Како реагираш ти во такви околности? Дали успеваш да останеш неутрален? (w15 15/7 3:1-2).
Четврток, 20 април
Сѐ нека биде пристојно и така како што е редот (1. Кор. 14:40)
Ние му служиме на Богот на редот, и нашите сали треба да бидат уредни и чисти за да ги одразуваат неговите прекрасни особини (1. Кор. 14:33). Библијата ја поврзува светоста и духовната чистота со физичката чистота (Отк. 19:8). Затоа, оние што сакаат прифатливо да му служат на Јехова, мора да внимаваат на својата лична хигиена. Во склад со овие начела, ако нашата сала секогаш е уредна и чиста, никогаш нема да ни биде непријатно да ги каниме заинтересираните лица на нашите состаноци. Тие ќе можат да видат дека ние навистина живееме во склад со добрата вест која им ја проповедаме. Ќе сфатат дека му служиме на еден свет Бог, кој наскоро ќе ја претвори Земјата во беспрекорно чист и прекрасен рај (Иса. 6:1-3; Отк. 11:18). Сеедно каде живееме, мора да ја одржуваме нашата сала чиста и уредна бидејќи таму го славиме нашиот Бог (5. Мој. 23:14; w15 15/7 4:13-15).
Петок, 21 април
Бдејте! (Мар. 13:35)
Кога сфатиле дека Исус почнал да владее во 1914 год., неговите следбеници заклучиле дека крајот може да дојде во секое време. Затоа се подготвиле така што продолжиле уште поревносно да проповедаат. Сепак, Исус кажал дека Господарот би можел да се врати во кое и да било време во текот на ноќта, што значи дека било можно да дојде и подоцна, „кога ќе пропеат петлите, или рано наутро“. Што требало да прават неговите ученици во таков случај? Тој им рекол: „Бдејте!“ Затоа, дури и да чекаме веќе долго време, тоа воопшто не значи дека крајот е далеку или дека нема да дојде во текот на нашиот живот. Во новиот свет, ќе можеме да размислуваме како се исполниле сите проречени настани во врска со крајот на овој поредок. Тоа уште повеќе ќе ја зајакне нашата доверба во Јехова и во сите други ветувања кои допрва ќе треба да се исполнат (Ис. Нав. 23:14). Тогаш сигурно ќе бидеме благодарни што Бог, кој ‚ги има времињата и раздобјата под своја власт‘, нѐ предупредувал будно да го чекаме крајот кој сега е толку близу! (Дела 1:7; 1. Пет. 4:7; w15 15/8 2:10-11, 14).
Сабота, 22 април
Сите што сакаат да живеат оддадено на Бог во единство со Христос Исус, ќе бидат прогонувани (2. Тим. 3:12)
Многумина денес се забавуваат така што гледаат или прават работи кои се насилни и неморални, или кои се поврзани со спиритизам. Насилството и неморалот честопати се прикажуваат во позитивно светло на Интернет, на телевизија, во филмовите, романите и списанијата. Одредени работи, кои порано биле неприфатливи, денес се озаконети во некои земји. Сепак, тоа не значи дека Бог го одобрува таквото однесување (Рим. 1:28-32). И луѓето во првиот век се забавувале со насилство и неморал. Но, Христовите следбеници живееле според Божјите мерила и ја отфрлале таквата забава. Затоа другите ги оцрнувале и ги прогонувале. Апостол Петар им го напишал следново на христијаните: „Поради тоа што повеќе не трчате со нив во истата таа тиња на распуштеноста, се чудат и зборуваат срамно за вас“ (1. Пет. 4:4; w15 15/8 4:2-3).
Недела, 23 април
Тој го поврзува и обединува целото тело, за да функционира како сложна целина (Еф. 4:16, Радосна Вест)
Зрелиот Божји слуга придонесува да се зачува единството во собранието (Еф. 4:1-6, 15). Нашата цел како христијани е да бидеме „складно составени“ или, со други зборови, да соработуваме заедно во единство. Според Библијата, за да го постигнеме тоа, мора да бидеме понизни. Зрелиот брат или сестра понизно прави сѐ што може за да го зачува единството, дури и кога мора да ги поднесува несовршеностите на другите. Како реагираш ти кога некој брат или сестра ќе направи грешка? Што ако ти згреши тебе лично? Дали имаш склоност, па дури и навика, да подигаш ѕидови меѓу тебе и оние што те повредиле? Или, пак, се трудиш да градиш мостови? Еден зрел христијанин ќе настојува да гради мостови, а не ѕидови, односно да ги решава проблемите наместо да им прави проблеми на другите. Дали имаш цел да придонесуваш да се зачува единството во собранието? (w15 15/9 1:12-13).
Понеделник, 24 април
Твојата реч е вистина (Јован 17:17)
Исус бил уверен дека Јеховината реч е вистина, и дека може да ни даде најдобро водство. За да имаме слична увереност, ние мора да ја читаме Библијата секој ден, да ја проучуваме и длабоко да размислуваме за она што го учиме. Освен тоа, мора да истражуваме потемелно за да ги најдеме одговорите на прашањата кои можеби ги имаме. На пример, ако детално ги проучиш библиските докази што покажуваат дека живееме во последните денови, уште повеќе ќе се увериш дека крајот на овој свет навистина е близу. Зајакни си ја довербата во библиските ветувања за иднината така што ќе ги проучуваш исполнетите пророштва. Увери се во практичната вредност на Библијата со тоа што ќе читаш за браќа и сестри на кои таа им помогнала да си го подобрат животот (1. Сол. 2:13). Можеш да го следиш примерот на Исус и така што ќе размислуваш за прекрасните Божји ветувања (Евр. 12:2). Гледај на овие ветувања како на нешто што Бог ти го дал тебе лично, а не само на луѓето општо земено (w15 15/9 3:16-17).
Вторник, 25 април
Искажувај му чест на Јехова со својот имот (Изр. 3:9)
Како може да покажеме дека го сакаме Бог? Се разбира, можеме да даваме прилози за да ги покриеме собраниските трошоци и да го поддржиме делото за Царството кое се врши низ целиот свет. Така можеме да му ја покажеме својата љубов на Јехова, сеедно дали имаме многу или малку во материјален поглед (2. Кор. 8:12). Но, има и други начини на кои можеме да му покажеме на Бог дека го сакаме. Исус ги поучил своите следбеници да го бараат најнапред Царството и да не бидат премногу загрижени за тоа што ќе јадат и што ќе облечат. Тој рекол дека Таткото знае што навистина ни е потребно (Мат. 6:31-33). Нашата доверба во ова ветување открива колку многу го сакаме Бог. Всушност, љубовта и довербата се тесно поврзани. Не можеме вистински да сакаме некого ако немаме доверба во него (Пс. 143:8). Затоа е добро да се прашаме: ‚Дали моите цели и начинот на кој го користам моето време и сила покажуваат дека навистина го сакам Јехова? Дали со моите постапки секојдневно покажувам доверба дека тој ќе се грижи за моите потреби?‘ (w15 15/9 5:7-8).
Среда, 26 април
Без вера не е можно да му се угоди на Бог (Евр. 11:6)
Дали некогаш си се прашал: ‚Би сакал ли Јехова да спаси некого како мене во големата неволја?‘ За да ја преживееме големата неволја неопходно е да имаме цврста вера. Апостол Петар нагласил колку е важна верата кога рекол дека ‚испитаноста на нашата вера‘ може ‚да ни донесе фалба и слава и чест кога ќе се појави Исус Христос‘ (1. Пет. 1:7). Бидејќи големата неволја е многу близу, зарем не сакаме да бидеме меѓу „оние што веруваат и си го спасуваат животот“? (Евр. 10:39). Но, за да бидеме наградени кога ќе се појави нашиот Цар, Исус Христос, треба да вложиме труд да си ја зајакнеме верата. Затоа, слично на човекот кој го молел Исус, можеби и ние ќе речеме: „Помогни ми да имам уште поголема вера“ (Мар. 9:24). Или, исто како апостолите, можеби ќе молиме: „Дај ни уште вера!“ (Лука 17:5; w15 15/10 2:1-2).
Четврток, 27 април
Да го симнеме и ние секој товар (Евр. 12:1)
Апостол Павле се посветил на она „што е најважно“. Тој давал сѐ од себе во Божјата служба и пропатувал низ многу земји, како што биле Сирија, Мала Азија, Македонија и Јудеја. Павле напишал: „Го заборавам она што е зад мене и се трудам да го дофатам она што е пред мене, итам кон целта“ (Фил. 1:10; 3:8, 13, 14). Бидејќи не бил во брак, тој можел ‚без престан и без пречка да му служи на Господарот‘ (1. Кор. 7:32-35). Исто како Павле, некои Јеховини слуги денес одлучуваат да не стапат во брак за да се посветат на службата за Царството (Мат. 19:11, 12). Мажените и женетите Божји слуги честопати имаат повеќе семејни одговорности. Но, сеедно дали сме во брак или не, сите можеме ‚да го симнеме секој товар‘ и да му служиме на Бог со неподелено внимание. Можеби ќе мора да ги смениме нашите навики за да не го трошиме времето залудно, и да си поставиме цел да му служиме на Јехова во уште поголема мера (w15 15/10 3:15-16).
Петок, 28 април
Злите луѓе и измамниците ќе напредуваат од лошо на полошо (2. Тим. 3:13)
Низ годините се потврдила вистинитоста на следниве зборови од Библијата: „Добро знам, Јехова, дека патот на земниот човек не е во негова власт. Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“ (Ерем. 10:23). Јехова не ги создал луѓето ниту со способност ниту со право да владеат едни над други независно од него. Со тоа што допуштил злото да постои извесно време, Јехова докажал уште нешто — дека само неговото владеење може да биде успешно. Во иднина, Бог ќе ги уништи сите кои се злобни и кои прават зло. После тоа, ако некој повторно го доведе во прашање неговиот праведен начин на владеење, Јехова веднаш ќе дејствува. Тој ќе може да го искористи она што се случувало низ човечката историја како основа за да ги уништи веднаш таквите бунтовници и да не дозволи злото да фати корен никогаш повеќе (w15 15/11 3:5-6).
Сабота, 29 април
Богот на мирот нека ве опреми со секое добро, за да ја вршите неговата волја (Евр. 13:20, 21)
Исус многу сакал да зборува за Божјето Царство. Додека бил на Земјата, тој зборувал за Царството почесто отколку за што и да било друго. Во евангелијата, тоа е спомнато на повеќе од 100 места, најчесто во изјави што ги кажал Исус. Царството навистина му било многу важно! (Мат. 12:34). Кратко откако воскреснал, Исус им се појавил на повеќе од 500 души (1. Кор. 15:6). Веројатно во таа прилика им заповедал да им ја проповедаат веста за Царството на „луѓето од сите народи“. Оваа задача воопшто не била лесна! Исус им кажал дека проповедничкото дело ќе се извршува долго време — сѐ „до свршетокот на овој поредок“. Кога проповедаш денес, и ти учествуваш во исполнувањето на ова пророштво (Мат. 28:19, 20). Нашиот Бог ‚нѐ опремил со секое добро‘, односно ни го дал сето она што ни е потребно за да ја извршиме таа задача (w15 15/11 5:1-3).
Недела, 30 април
Тоа е моето име за навек (2. Мој. 3:15)
На хебрејски јазик, Божјето име се пишува со четири букви кои се нарекуваат тетраграм. Изучувачите на древните хебрејски ракописи во кои спаѓаат и свитоците од Мртвото Море се изненадени колку пати се појавува тоа во нив. Освен во тие древни хебрејски ракописи на Библијата, Божјето име се наоѓа и во некои примероци од грчката Септуагинта кои датираат од втори век пр.н.е. до први век од н.е. Ова јасно покажува дека Божјето свето име треба да стои во Библијата. Сепак, тоа е изоставено во многу преводи. Во 1952 год. излезе ревизија на англиската Библија позната како American Standard Version, која за првпат беше објавена во 1901 год. Иако првото издание го содржеше Божјето име, во ревидираното издание името беше изоставено. Зошто? Во предговорот стоеше: „Воопшто не е во ред ниту една христијанска црква да користи какво и да било лично име за единствениот Бог“. Ваквиот став влијаел и врз многу други подоцнежни преводи, и на англиски и на други јазици (w15 15/12 2:3-5).