Март
Среда, 1 март
Сѐ што сте му направиле на еден од овие мои најмали браќа, мене сте ми го направиле (Мат. 25:40)
„Овците“ од споредбата во Матеј 25:31-36 ги претставуваат праведните луѓе во времето на крајот кои имаат земна надеж. Тие лојално ги поддржуваат преостанатите Христови помазани браќа првенствено со тоа што им помагаат да ја проповедаат добрата вест низ целиот свет и да прават ученици (Мат. 24:14; 28:19, 20). Секоја година, неколку седмици пред Спомен-свеченоста другите овци покажуваат дека ги поддржуваат Христовите браќа така што даваат сѐ од себе за да учествуваат во акцијата која се одвива низ целиот свет, со која ги каниме луѓето да присуствуваат на овој настан. Исто така, тие помагаат да се направи сѐ што е потребно за да може Спомен-свеченоста да се одржи во секое собрание низ светот. Другите овци радосно ги поддржуваат Христовите браќа на овие начини. Тие знаат дека Исус гледа на сето она што го прават за неговите помазани браќа како да го прават за него лично (Мат. 25:37-40; w22.01 22, пас. 11-12).
Четврток, 2 март
Кој ме видел мене, го видел и Таткото (Јован 14:9)
Ние можеме да ги покажуваме особините на Исус и да постапуваме со другите онака како што постапувал тој. На пример, тој покажал сочувство кон еден лепрозен човек, кон една жена која имала сериозна болест и кон оние на кои им починал некој близок (Мар. 1:40, 41; 5:25-34; Јован 11:33-35). Кога го следиме примерот на Исус, ние, всушност, го следиме и примерот на Јехова. А колку послични сме на Јехова, толку поцврсто ќе биде нашето пријателство со него. Ако одиме по стапките на Исус, нема да дозволиме овој злобен свет да ни го одвлече вниманието од службата за Јехова. Во последната ноќ од својот живот на Земјата, Исус можел да каже: „Јас го победив светот“ (Јован 16:33). Со тоа сакал да каже дека не дозволил врз него да влијаат ставовите, целите и постапките на луѓето од светот. Исус никогаш не изгубил од вид која е главната причина зошто бил испратен на Земјата — да го посвети Јеховиното име. А како е со нас? Во овој свет има многу работи кои би можеле да ни го одвлечат вниманието од службата за Јехова. Но, ако и нам, исто како на Исус, најважно во животот ни е да ја вршиме Јеховината волја, и ние ќе го победиме светот (1. Јов. 5:5; w21.04 3-4, пас. 7-8).
Петок, 3 март
[Ништо] не може да нѐ одвои од Божјата љубов (Рим. 8:39)
Апостол Павле знаел за ветувањето што го дал Исус дека секој што има вера во него може да има вечен живот (Јован 3:16, Рим. 6:23). Павле навистина бил меѓу оние што покажувале вера во откупнината. Тој бил уверен дека Јехова е спремен да им прости дури и на оние што направиле сериозни гревови, но искрено се каат (Пс. 86:5). Исто така, Павле бил уверен дека откупнината е доказ за Божјата огромна љубов кон него. Забележи ги утешните зборови на крајот од Галатите 2:20. Павле рекол: „Синот Божји... ме сакаше и се предаде себеси за мене“. Павле не мислел дека е толку лош што Бог не би можел да го сака. Тој не си велел: „Не ми е тешко да видам зошто Јехова ги сака моите браќа, но не е можно да ме сака мене“. Напротив, Павле им напишал на христијаните во Рим: „Христос умре за нас уште додека бевме грешници“ (Рим. 5:8). Навистина, ништо не може да го спречи Бог да нѐ сака! Павле бил потполно уверен дека Бог чувствува неизмерна љубов кон нас. Тој знаел колку бил стрплив Јехова со Израелците и колкава милост им покажувал (w21.04 22, пас. 8-10).
Сабота, 4 март
Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди (1. Јов. 5:3)
Кога водиш библиски курс, помогни му на твојот интересент да го засака Јехова. Како можеш да го направиш тоа? Користи ја секоја прилика за да му помогнеш да научи нешто повеќе за особините на Јехова. Помогни му да разбере дека Јехова е среќен Бог кој ги поддржува оние што го сакаат (1. Тим. 1:11; Евр. 11:6). Објасни му на интересентот дека, ако го применува она што го учи, тоа ќе му користи. Исто така, објасни му дека тоа што Божјите заповеди се за негово добро е доказ дека Јехова го сака (Иса. 48:17, 18). Колку повеќе расте неговата љубов кон Јехова толку повеќе ќе сака да ги прави потребните промени. За да напредува до крштавање, еден интересент ќе мора да направи жртви. Некои интересенти можеби ќе треба да направат жртви во материјален поглед. Многумина ќе треба да го прекинат пријателството со оние што не го сакаат Јехова. Некои интересенти ќе бидат отфрлени од членовите на семејството кои не ги сакаат Јеховините сведоци. Исус ветил дека оние што ќе решат да го следат нема да се разочараат. Јехова ќе ги награди така што ќе им даде едно духовно семејство во кое ќе се чувствуваат сакано (Мар. 10:29, 30; w21.06 4-5, пас. 8-9).
Недела, 5 март
Подигнете ги очите и погледнете ги полињата, зрели се за жетва (Јован 4:35)
Апостол Павле го споредил делото на проповедање и поучување со одгледување земјоделски култури, при што е потребно многу повеќе отколку само да се посее семето. Тој им пишал на Коринќаните: „Јас посадив, Аполо залеа... вие сте Божја нива“ (1. Кор. 3:6-9). Како работници на Божјата нива, ние го сееме семето кога проповедаме, а го залеваме кога поучуваме. Сепак, свесни сме дека Бог е тој што дава семето да расте. За нас е голема чест што можеме да проповедаме и да ги поучуваме другите за вистината. Ова нѐ прави вистински среќни. Апостол Павле, кој им помогнал на многумина во Солун да станат ученици, ги изразил своите чувства со следниве зборови: „Што е нашата надеж или радост или круна со која ќе се гордееме пред нашиот Господар Исус во времето на неговата присутност? Зарем не сте тоа вие? Да, вие сте нашата слава и радост!“ (1. Сол. 2:19, 20; Дела 17:1-4; w21.07 3, пас. 5; 7, пас. 17).
Понеделник, 6 март
Гледајте да не презрете еден од овие мали (Мат. 18:10)
Јехова го привлекол кон себе секого од нас (Јован 6:44). Размисли што значи ова. Додека внимателно ги набљудувал милијардите луѓе во светот, Јехова видел нешто скапоцено во тебе — искрено срце во кое може да се развие љубов кон него (1. Лет. 28:9). Тој те познава, те разбира и те сака. Ова навистина е многу утешно! Јехова е вистински заинтересиран за тебе, но и за сите твои браќа и сестри. За да го истакне ова, Исус го споредил Јехова со еден пастир. Што ќе направи пастирот доколку една од неговите 100 овци залута од стадото? Тој ќе ги остави 99-те овци в планина и ќе „тргне да ја бара залутаната“. Кога ќе ја најде, нема да ја кара затоа што залутала, туку ќе се радува. Која е поуката од ова? Секоја овца му е важна на Јехова. Исус рекол: „Мојот Татко, кој е на небото, не сака да загине ниту еден од овие маливе“ (Мат. 18:12-14; w21.06 20, пас. 1-2).
Вторник, 7 март
Приближете му се на Бог (Јак. 4:8)
Кога размислуваме за тоа колку Бог нѐ сака, си ја продлабочуваме љубовта кон него и се зацврстува нашето пријателство со него (Рим. 8:38, 39). Поттикнати сме да го следиме примерот на Исус (1. Пет. 2:21). Во деновите пред Спомен-свеченоста посветуваме внимание на библиските извештаи за последната седмица од животот на Исус на Земјата, за неговата смрт и за неговото воскресение. А вечерта кога се одржува Спомен-свеченоста библискиот говор нѐ потсетува на неговата љубов кон нас (Еф. 5:2; 1. Јов. 3:16). Кога читаме и размислуваме за тоа колку Исус бил самопожртвуван, поттикнати сме да живееме онака како што живеел и тој (1. Јов. 2:6). Уште порешени сме да останеме во Божјата љубов (Јуда 20, 21). Ние ќе останеме во Божјата љубов ако и понатаму даваме сѐ од себе за да му бидеме послушни на Јехова, да го посветуваме неговото име и да го радуваме неговото срце (Изр. 27:11; Мат. 6:9; 1. Јов. 5:3). Спомен-свеченоста нѐ поттикнува да бидеме уште порешени да го живееме секој ден на начин со кој му велиме на Јехова: „Сакам да останам во твојата љубов засекогаш!“ (w22.01 23, пас. 17-18; 25, пас. 19).
Среда, 8 март
Изберете си кому ќе му служите (Ис. Нав. 24:15)
Јехова нѐ создал со слободна волја. Ние можеме да избереме како ќе го живееме животот. Нашиот добар Бог се радува кога одлучуваме да му служиме (Пс. 84:11; Изр. 27:11). Слободната волја можеме да ја користиме на исправен начин на многу подрачја од животот. По примерот на Исус, можеме да ги ставаме интересите на другите пред нашите лични интереси. Во една прилика, тој и неговите апостоли биле многу уморни, па затоа тргнале на едно осамено место со цел да се одморат. Но, таму пристигнале мноштво луѓе кои сакале да бидат поучени од Исус. Дали тој се налутил? Воопшто не. Напротив, се сожалил на луѓето и почнал „да ги поучува за многу работи“ (Мар. 6:30-34). Кога го следиме примерот на Исус така што го жртвуваме нашето време и сили за да им помагаме на другите, му носиме слава на нашиот небесен Татко (Мат. 5:14-16; w21.08 3, пас. 7-8).
Четврток, 9 март
Секој нека има причина за задоволство во самиот себе, а не споредувајќи се со други (Гал. 6:4)
Јехова ја сака разновидноста. Тоа се гледа од сето она што го создал, вклучувајќи ги и луѓето. Секој од нас е уникатен. Затоа Јехова никогаш не нѐ споредува со другите. Тој го знае нашето срце, односно нашата внатрешна личност (1. Сам. 16:7). Исто така, тој е свесен за нашите слаби и јаки страни и знае во каква средина сме пораснале. И не очекува од нас повеќе од она што можеме да го направиме. Многу е важно да гледаме на себе онака како што гледа Јехова. Така ќе бидеме разумни и нема да имаме ниту прениско ниту превисоко мислење за себе (Рим. 12:3). Се разбира, може многу да ни користи ако го набљудуваме примерот на браќата и сестрите кои многу добро ја извршуваат службата (Евр. 13:7). Всушност, тоа може да ни помогне да се подобриме и ние (Фил. 3:17). Меѓутоа, не е исто да следиш нечиј добар пример и да се споредуваш со тоа лице (w21.07 20, пас. 1-2).
Петок, 10 март
Подигнете ги очите угоре и гледајте! Кој го создал тоа? (Иса. 40:26)
Можеш да си ја зајакнеш верата во Творецот ако ги набљудуваш животните, растенијата и ѕвездите (Пс. 19:1). Колку повеќе ги проучуваш овие работи толку поуверен ќе бидеш дека Јехова е Творецот. Кога го проучуваш творештвото, внимателно размислувај што откриваат фактите за нашиот Творец (Рим. 1:20). На пример, сонцето ни дава топлина и светлина кои се неопходни за живот. Но, како што знаеме, тоа испушта и штетни ултравиолетови зраци. Сепак, ние сме заштитени од тие зраци. Како? Нашата планета има една посебна заштитна обвивка наречена озонска обвивка, која го апсорбира штетното зрачење. Колку повеќе се зголемува ова зрачење од сонцето толку повеќе се зголемува и количината на озон. Зарем не е логично да заклучиме дека овој процес не настанал случајно, туку дека е дело на интелигентен Творец кој многу нѐ сака? (w21.08 17, пас. 9-10).
Сабота, 11 март
Оној што го сака Бог, треба да го сака и својот брат (1. Јов. 4:21)
Дури и откако некој ќе се крсти, ние мора и понатаму да му покажуваме љубов и почит (1. Јов. 4:20). Што е вклучено во ова? Една работа е тоа што ќе имаме доверба во него и нема да сметаме дека ги прави работите од себични мотиви. Наместо тоа, ќе му покажуваме почит и ќе го сметаме за поголем од нас (Рим. 12:10; Фил. 2:3). Всушност, треба да бидеме милосрдни и добри кон сите луѓе. Ако сакаме да бидеме меѓу оние на кои Јехова ќе им биде Татко во сета вечност, мора да го применуваме она што го учиме од Божјата Реч. На пример, Исус нѐ поучил дека треба да бидеме милосрдни и добри кон сите луѓе, дури и кон нашите непријатели (Лука 6:32-36). Можеби понекогаш не ни е лесно да го правиме тоа. Во таков случај, многу е важно да научиме да размислуваме и да постапуваме како Исус. Кога даваме сѐ од себе да му бидеме послушни на Јехова и да го следиме примерот на Исус, му покажуваме на нашиот небесен Татко дека сакаме да бидеме дел од неговото семејство засекогаш (w21.08 6, пас. 14-15).
Недела, 12 март
Зар нема да ви ги отворам небесните брани и да ви излеам благослов? (Мал. 3:10)
Научи да се потпираш на Јехова. Тој ветил дека ќе ни излее многу благослови ако имаме доверба во него и ако му го даваме нашето најдобро. Во Библијата има многу примери на Божји слуги кои силно се напрегале во службата за Јехова. Во многу случаи, Јехова ги благословил дури откако тие направиле нешто со кое ја покажале својата доверба во него. На пример, Јехова го благословил Авраам дури откако тој го напуштил својот дом, иако не знаел каде треба да оди (Евр. 11:8). Јаков добил посебен благослов дури откако се борел со ангел (1. Мој. 32:24-30). Кога требало да влезат во Ветената земја, Израелците можеле да ја преминат реката Јордан дури откако свештениците загазиле во надојдените води (Ис. Нав. 3:14-16). Можеш да учиш и од примерите на некои Сведоци од нашево време кои се потпирале на Јехова и ја зголемиле својата служба (w21.08 29-30, пас. 12-14).
Понеделник, 13 март
Не вели: „Зошто поранешните времиња беа подобри од сегашниве?“ (Проп. 7:10)
Вие, постари браќа и сестри, од лично искуство знаете како се правеле работите во минатото, но гледате и дека е важно да се приспособувате на новите околности. А и вие, постари, кои неодамна сте се крстиле, можете да им помагате на другите на многу начини. На помладите ќе им биде драго да ги слушаат вашите искуства и поуките што сте ги извлекле. Ако научите да давате така што ќе го споделувате со другите вашето животно искуство, Јехова богато ќе ве благослови (Лука 6:38). Кога вие, драги постари, се зближувате со помладите, тоа ви дава можност меѓусебно да си помагате (Рим. 1:12). Секој има нешто вредно што другиот го нема. Постарите имаат мудрост и искуство што ги стекнале низ годините, а помладите имаат повеќе сила. Кога помладите и постарите соработуваат како пријатели, му носат слава на нашиот мил небесен Татко и се благослов за целото собрание (w21.09 8, пас. 3; 13, пас. 17-18).
Вторник, 14 март
Ние го проповедаме Христос прикован на столб, кој за Евреите е камен за спрепнување (1. Кор. 1:23)
Зошто многу Евреи се спрепнале поради начинот на кој умрел Исус? Според нив, тоа што Исус умрел на маченички столб покажувало дека е злосторник и грешник, а не Месијата (5. Мој. 21:22, 23). Евреите кои го отфрлиле Исус не сакале да веруваат дека тој бил невин, дека бил лажно обвинет и дека со него се постапувало неправедно. Оние што го воделе судењето на Исус потполно ја извртиле правдата. Членовите на еврејскиот врховен суд се собрале набрзина, и целиот судски процес воопшто не се одвивал според законските прописи (Лука 22:54; Јован 18:24). Наместо непристрасно да ги сослушаат обвиненијата и доказите против Исус, самите судии барале „лажно сведоштво против [него] за да го убијат“ (Мат. 26:59; Мар. 14:55-64). А откако Исус воскреснал, овие неправедни судии им дале „многу сребреници“ на римските војници кои го чувале неговиот гроб за да рашират лажна приказна зошто гробот бил празен (Мат. 28:11-15; w21.05 11, пас. 12-13).
Среда, 15 март
А за тој ден и час никој не знае, ни ангелите на небото ни Синот, туку само Таткото (Мат. 24:36)
Јехова може да го уништи овој злобен свет во секое време. Но, многу ни користи тоа што тој е толку стрплив. Сите потомци на Адам и на Ева се раѓаат несовршени. Сепак, Јехова ги сака и се грижи за нив, и ветил дека ќе му донесе крај на овој злобен свет (1. Јов. 4:19). Тој одредил и ден кога ќе му стави крај на сето страдање. Љубовта на Јехова нѐ поттикнува да бидеме истрајни сеедно уште колку долго треба да чекаме. Јехова е најдобар пример за истрајност. Исус се угледал на него и, кога бил на Земјата, спремно ги поднел навредите, срамот и страдањата на маченичкиот столб (Евр. 12:2, 3). Без сомнение, тоа што Јехова покажува истрајност му дало сила на Исус да истрае во неволјите. Тоа може да ни даде сила и нам (w21.07 12-13, пас. 15-17).
Четврток, 16 март
Бидете милосрдни, како што е милосрден вашиот Татко (Лука 6:36)
Нашиот небесен Татко секојдневно му покажува милост на секого од нас (Пс. 103:10-14). И Исус им покажувал милост на своите следбеници и им простувал иако биле несовршени. Тој дури спремно го жртвувал својот живот за да ни бидат простени гревовите (1. Јов 2:1, 2). Љубовта која владее во нашето духовно семејство станува сѐ посилна кога спремно си простуваме еден на друг (Еф. 4:32). Се разбира, понекогаш може да ни биде многу тешко да им простиме на другите. Затоа треба да вложуваме труд во тој поглед. На една сестра многу ѝ помогнала статијата од Стражарска кула со наслов „Спремно простувајте си еден на друг“. Таа напишала: „Во [оваа статија] беше објаснето дека тоа што си спремен да простиш некому не значи дека го одобруваш неговото лошо однесување или дека не си свесен за штетата што ја предизвикува. Сепак, кога простуваш, ти повеќе не чувствуваш огорченост кон тој што ти згрешил и имаш внатрешен мир“. Кога спремно им простуваме на нашите браќа и сестри, им покажуваме дека ги сакаме. Освен тоа, на тој начин го следиме примерот на нашиот Татко, Јехова (w21.09 23-24, пас. 15-16).
Петок, 17 март
Оние што го почитуваат Бог мора да му оддаваат почит со вистина (Јован 4:24)
Исус ја сакал вистината — вистината за Бог и за неговите намери. Тој живеел во склад со неа и им ја објавувал на другите (Јован 18:37). И вистинските следбеници на Исус многу ја сакале вистината (Јован 4:23). Всушност, апостол Петар го нарекол христијанството „патот на вистината“ (2. Пет. 2:2). Бидејќи имале силна љубов кон вистината, раните христијани ги отфрлале религиозните верувања, културните обичаи и личните гледишта кои не биле во склад со неа (Кол. 2:8). Исто како нив, и вистинските христијани денес силно се напрегаат да живеат „според вистината“ така што ги темелат сите свои верувања на Јеховината Реч и постапуваат во склад со неа (3. Јов. 3, 4). Јеховините сведоци не тврдат дека имаат совршено знаење за вистината, односно дека во потполност разбираат сѐ што стои во Библијата. Низ годините тие имаат направено грешки во врска со објаснувањето на некои библиски учења и во поглед на некои организациски упатства. Кога ќе сфатат дека треба да се направи промена во разбирањето на одреден аспект на вистината, тие веднаш ја прават потребната промена (w21.10 21-22, пас. 11-12).
Сабота, 18 март
Оној што има доверба во Јехова, него го опкружува лојалната љубов (Пс. 32:10, фус.)
Во библиски времиња, градовите биле опкружени со ѕидини кои ги штителе луѓето од непријателите. На сличен начин, Јеховината лојална љубов нѐ опкружува и нѐ штити од сѐ што би можело да ни го наруши пријателството со него. Освен тоа, Јехова нѐ привлекол кон себе поради својата лојална љубов (Ерем. 31:3). Псалмистот Давид употребил друга споредба за да опише како Бог го штити својот народ. Тој напишал: „Бог е мојата сигурна тврдина на високо место, Бог кој ми покажува лојална љубов“. Освен тоа, Давид рекол за Јехова: „[Тој е] мојата лојална љубов и мојата тврдина, мојата сигурна тврдина на високо место и мојот избавител, мојот штит, моето прибежиште“ (Пс. 59:17, фус.; 144:2, фус.). Зошто Давид ја споредил Јеховината лојална љубов со тврдина? Без оглед на тоа каде живееме, сѐ додека верно му служиме на Јехова, тој ќе ни ја дава потребната заштита за да не може ништо да го наруши нашето скапоцено пријателство со него (w21.11 6, пас. 14-15).
Недела, 19 март
Длабоко ќе размислувам за сите твои дела (Пс. 77:12)
Во една прилика, кога Исус и неговите ученици пловеле по морето, настанала силна бура (Мат. 8:23-26). Исус ја искористил таа прилика за да им помогне да сфатат дека треба да си ја зајакнат верата. Бурата била толку силна што чамецот почнал да се полни со вода, но Исус мирно спиел. Кога преплашените ученици го разбудиле и го молеле да ги спаси, тој благо ги прекорил: „Што сте се исплашиле, вие маловерни?“ Дали страдаш поради некоја силна бура? Можеби се соочуваш со тешкотии поради некоја природна катастрофа. Или, можеби станува збор за симболична бура како, на пример, сериозен здравствен проблем поради кој се чувствуваш обесхрабрено и несигурно. Понекогаш можеби си загрижен, но не дозволувај таа загриженост да те спречи да имаш доверба во Јехова. Зближувај се со него така што ќе му се молиш од срце. Зајакни си ја верата така што ќе размислуваш за тоа како Јехова ти помагал во минатото (Пс. 77:11). Биди сигурен дека тој нема никогаш да те напушти! (w21.11 22, пас. 7, 10).
Понеделник, 20 март
Не крадете (3. Мој. 19:11)
Некој може да си мисли дека, сѐ додека не земе нешто туѓо, тогаш е послушен на оваа заповед. Но, некој би можел да краде и на други начини. На пример, ако некој трговец користел неточна вага и неточни мерки за да ги измами муштериите, тој, всушност, крадел од нив. Во 3. Мојсеева 19:11 пишува: „Не крадете... и не мамете го својот ближен“. Значи, ако некој постапувал нечесно така што го мамел својот ближен, тоа било еднакво на крадење. Иако осмата заповед јасно истакнувала дека крадењето е погрешно, она што стои во 3. Мојсеева ни помага да сфатиме како да го примениме начелото зад тој закон, односно како можеме да бидеме чесни во сѐ што правиме. Добро е да размислиме каков став има Јехова кон нечесноста и крадењето. Би можеле да се прашаме: „Имајќи ги на ум стиховите од 3. Мојсеева 19:11-13, дали сметам дека треба да направам некои промени во мојот живот, особено во моите деловни односи и работни навики?“ (w21.12 9-10, пас. 6-8).
Вторник, 21 март
Како што Јехова спремно ви прости вам, така правете и вие (Кол. 3:13)
Кога му се молиш на Јехова, кажи му што си згрешил тој ден и моли го да ти прости. Се разбира, ако си направил тежок грев, ќе треба да побараш помош и од старешините. Тие ќе те сослушаат и со љубов ќе ти дадат совет кој се темели на Божјата Реч. Исто така, заедно со тебе ќе го молат Јехова да ти прости за да можеш повторно да имаш близок однос со него (Јак. 5:14-16). Од помош ќе ти биде и ако длабоко размислуваш за откупнината. Можеби ќе бидеш трогнат кога ќе размислуваш за тоа колку многу страдал Божјиот Син. Но, колку повеќе размислуваш за жртвата што ја направил Исус, толку повеќе ќе расте твојата љубов кон него и кон неговиот Татко. Нашето ценење кон откупнината расте и со тоа што секоја година присуствуваме на Спомен-свеченоста по повод Христовата смрт и со тоа што ревносно ги каниме и другите на овој настан. Колку голема чест ни дал Јехова да ги поучуваме луѓето за неговиот Син! (w21.04 18-19, пас. 13-16).
Среда, 22 март
Почна да ги поучува за многу работи (Мар. 6:34)
Размисли како постапил Исус кога едно големо мноштво луѓе дошле кај него додека бил на една висорамнина. Претходната ноќ, тој цело време му се молел на Јехова. Исус сигурно бил многу уморен, но кога ги видел луѓето, се сожалил на сиромашните и на болните меѓу нив. Тој не само што ги излекувал туку и ја одржал Проповедта на гората — еден од најохрабрувачките говори на сите времиња (Лука 6:12-20). Исус одвојувал време за другите дури и кога имал потреба да биде сам. Можеш ли да си замислиш како се чувствувал Исус кога дознал дека на неговиот пријател Јован Крстител му била отсечена главата? Библијата вели: „Кога чу за [смртта на Јован], Исус замина оттаму со чамец и отиде на пусто место за да биде сам“ (Мат. 14:10-13). Но, едно големо мноштво луѓе пристигнале на тоа осамено место уште пред него (Мар. 6:31-33). Тој знаел дека очајно им се потребни помош и утеха од Бог, и затоа веднаш презел нешто во врска со тоа (Лука 9:10, 11; w22.02 21, пас. 4, 6).
Четврток, 23 март
Бидете во мир со сите луѓе (Рим. 12:18)
Што треба да правиме ако сфатиме дека сме навредиле некој соверник? Треба да зборуваме за тоа со Јехова во молитва. Може да го молиме да го благослови трудот што ќе го вложиме за да се помириме со нашиот брат. Исто така, треба да одвоиме време да се преиспитаме. Би можеле да се прашаме: „Дали сум спремен да си ја погазам гордоста, понизно да се извинам и да градам мир? Како ќе се чувствуваат Јехова и Исус ако преземам чекори да се помирам со мојот брат или со мојата сестра?“ Тоа што ќе размислуваме за овие прашања, ќе нѐ поттикне да го слушаме Исус и понизно да му пристапиме на нашиот соверник за да бидеме во мир со него. Кога одиме кај братот за да се помириме со него, мора да покажеме понизност (Еф. 4:2, 3). Треба да му пристапиме со цел да го надминеме недоразбирањето и повторно да бидеме во добри односи. Не заборавај дека многу поважно е да се помириш со братот отколку да докажеш кој бил во право, а кој не (1. Кор. 6:7; w21.12 26, пас. 13-16).
Петок, 24 март
Кога го виде градот, заплака над него (Лука 19:41)
На Исус срцето му се кинело од жал бидејќи знаел дека повеќето Евреи нема да ја прифатат пораката за Царството. Поради тоа, Ерусалим ќе бил уништен, а оние Евреи што ќе преживееле ќе биле одведени во заробеништво (Лука 21:20-24). За жал, токму како што рекол Исус, повеќето луѓе го отфрлиле. А како реагираат луѓето на пораката за Царството во местото каде што живееш ти? Ако само малкумина позитивно реагираат на твоите напори да ги поучуваш за вистината, што можеш да научиш од солзите на Исус? Јехова се грижи за луѓето. Солзите на Исус нѐ потсетуваат колкава грижа покажува Јехова кон луѓето. Тој „не сака никој да биде уништен, туку сите да дојдат до покајание“ (2. Пет. 3:9). Покажуваме дека ги сакаме нашите ближни така што неуморно се трудиме да им помогнеме да ја дознаат добрата вест за Царството (Мат. 22:39; w22.01 16-17, пас. 10-12).
Сабота, 25 март
Мојата душа се прилепи до тебе, твојата десница цврсто ме држи (Пс. 63:8)
Твојата вера ќе се зајакне ако размислуваш за она што Јехова веќе го направил за својот народ и за она што го прави за тебе лично. Што е најважно, твојата љубов кон Јехова ќе се зголеми. Љубовта, повеќе од која и да било друга особина, ќе те поттикне да му бидеш послушен на Јехова, да правиш жртви со кои ќе го радуваш и да истраеш во секоја неволја (Мат. 22:37-39; 1. Кор. 13:4, 7; 1. Јов. 5:3). Нема ништо поскапоцено од нашето блиско пријателство со Јехова! (Пс. 63:1-7). Не заборавај дека молитвата, проучувањето и длабокото размислување се дел од нашето обожавање. По примерот на Исус, барај тивки места за да поминуваш време со Јехова. Отстрани ги работите кои би можеле да ти го одвлечат вниманието. Моли го Јехова да ти помогне да се концентрираш додека учествуваш во духовните активности. Ако уште сега се трудиш да го користиш времето најдобро што можеш, Јехова ќе те награди со вечен живот во Божјиот нов свет (Мар. 4:24; w22.01 31, пас. 18-20).
Недела, 26 март
Мразете го злото (Рим. 12:9)
Нашите мисли влијаат врз нашите постапки. Токму затоа Исус нѐ поучил да ги отфрлиме мислите кои можат да нѐ наведат да направиме тежок грев (Мат. 5:21, 22, 28, 29). Несомнено, ние сакаме да го радуваме нашиот небесен Татко. Затоа, многу е важно веднаш да ја отфрлиме секоја погрешна мисла која ќе се појави во нашиот ум! Исус рекол: „Она што излегува од устата, излегува од срцето” (Мат. 15:18). Нашиот говор многу открива за тоа какви сме како личности. Затоа, прашај се: „Дали секогаш ја кажувам вистината, дури и кога тоа е на моја штета? Ако сум во брак, дали внимавам да не флертувам со лица од спротивниот пол? Дали внимавам воопшто да не зборувам за неморални работи? Дали одговарам на смирен начин кога некој ќе ме изнервира?” Многу ќе ти користи ако размислиш за овие прашања. Ако даваш сѐ од себе да не користиш навредлив говор и лаги, како и да не зборуваш за неморални работи, ќе ти биде полесно да ја соблечеш старата личност (w22.03 5, пас. 12-14).
Понеделник, 27 март
Оние што бараат совет се мудри (Изр. 13:10, Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013)
Оние што бараат совет без да чекаат некој друг да им пристапи за да им даде, честопати повеќе напредуваат во духовен поглед од оние што не го прават тоа. Затоа, преземај иницијатива самиот да побараш совет. Кога би можеле да побараме совет од некој соверник? Да разгледаме некои ситуации. 1) Една сестра замолува некој поискусен објавител да оди со неа на библискиот курс што го води и потоа бара совет како може да ги подобри своите вештини на поучување. 2) Една немажена сестра сака да си купи панталони и затоа бара искрено мислење од една позрела сестра. 3) Еден брат кој треба да го одржи своето прво јавно предавање замолува еден поискусен брат внимателно да го слуша неговиот говор и потоа да му даде совет како може да се подобри. Дури и на некој што со години држи предавања би му користело ако побара совет од некој искусен говорник и потоа го примени советот што го добил (Изр. 19:20; w22.02 13, пас. 15-17).
Вторник, 28 март
Не сум сам, туку со мене е Таткото, кој ме испрати (Јован 8:16)
Јехова ни покажува љубов и грижа исто како што му покажувал љубов и грижа на Исус во текот на целиот негов живот на Земјата (Јован 5:20). Тој се погрижил за сите негови потреби во духовен, емоционален и физички поглед. Освен тоа, Јехова не се колебал да каже дека го сака својот Син и дека е задоволен од него (Мат. 3:16, 17). Бидејќи знаел дека неговиот грижлив небесен Татко ќе биде секогаш со него и ќе му помага, Исус никогаш немал чувство дека е оставен сам на себе. Исто како Исус, и секој од нас ја почувствувал Јеховината љубов на многу начини. Размисли за следново. Јехова нѐ привлекол кон себе и ни дал грижливи браќа и сестри кои нѐ охрабруваат кога сме потиштени и ни помагаат да бидеме радосни. На тој начин Јехова се грижи за нашите емоционални потреби (Јован 6:44). Исто така, тој постојано ни обезбедува духовна храна за да задржиме цврста вера. Тој дури се грижи и за нашите секојдневни материјални потреби (Мат. 6:31, 32). Кога размислуваме за тоа колку многу Јехова нѐ сака, нашата љубов кон него сѐ повеќе расте (w21.09 22, пас. 8-9).
Среда, 29 март
Соблечете ја старата личност и нејзините дела (Кол. 3:9)
Каков ти бил животот пред да почнеш да ја проучуваш Библијата со Јеховините сведоци? Мнозина од нас не сакаат ни да помислат на тој период. Нашите ставови и особини веројатно биле обликувани од мерилата за исправно и погрешно на овој свет. Доколку ова било случај и со тебе, тогаш си бил „без надеж и без Бог” (Еф. 2:12). Но, откако си почнал да ја проучуваш Библијата, си дознал дека имаш небесен Татко кој многу те сака. Си сфатил дека, доколку сакаш да го радуваш Јехова и да станеш дел од неговото семејство од верни слуги, ќе треба да направиш големи промени во твојот начин на живот, како и во твоите ставови и размислувања. Си увидел дека ќе треба да научиш да живееш во склад со Божјите високи мерила (Еф. 5:3-5). Нашиот Творец и небесен Татко, Јехова, има право да одредува како треба да постапуваат членовите на неговото семејство. Тој очекува уште пред да се крстиме да вложиме труд за да ја соблечеме „старата личност и нејзините дела” (w22.03 2, пас. 1-3).
Четврток, 30 март
И други овци имам (Јован 10:16)
Другите овци се радуваат што може да присуствуваат на Спомен-свеченоста и да размислуваат за својата надеж. Тие со нетрпение го очекуваат говорот на Спомен-свеченоста бидејќи во него се истакнува што ќе направат Христос и неговите 144.000 совладетели за верните луѓе во текот на илјадагодишното владеење. Под водството на нивниот Цар, Исус Христос, тие небесни владетели ќе помогнат Земјата да се претвори во рај, а послушните луѓе да станат совршени. Милионите лица од другите овци кои присуствуваат на Спомен-свеченоста чувствуваат радост додека слушаат како во иднина ќе се исполнат библиските пророштва како, на пример, оние што се наоѓаат во Исаија 35:5, 6; 65:21-23; и Откровение 21:3, 4. Со тоа што си замислуваат како живеат во новиот свет заедно со нивните блиски, им се зајакнува надежта за иднината, како и нивната решеност никогаш да не престанат да му служат на Јехова (Мат. 24:13; Гал. 6:9; w22.01 21, пас. 5-7).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани по зајдисонце: 9 нисан) Матеј 26:6-13
Петок, 31 март
Синот човечки дојде за да го даде својот живот како откупнина за мнозина (Мар. 10:45)
Што е откупнината? Тоа е цената што ја платил Исус за да го врати назад она што Адам го изгубил (1. Кор. 15:22). Зошто ова било потребно? Како што се гледа од Мојсеевиот закон, Јеховиното мерило за правда барало да се даде „живот за живот“ (2. Мој. 21:23, 24). Адам го изгубил својот совршен човечки живот. За да се задоволи Божјата правда, Исус го жртвувал својот совршен човечки живот (Рим. 5:17). Така, тој им станал „Вечен Татко“ на сите што покажуваат вера во откупнината (Иса. 9:6; Рим. 3:23, 24). Исус спремно го жртвувал својот живот од голема љубов кон својот небесен Татко и кон нас (Јован 14:31; 15:13). Поттикнат од таа љубов, тој бил решен да остане верен до крај и да ја изврши волјата на својот Татко. Благодарение на тоа, ќе се исполни Јеховината првобитна намера со луѓето и со Земјата (w21.04 14, пас. 2-3).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 9 нисан) Матеј 21:1-11, 14-17