Јануари
Четврток, 1 јануари
Во разборитоста бидете возрасни (1. Кор. 14:20)
Еден од најсреќните моменти за еден маж и за една жена кои се во брак е кога ќе им се роди здраво бебе. Но, и покрај тоа што родителите го сакаат своето новороденче, тие не би сакале тоа засекогаш да остане бебе. Всушност, тие ќе бидат многу загрижени доколку бебето не расте. Слично на тоа, Јехова е многу среќен кога ќе ги направиме нашите први чекори како следбеници на Исус. Но, Јехова не сака да останеме мали деца во духовен поглед (1. Кор. 3:1). Напротив, тој од нас очекува да станеме „возрасни“ христијани. Во Библијата, грчкиот збор кој е преведен со „возрасни“ може да значи „зрели“, „совршени“ и „потполни“ (1. Кор. 2:6). Исто како што едно бебе продолжува да расте сѐ додека не стане возрасен човек, ние треба да продолжиме да растеме во духовен поглед сѐ додека не станеме возрасни, односно духовно зрели христијани. Се разбира, дури и кога ќе ја постигнеме таа цел, ние никогаш не треба да престанеме да растеме во духовен поглед (1. Тим. 4:15; w24.04 2, пас. 1, 3).
Петок, 2 јануари
Мојот шатор ќе биде над нив, а јас ќе бидам нивни Бог (Езек. 37:27)
Каква улога има Јехова во твојот живот? Можеби ќе речеш: „Јехова е мој Татко, мој Бог и мој пријател“. Можеби помислуваш и на некои други зборови со кои можеш да го опишеш Јехова. Но, дали некогаш за него би рекол: „Јехова е мој домаќин“? Цар Давид го споредил Јехова со домаќин, а неговите верни слуги ги споредил со негови гости. Тој прашал: „О Јехова, кој ќе биде гостин во твојот шатор? Кој ќе живее на твојата света гора?“ (Пс. 15:1). Од овој стих дознаваме дека можеме да бидеме гости во Јеховиниот шатор, односно да бидеме негови пријатели. Пред да почне да создава, Јехова бил сам. Но, потоа го создал својот првороден Син. Јехова бил како домаќин кој го поканил својот прв гостин во својот шатор и многу се радувал поради тоа. Библијата ни открива дека на Јехова неговиот Син му бил „посебна радост“. А неговиот прв гостин се веселел „пред [Јехова] за сето време“ (Изр. 8:30; w24.06 2, пас. 1-3).
Сабота, 3 јануари
Садок беше храбар јунак (1. Лет. 12:28)
Замисли си едно мноштво од над 340.000 мажи кои се собрале за да го постават Давид за цар над Израел. Цели три дена, тие биле во планинските ридови близу Хеврон, каде што си разговарале и радосно пееле песни за фалба на Јехова (1. Лет. 12:39). Во тоа мноштво бил и младиот Садок. Многумина не би го забележале. Но, Јехова го забележал и се погрижил и ние да знаеме дека тој бил таму (1. Лет. 12:22, 26-28). Садок бил свештеник кој тесно соработувал со првосвештеникот Авијатар. Исто така, Садок бил јасновидец кому Јехова му дал голема мудрост и способност да ја разбере неговата волја (2. Сам. 15:27). Тој бил храбар човек. Во текот на овие последни денови, Сатана сѐ повеќе го напаѓа Божјиот народ (1. Пет. 5:8). Затоа, треба да бидеме храбри додека чекаме Јехова да им стави крај на Сатана и на неговиот злобен свет (Пс. 31:24). Ако го правиме тоа, ќе се угледаме на храброста на Садок (w24.07 2, пас. 1-3).
Недела, 4 јануари
Адам живееше вкупно деветстотини и триесет години, па умре (1. Мој. 5:5)
Кога ги создал првиот маж и првата жена, Јехова сакал тие да бидат среќни. Им дал прекрасен дом, им го дал бракот како дар и им дал интересна задача која ги исполнувала. Тие требало да ја наполнат Земјата со нивни потомци и целата планета да ја претворат во рај сличен на еденската градина. Јехова им дал само една едноставна забрана. Исто така, ги предупредил дека, ако ја прекршат таа заповед така што намерно ќе се побунат против него, нивниот грев ќе води до смрт. Знаеме што се случило. Еден злобен ангел, кој не ги сакал ниту Бог ниту нив, ги навел Адам и Ева да го направат тој грев. Тие потпаднале под лошото влијание на Сатана. Бидејќи немале доверба во својот Татко, кој толку многу ги сакал, тие направиле грев. И, како што знаеме, зборовите на Јехова се исполниле. Од тој ден, тие морале да ги трпат последиците: почнале да стареат и на крајот умреле (1. Мој. 1:28, 29; 2:8, 9, 16-18; 3:1-6, 17-19, 24; w24.08 3, пас. 3).
Понеделник, 5 јануари
Немојте само да ја слушате речта, туку и извршувајте ја (Јак. 1:22)
Јехова и неговиот мил Син сакаат да бидеме среќни. Во Псалм 119:2 пишува: „Среќни се оние што ги држат неговите опомени. Тие го бараат со сето срце“. А Исус го дал следново ветување: „Среќни се оние што ја слушаат речта Божја и ја држат!“ (Лука 11:28). Како слуги на Јехова, ние сме среќни кога редовно ја читаме Божјата Реч и даваме сѐ од себе за да го применуваме она што го учиме (Јак. 1:22-25). Ова е важен начин на кој го радуваме Јехова (Проп. 12:13). Исто така, кога ги применуваме советите од Божјата Реч, ние имаме подобри односи со другите во семејството и во собранието. Освен тоа, избегнуваме многу од проблемите што ги имаат оние кои не им се послушни на Јеховините заповеди. Ние се согласуваме со она што го кажал цар Давид. Откако во песна ги спомнал законот, наредбите и пресудите на Јехова, Давид заклучил: „Тој што се држи за нив, прима голема награда“ (Пс. 19:7-11; w24.09 2, пас. 1-3).
Вторник, 6 јануари
Ги лекува оние со скршено срце и им ги преврзува раните (Пс. 147:3)
Јехова гледа низ што сѐ поминуваат неговите слуги на Земјата. Тој забележува кога сме среќни и кога сме тажни (Пс. 37:18). Кога гледа дека даваме сѐ од себе за да му служиме и покрај тоа што чувствуваме емоционална болка, тој се гордее со нас! Освен тоа, Јехова многу сака да ни помогне и да нѐ утеши. Во Псалм 147:3 пишува дека Јехова „им ги преврзува раните“ на оние со скршено срце. Овие зборови ни покажуваат дека Јехова нежно се грижи за оние кои имаат емоционални рани. Што мора да правиме за да извлечеме корист од Јеховината грижа? Размисли за следнава споредба. Еден вешт лекар може многу да му помогне на едно повредено лице да заздрави. Сепак, за да извлече корист од неговата помош, тој мора внимателно да ги следи упатствата на лекарот. Преку својата Реч, Јехова им зборува на оние кои страдаат во емоционален поглед и со љубов им дава совети (w24.10 6, пас. 1-2).
Среда, 7 јануари
Сѐ беше истребено од земјата (1. Мој. 7:23)
Порано, во нашите публикации велевме дека луѓето кои биле уништени од Јехова нема да бидат воскреснати. Во Библијата има многу извештаи во кои се зборува за Јеховините пресуди против луѓе кои тој ги сметал за неправедни. На пример, во Потопот, Јехова ги уништил сите освен Ное и неговото семејство. Исто така, ги употребил Израелците за да уништи седум народи кои живееле во Ветената земја. Освен тоа, употребил еден ангел за да убие 185.000 асирски војници во една ноќ (5. Мој. 7:1-3; Иса. 37:36, 37). Во врска со сите овие случаи, дали Библијата дава доволно информации за да можеме да заклучиме дека сите тие луѓе се осудени на вечно уништување без надеж за воскресение? Не. Кога станува збор за примерите што ги спомнавме, не знаеме каков суд донел Јехова за секој од тие луѓе поединечно. Исто така, не знаеме дали тие луѓе што биле уништени имале можност да го запознаат Јехова и да се покаат (w24.05 3, пас. 5-7).
Четврток, 8 јануари
Надвладеј го злото со добро! (Рим. 12:21)
Исус раскажал приказна за една вдовица која упорно молела еден судија за правда. Веројатно, учениците на Исус лесно можеле да ја разберат таа жена бидејќи во тоа време обичните луѓе честопати биле жртви на неправда (Лука 18:1-5). А таа приказна е значајна и за нас бидејќи сите ние, кога-тогаш, сме доживеале неправда. Денес предрасудите, нееднаквоста и угнетувањето се секојдневие, па затоа не сме изненадени кога некој се однесува неправедно кон нас (Проп. 5:8). Но особено тешко може да ни падне ако некој брат или сестра се однесува така со нас. Се разбира, нашите браќа и сестри не ни се противници. Едноставно, тие се несовршени. Може многу да учиме од тоа како Исус реагирал на неправдите кои ги трпел од злобните противници. Ако покажуваме стрпливост кога противниците нѐ третираат неправедно, колку повеќе треба да бидеме стрпливи со нашите браќа и сестри! (w24.11 2, пас. 1-2).
Петок, 9 јануари
Од каде да купиме леб за да јадат овие? (Јован 6:5)
Лебот бил главна состојка во исхраната за многумина во библиски времиња (1. Мој. 14:18; Лука 4:4). Всушност, тој бил толку важен што во Библијата понекогаш се користи изразот „леб“ за да се укаже општо на храна (1. Мој. 41:54; Мат. 6:11). Исто така, лебот бил главно обележје во две чуда на Исус кои добро ни се познати (Мат. 16:9, 10). Едно од овие чуда е запишано во Јован поглавје 6. Откако апостолите се вратиле од едно проповедничко патување, Исус ги одвел со чамец преку Галилејското Море до едно осамено место во близина на Витсаида за да се одморат (Мар. 6:7, 30-32; Лука 9:10). Но по кратко време, илјадници луѓе дошле и се насобрале околу нив. Исус им обрнал внимание и спремно одвоил време да ги поучува за Царството и да лекува болни. Како што одминувал денот, учениците се прашувале што ќе јаде сиот тој народ. Некои од луѓето можеби имале малку храна со нив, но повеќето ќе требало да одат во селата и да купат храна (Мат. 14:15; w24.12 2, пас. 1-2).
Сабота, 10 јануари
Дарот што го дава Бог е вечен живот преку Христос Исус, нашиот Господар (Рим. 6:23)
Нашите прародители, Адам и Ева, биле совршени и живееле во прекрасен рај (1. Мој. 1:27; 2:7-9). Тие можеле да водат среќен и исполнет живот во сета вечност. Но потоа, сѐ се сменило. Тие го изгубиле својот рајски дом, како и можноста да живеат вечно. Кое било единственото наследство што им го оставиле на своите деца? Библијата ни кажува: „Преку еден човек [Адам] гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“ (Рим. 5:12). Наследството што ни го оставил Адам е гревот, поради кој сите умираме. Гревот што сме го наследиле е како еден огромен долг кој никој од нас не може да го отплати (Пс. 49:8). Исус ги споредил гревовите со долгови (Мат. 6:12; Лука 11:4). Кога ќе згрешиме, тоа е како да се задолжуваме кај Јехова. Долгот за тој грев треба да го платиме. Доколку остане неплатен, тој долг ќе биде поништен само со нашата смрт (Рим. 6:7; w25.02 2-3, пас. 2-3).
Недела, 11 јануари
Им го објавив твоето име (Јован 17:26)
За нас е чест да им ја кажуваме на другите вистината за Божјето Царство! Но, ја немаат сите оваа чест. На пример, кога Исус бил на Земјата, тој не им дозволил на демоните да сведочат за него (Лука 4:41). Денес, пред некој да почне да учествува во службата на проповедање заедно со Јеховините сведоци, мора да исполни некои услови. Ние покажуваме колку многу ја цениме честа да проповедаме така што сведочиме секаде и секогаш кога можеме. Исто како Исус, наша цел е да го засадиме и да го залеваме семето на вистината за Царството во срцата на луѓето (Мат. 13:3, 23; 1. Кор. 3:6). Јеховината организација го следи примерот на Исус така што прави сѐ што може за да им помогне на другите да го дознаат Божјето име. Еден начин на кој организацијата го прави ова е преку Светото писмо — превод Нов свет. Во овој превод на Библијата, Божјето име е вратено на сите места каде што стоело во изворниот текст. Овој превод на Библијата сега е достапен во целост или делумно на преку 270 јазици (w24.04 9, пас. 8-9).
Понеделник, 12 јануари
Мажот нејзин станува и ја фали (Изр. 31:28)
Некои браќа кои имаат среќен брак имаат навика секој ден да прават нешто со што ќе ѝ покажат на својата сопруга колку многу ја сакаат (1. Јов. 3:18). Еден сопруг може да покаже дека ја сака својата сопруга со мали работи, како на пример така што ќе ја држи за рака или ќе ја прегрне. Тој може да ѝ прати порака и да ѝ каже: „Ми недостигаш“, или да ја праша: „Како ти поминува денот?“ Одвреме-навреме, тој може да ја покаже својата љубов кон неа така што ќе ѝ напише картичка со добро избрани зборови. Кога еден сопруг ги прави овие работи, тој ѝ искажува почит на својата жена и го зајакнува бракот. Еден сопруг кој ја почитува својата жена ја охрабрува и ѝ дава до знаење дека таа е вредна во негови очи. Еден начин на кој го прави тоа е така што не заборава да ѝ покаже дека го цени сето она што таа го прави за да го поддржува (Кол. 3:15). Кога еден сопруг искрено ја пофалува својата сопруга, тоа ѝ го топли срцето. Таа ќе се чувствува сигурно, сакано и почитувано (w25.01 11, пас. 15; 13, пас. 16).
Вторник, 13 јануари
Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те води по патот по кој треба да одиш (Иса. 48:17)
Псалм 15 завршува со следново ветување: „Кој прави така, никогаш нема да се затетерави“. Тука псалмистот открива зошто Јехова сака да ги правиме сите работи кои се спомнати во овој псалм. Тој сака да бидеме среќни. Затоа, ако го правиме она што Бог го бара од нас, ќе имаме подобар живот и тој ќе нѐ штити. Пријателите на Јехова, односно неговите гости, можат да очекуваат прекрасна иднина. Верните помазаници ќе живеат на небото, каде што Исус им приготвил место (Јован 14:2). Оние што имаат надеж дека ќе живеат на Земјата, едвај чекаат да се исполнат ветувањата од Откровение 21:3. За сите нас е огромна чест што Јехова нѐ поканил да бидеме негови пријатели, односно да бидеме гости во неговиот шатор засекогаш! (Пс. 15:1-5; w24.06 13, пас. 19-20).
Среда, 14 јануари
Оддајте му ја на Јехова славата што е достојна на неговото име (Пс. 96:8)
Што значи да се оддава слава? Во Библијата, зборот „слава“ може да се однесува на сѐ што придонесува некој да биде особено впечатлив. Јехова на извонреден начин ја покажал својата слава кратко откако Израелците биле ослободени од ропството во Египет. Замисли си ја ситуацијата: Милиони Израелци се собрале во подножјето на планината Синај за да слушнат што има да им каже Бог. Еден темен облак ја прекрил планината. Одеднаш, еден силен земјотрес, веројатно придружен со вулканска активност, го стресол тлото под нивните нозе додека во исто време светкале молњи, грмело и се слушал заглушувачки звук од рог (2. Мој. 19:16-18; 24:17; Пс. 68:8). Замисли си колку биле вчудовидени овие Израелци кога Јехова ја покажал својата слава на ваков моќен начин! Денес, му оддаваме слава на Јехова со тоа што им кажуваме на другите за неговата огромна моќ и за неговите убави особини и со тоа што му ја припишуваме заслугата за сето она што сме го постигнале со негова помош (Иса. 26:12; w25.01 2, пас. 2-3).
Четврток, 15 јануари
Јехова ме испрати (4. Мој. 16:28)
Додека Израелците патувале кон Ветената земја, некои мажи што имале авторитет и углед се побуниле против Мојсеј, кого Јехова го избрал за да предводи. Тие рекле: „Целата заедница е света [а не само Мојсеј], сите во неа, и Јехова е меѓу нив“ (4. Мој. 16:1-3). Иако било точно дека во Божји очи „целата заедница“ била света, Јехова го избрал Мојсеј да го предводи неговиот народ. Со тоа што го критикувале Мојсеј, тие бунтовници, всушност, го критикувале Јехова. Тие не се концентрирале на она што го сакал Јехова, туку на она што го сакале тие — повеќе моќ и углед. Бог ги погубил водачите на оваа побуна, како и илјадници други кои им се придружиле (4. Мој. 16:30-35, 41, 49). Денес, можеме да бидеме сигурни дека Јехова не ги одобрува оние кои не ги почитуваат упатствата од неговата организација (w24.07 11, пас. 11).
Петок, 16 јануари
Тоа видение ќе се исполни во времето што е одредено за него (Авак. 2:3)
Живееме во време во кое повеќето луѓе го отфрлаат, па дури и го исмеваат предупредувањето што Библијата го дава за крајот на овој свет (2. Пет. 3:3, 4). Иако има многу работи кои не ги знаеме, треба да имаме силна вера дека крајот на овој свет ќе дојде токму навреме и дека Јехова ќе се грижи за нас. И ние мора да си ја зајакнеме верата дека Јехова денес нѐ води преку „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45). Кога ќе започне големата неволја, можеби ќе добиеме конкретни животоспасувачки упатства. Сега е време да си ја зајакнеме довербата во водството што го добиваме од оние што предводат во Јеховината организација. Не можеме да очекуваме дека во големата неволја со доверба ќе ги следиме нивните упатства доколку денес ни е тешко да го правиме тоа (w24.09 11, пас. 11-12).
Сабота, 17 јануари
Утврдете која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено (Рим. 12:2)
Јеховините сведоци кои имаат деца се свесни дека верата во Бог не е нешто што нивните деца автоматски го наследуваат. Со текот на времето, детето може ќе почнат да го мачат прашања како: „Од каде да знам дека постои Бог? Можам ли навистина да верувам во она што го вели Библијата?“ Всушност, Библијата нѐ поттикнува да го користиме својот разум и сѐ да испитуваме за да се увериме во тоа (Рим. 12:1; 1. Сол. 5:21). Но, како можете да им помогнете на вашите деца да си ја зајакнат верата? Поттикни ги децата самите да се уверат во вистината. Кога твоето дете има прашања, искористи го тоа да му покажеш како да ги бара одговорите со помош на нашите алатки за истражување, како што е Прирачникот за истражување на публикациите на Јеховините сведоци. Во него, под темата „Библија“, во делот „Вдахновена од Бог“ може да најде докази дека Библијата не е само обична книга што ја напишале луѓе, туку дека таа е „реч Божја“ (1. Сол. 2:13; w24.12 15, пас. 4-5).
Недела, 18 јануари
Довери им го на верни луѓе, кои потоа ќе бидат оспособени да поучуваат други (2. Тим. 2:2)
Како можат старешините да го следат примерот на Исус? Тие мора да ги обучуваат и да им помагаат на браќата, вклучувајќи ги и младите, за да ги исполнат условите да преземат поголеми одговорности. Старешините не очекуваат совршенство од оние што ги обучуваат. Тие треба на љубезен начин да ги советуваат, за да можат младите браќа да стекнат искуство и да сфатат дека треба да бидат понизни, достојни за доверба и спремно да им служат на другите (1. Тим. 3:1; 1. Пет. 5:5). Исус им ја дал на своите ученици одговорноста да ја проповедаат добрата вест, но и да ги поучуваат другите. Учениците можеби си мислеле дека не се доволно способни да ја извршат таа задача. Но, Исус не се сомневал дека ќе можат да ја извршат, и им го кажал тоа. Тој покажал потполна доверба во нив со следниве зборови: „Како што Таткото ме прати мене, така и јас ве праќам вас“ (Јован 20:21; w24.10 16, пас. 15; 17, пас. 17).
Понеделник, 19 јануари
Давид, човек по моето срце (Дела 13:22)
Давид бил цар кој му бил верен на Јехова и кој го сакал народот. Тој бил и музичар, поет, воин и пророк. Давид доживеал многу неволји. Неколку години, тој бегал од едно место на друго поради љубоморниот цар Саул. Откако станал цар, Давид требало повторно да бега за да си го спаси животот кога неговиот син Авесалом се обидел да го преземе престолот. И покрај тоа што доживеал тешкотии и направил сериозни гревови, Давид му останал верен на Бог до крајот на својот живот. За него, Јехова рекол дека е „човек по [неговото] срце“. Затоа, вреди да го послушаме советот што го дал Давид (1. Цар. 15:5). Размисли, на пример, за советот што Давид му го дал на својот син и престолонаследник, Соломон. Јехова го избрал овој млад човек да му изгради храм во кој луѓето ќе може да го обожаваат (1. Лет. 22:5). Соломон ќе се соочел со тешкотии. Каков совет му дал Давид? Тој му кажал на својот син дека, ако му биде послушен на Јехова, ќе постапува разборито, односно ќе биде добар водач и Јехова ќе го благослови (1. Цар. 2:2, 3; w24.11 10, пас. 9-11).
Вторник, 20 јануари
Префрли му ги на Јехова животните грижи, потпри се на него, и тој ќе ти помогне (Пс. 37:5)
Еден сопруг кој е физички или вербално насилен со својата жена мора да преземе чекори за да го поправи својот однос со Јехова и со сопругата. Прво, треба да признае дека има сериозен проблем. Ништо не е скриено од Јеховиниот поглед (Пс. 44:21; Проп. 12:14; Евр. 4:13). Второ, треба да престане да биде насилен со својата жена и да го смени своето однесување (Изр. 28:13). Трето, треба да им се извини и на својата сопруга и на Јехова и да бара да му простат (Дела 3:19). Тој, исто така, треба да го моли Јехова да му помогне да развие желба да се промени и да може да ги контролира своите мисли, зборови и постапки (Пс. 51:10-12; 2. Кор. 10:5; Фил. 2:13). Четврто, треба да постапува во склад со своите молитви така што ќе учи да ги мрази сите облици на насилство и навредлив говор (Пс. 97:10). Петто, тој треба веднаш да побара помош од грижливите старешини во собранието (Јак. 5:14-16). Шесто, треба да направи план кој ќе му помогне да избегнува такво однесување во иднина (w25.01 11, пас. 14).
Среда, 21 јануари
Зошто се колебаш? Стани, крсти се (Дела 22:16)
Дали го сакаш Јехова Бог, оној што ти го дал секој добар дар, па дури и самиот живот? Дали сакаш да му покажеш дека го сакаш? Најдобар начин да го направиш тоа е да му го заветуваш својот живот, а потоа да се крстиш. Така ќе станеш дел од Јеховиното семејство. А како резултат на тоа, твојот Татко и пријател ќе те води и ќе се грижи за тебе бидејќи ќе му припаѓаш нему (Пс. 73:24; Иса. 43:1, 2). Заветот и крштавањето ти даваат и можност да живееш вечно (1. Пет. 3:21). Дали нешто те спречува да се крстиш? Ако да, не си единствениот. Милиони други пред тебе требало да направат промени во своето однесување и во својот начин на размислување за да ги исполнат условите за крштавање. Тие сега му служат на Јехова со радост и ревност (w25.03 2, пас. 1-2).
Четврток, 22 јануари
Во тебе е вистинското простување (Пс. 130:4)
Во Библијата, гревовите честопати се споредени со тежок товар. Цар Давид ги опишал своите гревови со следниве зборови: „Моите престапи ми се прелија преку глава, како тежок товар, претешки се за мене“ (Пс. 38:4). Но, Јехова им ги простува гревовите на оние што се каат (Пс. 25:18; 32:5). Хебрејскиот израз кој во овие стихови е преведен со „прости“ во основа значи „крева“ или „носи“. Значи, кога Јехова ни ги простува гревовите, тој го отстранува тешкиот товар, односно вината што ја чувствуваме. Тоа е како да носиме тежок товар на нашите раменици, а Јехова го крева тој товар и го однесува. Една друга споредба покажува колку далеку Јехова ги оддалечува нашите гревови од нас. Во Псалм 103:12 пишува: „Колку што е исток далеку од запад толку ги оддалечува од нас нашите престапи“. Исток е на најголемата можна оддалеченост од запад. Тие две точки никогаш не можат да се спојат. Ова значи дека Јехова ги оддалечува од нас нашите гревови најдалеку што можеме да си замислиме. Овој опис нѐ уверува дека Јехова потполно ни простува (w25.02 9, пас. 5-6).
Петок, 23 јануари
Кога даваш милостина, не труби пред себе (Мат. 6:2)
Откако Исус се вознел на небото, апостол Петар со чудо излекувал еден човек кој бил сакат од раѓање (Дела 1:8, 9; 3:2, 6-8). Сосема е разбирливо што мноштвото луѓе кои го виделе ова чудо се насобрале околу Петар (Дела 3:11). Со оглед на тоа што Петар живеел во општество во кое се ставало голем нагласок на угледот и на положбата, дали ќе го искористел тој момент за да ужива во славата? Не, туку Петар понизно им рекол на луѓето да им ја оддадат славата на оние на кои со право им припаѓа, односно на Јехова и на Исус. Тој рекол: „Благодарение на Исусовото име и на нашата вера во неговото име, овој човек, кого го гледате и го познавате, зајакна“ (Дела 3:12-16, Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013). Ние може да го следиме примерот на Петар и да продолжиме да развиваме понизност. Ние правиме љубезни дела за другите затоа што го сакаме Јехова и ги сакаме луѓето, а не затоа што сакаме другите да ни се восхитуваат. Ако радосно им служиме на Јехова и на нашите браќа на кој и да било начин, сеедно дали некој го забележува нашиот труд или не, покажуваме дека сме понизни (Мат. 6:1-4; w25.03 10-11, пас. 11-12).
Сабота, 24 јануари
Добро внимавај како живееш и како поучуваш (1. Тим. 4:16)
Можеме да ја зголемиме нашата воодушевеност за проповедничкото дело така што ќе се концентрираме на нашата љубов кон Јехова и кон ближниот (Мат. 22:37-39). Замисли си колку е среќен Јехова кога гледа дека проповедаме и кога гледа колку се среќни луѓето кога ќе почнат да ја проучуваат Библијата! Мисли и на тоа дека оние кои ја слушаат нашата порака и одлучуваат да му служат на Јехова имаат можност да живеат засекогаш (Јован 6:40). Дали од некоја причина не можеш да излегуваш од твојот дом? Ако е така, концентрирај се на она што можеш да го правиш за да покажуваш љубов кон Јехова и кон твојот ближен. За време на пандемијата со КОВИД-19, Семјуел и Данија не можеле да излегуваат од нивниот дом. Во тоа тешко време, тие редовно сведочеле преку телефон, пишувале писма и воделе библиски курсеви преку Зум. Иако Семјуел и Данија не можеле да прават толку како порано, тие го правеле она што можеле и, како резултат на тоа, чувствувале радост (w24.04 18-19, пас. 15-16).
Недела, 25 јануари
Кој ќе најде вредна жена? Таа вреди многу повеќе од бисери (Изр. 31:10)
Иако бракот не е неопходна работа за некој да биде среќен, многу христијани кои не се во брак — без разлика дали се млади или стари — имаат желба да најдат брачен другар. Се разбира, пред да започнеш врска со некого, треба да имаш добар однос со Јехова, добро да се познаваш себеси и да бидеш во состојба да се грижиш за финансиските одговорности кои ги носи бракот (1. Кор. 7:36). Исто така, треба да знаеш кои особини сакаш да ги има твојот брачен партнер. Во спротивно, би можел да не забележиш некој што би ти бил добар брачен партнер или да започнеш врска со некој што не е соодветен за тебе. Се разбира, оној со кого сакаш да започнеш врска треба да биде крстен Јеховин слуга (1. Кор. 7:39). Но, не значи дека секој крстен слуга ќе биде добар брачен другар за тебе. Затоа, би можел да се прашаш: „Кои се моите цели во животот? Кои особини ми е важно да ги има мојот брачен партнер? Дали моите очекувања се разумни?“ (w24.05 20, пас. 1; 21, пас. 3).
Понеделник, 26 јануари
Бидете милостиви еден спрема друг (Еф. 4:32)
Додека сте во врска, како можете да се справите со проблемите и со несогласувањата кои можеби ќе се појават одвреме-навреме? Дали тоа значи дека не сте еден за друг? Не мора да значи. Сите парови понекогаш имаат несогласувања. Во еден добар брак, мажот и жената се почитуваат еден со друг и се спремни да се приспособат на разликите. Значи, начинот на кој сега ги решавате проблемите може да открие дали вашиот брак ќе биде успешен. Како пар, разговарајте за следниве прашања: „Можеме ли да разговараме смирено и со почит? Дали спремно ги признаваме нашите грешки и дали се трудиме да се поправиме? Дали брзо попуштаме, се извинуваме и простуваме?“ (Еф. 4:31). Сепак, ако постојано се расправате и имате несогласувања додека сте во врска, ситуацијата веројатно нема да се подобри откако ќе стапите во брак. Ако сфатиш дека другата личност не е вистинската за тебе, за двајцата ќе биде најдобро да ја прекинете врската (w24.05 29, пас. 12).
Вторник, 27 јануари
Нека е благословен Јехова, мојата Карпа — кој ги учи моите раце на бој (Пс. 144:1)
Можеме да имаме добро влијание врз другите ако сме решени да му бидеме послушни на Јехова во сѐ и ако носиме одлуки на темел на библиските начела. Ако ја проучуваме Божјата Реч и ако си ја зајакнуваме верата во Јехова, ќе бидеме уште поцврсти во вистината. Нема да бидеме неодлучни, непостојани и врз нас нема да влијаат лажните учења и размислувањата на луѓето од овој свет (Еф. 4:14; Јак. 1:6-8). Исто така, ќе можеме да им помагаме на оние кои имаат неволји (1. Сол. 3:2, 3). Старешините треба да бидат умерени во сѐ, разборити, да живеат уредно и да бидат разумни. Овие браќа им помагаат на другите во собранието да задржат стабилност така што се држат „за веродостојните зборови“ (Тит 1:9; 1. Тим. 3:1-3). Со својот пример и со пастирската грижа, старешините им помагаат на објавителите редовно да присуствуваат на состаноците, редовно да одат во служба и редовно да проучуваат. Кога браќата и сестрите ќе се соочат со проблеми кои им предизвикуваат загриженост, старешините можат многу да направат за да им помогнат да продолжат да се концентрираат на Јехова и на неговата намера (w24.06 31, пас. 16-18).
Среда, 28 јануари
Покајте се, зашто се приближи небесното царство! (Мат. 4:17)
Во текот на неговата служба на Земјата, Исус ги поучувал луѓето колку многу е спремен неговиот Татко да ни прости кога грешиме. Размисли за споредбата за загубениот син. Тој млад човек одлучил да си замине од дома и правел многу лоши работи. Но, по некое време, тој се вразумил и се вратил дома. Како реагирал татко му? Исус рекол дека, додека синот уште бил далеку, неговиот татко го здогледал, па притрчал, го прегрнал и го избакнал. Синот не очекувал таткото да му прости и затоа го прашал дали може да работи како еден од неговите слуги во куќата. Но, таткото спремно му простил, го нарекол „мој син“ и го примил назад во семејството. Таткото рекол: „Овој мој син... беше загубен и се најде!“ (Лука 15:11-32). Кога живеел на небото пред да дојде на Земјата, Исус сигурно видел како неговиот Татко покажува такво сочувство кон безброј грешници кои се каеле. Оваа споредба што ја раскажал Исус, многу нѐ теши и ни покажува колку е милостив нашиот Татко Јехова! (w24.08 11, пас. 11-12).
Четврток, 29 јануари
Бидете разборити (1. Пет. 4:7)
Еден разборит христијанин прави сѐ што може за да носи добри одлуки кои се во склад со Јеховиниот начин на размислување. Таквиот христијанин знае дека во животот нема ништо поважно од неговото пријателство со Јехова. Тој има урамнотежено гледиште за себеси и сфаќа дека не знае сѐ. Освен тоа, покажува дека се потпира на Бог така што често бара водство од него во молитва. Сфаќаме дека треба постојано да бараме водство од него во молитва сеедно какви способности имаме. Затоа, особено кога стоиме пред важни одлуки, го молиме Јехова да ни даде водство уверени дека тој знае што е најдобро за нас. Многу сме благодарни што Јехова нѐ создал со способност да ги покажуваме неговите особини (1. Мој. 1:26). Се разбира, ние не можеме совршено да го правиме тоа (Иса. 55:9; w25.03 11, пас. 13; 13, пас. 17-18).
Петок, 30 јануари
[Љубовта] на сѐ се надева, сѐ трпи (1. Кор. 13:7)
Не избрзувај со заклучокот дека другите се неблагодарни. Ако некој не изрази благодарност за нешто што сме го направиле, би можеле да се прашаме: „Дали навистина нема ценење или едноставно заборавил да покаже благодарност?“ Можеби има и други причини зошто некој не постапил онака како што сме очекувале. Некои можеби чувствуваат голема благодарност, но им е тешко да ја изразат. Можеби им е непријатно што имаат потреба од помош, особено ако во минатото тие им помагале на другите. Во секој случај, ако ги сакаме браќата и сестрите, нема да мислиме лошо за нив и ќе продолжиме да даваме со радост (Еф. 4:2). Биди стрплив. Мудриот цар Соломон напишал: „Фрли го лебот свој на површината на водата, и по многу дни пак ќе го најдеш“ (Проп. 11:1). Овие зборови укажуваат на тоа дека некои можеби ќе покажат благодарност „по многу дни“, односно долго време откако сме направиле нешто за нив (w24.09 30, пас. 18-19).
Сабота, 31 јануари
Оние што прават грев, укори ги пред сите, за да имаат страв и другите (1. Тим. 5:20)
Понекогаш, во собранието се дава известување дека некој соверник е укорен. Во таков случај, можеме да продолжиме да се дружиме со него бидејќи знаеме дека се покајал и дека го сменил начинот на размислување и постапување. Тој сѐ уште е дел од собранието и потребно му е охрабрувањето кое може да го добие преку дружењето со соверниците (Евр. 10:24, 25). Но, ситуацијата е сосема поинаква кога некој е отстранет од собранието. Ние сме послушни на библиската заповед: „Престанете да се дружите со [таквото лице]... — со таков дури и да не јадете“ (1. Кор. 5:11). Дали тоа значи дека треба потполно да го игнорираме тоа лице? Не. Се разбира, ние нема да се дружиме со него. Но, во склад со својата совест обликувана на темел на Библијата, христијаните можат да одлучат дали ќе поканат некое лице што е отстрането од собранието да дојде на собраниски состанок. На пример, можеби некој ќе сака да покани некој свој роднина или некој со кого бил близок (w24.08 30, пас. 13-14).