Февруари
Недела, 1 февруари
Чест е за човекот да се воздржи од караница, а тој што е глупав, ќе се впушти во неа (Изр. 20:3)
Браќата кои покажуваат убави христијански особини се од голема помош за собранието. Еден разумен човек вложува голем труд за да биде во мир со другите и им помага на другите да бидат во мир еден со друг. Ако сакаш да бидеш познат како разумен човек, слушај ги другите и земај го предвид нивното гледиште. Замисли дека си старешина и дека присуствуваш на еден старешински состанок. Дали ќе бидеш спремен да ја поддржиш одлуката на мнозинството ако не се прекршува некој закон или некое начело од Библијата? Не инсистирај работите да се прават на твојот начин. Цени го мислењето на мноштвото советници (1. Мој. 13:8, 9; Изр. 15:22). Наместо да бидеш груб и да се расправаш со другите, покажувај почит кон нив и постапувај љубезно и тактично. Како мирољубив човек, преземај иницијатива да бидеш во мир со другите дури и во тешки ситуации (Јак. 3:17, 18). Твоите љубезни зборови можат да ги омекнат ставовите на другите, па дури и на оние кои ни се противат (Суд. 8:1-3; Изр. 25:15; Мат. 5:23, 24; w24.11 23, пас. 13).
Понеделник, 2 февруари
Тој ќе ги испрати ангелите и ќе ги собере своите избрани од четирите страни на светот, од крајот на земјата до крајот на небото (Мар. 13:27)
Иако умрел „еднаш засекогаш“, Христос сѐ уште прави жртви за нас (Рим. 6:10). Во која смисла? Тој и понатаму вложува време и труд за да ни дава убави работи кои сега се возможни благодарение на откупнината. Размисли што сѐ прави. Служи како наш Цар, Првосвештеник и глава на собранието (1. Кор. 15:25; Еф. 5:23; Евр. 2:17). Тој е одговорен за собирањето на помазаниците и на големото мноштво, задача која ќе биде завршена пред крајот на големата неволја (Мат. 25:32). Тој, исто така, се грижи неговите верни слуги да бидат добро нахранети во духовен поглед во текот на овие последни денови (Мат. 24:45). А за време на неговото илјадагодишно владеење, и понатаму ќе служи во наша корист. Јехова го дал својот Син не само да умре за нас туку и да направи многу други работи! (w25.01 24, пас. 12).
Вторник, 3 февруари
Дар е тоа што преку неговата незаслужена доброта се прогласени за праведни затоа што се ослободени со откупнината што ја плати Христос Исус (Рим. 3:24)
Кога Јехова ни ги простува гревовите, тоа е како тие никогаш да не се случиле, и можеме да бидеме сигурни дека тој нема да нѐ казни за нив во иднина. Тоа ни овозможува да имаме добар однос со нашиот небесен Татко. Сепак, ние знаеме дека вистинското простување од Јехова е дар кој тој ни го дава бидејќи нѐ сака и е великодушен, а не бидејќи ние го заслужуваме тоа. Многу сме благодарни што Јехова е Богот на вистинското простување! (Пс. 130:4; Рим. 4:8). Но, ако сакаме да ни биде простено, ние мора да правиме нешто многу важно. Забележи што рекол Исус: „Ако вие не им ги простите на луѓето нивните престапи, ниту вашиот Татко нема да ви ги прости вам вашите престапи“ (Мат. 6:14, 15). Според тоа, јасно е дека мора да го следиме примерот на Јехова и да им простуваме на другите (w25.02 13, пас. 18-19).
Среда, 4 февруари
Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните (Дела 24:15)
Размисли за жителите на Содом и Гомор. Еден праведен човек, кој се викал Лот, живеел помеѓу тие луѓе. Но, дали знаеме дека тој им проповедал на сите нив? Не. Нема сомнение дека тие биле злобни. Но, дали секој од нив знаел што е исправно, а што е погрешно? Се чини дека тоа не било случај. Сети се дека една толпа луѓе од тој град сакале да ги силуваат гостите на Лот. Библијата вели дека таа толпа ја сочинувале луѓе од најразлична возраст — „од дете до старец“ (1. Мој. 19:4; 2. Пет. 2:7). Дали навистина знаеме дека милосрдниот Бог, Јехова, одлучил ниту еден од тие луѓе да не биде воскреснат? Не. Точно е дека Јехова му рекол на Авраам дека во тој град немало ниту десет праведни луѓе (1. Мој. 18:32). Значи тие биле неправедни, и Јехова со право сметал дека треба да одговараат за своите постапки. Но, дали можеме со сигурност да кажеме дека ниту еден од нив нема да биде вратен во живот кога ќе бидат воскреснати неправедните? Не можеме да кажеме со сигурност (w24.05 2, пас. 3; 3, пас. 8).
Четврток, 5 февруари
Барајте ги најнапред царството и Божјата праведност, а сето ова ќе ви се додаде (Мат. 6:33)
Бидејќи им се сменила економската ситуација, некои прифатиле работа за која требало да се преселат далеку од своето семејство, но многумина подоцна сфатиле дека тоа не било мудра одлука. Пред да прифатиш некоја нова работа, размисли не само што ќе добиеш во финансиски поглед туку и што ќе изгубиш во духовен поглед (Лука 14:28). Прашај се: „Како ќе влијае врз мојот брак тоа што ќе бидам далеку од мојот брачен другар? Дали ќе можам да присуствувам на сите состаноци, да одам во служба и да се дружам со браќата и сестрите?“ Ако имаш деца, треба да си го поставиш следново важно прашање: „Како ќе ги воспитувам моите деца ’со стега од Јехова‘ и како ќе им помагам ’да го усвојат неговиот начин на размислување‘ ако не сум со нив?“ (Еф. 6:4). Кога треба да донесеш одлука, нека те води начинот на кој размислува Јехова, а не она што ќе ти го кажат роднините или пријателите кои немаат почит кон библиските начела (w25.03 29, пас. 12).
Петок, 6 февруари
Повеќе да не бидеме мали деца (Еф. 4:14)
Еден христијанин кој не созреал во духовен поглед лесно би можел да биде заведен од „измама“ и да биде „доведен во заблуда“. Тој може да биде заведен од оние што шират теории на заговор или од отпадници. Може да биде љубоморен на другите, да создава кавги, лесно да се навредува или да им подлегнува на искушенијата (1. Кор. 3:3). Библијата го споредува процесот на духовно созревање со процесот на дословно растење и созревање (Еф. 4:15). Има многу работи кои едно дете не ги знае. Затоа му е потребно водство. На пример, една мајка може да ѝ каже на својата ќеркичка да ја држи за раката додека ја преминуваат улицата. Како што девојчето расте, мајката можеби ќе му дозволи самото да ја преминува улицата, но сепак ќе го потсетува пред да премине да гледа дали поминуваат возила. Кога девојчето ќе стане возрасно, тоа самото ќе знае како да ги избегнува таквите опасности. Слично на тоа, христијаните кои станале зрели во духовен поглед длабоко размислуваат за библиските начела за да видат како размислува Јехова и потоа постапуваат во склад со тоа (w24.04 3, пас. 5-6).
Сабота, 7 февруари
О Јехова, кој ќе биде гостин во твојот шатор? (Пс. 15:1)
Долги години, пријатели на Бог биле само оние кои живееле со него на небото. Подоцна, тој на Земјата ги создал луѓето. Така, и тие можеле да бидат гости во неговиот шатор. Некои од тие гости биле Енох, Ное, Авраам и Јов. Во Библијата, тие се опишани како Божји пријатели или како оние што оделе „со вистинскиот Бог“ (1. Мој. 5:24; 6:9; Јов 29:4; Иса. 41:8). Низ вековите, Јехова продолжил да ги кани неговите пријатели да бидат негови гости (Езек. 37:26, 27). На пример, од пророштвото на Езекиел дознаваме дека Бог навистина сака неговите верни слуги да бидат блиски пријатели со него. Тој ветил дека со нив ќе склучи „сојуз за мир“. Ова пророштво се однесува на времето кога, оние што имаат надеж дека ќе живеат на небото и оние што имаат надеж дека ќе живеат на Земјата, ќе бидат обединети во неговиот симболичен шатор како „едно стадо“ (Јован 10:16). Ние денес живееме во тоа време! (w24.06 2, пас. 2; 3, пас. 4, 5).
Недела, 8 февруари
Собравме смелост со помош на нашиот Бог (1. Сол. 2:2)
Како слуги на Јехова, ние со сета душа го поддржуваме Божјето Царство, но за тоа честопати ни е потребна храброст (Мат. 6:33). На пример, во овој злобен свет, потребна ни е храброст за да живееме според Божјите мерила и за да ја проповедаме добрата вест. И, честопати ни е потребна храброст да останеме политички неутрални во овој свет кој сѐ повеќе и повеќе станува поделен (Јован 18:36). Многумина меѓу Божјиот народ доживеале економски проблеми, биле физички малтретирани или биле ставени во затвор бидејќи одбиле да се мешаат во политика или да одат во војска. Кога размислуваме како другите покажале храброст за да му останат верни на Јехова и на неговото Царство, и ние сме поттикнати да бидеме храбри. Нашиот цар, Исус Христос, решително одбил да биде дел од политичкиот систем во светот на Сатана (Мат. 4:8-11; Јован 6:14, 15). Тој секогаш го молел Јехова да му ја дава потребната храброст (w24.07 2, пас. 4; 3, пас. 7).
Понеделник, 9 февруари
Скина плод и касна од него. Потоа му даде од плодот и на својот маж, кога беше со неа, па и тој јадеше (1. Мој. 3:6)
Јехова се погрижил овој извештај да биде запишан во Библијата за да можеме да разбереме нешто многу важно. Тој ни помага да сфатиме зошто Јехова толку многу го мрази гревот. Гревот нѐ одвојува од нашиот Татко и нѐ води во смрт (Иса. 59:2). Сатана ги мрази Јехова и луѓето. Токму затоа, тој ги навел Адам и Ева на грев, а продолжува да ги искушува и луѓето денес. Затоа, кога Адам и Ева згрешиле, Сатана веројатно си мислел дека ја осуетил Божјата намера за луѓето. Но, тој не сфатил колку голема љубов има Јехова. Бог никогаш не ја сменил својата намера за потомците на Адам и Ева. Тој ги сака луѓето и затоа веднаш дал надеж за сите (Рим. 8:20, 21). Јехова знаел дека некои од тие потомци ќе изберат да го сакаат и дека ќе бараат помош од него за да се борат против гревот. Затоа, како нивен Татко и Творец, тој одлучил да им овозможи да се зближат со него и да бидат ослободени од гревот и од смртта (w24.08 3, пас. 3-4).
Вторник, 10 февруари
Проценете што е најважно (Фил. 1:10)
Повеќето Јеховини слуги се многу зафатени. Работиме за да се издржуваме себеси и семејството (1. Тим. 5:8). Многу браќа и сестри се грижат за своите болни или остарени членови на семејството. Исто така, секој од нас треба да се грижи за своето здравје, а за тоа е потребно време. Освен овие одговорности, ние имаме и задачи во собранието. Една важна одговорност која ја имаме е ревносно да учествуваме во проповедничкото дело. Читањето на Библијата е една од најважните работи за нас како христијани, и затоа треба да ни биде приоритет. Во првиот псалм пишува дека среќниот човек „ужива во законот на Јехова и внимателно го чита неговиот закон дење и ноќе“ (Пс. 1:1, 2). Ова јасно покажува дека треба да си одвоиме време за да можеме да го правиме тоа. Кое е најдоброто време за да ја читаме Библијата? Тоа е различно кај секого од нас. Но едноставно кажано, тоа треба да биде време во кое ќе можеме редовно да читаме (w24.09 3, пас. 5-6).
Среда, 11 февруари
Секој ќе го носи својот товар (Гал. 6:5)
Дали на еден зрел христијанин некогаш му е потребна помош од некој друг? Да. Зрелите христијани понекогаш можеби треба да побараат помош. Оној што не е зрел во духовен поглед можеби очекува другите да му кажуваат што да прави или да носат одлуки наместо него. Од друга страна, кога еден зрел христијанин ќе побара помош од другите кои имаат повеќе мудрост и искуство, тој сфаќа дека Јехова очекува од него самиот да го „носи својот товар“. Исто како што возрасните луѓе имаат различни физички карактеристики така и зрелите христијани имаат различни особини. На пример, некои можеби се многу мудри, а други се многу храбри. Некои се многу дарежливи, а други се многу сочувствителни. Освен тоа, кога двајца зрели христијани ќе се соочат со слична ситуација, тие можеби ќе дојдат до заклучоци кои се различни, но се во склад со библиските начела. Ова честопати се случува кога треба да донесат одлуки на темел на совеста. Бидејќи се свесни за ова, тие не го осудуваат другиот доколку донел поинаква одлука од неговата. Наместо тоа, тие се трудат да останат обединети (Рим. 14:10; 1. Кор. 1:10; w24.04 4, пас. 7-8).
Четврток, 12 февруари
Кога во мене се намножија немирни мисли, утехите од тебе ми ја милуваа душата (Пс. 94:19)
Што можеш да правиш ако се бориш со чувства на безвредност? Читај библиски стихови кои те уверуваат дека си скапоцен во Јеховини очи и размислувај за нив. Ако не си успеал да постигнеш некоја цел или ако си обесхрабрен затоа што не можеш да правиш онолку колку што прават другите, немој престрого да си судиш себеси. Јехова има разумни очекувања од тебе (Пс. 103:13, 14). Ако во минатото си бил жртва на некаква злоупотреба, немој да се обвинуваш себеси. Ти не си виновен за тоа! Имај на ум дека за Јехова не се виновни жртвите, туку оние што ги малтретирале (1. Пет. 3:12). Никогаш немој да се сомневаш дека Јехова може да те употреби за да им помагаш на другите. Тој ти ја дал честа да бидеш негов соработник во проповедничкото дело (1. Кор. 3:9). Тоа што си поминал низ тешки ситуации веројатно ти помага да имаш сочувство кон другите и полесно да разбираш како се чувствуваат. Ти можеш да им бидеш од голема помош (w24.10 7-8, пас. 6-7).
Петок, 13 февруари
Нема ли Бог да се погрижи да добијат правда неговите избрани, кои викаат кон него ден и ноќ, иако изгледа дека долго чека за да им помогне? Ви велам, ќе се погрижи брзо да добијат правда (Лука 18:7, 8)
Јехова забележува кога некој се однесува лошо со нас. „Јехова ја сака правдата“ (Пс. 37:28). Исус нѐ уверува дека Бог „ќе се погрижи брзо да [добиеме] правда“ во исправното време. Наскоро, тој ќе ја поправи сета штета што сме ја претрпеле и ќе им стави крај на сите неправди (Пс. 72:1, 2). Додека го чекаме времето кога ќе царува правдата, Јехова ни помага да се носиме со неправдите (2. Пет. 3:13). Тој нѐ поучува како да не постапиме непромислено кога ќе доживееме неправда. Преку примерот на својот Син, Јехова совршено нѐ поучил како да реагираме кога се соочуваме со неправди. А ни дал и практични совети кои ќе ни помогнат кога некој се однесува лошо со нас (w24.11 2-3, пас. 3-4).
Сабота, 14 февруари
Дајте им вие да јадат (Мат. 14:16)
Исус побарал да се нахрани едно мноштво. Но, тоа изгледало невозможно бидејќи имало околу 5.000 мажи. А заедно со жените и децата можеби биле 15.000 луѓе на кои им била потребна храна (Мат. 14:21). Тогаш Андреј рекол: „Овде има едно момче, кое има пет јачменови леба и две мали риби. Но што е тоа за толку многу народ?“ (Јован 6:9). Лебот од јачмен бил нешто што луѓето често го јаделе, а малите риби можеби биле солени и сушени. Но лебот и рибите што ги имало тоа момче не би биле доволни за да се нахранат толку многу луѓе. Бидејќи сакал да му покаже гостољубивост на народот, Исус му рекол да испоседне на тревата во групи (Мар. 6:39, 40; Јован 6:11-13). Потоа, тој му се заблагодарил на својот Татко за лебот и за рибите. Тоа било сосема на место зашто, всушност, Бог бил оној кој им ја дал храната. Важно е и ние да го следиме примерот на Исус така што ќе се молиме пред оброците. Потоа, Исус заповедал да се раздели храната, и мноштвото луѓе јаделе до ситост (w24.12 2-3, пас. 3-4).
Недела, 15 февруари
Благословувајте го Јехова, својот Бог! (1. Лет. 29:20)
Кога бил на Земјата, Исус го славел својот Татко со тоа што им кажувал на другите дека тој му ја давал моќта за да ги прави чудата (Мар. 5:18-20). Исус му оддавал слава на Јехова и со она што го кажувал за својот Татко и со начинот на кој постапувал со другите. Во една прилика, Исус поучувал во една синагога. Помеѓу оние што слушале, била и една жена која 18 години била обземена од демон. Поради демонот, таа била многу згрбавена и воопшто не можела да се исправи. Колку жално! Поттикнат од сочувство, Исус ѝ пристапил на жената и на благ начин ѝ се обратил со зборовите: „Жено, ослободена си од својата болест!“ Потоа, тој ги положил своите раце врз неа, а таа веднаш се исправила и почнала „да го слави Бог“ затоа што ѝ биле вратени здравјето и достоинството (Лука 13:10-13). Таа навистина имала добра причина да му оддаде слава на Јехова, а имаме и ние (w25.01 2-3, пас. 3-4).
Понеделник, 16 февруари
Прости ни ги нашите гревови (Лука 11:4)
Дали е возможно повторно да го добиеме сето она што Адам и Ева го изгубиле? Ние самите не можеме тоа да го постигнеме (Пс. 49:7-9). Без помош, ние не би можеле да имаме надеж за вечен живот во иднина, ниту можност за воскресение. Всушност, нашата смрт би била иста како онаа на животните (Проп. 3:19; 2. Пет. 2:12). Нашиот Татко Јехова, кој е полн со љубов, ни дал еден подарок со кој го платил долгот за гревот што сме го наследиле од Адам. Исус го објаснил тоа на следниов начин: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Исто така, овој подарок ни овозможува да имаме добар однос со Јехова. Ние можеме да извлечеме корист од овој прекрасен подарок, кој ни овозможува да ни бидат простени гревовите (w25.02 3, пас. 3-6).
Вторник, 17 февруари
[Савле] стана, и се крсти (Дела 9:18)
Што му помогнало на Савле да се крсти? Кога прославениот Господар Исус му се појавил, Савле ослепил (Дела 9:3-9). Три дена, ништо не јадел и не пиел и без сомнение размислувал за она што му се случило. Савле се уверил дека Исус е Месијата и дека неговите следбеници ја имаат вистинската религија. Можеме да извлечеме поуки од примерот на Савле. Тој можел да дозволи гордоста или стравот од човек да го спречи да се крсти. Но не дозволил да се случи тоа. Савле бил спремен да стане христијанин иако знаел дека ќе биде прогонуван (Дела 9:15, 16; 20:22, 23). По крштавањето, продолжил да се потпира на Јехова за да истрае во разни неволји (2. Кор. 4:7-10). Кога ќе се крстиш како Јеховин сведок, можеби ќе се соочиш со испити на верата или неволји, но нема да бидеш препуштен сам на себе. Можеш да бидеш уверен дека Бог и Христос секогаш ќе бидат со тебе (Фил. 4:13; w25.03 4, пас. 8-9).
Среда, 18 февруари
Јас не трчам бесцелно (1. Кор. 9:26)
Пофално е тоа што сме си поставиле за цел да ја читаме Библијата. Но, ако сакаме да извлечеме потполна корист од читањето на Божјата Реч, мора да правиме повеќе од тоа. Размисли за следнава споредба: За да преживеат, на растенијата им е неопходна вода, честопати во облик на дожд. Но, ако за кратко време падне многу дожд, почвата ќе биде премногу натопена со вода. Тоа нема да му користи на растението бидејќи на почвата ѝ треба време за да ја впие водата и да му помогне на растението да расте. Слично на тоа, не треба да ја читаме Библијата набрзина, односно да читаме толку брзо што нема да имаме време да размислуваме, да го запомниме и да го примениме она што го читаме (Јак. 1:24). Дали си забележал дека понекогаш ја читаш Библијата со пребрзо темпо? Што треба да правиш? Читај со побавно темпо. Потруди се да размислуваш за она што го читаш или за она што веќе си го прочитал. За таа цел, можеби ќе треба да одвоиш повеќе време за проучување за да можеш длабоко да размислуваш за она што го читаш (w24.09 4, пас. 7-9).
Четврток, 19 февруари
Бидете им послушни на оние што ве предводат (Евр. 13:17)
Кога ќе добијат некои упатства од организацијата, старешините треба внимателно да ги прочитаат и потоа да дадат сѐ од себе за да ги применат. Тие добиваат упатства не само за тоа како треба да ги изнесуваат своите точки на состаноците и какви треба да бидат нивните молитви што ги изнесуваат во име на собранието туку и како треба да се грижат за Христовите овци. Кога старешините ги применуваат сите упатства од организацијата, браќата и сестрите чувствуваат дека Јехова ги сака и дека се грижи за нив. Кога ќе добиеме некое упатство од старешините, треба спремно да го послушаме. Ако правиме така, на оние што предводат ќе им биде полесно да си ја извршат својата задача. Библијата нѐ поттикнува да им бидеме послушни и подложни на оние што предводат (Евр. 13:7, 17). Но, ова не е секогаш лесно. Зошто? Бидејќи тие се несовршени. Сепак, ако се концентрираме на нивните негативни особини наместо на нивните позитивни страни, ние, всушност, им помагаме на нашите непријатели. Зошто го велиме ова? Бидејќи така ќе ја поткопаме довербата во Божјата организација (w24.04 10, пас. 11-12).
Петок, 20 февруари
Тој ќе ги одвои луѓето едни од други (Мат. 25:32)
Дали сите оние кои ќе умрат за време на големата неволја ќе бидат засекогаш уништени без надеж за воскресение? Библијата јасно ни кажува дека оние кои отворено му се противат на Јехова и кои во Армагедон ќе бидат уништени од него и од неговите војски нема да бидат воскреснати (2. Сол. 1:6-10). Но, што е со оние кои во текот на големата неволја ќе умрат поради болест или старост, ќе загинат во некоја несреќа или ќе бидат убиени? (Проп. 9:11; Зах. 14:13). Дали некои од овие луѓе ќе бидат помеѓу неправедните кои ќе бидат воскреснати во новиот свет? (Дела 24:15). Едноставно, не знаеме. Но, во врска со идните настани, знаеме неколку работи. На пример, знаеме дека во Армагедон на луѓето ќе им биде судено на темел на тоа како се однесувале со Христовите браќа (Мат. 25:40). А оние кои ќе бидат прогласени за овци веќе ќе имаат покажано дека ги поддржуваат помазаниците и Христос (Отк. 12:17; w24.05 10-11, пас. 9-11).
Сабота, 21 февруари
Жив е Јехова! Нека е благословена мојата Карпа и нека е возвишен Богот на моето спасение! (Пс. 18:46)
Во Библијата пишува дека ние денес живееме во „особено тешки времиња“ (2. Тим. 3:1). Јеховините слуги се соочуваат со истите проблеми кои ги имаат и сите други луѓе во овој злобен сатански свет. Но, ние се соочуваме и со прогонство и со противење. Што ни помага да продолжиме да му служиме на Јехова и покрај овие проблеми? Една главна работа е тоа што сме почувствувале дека Јехова ни помага и што знаеме дека „тој е жив Бог“ (Ерем. 10:10; 2. Тим. 1:12). Јехова е вистинска личност која нѐ поддржува за време на нашите неволји и бара начини за да ни помага (2. Лет. 16:9; Пс. 23:4). Ако гледаме на него како на жив Бог, тоа ќе ни помогне успешно да се справиме со која и да било тешкотија (w24.06 20, пас. 1-2).
Недела, 22 февруари
Патеката на праведниците е како блескава светлина, која свети сѐ посилно додека сосема не се раздени (Изр. 4:18)
Ние мора и понатаму да имаме доверба во Јеховината организација. Кога ќе стане јасно дека е потребна промена во нашето разбирање на некоја библиска вистина или во начинот на кој ја вршиме службата за Јехова, браќата од Водечкото тело не се двоумат да ги направат потребните промени. Тие го прават тоа бидејќи најважно од сѐ им е да му угодат на Јехова. Исто така, тие даваат сѐ од себе за да ги темелат своите одлуки на Божјата Реч, во која се наоѓаат учењата за кои мора да се држат сите Јеховини слуги. Апостол Павле го дал следниов совет: „Како пример нека ти бидат здравите зборови“ (2. Тим. 1:13). „Здравите зборови“ се христијанските учења кои се наоѓаат во Библијата (Јован 17:17). Тие учења се темелот на сето она во што веруваме. Јеховината организација нѐ учи цврсто да се држиме за тие учења. Сѐ додека правиме така, Јехова ќе нѐ благословува (w24.07 11, пас. 12-13).
Понеделник, 23 февруари
Јехова е стрплив со вас бидејќи не сака никој да биде уништен, туку сите да дојдат до покајание (2. Пет. 3:9)
Апостол Петар од лично искуство можел да ги поучува другите за покајанието и за простувањето. Некое време по празникот Педесетница, Петар одржал говор пред мноштво Евреи во кој објаснил дека тие го убиле Месијата. Сепак, љубезно ги поттикнал: „Покајте се и обратете се за да ви бидат избришани гревовите, за да дојдат времиња на закрепнување од лицето на Јехова“ (Дела 3:14, 15, 17, 19). Значи, со ова Петар покажал дека покајанието го поттикнува грешникот да се обрати, односно да го промени својот погрешен начин на размислување и постапување и да почне да го прави она што го радува Бог. Исто така, апостолот им рекол на тие Евреи дека Јехова ќе ги избрише нивните гревови, односно дека потполно ќе им ги прости, како никогаш да не постоеле. Многу е утешно тоа што знаеме дека Јехова потполно ќе ни прости ако се покаеме за нашите гревови, дури и ако тие се многу големи! (w24.08 12, пас. 14).
Вторник, 24 февруари
Во вашиот живот нека нема љубов кон парите (Евр. 13:5)
Ако имаме силна вера дека Јехова наскоро ќе го уништи овој свет, тогаш ќе бидеме решени да се бориме против материјализмот. Всушност, во текот на големата неволја, луѓето „своето сребро ќе го испофрлаат по улиците“ затоа што ќе сфатат дека „ниту нивното сребро ниту нивното злато не ќе може да ги избави во денот на Јеховиниот гнев“ (Езек. 7:19). Наместо да се концентрираме на тоа да заработиме што е можно повеќе пари, треба да носиме одлуки кои ќе ни помогнат да се грижиме за себе и за нашето семејство, а кои истовремено ќе ни овозможат да му служиме на Јехова. Тоа вклучува да се спротивставиме на искушението непотребно да се задолжуваме или да трупаме материјални работи за кои подоцна ќе ни треба многу време за да ги одржуваме. Исто така, мора да внимаваме да не станеме премногу приврзани за нашите поседи (Мат. 6:19, 24). Додека го чекаме крајот на овој свет, материјалните работи може да бидат испит за нашата вера (w24.09 11, пас. 13-14).
Среда, 25 февруари
Кој мисли дека стои, нека внимава да не падне! (1. Кор. 10:12)
Голема е веројатноста дека, од некои наши слабости, можеме потполно да се ослободиме. Но, со некои други слабости можеби ќе треба да се бориме долго време. Размисли за апостол Петар. Поради страв од човек, тој трипати се одрекол од Исус (Мат. 26:69-75). Подоцна, се чинело дека Петар ја надминал таа слабост бидејќи храбро проповедал за Исус пред Судскиот совет (Дела 5:27-29). Но, неколку години подоцна, тој привремено престанал да јаде со христијаните кои не биле Евреи бидејќи се плашел што ќе мислат христијаните кои биле Евреи (Гал. 2:11, 12). Неговата слабост повторно излегла на површина. Можеби тој никогаш не успеал потполно да се ослободи од неа. Исто како Петар, понекогаш можеби ќе мора да се бориме со некоја слабост за која сме мислеле дека веќе сме ја надминале. Но, за да не ѝ дозволиме да нѐ наведе да направиме нешто погрешно, треба да го следиме советот на Исус да бдееме (Мат. 26:41). Дури и кога мислиш дека си силен, продолжи да избегнуваш ситуации кои можат да те наведат на искушение. Продолжи да го правиш она што си увидел дека ти помага да се бориш со слабоста (2. Пет. 3:14; w24.07 18-19, пас. 17-19).
Четврток, 26 февруари
Даде луѓе како дарови (Еф. 4:8)
Нема човек кој бил толку великодушен како Исус. Додека бил на Земјата, Исус честопати им помагал на луѓето така што правел чуда (Лука 9:12-17). А најголемиот дар од него е тоа што го дал својот живот за нас (Јован 15:13). Исус продолжил да биде дарежлив и откако воскреснал. Како што ветил, тој го замолил Јехова да го излее светиот дух за да нѐ поучува и теши (Јован 14:16, 17, фус.; 16:13). А преку собраниските состаноци, Исус и понатаму нѐ обучува да правиме ученици по целиот свет (Мат. 28:18-20). Апостол Павле напишал дека откако Исус се вознел на небото, дал „луѓе како дарови“ (Еф. 4:7, 8). Павле објаснил дека Исус ги дал овие дарови за да го поддржуваат собранието на разни начини (Еф. 1:22, 23; 4:11-13). Се разбира, овие мажи се несовршени и прават грешки (Јак. 3:2). Но нашиот Господар Исус Христос ги користи за да ни помагаат; тие се дар од него за нас (w24.10 18, пас. 1-2).
Петок, 27 февруари
Проникливоста ќе те чува (Изр. 2:11)
Давид му кажал на својот син Соломон дека, сѐ додека му е послушен на Јехова Бог, тој ќе постапува разборито. За жал, подоцна во животот, Соломон почнал да обожава други богови. Тој го изгубил пријателството со Јехова, и Бог престанал да му ја дава потребната мудрост за да владее добро и праведно (1. Цар. 11:9, 10; 12:4). Која е поуката за нас? Ако сме му послушни на Јехова, тој ќе нѐ благословува и ќе ни помага (Пс. 1:1-3). Се разбира, Јехова не ни ветува дека ќе ни дава богатство и слава какви што имал Соломон. Но, ако сме му послушни на нашиот Бог, тој ќе ни ја дава потребната мудрост за да носиме добри одлуки (Изр. 2:6, 7; Јак. 1:5). Советите од Јехова можат да ни помогнат кога носиме одлуки во врска со работата, училиштето, парите и забавата. Ако постапуваме во склад со мудроста од Бог, ќе го зачуваме нашето пријателство со него и ќе имаме вечен живот (Изр. 2:10, 11). Исто така, ќе имаме цврсти пријателства. И, нашето семејство ќе биде среќно (w24.11 10-11, пас. 11-12).
Сабота, 28 февруари
Сѐ испитувајте за да се уверите во тоа, држете се за она што е добро (1. Сол. 5:21)
Родителите во разни прилики можат да почнат интересни разговори со своите деца за Библијата или за верата во Бог. Таква прилика може да им се укаже додека разгледуваат некој музеј. Би можел да им го свртиш вниманието на децата на историските настани или артефакти кои уште повеќе ќе ги уверат во точноста на Библијата. Дали твоите деца знаат дека Божјето име го има на еден камен кој е познат како Моавскиот камен и е стар 3.000 години? Реплика на Моавскиот камен може да се види на изложбата „Библијата и Божјето име“ во главното седиште на Јеховините сведоци во Ворвик (Њујорк). На Моавскиот камен пишува дека моавскиот цар Меша се побунил против Израел. Тоа е во склад со она што го вели Библијата (2. Цар. 3:4, 5). Кога твоите деца со свои очи ќе ги видат доказите за вистинитоста и точноста на Библијата, многу ќе им се зајакне верата (w24.12 15, пас. 4, 6).