Март
Недела, 1 март
Оној што умрел, ослободен е од својот грев (Рим. 6:7)
Во Библијата читаме за праведни луѓе кои станале неправедни. Еден таков пример е цар Соломон. Тој знаел кој е Јехова и како треба да му служи, и Јехова многу го благословил. Но, подоцна Соломон почнал да обожава лажни богови. Поради гревовите на Соломон, Јехова многу се разгневил и целиот израелски народ трпел последици со векови. Точно е дека во Библијата пишува: „Соломон почина кај своите прататковци“ — израз кој се користи за верни Божји слуги како што бил цар Давид (1. Цар. 11:5-9, 43; 2. Цар. 23:13). Но, дали самото тоа што е употребен овој израз за Соломон е гаранција дека тој ќе воскресне? Библијата не го кажува тоа. Воскресението е дар од нашиот Бог полн со љубов. Тој им го дава овој дар на оние на кои сака да им даде можност да му служат засекогаш (Јов 14:13, 14; Јован 6:44). Дали Соломон ќе добие таков дар? Јехова го знае одговорот, ние не го знаеме. Но, знаеме дека Јехова ќе го направи она што е праведно (w24.05 4, пас. 9).
Понеделник, 2 март
Во твојот шатор ќе бидам гостин довека (Пс. 61:4)
Кога му го заветуваме својот живот на Јехова, ние стануваме гости во неговиот симболичен шатор. Ние имаме изобилство духовна храна и уживаме во друштвото на браќа и сестри кои исто така станале гости на Јехова. Неговиот симболичен шатор не се наоѓа само на едно одредено место. Тој е секаде каде што се наоѓаат неговите верни слуги (Отк. 21:3). Што е со оние верни Божји слуги кои починале? Дали тие сѐ уште се гости во Јеховиниот шатор? Да! Зошто можеме да го кажеме тоа? Затоа што тие сѐ уште се живи во Јеховиното сеќавање. Исус објаснил: „Дека мртвите стануваат, покажа и Мојсеј во записот за трновата грмушка, каде што го нарекува Јехова ’Богот на Авраам, Богот на Исак и Богот на Јаков‘. А тој не е Бог на мртвите, туку на живите, зашто за него сите тие се живи“ (Лука 20:37, 38; w24.06 3-4, пас. 6-7).
Вторник, 3 март
Јехова ми е сила и штит (Пс. 28:7)
Садок отишол во Хеврон вооружен и подготвен за битка (1. Лет. 12:38). Тој бил спремен да оди со Давид во битка и да ги брани Израелците од нивните непријатели. Можеби му недостигало искуство како воин, но сигурно не му недостигала храброст. Што му помогнало на еден свештеник како Садок да биде толку храбар? Тој познавал многу мажи кои биле силни и храбри. Без сомнение, тој учел од нивниот пример. Меѓу нив бил и Давид. Тоа што Давид храбро го водел „Израел во воени походи“ го поттикнало целиот народ да го поддржува со сета душа (1. Лет. 11:1, 2). Давид секогаш се потпирал на Јехова за помош кога се борел со своите непријатели (Пс. 138:3). Садок учел и од други храбри мажи како што биле Јодај и неговиот син Венај, кој бил воин, како и од 22 други заповедници кои биле на страната на Давид (1. Лет. 11:22-25; 12:26-28; w24.07 3, пас. 5-6).
Среда, 4 март
Божјата добрина сака да те доведе до покајание (Рим. 2:4)
Савле од Тарс бил човек кој направил многу лоши работи. Тој сурово ги прогонувал Христовите следбеници. Повеќето христијани веројатно мислеле дека тој нема никогаш да се промени и да се покае. Но, Исусовото размислување било далеку повозвишено од таквото несовршено човечко размислување. Исус и неговиот Татко виделе убави особини кај Савле. Исус рекол: „Овој човек ми е избран сад“ (Дела 9:15). Тој дури употребил чудо за да му помогне на Савле да се покае (Дела 7:58 — 8:3; 9:1-9, 17-20). Откако станал христијанин, Савле — подоцна познат како апостол Павле — честопати кажувал колку е благодарен за начинот на кој Јехова и Исус му покажале милосрдност и добрина (1. Тим. 1:12-15). Во една прилика, Павле чул дека собранието во Коринт му дозволило на еден човек што правел сексуален неморал да остане во собранието. Што им рекол Павле на тамошните христијани да направат? Од она што го рекол, можеме да научиме дека Јехова покажува љубов кога ги укорува своите слуги и дека покажува милост кога тие ќе се покаат (w24.08 13, пас. 15-16).
Четврток, 5 март
Затоа дојде Синот Божји, да ги уништи делата на Ѓаволот (1. Јов. 3:8)
Низ вековите, Јехова постепено откривал како можат грешните луѓе да се зближат со него. Авел, вториот син на Адам и Ева, бил првиот човек што покажал вера во Јехова по побуната во еденската градина. Бидејќи го сакал Јехова и сакал да го радува и да се зближи со него, Авел му принел жртва. Тој бил пастир и затоа зел неколку јагниња, ги заклал и му ги принел како жртва на Јехова. Како реагирал Јехова? Тој „[погледнал] со одобрување на Авел и на неговата жртва“ (1. Мој. 4:4). Јехова бил задоволен и со други слични жртви што му ги принеле луѓе кои го сакале и имале доверба во него — како што бил Ное (1. Мој. 8:20, 21). Со тоа што ги прифатил таквите жртви, Јехова покажал дека грешните луѓе можат да ја стекнат неговата наклоност и да се зближат со него (w24.08 3, пас. 5-6).
Петок, 6 март
За малку нозете ќе ми застранеа од патот, моите чекори за малку ќе се слизнеа (Пс. 73:2)
Неправдите може многу да нѐ погодат и да нѐ вознемират (Проп. 7:7). Така се чувствувале и некои верни слуги на Јехова, како Јов и Авакум (Јов 6:2, 3; Авак. 1:1-3). Тоа се сосема нормални чувства, но мора да внимаваме како реагираме за да не направиме нешто непромислено и уште повеќе да ги влошиме работите. Кога ни се чини дека оние што постапуваат неправедно си поминуваат неказнето, може да почнеме да се сомневаме дали вреди да го правиме она што е исправно. Размисли за псалмистот на кој му се чинело дека на злобните сѐ им оди во животот додека праведните страдаат. Тој рекол: „Злите се спокојни довека“ (Пс. 73:12). Тој бил толку растревожен поради неправдите што ги гледал што во еден момент си помислил дека не вреди да му служи на Јехова. Рекол: „Размислував за да го сфатам тоа, но беше мачно во моите очи“ (Пс. 73:14, 16; w24.11 3, пас. 5-7).
Сабота, 7 март
Признајте го Јехова, сите народни племиња, оддајте му слава на Јехова и признајте ја неговата моќ! (Пс. 96:7)
Ние го славиме Јехова бидејќи длабоко го почитуваме. Имаме многу причини да го почитуваме Бог. Јехова е Семоќен; неговата моќ нема граници (Пс. 96:4-7). Неговата огромна мудрост јасно се гледа од она што го создал. Тој ни дава живот и ни го дава сето она што ни е потребно за да живееме (Отк. 4:11). Тој е лојален (Отк. 15:4). Успешен е во сѐ што прави и секогаш ги исполнува своите ветувања (Ис. Нав. 23:14). Токму затоа, пророкот Еремија во врска со Јехова рекол: „Меѓу сите мудреци на народите и во сите нивни царства никој не е како тебе“ (Ерем. 10:6, 7). Без сомнение, имаме добри причини да го почитуваме нашиот небесен Татко. Но неговите прекрасни особини нѐ поттикнуваат не само да го почитуваме туку и да го сакаме. А, пред сѐ, го славиме Јехова бидејќи многу го сакаме (w25.01 3, пас. 5-6).
Недела, 8 март
Отстранете го злобниот од својата средина! (1. Кор. 5:13)
Божјите противници се обидуваат добрите работи во Јеховината организација да ги прикажат во негативно светло. На пример, од Божјата Реч сме дознале дека Јехова очекува неговите слуги да бидат чисти во физички, морален и духовен поглед. Тој рекол дека секој кој продолжува да го прави она што е погрешно и не сака да го смени своето однесување, треба да биде отстранет од собранието (1. Кор. 5:11, 12; 6:9, 10). Ние сме послушни на оваа библиска заповед. Но, нашите противници се обидуваат да го искористат тоа против нас така што нѐ обвинуваат дека сме нетолерантни, дека ги осудуваме луѓето и дека не ги сакаме. Мора да препознаеме кој, всушност, стои зад тие напади. Сатана Ѓаволот е изворот на лагите за Божјата организација. Тој е „татко на лагата“ (Јован 8:44; 1. Мој. 3:1-5). Затоа, треба да очекуваме дека Сатана ќе ги користи нашите непријатели за да шири лаги за Јеховината организација (w24.04 10-11, пас. 13-14).
Понеделник, 9 март
Тоа ќе се исполни (Езек. 33:33)
Дури и откако ќе започне големата неволја, некои што ќе го видат уништувањето на Големиот Вавилон можеби ќе се сетат дека Јеховините сведоци веќе долго време кажувале дека ќе се случи тој настан. Дали е можно некои што ќе ги видат овие настани да поверуваат во Јехова? (Отк. 17:5). Ако се случи такво нешто, тоа ќе биде слично на она што се случило во Египет во времето на Мојсеј. Сети се дека едно „мноштво други луѓе“ им се придружиле на Израелците кога излегувале од Египет. Некои од тие поединци можеби почнале да развиваат вера во Јехова кога виделе дека предупредувањата на Мојсеј во врска со десетте неволји се исполниле (2. Мој. 12:38). Ако нешто слично се случи откако ќе биде уништен Големиот Вавилон, дали ќе нѐ разочара тоа што и други луѓе ќе имаат можност да ни се придружат кратко пред да дојде крајот? Се разбира дека не! Ние сакаме да бидеме како нашиот небесен Татко, Јехова, кој е „милосрден и љубезен, бавен на гнев, полн со милост и вистина“ (2. Мој. 34:6; w24.05 11, пас. 12-13).
Вторник, 10 март
Како пример нека ти бидат здравите зборови (2. Тим. 1:13)
Што би можело да се случи ако престанеме да се држиме за „здравите зборови“? Да разгледаме еден пример. Во првиот век, некои христијани ширеле гласини дека Јеховиниот ден веќе пристигнал. Можеби имало некое писмо — за кое луѓето мислеле дека го напишал апостол Павле — во кое се наоѓало тоа тврдење. Без да одвојат време за да ги проверат фактите, некои христијани во Солун поверувале во тие гласини, па дури им ги пренесувале и на другите. Тие не би биле измамени доколку се сетеле на работите за кои Павле ги поучувал додека сѐ уште бил со нив (2. Сол. 2:1-5). Павле ги советувал браќата да не веруваат во сѐ што ќе чујат. И, за да им помогне во иднина, Павле го завршил своето второ писмо до Солуњаните со следниве зборови: „Јас, Павле, ви го пишувам овој поздрав со сопствена рака. Тоа е мојот знак во секое писмо — вака пишувам јас“ (2. Сол. 3:17; w24.07 11-12, пас. 13-14).
Среда, 11 март
Истрајноста ви е потребна (Евр. 10:36)
Бидејќи условите во Јудеја ќе се влошеле, тамошните христијани ќе се соочеле со големи испити на верата за кои ќе им била потребна истрајност. Иако некои од нив се соочиле со жестоко прогонство, многумина го прифатиле христијанството во период на релативен мир. Апостол Павле спомнал дека, иако истрајале во големи испити на верата, сѐ уште не страдале како Исус — до смрт (Евр. 12:4). Бидејќи христијанството сѐ повеќе се ширело, еврејските противници станувале сѐ погневни и понасилни. Неколку години пред Павле да го напише ова писмо, повеќе од 40 Евреи се заколнале, повикувајќи проклетство на себе, дека нема ни да јадат ни да пијат додека не го убијат Павле (Дела 22:22; 23:12-14). И покрај религиозниот фанатизам и омразата, овие христијани ќе требало да продолжат да се собираат заедно за да го обожаваат Јехова, да ја проповедаат добрата вест и да си ја зајакнуваат верата (w24.09 11, пас. 15).
Четврток, 12 март
[Исус] ѝ рече на мајка си: „Жено, еве ти син!“ (Јован 19:26)
Јован бил апостолот кого Исус Христос особено го сакал (Мат. 10:2). Јован го придружувал Исус во текот на неговата служба, бил сведок на неговите чуда и му останал верен и во тешки времиња. Тој гледал како Исус бил погубен и го видел откако воскреснал. Исто така, Јован бил сведок на ширењето на христијанството во првиот век. Тој живеел доволно долго за да види како добрата вест се проповеда „меѓу сите суштества под небото“ (Кол. 1:23). При крајот на својот долг живот, Јован имал чест да напише некои од библиските книги. Тој го напишал возбудливото „откровение на Исус Христос“ (Отк. 1:1). Го напишал и евангелието кое го носи неговото име. Под водство на светиот дух, Јован напишал и три писма. Своето трето писмо му го напишал на еден верен христијанин по име Гај, кого го сакал како свое духовно дете (3. Јов. 1). Она што го напишал овој верен постар човек служи како охрабрување за следбениците на Исус до ден-денес (w24.11 12, пас. 15-16).
Петок, 13 март
Мажи, почитувајте ги своите жени (1. Пет. 3:7)
Еден сопруг кој ја сака својата жена многу ја цени. Тој гледа на неа како на скапоцен дар од Јехова (Изр. 18:22; 31:10). Како резултат на тоа, тој се однесува со неа љубезно и со почит, вклучувајќи и кога се интимни. Тој нема да ја присилува на сексуални постапки поради кои би ѝ било непријатно, би се чувствувала понижено или би имала нечиста совест. А важно е и тој да задржи чиста совест пред Јехова (Дела 24:16). Сопрузи, може да бидете сигурни дека Јехова го гледа и го цени трудот што го вложувате за да покажете дека ја цените вашата сопруга со своите зборови и постапки. Бидете решени да ја почитувате така што нема да правите ништо со што би ја повредиле и така што ќе бидете љубезни, обѕирни и нежни со неа. Ако го правите тоа, ќе покажете дека ја сакате и дека е вредна во ваши очи. Со тоа што ќе ја почитувате вашата жена, ќе го заштитите вашето најважно пријателство — пријателството со Јехова (Пс. 25:14; w25.01 13, пас. 17-18).
Сабота, 14 март
Христос се дал себеси за нас, за да нѐ избави и да исчисти за себе народ што го избрал, кој ревносно прави добри дела (Тит 2:14)
Една работа по која Јеховините слуги се разликуваат од оние што тврдат дека се христијани е нивната ревност за службата на проповедање. Што може да ни помогне да ја задржиме, па дури и да ја зголемиме нашата ревност за службата на проповедање? Од примерот на Исус може да научиме што ќе ни помогне да бидеме ревносни во службата на проповедање. Додека ја извршувал својата служба, неговата ревност никогаш не се намалила. Всушност, како што минувало времето, тој станувал сѐ поактивен. Исто како лозарот кој три години се обидувал да одгледува смоква која не дала никаков плод, Исус околу три години им проповедал на Евреите од кои повеќето не станале негови ученици. Меѓутоа, исто како што лозарот не се откажал од смоквата, така и Исус не се откажал од луѓето и не престанал да им проповеда (Лука 13:6-9). Ако учиме од она за кое тој поучувал и од она што тој го правел, и ние ќе може да останеме ревносни (w25.03 14-15, пас. 1-4).
Недела, 15 март
Со делата на паметниот човек управува знаењето (Изр. 13:16)
Што ако за некого мислиш дека би ти бил добар брачен партнер? Дали треба веднаш да му кажеш што чувствуваш? Библијата вели дека една мудра личност стекнува знаење пред да направи нешто. Затоа би било мудро, пред да покажеш дека се интересираш за некого, дискретно да го набљудуваш. Како можеш дискретно да ја набљудуваш другата личност? На собраниските состаноци или додека се дружите со други браќа и сестри, можеби ќе забележиш некои работи во врска со духовноста, особините и однесувањето на тоа лице. Кои се негови пријатели и за што зборува? (Лука 6:45). Дали имате слични цели? Можеш да зборуваш со старешините од неговото собрание или со други зрели браќа и сестри кои добро го познаваат (Изр. 20:18). Можеш да прашаш на каков глас е и какви особини има (Рут 2:11). Додека го набљудуваш лицето, внимавај да не предизвикаш да се чувствува непријатно. Почитувај ги неговите чувства и неговата приватност, и немој да го следиш на секој чекор (w24.05 22, пас. 7-8).
Понеделник, 16 март
Конечно ти го признав гревот (Пс. 32:5)
Старешините не заклучуваат пребрзо дека оној што направил тежок грев нема да се покае. Некој можеби ќе се покае за време на првиот состанок со одборот, но на некој друг можеби ќе му треба повеќе време. Затоа, старешините можеби ќе се договорат со престапникот да се состанат повеќе пати. По првиот состанок, лицето можеби ќе почне сериозно да размислува за она што му било кажано и понизно ќе го моли Јехова да му го прости гревот (Пс. 38:18). Затоа, на следниот состанок, престапникот можеби ќе има поинаков став од оној што го покажал на првиот состанок. За да му помогнат на престапникот да се покае, старешините покажуваат сочувство и љубов. Тие го молат Јехова да го благослови нивниот труд и се надеваат дека нивниот соверник ќе се вразуми и ќе се покае (2. Тим. 2:25, 26; w24.08 22-23, пас. 12-13).
Вторник, 17 март
„Мене не ми е мила смртта на оној што умира“, вели Севишниот Господар Јехова. „Затоа, одвратете се и живејте!“ (Езек. 18:32)
Јехова не сака никој да биде уништен! Тој сака грешниците да се помират со него (2. Кор. 5:20). Токму затоа, низ историјата, Јехова секогаш одново ги поттикнувал неговите слуги кои го напуштиле да се покаат и да му се вратат. Собраниските старешини имаат чест да соработуваат со Јехова додека се трудат да им помогнат на оние што направиле тежок грев да се покаат (Рим. 2:4; 1. Кор. 3:9). Замисли колкава радост има на небото кога еден грешник ќе се покае! Нашиот небесен Татко, Јехова, многу се радува секојпат кога една од неговите загубени овчички ќе се врати во собранието. Нашата љубов кон Јехова продолжува да расте додека размислуваме за неговото сочувство, за неговата милост и за неговата незаслужена доброта (Лука 1:78; w24.08 31, пас. 16-17).
Среда, 18 март
Исус, бидејќи знаеше дека сакаа да дојдат, да го фатат и да го направат цар, повторно се повлече во планината, сосема сам (Јован 6:15)
Доколку им дозволел на луѓето да го направат цар, Исус би се вмешал во политиката на Евреите, кои биле под римска власт. Исус решително се повлекол во планината. Значи, тој не попуштил на притисокот од другите и не се вмешал во политика. Колку важна поука за нас! Се разбира, денес другите нема да бараат од нас со чудо да обезбедиме храна или да лекуваме болни, ниту пак ќе се обидат да нѐ направат владетели. Но тие можеби ќе нѐ поттикнат да се вмешаме во политика така што ќе гласаме за некого или ќе покажеме дека поддржуваме некого за кого тие сметаат дека ќе направи промени. Но поуката од примерот на Исус е јасна. Тој одбил да се вмеша во политика, а подоцна дури и рекол: „Моето царство не е дел од овој свет“ (Јован 17:14; 18:36). Како христијани, ние треба да размислуваме и да постапуваме како Исус. Ние го поддржуваме, сведочиме и се молиме за тоа Царство (Мат. 6:10; w24.12 4, пас. 5-6).
Четврток, 19 март
Кој ги има моите заповеди и ги држи, тој ме сака. А кој ме сака мене, него ќе го сака и мојот Татко, и јас ќе го сакам и ќе му се објавам (Јован 14:21)
Додека проучуваш, размислувај како да го примениш она што го учиш. На пример, угледај се на Јеховината правда така што ќе постапуваш со другите непристрасно. Угледај се на Исусовата љубов кон Таткото и кон луѓето така што спремно ќе го правиш она што Јехова го бара и ќе им помагаш на твоите соверници дури и кога тоа нема да биде лесно. И, угледај се на Исус така што ќе им сведочиш на другите за и тие да имаат можност да го прифатат Јеховиниот скапоцен подарок. Колку повеќе ја разбираме и ја цениме откупнината, толку повеќе ги сакаме Јехова и неговиот Син. За возврат, тие уште повеќе ќе нѐ сакаат нас (Јак. 4:8). Затоа, да го користиме она што Јехова ни го обезбедува за и понатаму да учиме за откупнината (w25.01 25, пас. 16-17).
Петок, 20 март
Сите мои гревови ти ги фрли зад грб (Иса. 38:17)
Денешниот стих би можел да се преведе и на следниов начин: „На моите гревови ти гледаш како никогаш да не се случиле“. Во Библијата, оваа мисла е нагласена и со една друга споредба која е запишана во Михеј 7:18, 19. Во овие стихови пишува дека Јехова ги фрла нашите гревови во морските длабочини. Во минатото, ако нешто било фрлено во морските длабочини, никогаш повеќе не можело да се најде. Од овие споредби, дознавме дека, кога Јехова ни простува, тој нѐ ослободува од товарот на нашите гревови. Како што рекол Давид, „среќни се оние чии незаконски дела се простени и чии гревови се покриени“ (Рим. 4:7). Ова е вистинско простување! (w25.02 9, пас. 7-8).
Сабота, 21 март
Радувајте се и веселете се довека поради она што го создавам! (Иса. 65:18)
Денес на Земјата постои еден симболичен рај полн со луѓе кои се зафатени правејќи добри работи. Во него има милиони луѓе кои чувствуваат вистински мир. Оние кои веќе се наоѓаат во овој рај се решени никогаш да не го напуштат. Исто така, тие сакаат колку што е можно повеќе луѓе да им се придружат во таа прекрасна средина. За што станува збор? За духовниот рај! Извонредно е тоа што Јехова создал едно симболично место каде што неговиот народ е обединет и во мир иако живее во светот на Сатана кој е полн со злоба, опасности и омраза (1. Јов. 5:19; Отк. 12:12). Нашиот Бог, кој е полн со љубов, гледа како овој свет им нанесува штета на луѓето, но тој им помага на своите слуги да се чувствуваат безбедно за да можат да продолжат да му служат со радост. Неговата Реч го опишува духовниот рај како безбедно „прибежиште“ и „како добро наводнета градина“ (Иса. 4:6; 58:11). Поради благословот од Јехова, оние кои живеат во овој рај се чувствуваат среќно и безбедно во овие последни тешки денови (Иса. 54:14; 2. Тим. 3:1; w24.04 20, пас. 1-2).
Недела, 22 март
Изнесете му ги своите барања на Бог (Фил. 4:6)
Ако сакаш да стапиш во брак, сигурно се молиш во врска со тоа. Се разбира, Јехова не ветува дека секој негов слуга ќе најде брачен партнер. Но тој се грижи за твоите потреби и чувства и може да ти помогне додека се обидуваш да најдеш брачен партнер. Затоа, продолжи да му кажуваш кои се твоите желби и како се чувствуваш (Пс. 62:8). Моли се за стрпливост и за мудрост (Јак. 1:5). Дури и ако не најдеш веднаш некој кој би можел да ти биде брачен другар, Јехова ветува дека ќе продолжи да се грижи за твоите физички и емоционални потреби (Пс. 55:22). Сепак, внимавај на следново: Додека се трудиш да најдеш брачен другар, не дозволувај тоа да стане најважното нешто во твојот живот (Фил. 1:10). Вистинската среќа не зависи од тоа дали си во брак, туку од твојот однос со Јехова (Мат. 5:3). А додека си самец, имаш поголема слобода и можеш да правиш повеќе во службата за Јехова (1. Кор. 7:32, 33). Затоа, добро искористи го тоа време (w24.05 21, пас. 4; 22, пас. 6).
Понеделник, 23 март
Не грижете се само за себе туку и за другите (Фил. 2:4)
Колку долго треба да трае вашата врска? Избрзаните одлуки честопати водат до лоши последици (Изр. 21:5). Значи, вашата врска треба да трае доволно долго за да можете добро да се запознаете. Но, врската не треба да трае подолго отколку што навистина е потребно. И, Библијата вели: „Од предолго исчекување се разболува срцето“ (Изр. 13:12). Што можат да прават другите кога двајца се во врска? Би можеле да ги поканиме на оброк, на нашата Семејна вечер или заедно да се рекреираме (Рим. 12:13). Би можел да им помогнеш така што ќе излезеш со нив, ќе ги придружуваш додека се возат во автомобил или ќе ги поканиш кај тебе на гости за да можат да си зборуваат за лични работи (Гал. 6:10). Ако двајца што се во врска те замолат да ги придружуваш додека се некаде заедно, гледај на тоа како на еден важен начин на кој можеш да им помогнеш на твоите пријатели. Внимавај да не ги оставиш сосема сами, но исто така процени кога ќе им бидат потребни време и простор за да си зборуваат за лични работи (w24.05 30, пас. 13-14).
Вторник, 24 март
Ѝ дадов време да се покае (Отк. 2:21)
Старешините се трудат да утврдат кои работи воделе до тоа едно лице да направи грев. На пример, дали поединецот постепено ослабнал духовно затоа што го занемарил личното проучување или затоа што не одел редовно во служба? Дали престанал редовно да му се моли на Јехова или неговите молитви станале површни? Дали престанал да им се спротивставува на погрешните желби? Дали донел немудри одлуки во поглед на друштвото или забавата? Како влијаеле тие одлуки врз неговото срце? Дали сфаќа како неговите постапки и одлуки влијаат врз неговиот Татко, Јехова? Со тоа што поставуваат соодветни прашања, без непотребно да навлегуваат во приватноста, старешините на љубезен начин го поттикнуваат престапникот да размисли за работите кои придонеле да му ослабне пријателството со Јехова и да направи грев (Изр. 20:5). Освен тоа, тие можат да употребат некоја споредба за да му помогнат на лицето да размисли за своите постапки и да сфати зошто тие се погрешни. Можеби за време на првиот состанок со него, престапникот ќе почне да жали за одлуките што ги донел и за начинот на кој размислува. А можеби дури и ќе се покае (w24.08 22, пас. 9-11).
Среда, 25 март
И на другите градови морам да им ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен (Лука 4:43)
Исус ревносно ја проповедал „добрата вест за Божјето царство“ затоа што знаел дека Бог сака тој да го прави тоа. На Исус, проповедањето на добрата вест му било најважното нешто во животот. Дури и при крајот на неговата служба, тој патувал „низ градовите и селата“ поучувајќи ги другите (Лука 13:22). Исто така, обучувал и други да ја проповедаат добрата вест (Лука 10:1). И денес, проповедањето на добрата вест е најважното дело што Јехова и Исус сакаат да го вршиме (Мат. 24:14; 28:19, 20). Може да станеме поревносни во службата ако гледаме на луѓето онака како што гледа Јехова. Тој сака колку што е можно повеќе луѓе да ја чујат добрата вест и да ја прифатат (1. Тим. 2:3, 4). За таа цел, Јехова нѐ обучува за да можеме повешто да ја пренесуваме оваа животоспасувачка порака. Дури и да не ја прифатат пораката сега, можеби ќе имаат можност да го направат тоа пред да заврши големата неволја (w25.03 15-16, пас. 5-7).
Четврток, 26 март
Кој го поздравува, тој учествува во неговите зли дела (2. Јов. 11)
Секој христијанин треба да постапи во склад со својата совест обликувана на темел на Библијата кога станува збор за едно лице кое е отстрането од собранието. Некои можеби ќе одлучат да го поздрават таквото лице и да му изразат добредојде на состанокот. Сепак, ние нема да водиме долги разговори ниту да се дружиме со него. Некои можеби се прашуваат: „Зарем Библијата не вели дека еден христијанин што поздравува такво лице ’учествува во неговите зли дела‘?“ (2. Јов. 9-11). Контекстот на овие стихови покажува дека ова упатство се однесува на отпадниците и на секој што ги поттикнува другите да го прават она што Библијата вели дека е погрешно (Отк. 2:20). Затоа, ако некој шири отпаднички учења или на друг начин ги поттикнува другите да постапуваат погрешно, старешините нема да го посетат тоа лице. Се разбира, постои надеж дека тој некогаш ќе се вразуми и ќе се покае. Но, сѐ додека не се случи тоа, ние нема ниту да го поздравуваме тоа лице ниту да го каниме да присуствува на собраниски состанок (w24.08 30, пас. 14-15).
Петок, 27 март
Нивните срца и понатаму не можеа да го разберат тоа (Мар. 6:52)
Откако нахранил едно мноштво, Исус им рекол на своите апостоли да заминат од тоа место и да одат кон Капернаум со чамец, а тој се повлекол во планината и со тоа спречил луѓето да го направат цар (Јован 6:16-20). Додека апостолите пловеле по морето, започнала голема бура со силен ветер и големи бранови. Тогаш, Исус дошол блиску до нив одејќи по водата и му рекол на апостол Петар и тој да оди по водата (Мат. 14:22-31). Кога Исус влегол во чамецот, ветрот стивнал. Учениците восхитено рекле: „Навистина, ти си Божји Син“ (Мат. 14:33). Сепак, тие не ја сфатиле поврзаноста помеѓу ова чудо и она што претходно се случило со мноштвото. Марко го додал следниов детаљ: „[Апостолите] многу се зачудија, бидејќи не сфатија што значеше чудото со лебовите“ (Мар. 6:50-52). Тие не сфатиле колку голема моќ Јехова му дал на Исус за да прави чуда (w24.12 5, пас. 7).
Сабота, 28 март
[Бог] сака најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината (1. Тим. 2:4)
Може да возвратиме на Јеховината љубов со тоа што ќе го искористиме периодот околу Спомен-свеченоста оваа година за да му покажеме на Јехова колку сме благодарни за откупнината. Освен што ќе планираме да бидеме присутни на Спомен-свеченоста, можеме да поканиме и други да присуствуваат. На оние што ќе ги поканиш, објасни им што ќе се случува во текот на Спомен-свеченоста. Би било корисно на jw.org да им ги покажеш видеоклиповите Зошто умрел Исус? и Сеќавај се на смртта на Исус Христос. Старешините треба да вложат труд да ги поканат неактивните. Замисли колкава радост ќе има и на небото и на Земјата ако некоја од Јеховините загубени овчички биде поттикната да се врати во стадото! (Лука 15:4-7). Да си поставиме за цел да ги поздравиме присутните на Спомен-свеченоста, а особено новите или оние кои не присуствувале долго време. Сакаме да се чувствуваат добредојдено! (Рим. 12:13; w25.01 29, пас. 15).
Недела, 29 март
Бог нѐ сакаше нас и го испрати својот Син како жртва помирница за нашите гревови (1. Јов. 4:10)
Откупнината ни помага да сфатиме дека Јехова е праведен, но особено ни помага да ја разбереме длабочината на неговата љубов (Јован 3:16; 1. Јов. 4:9, 10). Откупнината ни открива дека Јехова сака не само да имаме вечен живот туку и да бидеме дел од неговото семејство. Размисли: Кога Адам згрешил, Јехова го истерал од своето семејство на верни слуги. Поради тоа, никој од нас не е роден како дел од Божјето семејство. Но на темел на откупнината, сите луѓе кои имаат вера во Бог и му се послушни, еден ден ќе станат дел од неговото семејство. Уште денес можеме да имаме блиско пријателство со Јехова и со нашите соверници. Јехова навистина нѐ сака! (Рим. 5:10, 11; w25.01 21, пас. 6).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 9 нисан) Јован 12:12-19; Марко 11:1-11
Понеделник, 30 март
Божјата љубов се покажа на нас во ова (1. Јов. 4:9)
Без сомнение, ќе се согласиш дека откупнината е скапоцен подарок! (2. Кор. 9:15). Бидејќи Исус го жртвувал својот живот, ти можеш да бидеш близок пријател со Јехова Бог. А можеш и да имаш надеж за вечен живот. Имаме многу причини да му бидеме благодарни на Јехова, кој ја обезбедил откупнината затоа што многу нѐ сака! (Рим. 5:8). За да ни помогне да останеме благодарни и никогаш да не ја земаме откупнината здраво за готово, Исус го воспоставил годишното одбележување на неговата смрт (Лука 22:19, 20). Оваа година, Спомен-свеченоста ќе се одбележи во четврток, 2 април 2026 год. Без сомнение, сите ние планираме да присуствуваме. Многу ќе ни користи ако во периодот околу Спомен-свеченоста си одвоиме време длабоко да размислуваме за она што Јехова и неговиот Син го направиле за нас (w25.01 20, пас. 1-2).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 10 нисан) Јован 12:20-50
Вторник, 31 март
Прифатете ја мојата поука, а не сребро, и порадо прифатете знаење отколку најдобро злато (Изр. 8:10)
Можеш и понатаму да учиш за љубовта на Јехова Бог и на Христос Исус кон нас ако продолжиш длабоко да размислуваш за сето она што го направиле. Во периодот околу Спомен-свеченоста оваа година, можеш внимателно да прочиташ едно или неколку евангелија. Не се обидувај да поминеш премногу материјал одеднаш. Наместо тоа, читај побавно и барај дополнителни причини зошто треба да ги сакаме Јехова и Исус. Ако долги години си во вистината, можеби се прашуваш дали сѐ уште има нови работи кои можеш да ги откриеш за познати теми, како што се Божјата правда, Божјата љубов и откупнината. Факт е дека секогаш ќе има нешто ново што можеме да го научиме за овие и за други теми. Во нашите публикации има изобилство информации кои можеш да ги читаш и проучуваш (w25.01 24-25, пас. 13-15).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 11 нисан) Лука 21:1-36