Април
Среда, 1 април
Волјата на мојот Татко е: секој што го гледа Синот и верува во него да има вечен живот (Јован 6:40)
За да добиеме вечен живот, треба да покажуваме вера во откупнината (Еф. 1:7). Оние што спаѓаат во групата која Исус ја нарекол „други овци“ не земаат и не треба да земаат од лебот и од виното на годишното одбележување на Господаровата вечера (Јован 10:16). Сепак, тие јадат од „лебот на животот“ така што покажуваат вера во откупната жртва на Исус Христос (Јован 6:53). Од друга страна, оние што го сочинуваат „малото стадо“ треба да земаат од лебот и од виното и со тоа покажуваат дека се дел од новиот сојуз и дека имаат надеж да владеат со Исус на небото. Без разлика дали сме дел од помазаниците или од другите овци, треба да покажуваме вера и така да добиеме вечен живот (w24.12 13, пас. 14, 16).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 12 нисан) Матеј 26:1-5, 14-16; Лука 22:1-6
СПОМЕН-СВЕЧЕНОСТ
по зајдисонце
Четврток, 2 април
Не плаши се, мало стадо, зашто волјата на вашиот Татко е да ви го даде царството (Лука 12:32)
За време на Господаровата вечера, Исус им понудил бесквасен леб на своите апостоли и им кажал дека тој го претставува неговото тело. Потоа, им дал вино и им кажал дека тоа ја претставува неговата „крв на сојузот“ (Мар. 14:22-25; Лука 22:20; 1. Кор. 11:24). Во овој нов сојуз се вклучени оние од „домот на [духовниот] Израел“, кои ќе владеат со Исус во Божјето Царство (Евр. 8:6, 10; 9:15). Она што Исус го кажал на Господаровата вечера се однесувало на „малото стадо“. Првите што станале дел од оваа мала група биле неговите верни апостоли кои биле заедно со него во просторијата. Ним, Исус им дал да јадат од лебот и да пијат од виното таа вечер. Тоа се оние кои ќе бидат со Исус на небото (w24.12 11, пас. 9-10).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 13 нисан) Матеј 26:17-19; Марко 14:12-16; Лука 22:7-13 (настани по зајдисонце: 14 нисан) Јован 13:1-5; 14:1-3
Петок, 3 април
Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот (Јован 3:16)
Исус бил предаден од еден негов близок пријател. Потоа, непријателите го уапсиле, го навредувале и го обвиниле за работи што не ги направил. Тие го осудиле Исус на смрт и потоа го мачеле. На крајот, војниците го приковале на столб за да го убијат. Исус верно истрајал додека ги трпел тие болки и страдања. Но, Јехова страдал уште повеќе додека гледал како Исус се мачи. Јехова ја имал моќта и способноста да го прекине страдањето на неговиот Син, но се воздржал и не го направил тоа. Јехова дозволил неговиот сакан Син да страда и да умре. Зошто? Бидејќи има голема љубов кон нас. Жртвата на Исус е најголемиот доказ за тоа колку многу Јехова те сака тебе. Тој го жртвувал својот сакан Син и ја претрпел најголемата можна болка за да те спаси од гревот и од смртта (1. Јов. 4:9, 10). Јехова сака да му помогне на секого од нас да се бори против гревот и да извојува победа! (w24.08 6, пас. 13-14).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 14 нисан) Јован 19:1-42
Сабота, 4 април
Христос страдаше за вас (1. Пет. 2:21)
Уште подобро ќе сфатиме колку многу Јехова нѐ сака ако размислиме колку скапо го чинела откупнината. Сатана тврди дека ниту еден слуга на Бог нема да му остане верен во ситуации кога тоа ќе му биде тешко. За да го побие тоа обвинение, Јехова дозволил Исус да страда пред да умре (Јов 2:1-5). Јехова гледал додека Исус бил исмејуван од луѓето, камшикуван од војниците и прикован на столб. И тогаш, пред негови очи, неговиот мил Син умрел во тешки маки (Мат. 27:28-31, 39). Јехова можел во секое време да го спречи тоа (Мат. 27:42, 43). Но ако Бог се вмешал, немало да биде платена откупнина и ние ќе бевме оставени без надеж. Затоа Јехова дозволил неговиот Син да страда сѐ до последниот здив (w25.01 22, пас. 7).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 15 нисан) Матеј 27:62-66 (настани по зајдисонце: 16 нисан) Јован 20:1
Недела, 5 април
Четириесет дена им се појавуваше (Дела 1:3)
Замисли дека е 16 нисан 33 год. од н.е. Учениците на Исус се многу тажни и исплашени. Двајца од нив излегуваат од Ерусалим и се упатуваат кон Емаус. Еден непознат човек им пристапува и им се придружува по патот. Учениците му кажуваат колку се разочарани поради она што му се случило на Исус. Потоа човекот почнува да им кажува работи кои тие никогаш нема да ги заборават. „Почнувајќи од Мојсеј и од сите Пророци“, тој им објаснува зошто Месијата морал да страда и да умре. Кога пристигнуваат во Емаус, двајцата ученици сфаќаат дека непознатиот човек, всушност, е воскреснатиот Исус! (Лука 24:13-35). За време на неговите последни 40 дена на Земјата, Исус им се појавил на своите ученици многу пати. Тој ги охрабрил своите ученици кои биле исплашени и тажни. Како резултат на тоа, тие станале радосни и добиле храброст да ја проповедаат добрата вест и да ги поучуваат луѓето за Бог (w24.10 12, пас. 1-3).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 16 нисан) Јован 20:2-18
Понеделник, 6 април
Изградувајте се врз својата најсвета вера (Јуда 20)
Со текот на времето, едно дете ќе порасне и ќе стане возрасна личност. Но, никој не може автоматски да стане духовно зрел. На пример, браќата и сестрите во Коринт ја прифатиле добрата вест, се крстиле, примиле свет дух и многу научиле од поуките на апостол Павле (Дела 18:8-11). Сепак, неколку години по нивното крштавање, многумина од нив сѐ уште не биле зрели во духовен поглед (1. Кор. 3:2). За да станеме зрели, најпрво мора да развиеме желба да бидеме зрели. Оние што го сакаат „неискуството“, односно сакаат да останат бебиња во духовен поглед, никогаш нема да станат зрели (Изр. 1:22, фус.). Ние не сакаме да бидеме како некој што е возрасен во физички поглед, но не ја прифаќа одговорноста да носи одлуки, туку чека неговите родители да носат одлуки за него. Наместо тоа, сакаме да ја преземеме одговорноста за нашиот духовен раст, односно да работиме на тоа да стануваме сѐ поблиски со Јехова. Ако сѐ уште се трудиш да станеш зрел во духовен поглед, моли го Јехова да ти дава и желба и сила да го постигнеш тоа (Фил. 2:13; w24.04 4, пас. 9-10).
Вторник, 7 април
Јехова не сака никој да биде уништен (2. Пет. 3:9)
Јехова ни открива како се чувствува кога треба да им суди на луѓето (Езек. 33:11). Јехова нема да уништи некого засекогаш доколку нема многу добра причина за тоа. Тој е многу милосрден и покажува милост секогаш кога тоа е можно. Што знаеме за луѓето кои нема да бидат воскреснати? Библијата спомнува само неколку примери. Исус укажал на тоа дека Јуда Искариот нема да биде воскреснат (Мар. 14:21; види и Јован 17:12). Јуда знаел дека она што го направил било против Јехова Бог и Неговиот Син, но сепак намерно го направил тоа. (Види Марко 3:29.) Слично на тоа, Исус рекол дека некои од верските водачи што му се противеле ќе умрат без надеж за воскресение (Мат. 23:33). И апостол Павле предупредил дека отпадниците кои нема да се покаат, нема да воскреснат (Евр. 6:4-8; 10:29; w24.05 4, пас. 10-11).
Среда, 8 април
Јехова ги чува верните (Пс. 31:23)
Ако останеме блиски со Јехова, Сатана нема да може да ни нанесе никаква трајна штета (1. Јов. 3:8). Во новиот свет, Јехова ќе продолжи да ги заштитува своите верни пријатели не само од духовни опасности туку и од смртта (Отк. 21:4). Навистина е голема чест да се биде гостин во шаторот на Јехова. Ние можеме да имаме блиско пријателство со него, кое може да трае вечно (Езек. 37:27). Што треба да правиме ако сакаме и понатаму да бидеме негови гости? Ако си поканет во нечиј дом, без сомнение ќе сакаш да знаеш што очекува домаќинот од тебе. Слично на тоа, ние сигурно сакаме да знаеме што очекува Јехова од оние кои сакаат да останат негови гости. Нашата љубов кон Јехова нѐ поттикнува да правиме сѐ што можеме за потполно да му угодиме (Кол. 1:10). Секогаш треба да имаме стравопочит кон него и никогаш да не заборавиме кој е тој. Таквата почит ќе ни помогне да не направиме нешто што ќе го повреди. Ние сакаме секогаш скромно да одиме со нашиот Бог (Мих. 6:8; w24.06 4, пас. 8-9).
Четврток, 9 април
Посредуваше за престапниците (Иса. 53:12)
Јехова побарал од Авраам да го жртвува својот сопствен син Исак. За Авраам ова сигурно била најтешката задача што можел да си ја замисли. Сепак, тој бил спремен да го послуша Јехова. Но, во последен момент, Бог го спречил Авраам да го убие својот син. Сите луѓе што имаат вера можат да извлечат важна поука од овој пример — Јехова бил спремен да го принесе како жртва својот сопствен Син. Ова покажува колку голема љубов има Јехова кон луѓето (1. Мој. 22:1-18). Со векови подоцна, кога им го дал Законот на Израелците, Јехова им кажал да принесуваат животински жртви за да им бидат простени гревовите (3. Мој. 4:27-29; 17:11). Тие жртви укажувале на тоа дека Јехова ќе обезбеди една подобра жртва која потполно ќе го избави човештвото од гревот. Под водство на светиот дух, Божјите пророци објасниле дека ветеното потомство, за кое подоцна се покажало дека е единородниот Божји Син, ќе треба да страда и да умре за да го избави човештвото, вклучувајќи те и тебе, од гревот и од смртта! (Иса. 53:1-12; w24.08 4, пас. 7-8).
Петок, 10 април
Колку го сакам твојот закон! Цел ден размислувам за него (Пс. 119:97)
Кога ја читаш Библијата, потруди се да најдеш начини да го примениш она што го читаш. Додека читаш некој дел од Божјата Реч, прашај се: „Како можам да ја применам оваа информација сега или во блиска иднина?“ На пример, да речеме дека во твоето читање на Библијата се вклучени стиховите од 1. Солуњаните 5:17, 18. Откако ќе ги прочиташ овие два стиха, би можел да застанеш и да размислиш колку често и колку сесрдно се молиш. Исто така, би можел да размислуваш за работите за кои си благодарен. Можеби ќе одлучиш да му се заблагодариш на Јехова за три конкретни работи. Дури и ако само неколку минути размислуваш за поуките од Библијата, тоа ќе ти помогне да ја разбереш Божјата Реч и да го правиш она што таа го вели. Помисли колкава корист ќе извлечеш ако го правиш ова секој ден и со други делови што ги читаш од Библијата. Без сомнение, со текот на времето, ќе станеш подобар слуга на Јехова (w24.09 4-5, пас. 9-10).
Сабота, 11 април
Чувајте се за да не го изгубите плодот од нашата работа, туку да добиете полна плата (2. Јов. 8)
Јехова нѐ создал со уникатна способност. Иако се радуваме кога ќе добиеме нешто, уште поголема радост чувствуваме кога ние даваме. Убаво ни е кога можеме да им помогнеме на нашите соверници. И нѐ радува кога тие ќе ја покажат својата благодарност. Сепак, сеедно дали некој ќе ни покаже благодарност или не, можеме да бидеме задоволни затоа што знаеме дека сме постапиле исправно. Никогаш не заборавај дека, што и да дадеш, „Јехова може да ти даде многу повеќе од тоа“ (2. Лет. 25:9). Ние никогаш не можеме да им дадеме на другите повеќе отколку што Јехова може да ни даде нам! И, најголемата награда што можеме да ја добиеме е наградата од Јехова. Затоа, да бидеме решени да продолжиме да го следиме примерот на нашиот дарежлив небесен Татко! (w24.09 31, пас. 20-21).
Недела, 12 април
Ќе те фалам, о Јехова, Боже мој, со сето свое срце, ќе го славам твоето име довека (Пс. 86:12)
Јехова е милосрден и сочувствителен (Пс. 103:13; Иса. 49:15). Кога ние чувствуваме болка, и тој чувствува болка (Зах. 2:8). Јехова ни помага да станеме блиски пријатели со него (Пс. 25:14; Дела 17:27). И, Јехова е понизен. Во Библијата пишува: „Тој се наведнува за да ги погледне небото и земјата, од правот го подига бедниот“ (Пс. 113:6, 7). Поради сите овие причини, сакаме да го славиме нашиот прекрасен Бог. Го славиме Јехова бидејќи сакаме другите да го запознаат. Многумина не ја знаат вистината за Јехова. Зошто? Бидејќи Сатана ги заслепил со тоа што шири ужасни лаги за Бог (2. Кор. 4:4). Сатана ги убедува луѓето дека Јехова е одмаздољубив, бесчувствителен и дека е виновен за голем дел од страдањата во светот. Но ние ја знаеме вистината за нашиот Бог. Имаме можност да ги побиеме лагите на Сатана, и така да му донесеме слава на Јехова (Иса. 43:10; w25.01 3, пас. 6-7).
Понеделник, 13 април
Сатана го заведува целиот свет (Отк. 12:9)
Иако Божјиот Син, Исус, бил совршен и правел извонредни чуда, Сатана користел некои луѓе за да рашири многу лаги за него. На пример, верските водачи му кажувале на народот дека моќта што ја имал Исус да истерува демони му ја дал „владетелот на демоните“ (Мар. 3:22). Кога било судењето на Исус, верските водачи го обвиниле за богохулие и го поттикнале народот да бара Исус да биде погубен (Мат. 27:20). Подоцна, додека Христовите следбеници ја проповедале добрата вест, оние кои им се противеле ги растревожиле луѓето и ги подбуцнале да ги прогонуваат (Дела 14:2, 19). Во врска со Дела 14:2, во Стражарска кула од 1 декември 1998 пишуваше: „Незадоволни од тоа што самите тие ја отфрлиле пораката, еврејските противници се зафатиле со една клеветничка кампања, обидувајќи се кај нееврејското население да создадат предрасуди против христијаните“. Денес, Сатана сѐ уште „го заведува целиот свет“ (w24.04 11, пас. 15-16).
Вторник, 14 април
Зарем Судијата на целата земја нема да го прави она што е праведно? (1. Мој. 18:25)
Дали некој ќе може да живее вечно не зависи од тоа кога ќе умре. Јехова е совршен Судија — неговите одлуки секогаш се исправни и праведни (Пс. 33:4, 5). Можеме да бидеме сигурни дека „Судијата на целата земја“ ќе го прави она што е праведно. Исто така, разумно е да заклучиме дека можноста некој да живее вечно не зависи од тоа каде живее. Јехова никогаш не би прогласил милиони луѓе за „јарци“ само затоа што живеат во земји во кои никогаш немале можност да ја чујат добрата вест за Божјето Царство (Мат. 25:46). Праведниот Судија на целата Земја се грижи многу повеќе за овие поединци отколку што ние некогаш би можеле. Ние не знаеме како Јехова ќе ги води настаните за време на големата неволја. Кога ќе видат што се случува за време на големата неволја, некои од овие луѓе можеби ќе бидат поттикнати да поверуваат во Јехова и да застанат на негова страна кога тој ќе го посвети своето име пред сите народи (Езек. 38:16; w24.05 12, пас. 14-15).
Среда, 15 април
Сакајте се еден со друг (Јован 15:12)
Јеховините слуги сакаат да си помагаат еден на друг (2. Кор. 8:4). Но, понекогаш за тоа е потребна храброст. На пример, кога ќе избувне војна, локалните старешини сфаќаат дека на браќата и сестрите им се потребни охрабрување и поддршка. Освен тоа, сфаќаат дека можеби ќе треба да се погрижат соверниците да имаат пристап до Библијата и до библиските публикации, како и да им обезбедат храна, облека и покрив над главата. Поттикнати од љубов кон соверниците, старешините се грижат за нивните потреби дури и кога тоа е многу опасно. Во такви околности важно е да останеме обединети. Биди им послушен на упатствата од твојата подружница (Евр. 13:17). Старешините треба редовно да ги разгледуваат локалните упатства за тоа како да се подготват за катастрофа, како и упатствата од организацијата во врска со тоа што да прават за време на катастрофа (1. Кор. 14:33, 40). Биди храбар, но претпазлив (Изр. 22:3). Размислувај пред да направиш нешто. Не се изложувај на непотребни ризици. Потпирај се на Јехова. Тој може да ти помогне да им ја пружиш потребната помош на твоите браќа на безбеден начин (w24.07 4, пас. 8; 5, пас. 11).
Четврток, 16 април
Во својата неволја го повикував Јехова и мојот вик сега дојде до неговите уши (Пс. 18:6)
Цар Давид го познавал Јехова и се потпирал на него. Кога цар Саул и други се обидувале да го убијат, тој му се молел на Јехова за помош. Откако Бог одговорил на неговата молитва и го избавил, Давид рекол: „Жив е Јехова!“ (Пс. 18:46). Со овие зборови тој не сакал само да укаже на фактот дека Бог постои. Во една книга за Псалмите пишува дека Давид ја изразил својата доверба дека Јехова е „жив Бог кој постојано му помага на својот народ“. Давид од свое лично искуство знаел дека Бог е свесен што му се случува и дека е спремен да му помогне. Тоа го охрабрило и го поттикнало да продолжи да го слави Јехова и да му служи (Пс. 18:28, 29, 49). Нашата увереност дека Јехова е живиот Бог може да ни помогне да му служиме со ревност. Ќе ја имаме силата што ни е потребна кога минуваме низ тешкотии и ќе имаме желба да продолжиме трудољубиво да му служиме на Бог. Исто така, ќе бидеме решени да останеме блиски со Јехова (w24.06 20-21, пас. 3-4).
Петок, 17 април
Никој нека не ве заведе на каков и да е начин (2. Сол. 2:3)
Што можеме да научиме од зборовите што апостол Павле им ги напишал на Солуњаните? Кога ќе чуеме нешто што не е во склад со она што сме го научиле од Библијата или кога ќе чуеме некои сензационални гласини, треба да бидеме проникливи. Во поранешниот Советски Сојуз, нашите браќа во една прилика добиле писмо кое наводно било од главното седиште, но всушност било од нашите непријатели. Писмото навело некои од браќата да формираат посебна, независна организација. Она што го пишувало во писмото изгледало како да е вистина. Но, верните браќа не биле измамени. Тие сфатиле дека пораката од писмото не била во склад со она за што биле поучени. Денес, непријателите на вистината понекогаш ја користат современата технологија за да нѐ збунат и да создадат поделби меѓу нас. Наместо да дозволиме брзо да бидеме „расколебани во [нашето] расудување“, можеме да се заштитиме така што внимателно ќе размислиме дали она што го слушаме или читаме е во склад со вистините за кои сме биле поучени (2. Сол. 2:2; 1. Јов. 4:1; w24.07 12, пас. 14-15).
Сабота, 18 април
Ако некој направи грев, имаме помошник (1. Јов. 2:1)
Најважната одлука што едно лице може да ја донесе е одлуката да му го заветува својот живот на Јехова и да стане дел од неговото семејство. Јехова сака секој да го направи тоа. Зошто? Тој сака луѓето да му бидат пријатели и да живеат засекогаш (5. Мој. 30:19, 20; Гал. 6:7, 8). Сепак, Јехова никого не присилува да му служи. Тој му дозволува на секој поединец да одлучи што ќе прави. Но што ако еден крстен христијанин го крши Божјиот закон со тоа што прави тежок грев? Ако не се кае, тој мора да биде отстранет од собранието (1. Кор. 5:13). Сепак, дури и кога ќе дојде до тоа, Јехова со сето срце се надева дека оној што згрешил ќе се врати кај него. Всушност, тоа е една важна причина зошто Јехова ја обезбедил откупнината — за да може да им прости на оние што се каат за своите гревови. Нашиот Бог кој е полн со љубов срдечно ги поттикнува оние што згрешиле да се покаат (Зах. 1:3; Рим. 2:4; Јак. 4:8; w24.08 14, пас. 1-2).
Недела, 19 април
Ако твоето срце биде мудро, моето срце ќе се радува во мене (Изр. 23:15)
До времето кога апостол Јован го завршил пишувањето на своето трето писмо, некои поединци веќе ширеле лажни учења и предизвикувале поделби. Сепак, други продолжиле да „живеат според вистината“. Тие му биле послушни на Јехова и живееле „според неговите заповеди“ (2. Јов. 4, 6). Овие верни христијани не го радувале само Јован туку и Јехова (Изр. 27:11). Која е поуката за нас? Верноста кон Јехова носи радост (1. Јов. 5:3). На пример, радосни сме поради тоа што знаеме дека го радуваме Јехова. Тој се радува кога гледа дека ги отфрламе искушенијата од светот и сме послушни на неговите заповеди. И ангелите на небото се радуваат (Лука 15:10). И ние се радуваме кога гледаме како нашите браќа и сестри остануваат верни (2. Сол. 1:4). А кога овој свет ќе биде уништен, ќе бидеме радосни поради тоа што сме му останале верни на Јехова дури и во свет кој бил под власта на Сатана (w24.11 12, пас. 17-18).
Понеделник, 20 април
Никој нека не ја бара својата корист, туку користа на другиот (1. Кор. 10:24)
Колку долго треба да набљудуваш некого пред да му кажеш дека си заинтересиран за него? Ако му пристапиш пребрзо, тој би можел да заклучи дека носиш одлуки непромислено (Изр. 29:20). Од друга страна, ако чекаш премногу долго, другиот би можел да си помисли дека си неодлучен, особено ако сфатил дека се интересираш за него (Проп. 11:4). Имај на ум дека, пред да пристапиш некому, не мора да бидеш сигурен дека ќе стапиш во брак со него. Но, треба да бидеш сигурен дека си спремен за брак и дека другата личност би можела да ти одговара за брачен другар. Но, што ако сфатиш дека некој е заинтересиран за тебе? Ако ти не си заинтересиран за него, обиди се јасно да го покажеш тоа со твоите постапки. Не би било љубезно да оставиш впечаток дека сакаш да започнеш врска со некого ако, всушност, немаш таква намера (Еф. 4:25; w24.05 23, пас. 9-10).
Вторник, 21 април
Повторно ќе дојдам и ќе ве примам во својот дом (Јован 14:3)
Само оние што се верни и што навистина се помазаници, Исус ќе ги прими во небесното Царство. Оние помазаници кои нема да останат духовно будни нема да бидат „собрани“ заедно со избраните (Мат. 24:31). Во поширока смисла, сите Божји слуги, без разлика каква надеж имаат, треба да гледаат на Исусовите зборови како на предупредување да останат будни и верни. Ние добро го познаваме Јехова, и затоа имаме доверба дека сѐ што прави тој е праведно. Нема зошто да бидеме загрижени ако Јехова одлучи да помаза некои од своите верни слуги во последниве години. Ние знаеме што кажал Исус во врска со работниците од неговата споредба за лозјето кои дошле да работат во единаесеттиот час (Мат. 20:1-16). Оние што биле повикани да работат на лозјето подоцна во текот на денот добиле иста плата како оние што почнале да работат порано од нив. Слично на тоа, без разлика кога некој бил избран за помазаник, сите помазаници ќе добијат небесна награда ако останат верни (w24.09 24, пас. 15-17).
Среда, 22 април
Христос страдаше за вас и ви даде пример во сѐ да одите по неговите стапки (1. Пет. 2:21)
Исус ни оставил совршен пример за тоа како да се носиме со неправдите. Тој доживеал неправди од многумина, вклучувајќи ги и членовите на неговото семејство. Неговите роднини рекле дека се мрднал од умот, верските водачи го обвиниле дека добива моќ од демоните, а римските војници го исмејувале, го малтретирале и на крајот го убиле (Мар. 3:21, 22; 14:55; 15:16-20, 35-37). Сепак, Исус ги претрпел сите тие неправди без да возврати. Што учиме од него? (1. Пет. 2:21-23). Исус ни дал совршен пример за тоа како да реагираме кога доживуваме неправди. Тој знаел кога да молчи, а кога да зборува (Мат. 26:62-64). Не ја коментирал секоја лага кажана за него (Мат. 11:19). А кога зборувал, не ги навредувал оние што го прогонувале, ниту им се заканувал (w24.11 4-5, пас. 9-10).
Четврток, 23 април
Христос Исус дојде во светот за да ги спаси грешниците (1. Тим. 1:15)
Замисли дека на некој што го сакаш му даваш посебен подарок што е и убав и практичен. Колку ќе се разочараш ако тој само го стави во некоја фиока и никогаш повеќе не помисли на него! Од друга страна, сигурно ќе ти биде многу мило ако тој го користи подарокот и покажува дека е благодарен за него. Како овој пример може да се поврзе со откупнината? Јехова го дал својот Син да умре за нас. Колку среќен мора да е Јехова кога покажуваме дека сме благодарни за тој скапоцен дар и за неговата љубов која го поттикнала да ја обезбеди откупнината! (Јован 3:16; Рим. 5:7, 8). Сепак, како што минува времето, би можеле да почнеме да ја земаме откупнината здраво за готово. Тоа би било како да сме го ставиле подарокот од Бог во фиока. Среќни сме што го имаме, но ни стои настрана. За да не ја изгубиме благодарноста, мора редовно да размислуваме за сето она што Бог и Христос го направиле за нас (w25.01 26, пас. 1-2).
Петок, 24 април
Размислувај за тоа, сиот посвети се на тоа, за твојот напредок да им биде видлив на сите (1. Тим. 4:15)
Еден брат кој сака да служи како старешина не смее да биде новообратен. Иако не мора да бидеш крстен многу години пред да станеш старешина, сепак потребно е време за да ја постигнеш христијанската зрелост која е неопходна за да служиш на таков начин. Пред да бидеш именуван како старешина, мора да покажеш дека, како Исус, ти си понизен и стрпливо чекаш на Јехова да добиеш повеќе задачи во собранието (Мат. 20:23; Фил. 2:5-8). Можеш да покажеш дека си лојален така што верно ќе се држиш за праведните мерила на Јехова и така што ќе ги следиш упатствата што ги добиваме од неговата организација. Во Библијата јасно пишува дека еден надгледник треба да биде способен да поучува. Дали ова значи дека мора да бидеш извонреден говорник? Не. На многу старешини говорништвото не им е најјака страна. Сепак, кога проповедаат и кога прават пастирски посети, тие вешто ја користат Библијата за да поучуваат и за да ги храбрат браќата и сестрите (w24.11 23-24, пас. 14-15).
Сабота, 25 април
Јас ги сакам твоите заповеди повеќе и од злато, повеќе и од суво злато (Пс. 119:127)
Кога ќе прочиташ нешто во Библијата што не го разбираш потполно, истражувај. Потоа, во текот на денот, длабоко размислувај за она што си го открил и што учиш од тоа за Јехова, неговиот Син и за нивната љубов кон тебе (Пс. 119:97). Не се обесхрабрувај ако не наоѓаш по нешто ново или интересно секојпат кога ќе ја читаш Библијата или ќе истражуваш. Може да се каже дека ти си како некој што трага по злато. Тие лица стрпливо поминуваат часови или денови за да најдат дури и најмало зрно злато. Сепак, упорни се бидејќи секое зрно е вредно за нив. А скапоценостите од Библијата вредат многу повеќе од злато! (Изр. 8:10). Затоа, биди стрплив и редовно читај ја Библијата (Пс. 1:2; w25.01 24-25, пас. 14-15).
Недела, 26 април
Како што Јехова спремно ви прости вам, така правете и вие (Кол. 3:13)
Јехова очекува спремно да им простуваме на оние што ќе нѐ повредат (Пс. 86:5; Лука 17:4; Еф. 4:32). Може да бидеме длабоко повредени од нечии зборови или постапки, особено ако тоа лице ни е близок пријател или член на семејството (Пс. 55:12-14). Понекогаш, емоционалната болка што ја чувствуваме може да биде толку силна како некој да нѐ прободел со нож (Изр. 12:18). Можеби ќе се обидеме да ги потиснеме или да ги игнорираме нашите повредени чувства. Но, ако правиме така, тоа би било како да сме го оставиле ножот во раната. Слично на тоа, не може да очекуваме нашите повредени чувства да се намалат ако само ги игнорираме. Кога некој ќе нѐ повреди со нешто, нашата прва реакција може да биде да се налутиме. Библијата отворено кажува дека може да се случи да се разгневиме. Сепак, таа нѐ предупредува дека не треба да останеме гневни (Пс. 4:4; Еф. 4:26). Зошто? Затоа што гневот ретко води до добри резултати (Јак. 1:20). Не заборавај, не можеме секогаш да спречиме да не се разгневиме, но можеме да одлучиме да не останеме гневни (w25.02 15, пас. 4-6).
Понеделник, 27 април
Мудроста им го чува животот на оние што ја имаат (Проп. 7:12)
Исус раскажал една поучна приказна од која се гледа колку е неразумно некој да трупа богатство без да биде „богат пред Бог“ (Лука 12:16-21). Никој не знае што ќе донесе утрешниот ден (Изр. 23:4, 5; Јак. 4:13-15). Освен тоа, како следбеници на Христос, се соочуваме со посебен предизвик — мора да бидеме спремни да се откажеме од сѐ што имаме за да бидеме негови ученици (Лука 14:33). Во првиот век, христијаните од Јудеја спремно се откажале од сѐ што имале (Евр. 10:34). Во наше време, многу браќа претрпеле финансиска загуба бидејќи не гласале за ниту една политичка партија (Отк. 13:16, 17). Што им помогнало да го направат тоа? Тие имале потполна доверба во ветувањето на Јехова: „Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам“ (Евр. 13:5). Затоа, од една страна правиме што можеме за да имаме доволно пари кога ќе остариме, но од друга страна, имаме потполна доверба дека Јехова ќе се грижи за нас доколку се случи нешто непредвидено (w25.03 29, пас. 13-14).
Вторник, 28 април
Сега, кога го оставивме основното учење за Христос, да напредуваме кон зрелост, не поставувајќи одново темел (Евр. 6:1)
Кога станува збор за нашиот духовен раст, Јехова не нѐ препуштил сами на себе. Тој ни обезбедил помош. Ни дал пастири и учители во собранието кои се подготвени да ни помогнат да станеме „возрасни“ во духовен поглед, „додека не пораснеме до Христовата полнота“ (Еф. 4:11-13). Исто така, Јехова ни дава свет дух за да ни помогне да го имаме „Христовиот ум“ (1. Кор. 2:14-16). Освен тоа, Бог ни ги дал четирите евангелија за да ни покаже како размислувал, како зборувал и како постапувал Исус додека бил на Земјата. Со тоа што ќе се трудиш да размислуваш и да постапуваш како Исус, ќе можеш да ја оствариш твојата цел да станеш зрел христијанин. Но за да напредуваме кон зрелост, не треба да останеме само на „основното учење за Христос“, односно на основните христијански учења (w24.04 4-5, пас. 11-12).
Среда, 29 април
Способноста за расудување ќе внимава на тебе, проникливоста ќе те чува (Изр. 2:11)
Секој ден треба да носиме одлуки. Некои одлуки се релативно лесни, како на пример што да појадуваме или кога да си легнеме. За други работи е потешко да се донесе одлука. Тие можат да влијаат врз нашето здравје, нашата радост, нашите сакани или врз нашето обожавање на Јехова. Ние сакаме нашите одлуки да бидат за наше добро и за доброто на нашето семејство. И, што е најважно, се надеваме дека со нашите одлуки ќе го радуваме Јехова (Рим. 12:1, 2). Важен чекор кој ќе ти помогне да носиш добри одлуки е да ги дознаеш фактите. Зошто е важно ова? Замисли дека некој пациент оди на лекар бидејќи има сериозен здравствен проблем. Дали лекарот ќе одлучи каква терапија да му даде на пациентот без претходно да го прегледа или без да му постави прашања? Се разбира дека не! И ти ќе носиш подобри одлуки ако претходно ги разгледаш фактите во врска со твојата ситуација (w25.01 14, пас. 1-3).
Четврток, 30 април
Јехова ти го прости гревот. Нема да умреш (2. Сам. 12:13)
Што знаеме за Јеховината милосрдност? Како Јехова покажал дека „не сака никој да биде уништен“? (2. Пет. 3:9). Да видиме како тој покажал милост кон некои што направиле сериозни гревови. Цар Давид направил неколку сериозни гревови, меѓу кои прељуба и убиство. Сепак, Давид се покајал, и затоа Јехова милосрдно му простил (2. Сам. 12:1-12). Цар Манасија правел ужасни работи во поголемиот дел од својот живот. Сепак, дури и во тој екстремен случај, Јехова покажал милост и му простил на Манасија бидејќи тој се покајал (2. Лет. 33:9-16). Од овие примери гледаме дека Јехова покажува милост секогаш кога има основа за тоа. Тој ќе ги воскресне таквите поединци бидејќи сфатиле дека направиле ужасни гревови и се покајале (w24.05 4, пас. 12).