Јуни
Понеделник, 1 јуни
Зашто, ти, Јехова, си добар и спремен да простиш (Пс. 86:5)
Ние веќе извлекуваме корист од откупната жртва на Христос. На пример, на темел на откупнината, Јехова ни ги простува гревовите. Тој не е должен да ни простува, но сака да го прави тоа (Пс. 103:3, 10-13). Некои можеби сметаат дека не заслужуваат Јехова да им прости. Всушност, никој од нас не заслужува. Апостол Павле сфатил дека не е достоен да биде наречен апостол, а сепак додал: „Преку Божјата незаслужена доброта јас сум она што сум“ (1. Кор. 15:9, 10). Кога се каеме за нашите гревови, Јехова ни простува. Зошто? Не затоа што заслужуваме, туку затоа што нѐ сака. Ако и ти сметаш дека не заслужуваш Јехова да ти прости, не заборавај дека Јехова не ја дал откупнината за безгрешни луѓе, туку за оние што се каат за своите гревови (Лука 5:32; 1. Тим. 1:15; w25.01 26-27, пас. 3-4).
Вторник, 2 јуни
Добродушниот човек ѝ прави добро на својата душа, а суровиот човек му прави лошо на своето тело (Изр. 11:17)
Не можеме да имаме контрола врз тоа што ќе ни кажат или што ќе ни направат другите, но можеме да се обидеме да ја контролираме нашата реакција. И честопати, најдобриот начин на кој можеме да реагираме е да простиме. Зошто? Затоа што го сакаме Јехова, а тој очекува од нас да простуваме. Ако останеме гневни и ако не простиме, постои голема веројатност дека ќе направиме нешто глупаво, па дури би можеле да си го загрозиме и здравјето (Изр. 14:17, 29, 30). Кога се ослободуваме од чувствата на лутина, не дозволуваме огорченоста да влијае врз начинот на кој се однесуваме со другите. Исто така, со тоа си правиме добро на себеси — престануваме да мислиме на проблемот и повторно уживаме во животот. Како можеш да се избориш со твоите повредени чувства? Еден начин е така што ќе си дадеш време за да закрепнеш. Откако ќе добие медицинска нега, на едно лице кое било тешко повредено ќе му треба време за да закрепне во физички поглед. На сличен начин, можеби ќе ни треба време за да закрепнеме во емоционален поглед пред да бидеме спремни да му простиме некому од срце (Проп. 3:3; 1. Пет. 1:22). Моли го Јехова да ти помогне да простуваш (w25.02 16-17, пас. 8-11).
Среда, 3 јуни
Тврдата храна е за зрелите (Евр. 5:14)
Некои основни учења се покајанието, верата, крштавањето и воскресението (Евр. 6:1, 2). Врз таквите учења се темели христијанството. Од таа причина, апостол Петар им зборувал за нив кога им проповедал на луѓето што биле собрани на Педесетница (Дела 2:32-35, 38). Мора да ги прифатиме овие основни учења за да станеме ученици на Христос. На пример, Павле предупредил дека оној што ќе одбие да верува во учењето за воскресение не може да каже дека е вистински христијанин (1. Кор. 15:12-14). Сепак, не смееме да бидеме задоволни само со основните учења на вистината. За разлика од основните учења, тврдата духовна храна ги вклучува не само законите на Јехова туку и неговите начела, кои ни помагаат да разбереме како размислува тој. За да извлечеме корист од таквата храна, мора да ја проучуваме Библијата, длабоко да размислуваме и потоа да дадеме сѐ од себе за да го примениме она што сме го научиле. Додека го правиме тоа, ние, всушност, се учиме да носиме одлуки кои го радуваат Јехова (w24.04 5, пас. 12-13).
Четврток, 4 јуни
Жителите на Ниневија ќе станат од мртвите во Судниот ден (Мат. 12:41)
Бог го потсетил Јона дека Ниневијците не знаеле „што е десно, а што лево“, односно што е исправно, а што погрешно (Јона 1:1, 2; 3:10; 4:9-11). Подоцна, Исус го искористил тој пример за да ги поучи другите за Јеховината правда и милост. Што значи тоа дека Ниневијците „ќе станат од мртвите во Судниот ден“? Исус рекол дека во иднина ќе има „воскресение за осуда“ (Јован 5:29). Тој зборувал за неговото илјадагодишно владеење, кога ќе бидат воскреснати „и праведните и неправедните“ (Дела 24:15). За неправедните, тоа ќе биде „воскресение за осуда“, односно за суд. Ова значи дека, откако таквите лица ќе воскреснат, Јехова и Исус ќе ги набљудуваат за да проценат дали се послушни и дали ги применуваат работите што ги учат. Ако некој Ниневеец кој воскреснал не сака да го обожава Јехова, Јехова нема да му дозволи да продолжи да живее (Иса. 65:20). Но, сите оние што ќе одлучат верно да му служат на Јехова ќе можат да живеат засекогаш (Дан. 12:2; w24.05 5, пас. 13-14).
Петок, 5 јуни
Синот човечки дојде да го бара и да го спаси она што е загубено (Лука 19:10)
Исус бил милостив исто како неговиот Татко (Јован 14:9). Со своите зборови и постапки, Исус покажал дека неговиот сочувствителен и милостив Татко ги сака луѓето и сака да му помогне на секој човек да извојува победа во борбата против гревот. На луѓето кои правеле тешки гревови, Исус им помагал да развијат желба да го сменат својот начин на живот и да почнат да го следат него (Лука 5:27, 28). Исус знаел што ќе се случи со него. Во неколку прилики, тој им кажал на своите следбеници дека ќе биде предаден и прикован на столб (Мат. 17:22; 20:18, 19). Исус знаел дека неговата жртва ќе го отстрани гревот на светот. Исто така, Исус рекол дека откако ќе го принесе својот живот како жртва, „ќе [привлече] кај себе најразлични луѓе“ (Јован 12:32). Грешните луѓе можат да го радуваат Јехова така што ќе покажуваат вера во Исус и ќе бидат послушни на неговите заповеди. Ако прават така, тие на крајот ќе бидат „ослободени од гревот“ (Рим. 6:14, 18, 22; Јован 8:32). Затоа, Исус храбро и спремно прифатил да умре со мачна смрт (Јован 10:17, 18; w24.08 5, пас. 11-12).
Сабота, 6 јуни
Кај сите народи најпрво мора да се проповеда добрата вест (Мар. 13:10)
Сети се како се чувствуваше кога за првпат ја дозна вистината од Божјата Реч. Откри дека твојот небесен Татко те сака, дека тој има желба да бидеш дел од неговото семејство, дека ти ветува живот без болка и страдање, дека ќе можеш да ги видиш твоите сакани кои починале кога ќе воскреснат во новиот свет и уште многу други работи (Мар. 10:29, 30; Јован 5:28, 29; Рим. 8:38, 39; Отк. 21:3, 4). Овие вистини ти донеле голема радост (Лука 24:32). Толку многу си ги засакал што не си можел да ги чуваш тие скапоцени вистини само за себе! (Спореди со Еремија 20:9.) Кога во нашето срце ќе се развие љубов кон библиската вистина, ние не можеме да молчиме (Лука 6:45). Се чувствуваме исто како учениците на Исус од првиот век, кои рекле: „Не можеме да не зборуваме за она што сме го виделе и чуле“ (Дела 4:20). Ние толку многу ја сакаме вистината што имаме желба да им ја кажеме на што е можно повеќе луѓе (w24.05 15, пас. 5; 16, пас. 7).
Недела, 7 јуни
Служете му на Јехова со веселба! (Пс. 100:2)
Како Јеховин народ, ние им проповедаме на другите затоа што го сакаме нашиот небесен Татко и затоа што сакаме да им помогнеме на другите да го запознаат. Но, на други им е тешко да учествуваат во проповедничкото дело со радост. Зошто? Некои можеби се многу срамежливи и немаат самодоверба. На други можеби им е непријатно да одат кај луѓето непоканети. Некои можеби се плашат дека станарите лошо ќе реагираат. А некои можеби биле поучувани да избегнуваат несогласувања со другите. На овие браќа и сестри им е тешко да зборуваат за добрата вест со луѓе кои не ги познаваат. Дали понекогаш ти е тешко да најдеш радост во службата поради вакви чувства? Ако е така, не се обесхрабрувај. Тоа што ти недостасува самодоверба може да биде знак дека си понизен и дека не сакаш да привлекуваш внимание кон себеси. Исто така, тоа покажува дека не сакаш да се расправаш со другите. Никој не сака да предизвика другите да се чувствуваат вознемирено, особено кога се труди да им прави добро. Твојот небесен Татко е свесен со какви предизвици се соочуваш и сака да ти ја даде потребната помош (Иса. 41:13; w24.04 14, пас. 1-2).
Понеделник, 8 јуни
Мудроста е кај скромните (Изр. 11:2)
Додека ја читаш Библијата, наместо да се обидуваш одеднаш да примениш сѐ што си прочитал, биди скромен и постави си само една до две цели. Пробај да го направиш следново: Направи си список со работи во кои треба да се подобриш. Потоа, избери една или две од нив на кои веднаш ќе работиш, а другите остави ги за подоцна. Од каде треба да почнеш? Можеби ќе одлучиш да почнеш со некоја цел која ти е полесно да ја оствариш. Или, можеби ќе избереш да работиш на некое подрачје за кое сметаш дека треба најмногу да се поправиш. Откако ќе ја одредиш твојата цел, истражувај во нашите публикации. Моли се во врска со твојата цел, и моли го Јехова да ти даде и желба и сила за да го постигнеш тоа (Фил. 2:13). Потоа, труди се да го примениш она што си го научил. Тоа што ќе успееш да постигнеш одреден напредок на твојата прва цел, веројатно, ќе те поттикне да работиш и на некоја друга цел. Всушност, кога ќе успееш да се подобриш на едно подрачје од христијанскиот живот или во една христијанска особина, веројатно, ќе ти биде полесно да го направиш истото и на други подрачја (w24.09 6, пас. 13-14).
Вторник, 9 јуни
Во секој поглед покажавте дека сте чисти во тоа (2. Кор. 7:11)
Можеби се измачуваш затоа што во минатото си направил нешто со што си повредил некого? Што може да ти помогне? Прави сѐ што можеш за да ја надоместиш штетата. Исто така, кажи му на тоа лице дека ти е жал и покажи го тоа со своите постапки. Моли го Јехова да му помогне на оној што си го повредил. Јехова може да ви помогне и на двајцата да истраете и повторно да чувствувате мир. Учи од грешките од минатото и спремно дозволи му на Јехова да те користи на кој и да било начин што тој ќе го избере. Размисли за примерот на пророкот Јона. Наместо да замине во Ниневија, како што му заповедал Бог, Јона побегнал во спротивен правец. Јехова го укорил, и тој извлекол поука од својата грешка (Јона 1:1-4, 15-17; 2:7-10). Јехова не се откажал од Јона. Бог му дал уште една можност да отиде во Ниневија, и овојпат тој веднаш послушал. На Јона му било жал за грешката што ја направил. Сепак, не дозволил тоа да го спречи да ја прифати оваа задача од Јехова (Јона 3:1-3; w24.10 8-9, пас. 10-11).
Среда, 10 јуни
Според тоа, покајте се и обратете се за да ви бидат избришани гревовите, за да дојдат времиња на закрепнување од лицето на Јехова (Дела 3:19)
Јехова прави повеќе отколку само да ги поништи нашите долгови, односно гревови — тој ги брише. Да го споредиме ова со еден пример. Замисли си дека некој ја пречкртува сумата пари што ја должиш. Сепак, бројките под таа линија сѐ уште се видливи. Потполно е поинаква ситуацијата кога нешто сосема ќе се избрише. За да ја разбереме оваа споредба, треба да имаме на ум дека, во минатото, мастилото што се користело лесно можело да се избрише со вода. Можело да се земе влажен сунѓер и да се избрише она што било напишано. Значи, кога некој долг ќе бил избришан, тој потполно исчезнувал. Никој не можел да види што било напишано претходно. Тоа било како долгот никогаш да не постоел. Навистина, многу е утешно тоа што Јехова не само што ги пречкртува нашите гревови туку и потполно ги брише (Пс. 51:9; w25.02 10, пас. 11).
Четврток, 11 јуни
Не гневи се — тоа само води до зло (Пс. 37:8)
Кога некој ќе донесе погрешен суд за нас или се однесува лошо кон нас, имаме доверба дека Јехова ја знае целата ситуација. Таа мисла може да ни помогне да истраеме кога трпиме неправда бидејќи сме уверени дека, на крајот, Јехова ќе ги исправи работите. Кога со доверба оставаме Јехова да ги реши работите, не дозволуваме да се полниме со лутина и огорченост. Таквите емоции би можеле да нѐ наведат бурно да изреагираме, да ни ја одземат радоста и да ни го нарушат пријателството со Јехова. Се разбира, никогаш нема да можеме совршено да ги следиме стапките на Исус. Понекогаш ќе направиме или ќе кажеме нешто за што подоцна ќе се каеме (Јак. 3:2). А може да доживееме и неправди кои ќе ни остават длабоки емоционални и физички лузни кои во овој свет ќе си ги носиме до крајот на животот. Ако и ти имаш такви лузни, биди уверен дека Јехова знае низ што минуваш. А и Исус, кој и самиот претрпел разни неправди, многу добро те разбира (Евр. 4:15, 16). Многу сме среќни што Јехова ни дава практични совети кои ни помагаат да се справуваме со неправдите (w24.11 5-6, пас. 12-13).
Петок, 12 јуни
Делото кое Бог го бара е да верувате во оној кого тој го испрати (Јован 6:29)
За некој да добие „вечен живот“, неопходно е да покажува вера во Исус (Јован 3:16-18, 36; 17:3). Многу Евреи не го прифатиле учењето на Исус во врска со новото дело кое Бог го барал. Тие го прашале: „Каков чудесен знак им покажуваш на луѓето, за да го видиме и да ти поверуваме?“ (Јован 6:30). Спомнале дека нивните прататковци во времето на Мојсеј добивале мана која можела да се спореди со леб (Неем. 9:15; Јован 6:31; Пс. 78:24, 25). Очигледно, најважно им било да добијат дословен леб. Дури и кога Исус им зборувал за „вистинскиот леб од небото“, кој за разлика од маната можел да им даде вечен живот, тие не се ни обиделе да побараат повеќе објаснување за тоа (Јован 6:32). Толку многу се концентрирале на своите физички потреби што не обрнале внимание на духовните вистини за кои Исус се обидувал да ги поучи (w24.12 5-6, пас. 10-11).
Сабота, 13 јуни
Бог е оној што изградил сѐ (Евр. 3:4)
На училиште, децата можеби ќе учат дека во природата постојат закони кои влијаат врз обликот на многу работи. На пример, секоја снегулка е обликувана според геометриски шеми познати како фрактали. Вакви шеми може да се најдат и во многу други работи во природата. Но, кој ги дал законите на кои се должат овие прекрасни шеми и редот што постои во природата? Колку повеќе децата размислуваат за вакви прашања, толку поверојатно е дека уште повеќе ќе им се зајакне верата дека Бог создал сѐ. Како што растат децата, би можел да ги прашаш: „Ако Бог нѐ создал, зарем не би било разумно да заклучиме дека би ни дал и совети како да бидеме среќни?“ Потоа, би можел да истакнеш дека такви скапоцени совети наоѓаме во Библијата (w24.12 16, пас. 8).
Недела, 14 јуни
Се слуша за блуд меѓу вас, и тоа за таков блуд каков што нема ни меѓу незнабошците: дека некој од вас ја има жената на својот татко (1. Кор. 5:1)
Под водство на светиот дух, апостол Павле напишал писмо во кое дал упатство христијанинот кој правел грев и не се каел да биде отстранет од собранието (1. Кор. 5:13). Како требало да се однесуваат верните христијани со него? Павле им рекол да престанат да се дружат со овој човек. Тој им кажал дури и да не јадат со него (1. Кор. 5:11). Зошто? Затоа што ако јадеме заедно со некого, лесно би можеле да почнеме да поминуваме повеќе време со него. Како ќе му користело на собранието ако престанело да се дружи со овој христијанин? Ова ќе го штитело собранието од лошо влијание (1. Кор. 5:5-7). Исто така, тоа што немало да се дружат со него можело да му помогне да сфати дека направил нешто многу лошо во Јеховини очи и, како резултат на тоа, можеби да почувствува срам и да биде поттикнат да се покае (w24.08 15, пас. 4-5).
Понеделник, 15 јуни
Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син (Јован 3:16)
Во древниот Израел, еднаш годишно се одржувал Денот на очистувањето. На тој ден, првосвештеникот принесувал животински жртви во корист на народот. Се разбира, животинските жртви не можат потполно да исчистат нечии гревови, бидејќи животните имаат помала вредност од луѓето. Но, сѐ додека Израелците што се каеле ги принесувале жртвите кои Јехова ги барал од нив, тој бил спремен да им ги прости гревовите (Евр. 10:1-4). Жртвите што ги принесувале им помагале на Израелците да сфатат дека биле грешници. Но, Јехова имал трајно решение за простување на гревовите на човештвото? Тој се погрижил неговиот сакан Син да биде „еднаш засекогаш принесен за да ги понесе гревовите на мнозина“ (Евр. 9:28). Исус го дал „својот живот како откупнина за мнозина“ (Мат. 20:28; w25.02 4, пас. 9-10).
Вторник, 16 јуни
Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение (Мат. 26:41)
„Духот, навистина, е спремен, но телото е слабо“ (Мат. 26:41б). Со овие зборови, Исус покажал разбирање за нашата несовршена состојба. Но, неговите зборови содржат и предупредување — да се чуваме од преголема самодоверба. Само неколку часа пред Исус да ги каже овие зборови, неговите ученици самоуверено рекле дека никогаш нема да го напуштат (Мат. 26:35). Тие имале добри мотиви. Сепак, не сфатиле дека нивната решеност може брзо да ослабне кога ќе се најдат под притисок. Затоа, Исус ги предупредил со зборовите кои се наоѓаат во денешниот стих. За жал, учениците не го направиле она што Исус им го кажал. Кога тој бил уапсен, дали тие останале со него или се исплашиле и побегнале? Бидејќи не биле внимателни, учениците го направиле токму она што кажале дека никогаш нема да го направат — го напуштиле Исус (Мат. 26:56; w24.07 14, пас. 1-2).
Среда, 17 јуни
Се помиривме со Бог преку смртта на неговиот Син (Рим. 5:10)
Адам и Ева го изгубиле скапоценото пријателство со нивниот Татко, Јехова. Пред да направат грев, Адам и Ева биле дел од Божјето семејство (Лука 3:38). Но, откако му станале непослушни на Јехова, тој ги избркал од неговото семејство пред да имаат деца (1. Мој. 3:23, 24; 4:1). Затоа, како нивни потомци, ние треба да се помириме со Јехова (Рим. 5:10, 11). Со други зборови, треба да развиеме добар однос со него. Според едно стручно дело, грчкиот збор што тука се користи за „помири“ може да значи „да се спријателиш со некој што ти бил непријател“. Воодушевува фактот дека Јехова е оној што презел иницијатива да станеме пријатели со него. Како? Преку очистувањето, кое е подготовката, односно решението што го обезбедил Јехова за да можат грешните луѓе повторно да имаат добар однос со него. Со цел да го врати она што Адам го изгубил, Јехова дал нешто што има иста вредност (w25.02 3-4, пас. 7-8).
Четврток, 18 јуни
Жалоста која е во склад со Божјата волја поттикнува на покајание (2. Кор. 7:10)
Апостол Павле рекол дека „на таквиот му е доволно што [бил] укорен од повеќето“ (2. Кор. 2:5-8). Со други зборови, укорот ја исполнил целта кон човекот што имал сексуални односи со својата маќеа (1. Кор. 5:1). Која цел? Да му помогне да се покае (Евр. 12:11). Затоа, во врска со братот кој направил грев, Павле му рекол на собранието: „Спремно простете му и утешете го... покажете му дека го сакате“. Забележи дека Павле сакал собранието да направи нешто повеќе отколку само да му дозволи на овој човек да биде повторно меѓу Јеховиниот народ. Павле сакал тие да го уверат со своите зборови, постапки и однесување дека навистина му простиле и дека го сакаат. Така јасно ќе му покажеле дека се радуваат што се вратил во собранието (w24.08 15, пас. 4; 16-17, пас. 6-8).
Петок, 19 јуни
Бевте јавно изложени на исмејувања и неволји (Евр. 10:33)
Апостол Павле можел со увереност да зборува за тоа што е потребно за да се истрае. Тој ги потсетил христијаните дека, кога истрајуваат во неволјите, треба да се потпираат на Јехова, а не на себеси. Бидејќи и самиот го правел ова, Павле со храброст можел да каже: „Јехова е мојот помошник, нема да се плашам“ (Евр. 13:6). Некои наши браќа и сестри токму сега истрајуваат под прогонство. Ние може верно да ги поддржуваме така што ќе се молиме за нив, а понекогаш ќе им помогнеме и на практични начини. Библијата јасно вели дека „сите што сакаат да живеат оддадено на Бог во единство со Христос Исус, ќе бидат прогонувани“ (2. Тим. 3:12). Од таа причина, сите ние треба да се подготвиме за она што ни претстои. Да продолжиме и понатаму да имаме потполна доверба во Јехова, уверени дека тој ќе ни помогне да истраеме во секоја неволја со која можеби ќе се соочиме. Во времето што го одредил, Јехова ќе донесе олеснување за сите свои верни слуги (2. Сол. 1:7, 8; w24.09 12-13, пас. 17-18).
Сабота, 20 јуни
Многу Коринќани кои слушаа, поверуваа и се крстија (Дела 18:8)
Што им помогнало на Коринќаните да се крстат? (2. Кор. 10:4, 5). Божјата Реч и Божјиот моќен свет дух им помогнале да направат драстични промени во својот живот (Евр. 4:12). Оние во Коринт кои ја прифатиле добрата вест за Христос успеале да остават навики и постапки, како опивање, крадење и хомосексуалност (1. Кор. 6:9-11). Иако некои во Коринт требало да надминат длабоко вкоренети навики, тие не заклучиле дека за нив ќе биде претешко да станат христијани. Тие вложиле голем труд да застанат на тесниот пат што води до вечен живот (Мат. 7:13, 14). Дали ти е тешко да искорениш некоја лоша навика или да престанеш да правиш нешто што е погрешно за да можеш да се крстиш? Никогаш не се откажувај! Моли го Јехова да ти даде свет дух кој ќе ти помогне да се спротивставиш на желбата да го правиш она што е погрешно (w25.03 6, пас. 15-17).
Недела, 21 јуни
Ако некому од вас му недостига мудрост, нека бара од Бог (Јак. 1:5)
Моли го Јехова да ти помогне да разбереш кое е неговото гледиште. Јехова ветува дека ќе ни даде мудрост да разбереме дали некоја наша одлука ќе го радува или не. Таква мудрост „тој им дава на сите великодушно и без прекорување“. Откако си го молел Јехова за водство, обрни внимание на неговиот одговор. Да разгледаме еден пример: Ако се изгубиш додека патуваш, би можел да замолиш некој што живее на тоа место да ти помогне. Но, дали ќе си заминеш уште пред да ти одговори? Се разбира дека не. Внимателно ќе го слушаш додека те упатува каде да одиш. Слично на тоа, откако си го молел Јехова за мудрост, потруди се да сфатиш кој е неговиот одговор така што ќе дознаеш кои библиски закони и начела важат за твојата ситуација. На пример, кога одлучуваш дали да присуствуваш на некоја забава, би можел да размислиш што вели Библијата за разузданите забави, за лошото друштво и за потребата да го ставиш Божјето Царство пред твоите лични желби (Мат. 6:33; Рим. 13:13; 1. Кор. 15:33; w25.01 16, пас. 6-7).
Понеделник, 22 јуни
Еве, моите слуги ќе јадат, а вие ќе гладувате (Иса. 65:13)
Пророштвото на Исаија ја покажува големата разлика која постои помеѓу оние кои живеат во духовниот рај и оние кои не се во него. Јехова на великодушен начин ги задоволува духовните потреби на своите слуги. Ние го имаме неговиот свет дух, ја имаме неговата Реч, Библијата и имаме изобилство духовна храна за да можеме „да јадеме“, „да пиеме“ и „да се радуваме“. (Спореди со Откровение 22:17.) За разлика од нас, оние кои не се во духовниот рај „гладуваат“, „жедуваат“ и „се срамат“. Нивните духовни потреби не се задоволени (Амос 8:11). Јехова великодушно им го дава на своите слуги она што им е потребно, вклучувајќи и духовна храна (Јоил 2:21-24). Тој го прави тоа преку Библијата и преку нашите публикации кои се темелат на неа, преку нашата интернет-страница, како и преку нашите состаноци, собири и конгреси. Ние можеме секој ден да ги користиме овие духовни дарови, и како резултат на тоа се чувствуваме добро нахранети и закрепнати (w24.04 21, пас. 5-6).
Вторник, 23 јуни
Вашиот збор секогаш нека биде пријатен (Кол. 4:6)
Ако сакаш да започнеш врска со некого, би можел да се договориш со тоа лице да разговарате — или на некое јавно место или преку телефон. Јасно дај му до знаење кои се твоите намери (1. Кор. 14:9). Ако е потребно, дај му време за да размисли што да ти одговори (Изр. 15:28). Ако лицето не е заинтересирано за врска, тогаш почитувај ги неговите чувства. Што ако некој ти каже дека е заинтересиран за тебе? Веројатно му била потребна храброст, и затоа покажи љубезност и почит. Ако ти е потребно време за да размислиш дали се согласуваш да стапиш во врска, кажи го тоа. Но, потруди се да одговориш што е можно побрзо (Изр. 13:12). Ако немаш намера да започнеш врска со тоа лице, кажи му го тоа љубезно и јасно. Ако се согласиш да започнеш врска со тоа лице, кажи му го тоа, и потоа отворено разговарајте како очекувате да се одвива вашата врска. Твоите очекувања можат да бидат поинакви од очекувањата на другиот (w24.05 24, пас. 12-13).
Среда, 24 јуни
Јас доаѓам против тебе во името на Јехова над војските (1. Сам. 17:45)
Веројатно додека сѐ уште бил тинејџер, Давид го посетил воениот логор на Израелците. Тој дознал дека војниците биле преплашени бидејќи еден филистејски џин по име Голијат излегол да ги предизвика „четите на Израел“ (1. Сам. 17:10, 11). Војниците се уплашиле бидејќи се концентрирале на големината на Голијат и на неговите зборови (1. Сам. 17:24, 25). Но, Давид се концентрирал на нешто друго. Тој знаел дека, кога Голијат ѝ се потсмевал на војската на Израел, всушност, му се потсмевал на „живиот Бог“ (1. Сам. 17:26). Давид го имал Јехова на ум. Тој бил сигурен дека Богот кој му помогнал додека бил овчар ќе му помогне и во оваа ситуација. Уверен дека ја има поддршката од Бог, Давид се борел со Голијат и, се разбира, го победил! (1. Сам. 17:45-51; w24.06 21, пас. 7).
Четврток, 25 јуни
Не плаши се, зашто јас сум со тебе! Не свртувај се плашливо, зашто јас сум твојот Бог! Јас ќе те зајакнам и ќе ти помогнам. Ќе те потпрам со мојата праведна десница (Иса. 41:10)
Да си замислиме каков ќе ни беше животот доколку не му служевме на Јехова. Тоа може да ни помогне да му останеме верни. И, исто како псалмистот, ќе кажеме: „А мене ми е добро да бидам близу до Бог“ (Пс. 73:28). Ние можеме да се справиме со која и да било тешкотија што ќе ја доживееме во текот на овие последни денови, бидејќи му робуваме на „живиот и вистински Бог“ (1. Сол. 1:9). Нашиот Бог се грижи за нас и секогаш ќе ни помага. Тој докажал дека бил покрај своите слуги во минатото, а тој е и покрај нас денес. Наскоро ќе се соочиме со најголемата неволја која некогаш се случила на Земјата. Но ние нема да бидеме сами — Јехова ќе биде со нас. „Затоа, исполнети со храброст, можеме да речеме: ’Јехова е мојот помошник, нема да се плашам‘“ (Евр. 13:5, 6; w24.06 25, пас. 17-18).
Петок, 26 јуни
Ќе ја видите разликата меѓу праведникот и злиот (Мал. 3:18)
Во Библијата се запишани имиња на повеќе од 40 израелски цареви. Добрите цареви направиле некои лоши работи. Да го земеме за пример Давид, кој бил добар цар. Јехова рекол: „Мојот слуга Давид... ми беше оддаден со сето свое срце, правејќи го само она што е право во мои очи“ (1. Цар. 14:8). Сепак, Давид извршил сексуален неморал со мажена жена и сковал план нејзиниот сопруг да биде убиен во битка (2. Сам. 11:4, 14, 15). Од друга страна, многу од царевите кои не му биле верни на Јехова направиле некои добри работи. Да го земеме за пример Ровоам. Во Јеховини очи, тој правел зло (2. Лет. 12:14). Сепак, Ровоам ја послушал Јеховината заповед и им дозволил на 10 племиња да се одделат од неговото царство. Исто така, придонел за доброто на неговиот народ така што ги утврдил градовите во неговото царство (1. Цар. 12:21-24; 2. Лет. 11:5-12). Како Јехова одлучувал дали еден цар е верен во негови очи? Очигледно, земал предвид дали тој го сака од срце, дали се кае за своите гревови и дали му служи на исправен начин (w24.07 20, пас. 1-3).
Сабота, 27 јуни
Воспитувајте ги со стега од Јехова и помагајте им да го усвојат неговиот начин на размислување (Еф. 6:4)
Што прават старешините кога некое крстено малолетно лице — под 18 години — ќе направи тежок грев? Старешинството ќе организира двајца старешини да се состанат со малолетникот и со неговите родители кои се Јеховини сведоци. Старешините ќе ги прашаат родителите какви чекори веќе презеле за да му помогнат на нивното дете да ги направи потребните промени и да се покае. Ако детето ги слуша советите на родителите и ги прави потребните промени, двајцата старешини можеби ќе одлучат дека не мора да се преземе ништо повеќе. Старешините се свесни дека родителите се тие на кои Јехова им ја дал одговорноста со љубов да ги исправаат своите деца (5. Мој. 6:6, 7; Изр. 6:20; 22:6; Еф. 6:2-4). Старешините повремено ќе зборуваат со родителите за да се уверат дека малолетникот ја добива потребната помош. Но, што ако еден крстен малолетник не се кае и продолжува со погрешното постапување? Во тој случај, еден одбор од старешини ќе се состане со него и со неговите родители кои се Јеховини сведоци (w24.08 24, пас. 18).
Недела, 28 јуни
Повеќе усреќува давањето отколку примањето (Дела 20:35)
Од лично искуство знаеме дека ни е убаво кога ќе добиеме некој подарок. Сепак, уште поголема радост ни носи кога ние ќе подариме нешто. Многу ни користи што Јехова нѐ создал на ваков начин. Зошто? Со тоа што нѐ создал на ваков начин, Јехова ни овозможил самите да влијаеме врз тоа колку ќе бидеме среќни. Можеме да си ја зголемиме радоста така што ќе бараме прилики да им даваме на другите. Зарем не е прекрасно што сме создадени на ваков начин? (Пс. 139:14). Библијата нѐ уверува дека давањето усреќува, и затоа не сме изненадени што во неа Јехова е наречен „среќниот Бог“ (1. Тим. 1:11). Тој е првиот и најголемиот дарител. Како што рекол апостол Павле, поради него „имаме живот и се движиме и постоиме“ (Дела 17:28). Навистина, „секој добар дар и секој совршен подарок“ доаѓа од Јехова (Јак. 1:17). Веројатно секој од нас би сакал да чувствува уште поголема радост која доаѓа од давањето. Можеме да го постигнеме тоа ако се угледаме на дарежливоста на Јехова (Еф. 5:1; w24.09 26, пас. 1-4).
Понеделник, 29 јуни
Сеедно колку сме напредувале досега, да продолжиме да одиме со истиот вообичаен чекор (Фил. 3:16)
Откако ќе ги разгледаат условите кои се потребни за да служат како старешини, некои слуга-помошници можеби ќе си помислат дека никогаш нема да успеат во тоа. Но, не заборавај дека ниту Јехова ниту неговата организација не очекуваат да ги покажуваш тие особини во совршена мера (1. Пет. 2:21). Освен тоа, Јеховиниот моќен дух е тој што ти помага да ги развиваш тие особини (Фил. 2:13). Дали има некоја одредена особина во која би сакал да се подобриш? Моли го Јехова во врска со тоа. Истражувај на таа тема и замоли некој од старешините да ти даде предлози како би можел да се подобриш. Продолжи да напредуваш! Моли го Јехова да те обучува и да те обликува за да бидеш уште покорисен додека му служиш нему и на собранието (Иса. 64:8). Јехова богато нека го благослови трудот што го вложуваш за да ги исполниш условите да служиш како старешина (w24.11 25, пас. 17-18).
Вторник, 30 јуни
Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име, така што им служевте на светите и продолжувате да им служите (Евр. 6:10)
Никој од нас не треба да смета дека има право на милоста од Јехова, дури и ако долги години му служи. Се разбира, Јехова го цени сето она што сме го правеле за него. Тој го дал својот Син за нас како бесплатен подарок, а не како плата за службата што ја вршиме за него. Би било погрешно да мислиме дека заслужуваме Јехова да ни простува само затоа што сме правеле многу работи за него. Тоа би било како да велиме дека немало потреба Исус да умре. (Спореди со Галатите 2:21.) Апостол Павле знаел дека не може да ја заработи Божјата милост. Тогаш, зошто вложувал толку голем труд во службата за Јехова? Не за да докаже дека ја заслужува Јеховината незаслужена доброта, туку за да покаже благодарност за неа (Еф. 3:7). Како Павле, и ние продолжуваме да служиме ревносно, не за да ја заработиме Јеховината милост, туку за да покажеме благодарност за неа (w25.01 27, пас. 5-6).