Јули
Среда, 1 јули
Никогаш не видов праведник да биде оставен (Пс. 37:25)
Некои слуги на Јехова ги чувствуваат последиците од староста, се соочуваат со здравствени проблеми или живеат со некаков хендикеп. Поради тоа, можеби мислат дека се бескорисни во очите на Јехова. Тие можеби се прашуваат: „Дали сѐ уште сум му корисен на Јехова?“ Писателот на Псалм 71 се измачувал со слична мисла. Тој му се молел на Јехова: „Кога ќе ме издаде силата, немој да ме оставиш“ (Пс. 71:9, 18). И покрај тоа, псалмистот бил уверен дека, ако му служи верно на Јехова, тој ќе го води и ќе го поддржува. Како што сфатил и псалмистот, Јехова се радува кога некој му го дава своето најдобро за да му служи и покрај ограничувањата (Пс. 37:23-25). Драги постари, гледајте на вашата ситуација како што гледа Јехова. Тој може да ви помогне да му служите верно и покрај вашите физички ограничувања (Пс. 92:12-15). Наместо да се концентрирате на она што повеќе не можете да го правите, концентрирајте се на она што можете да го правите (w24.10 28, пас. 14-16).
Четврток, 2 јули
Што се однесува до јадењето храна жртвувана на идоли, знаеме дека идолот, всушност, не е ништо (1. Кор. 8:4)
Кога ќе се соочат со ситуации за кои нема конкретен закон во Библијата, на оние христијани кои не се зрели во духовен поглед честопати им е тешко да донесат исправна одлука. Ако во Библијата за нешто нема конкретен закон, некои можеби сметаат дека можат да прават што сакаат. Други можеби ќе бараат правило таму каде што тоа не е потребно. На пример, христијаните во Коринт, по сѐ изгледа, го прашале апостол Павле дали смеат да јадат храна која била принесена на некој идол. Наместо да им каже што да прават, Павле им укажал на фактот дека секој има право на избор во склад со она што му го дозволува неговата совест. Тој спомнал неколку библиски начела кои можеле да им помогнат да донесат одлука со која ќе зачувале чиста совест и со која немало да ги спрепнат другите (1. Кор. 8:7-9). Павле ги поучил Коринќаните да го користат Светото писмо за самите да носат одлуки, наместо да зависат од други луѓе или само да бараат правила. На овој начин, тој се обидел да им помогне да станат зрели во духовен поглед (w24.04 5, пас. 14).
Петок, 3 јули
Јас, Јехова, го истражувам срцето, за да му дадам секому според неговите патишта (Ерем. 17:10)
Во времето на Јона, Ниневијците имале можност да се покаат. Освен тоа, сети се што рекол Исус во врска со воскресението за осуда. Во него ќе бидат вклучени „оние што правеле зло“ (Јован 5:29). Значи, се чини дека можеби има некаква надеж и за луѓето од Содом и Гомор. Можно е дека барем некои од тие луѓе ќе бидат воскреснати, и дека можеби ќе имаме прилика да ги поучуваме за Јехова и за Исус Христос! Јехова секогаш го истражува срцето и ги испитува најскриените чувства. Кога ќе треба да одлучи кого да воскресне, Јехова, како и секогаш, ќе му даде „секому според неговите патишта“. Тој ќе биде цврст кога тоа е потребно, но милостив секогаш кога тоа е можно. Затоа, не треба да си претпоставиме дека за некого нема надеж за воскресение, освен ако со сигурност не го знаеме тоа (w24.05 6, пас. 15-16).
Сабота, 4 јули
Не плаши се! Јас ќе ти помогнам (Иса. 41:13)
Низ годините, пораката од Бог ги зајакнувала неговите слуги кога требало да извршат некоја тешка задача. На пример, размисли за пророкот Еремија. Тој бил многу загрижен кога Јехова му дал задача да проповеда. Еремија рекол: „Јас не знам да зборувам, зашто уште сум дете!“ (Ерем. 1:6). Што му помогнало храбро да проповеда? Тој црпел сила од она што Бог му го кажал. Еремија рекол: „Неговата реч беше како распламтен оган, затворен во моите коски, па не можев повеќе да молчам“ (Ерем. 20:8, 9). Иако Еремија имал тешко подрачје, пораката што требало да ја објавува му ја дала силата што му била потребна за да ја изврши задачата. Христијаните црпат сила од пораката во Божјата Реч. Апостол Павле им рекол на браќата дека тоа што ќе се трудат сѐ подобро да го запознаат Бог ќе ги поттикне да водат живот достоен на Јехова додека продолжуваат да донесуваат плод во секое добро дело (Кол. 1:9, 10; w24.04 14-15, пас. 2-4).
Недела, 5 јули
Свештеникот Садок го помаза Соломон (1. Цар. 1:39).
Садок му останал верен на Јехова и покрај одлуката на првосвештеникот Авијатар да го поддржи Адонија, синот на Давид кој сакал да го преземе престолот. Давид знаел дека секогаш може да има доверба во Садок. Кога планот на Адонија бил разоткриен, Давид им доверил задача на Садок, Натан и Венај да го помазаат Соломон за цар (1. Цар. 1:32-34). Садок сигурно бил многу охрабрен од примерот на други слуги на Јехова, како што бил Натан кој исто така му бил верен на Јехова и го поддржувал цар Давид. Кога Соломон станал цар, на местото на Авијатар, го поставил свештеникот Садок (1. Цар. 2:35). Како можеш да го следиш примерот на Садок? Ако некој што го сакаш одлучи да го напушти Јехова, покажи дека ти си одлучен да му останеш верен на Бог (Ис. Нав. 24:15). Јехова ќе ти ги даде силата и храброста што ти се потребни. Потпирај се на Јехова така што ќе му се молиш и ќе останеш близок со оние што верно му служат. Јехова многу ја цени твојата верност и ќе те награди за тоа (2. Сам. 22:26; w24.07 6-7, пас. 16-17).
Понеделник, 6 јули
Да не се откажеме од правење добро (Гал. 6:9)
Во Псалм 15:2, оној што му е пријател на Бог е опишан како „оној што живее беспрекорно и постапува праведно“. Зборовите „живее“ и „постапува“ укажуваат на дејство кое трае и се одвива постојано. Но, дали ние навистина можеме да живееме беспрекорно? Да. Иако ниту еден човек не е совршен, Јехова ќе смета дека живееме беспрекорно ако даваме сѐ од себе за да му бидеме послушни. Кога ќе му го заветуваме својот живот на Бог и кога ќе се крстиме, тоа е само почеток на нашето пријателство со него. Забележи дека, во библиски времиња, самото тоа што некој бил Израелец не значело автоматски дека е гостин на Јехова. Некои го повикувале, „но не со вистина и со правда“ (Иса. 48:1). За да покажат дека навистина сакаат да бидат гости на Јехова, Израелците требало да дознаат што бара Јехова од нив и да постапуваат во склад со тоа. На сличен начин, за да бидеме блиски пријатели со Јехова денес, не е доволно само да се крстиме и да бидеме наречени Јеховини сведоци. Потребно е нешто повеќе. Мора да продолжиме да постапуваме праведно (w24.06 9, пас. 4; 10, пас. 6).
Вторник, 7 јули
Угледајте се на Бог (Еф. 5:1)
На кои начини Јехова покажува дарежливост? Да разгледаме неколку примери. Јехова ни дава материјални работи. Можеби ги немаме сите удобности, но благодарение на Јехова, повеќето од нас го имаме она што ни е неопходно. На пример, тој се грижи да имаме храна, облека и покрив над главата (Пс. 4:8; Мат. 6:31-33; 1. Тим. 6:6-8). Дали Јехова ги задоволува нашите физички потреби само од чувство на должност? Воопшто не! Размисли за зборовите на Исус кои се запишани во Матеј 6:25, 26. Зборувајќи за птиците, тој рекол: „Тие ниту сеат, ниту жнеат, ниту во амбари собираат“. Но, забележи што кажал следно: „Вашиот небесен Татко ги храни“. А потоа Исус додал: „Зарем вие не вредите повеќе од нив?“ Која е поуката? Ако Јехова се грижи за потребите на животните, можеме да бидеме сигурни дека ќе се грижи и за нас! Како и секој добар родител, Јехова се грижи за своето семејство од љубов (Пс. 145:16; Мат. 6:32; w24.09 26-27, пас. 4-6).
Среда, 8 јули
Оние што добро ја извршуваат службата, стекнуваат добро име и можат со голема слобода да им зборуваат на другите (1. Тим. 3:13)
Слуга-помошник е крстен брат кој е именуван од светиот дух за да им помага на старешините така што ќе извршува голем број важни задачи во собранието. Пред сѐ, слуга-помошниците се духовни луѓе кои го сакаат Јехова и живеат во склад со неговите праведни мерила. Исто така, тие многу ги сакаат своите христијански браќа и сестри (Мат. 22:37-39). Како може еден крстен брат да ги исполни условите да биде слуга-помошник? Во Библијата се запишани условите што еден брат треба да ги исполни за да стане слуга-помошник (1. Тим. 3:8-10, 12). Ако сакаш да им помагаш на другите така што ќе станеш слуга-помошник, проучувај ги библиските услови и потоа дај сѐ од себе за да ги исполниш. Но, најпрво треба добро да размислиш од кој мотив сакаш да бидеш слуга-помошник (w24.11 14-15, пас. 4-5).
Четврток, 9 јули
Не ја прифативте како реч човечка, туку како реч Божја, каква што таа навистина е (1. Сол. 2:13)
Некои луѓе тврдат дека многупати ја прочитале Библијата. Но, дали тие навистина веруваат во неа? Дали ги применуваат нејзините совети и дали дозволуваат таа да влијае врз нивниот начин на живот? За жал, честопати одговорот е не. Колкава разлика од Јеховините слуги! Ние се трудиме да покажеме дека таа дејствува во нашиот живот. Сепак, не е секогаш лесно да ја читаме Божјата Реч и да ги применуваме нејзините совети. Можеби ни е тешко да најдеме време за читање. Можеби сме склони да читаме со брзо темпо и затоа не можеме да размислуваме за она што го читаме. Или, можеби сме обесхрабрени поради тоа што треба да направиме многу промени. Кој и да е твојот предизвик, со помош од Јехова, можеш да го надминеш. Да бидеме решени да станеме извршители на Речта. Без сомнение, колку повеќе ја читаме Божјата Реч и ја применуваме во нашиот живот, толку посреќни ќе бидеме (Јак. 1:25; w24.09 7, пас. 15-16).
Петок, 10 јули
Молете, и ќе ви се даде! (Лука 11:9)
Кога ќе доживееме некаква траума или загуба, Јехова нѐ теши преку својот свет дух. Ако и тебе ти се случило нешто лошо поради што срцето ти е скршено, отворено кажи му на Јехова како се чувствуваш. Со него можеш да зборуваш во кое и да било време и колку сакаш (Пс. 86:3; 88:1). Постојано моли го Јехова да ти го дава неговиот свет дух. Тој секогаш ќе ти помага. Дали поради тоа што си доживеал нешто многу болно, чувствуваш дека немаш сила речиси за ништо? Светиот дух може да ти даде сила да продолжиш верно да му служиш на Јехова (Еф. 3:16). Откако си го молел Јехова да ти даде свет дух, што треба да правиш? Учествувај во активности кои ќе ти овозможат Божјиот свет дух да влијае врз тебе. Во ова е вклучено да присуствуваш на состаноците и да им проповедаш на другите. Полни си го умот со Јеховините мисли така што ќе ја читаш Божјата Реч секој ден (Фил. 4:8, 9). Додека читаш, обрни внимание на оние библиски личности кои доживеале неволји и размислувај како Јехова им помогнал да истраат (w24.10 9, пас. 12-14).
Сабота, 11 јули
Бог толку многу го сакаше светот (Јован 3:16)
Исто како Јехова и неговиот Син, ние ги сакаме луѓето (Изр. 8:31). Ние имаме длабоко сочувство кон оние што се „без надеж и без Бог“ (Еф. 2:12). Тие се дават во животните проблеми, а ние го имаме појасот за спасување што им е потребен — добрата вест за Божјето Царство. Бидејќи ги сакаме и имаме сочувство кон тие луѓе, поттикнати сме да дадеме сѐ од себе за да им ја пренесеме добрата вест. Таа скапоцена порака може да ги исполни нивните срца со надеж, да им помогне уште денес да живеат на најдобар можен начин и да им даде можност да го добијат „вистинскиот живот“ — вечен живот во Божјиот нов свет (1. Тим. 6:19). Нашата љубов кон луѓето исто така нѐ поттикнува да ги предупредиме дека се приближува крајот на овој злобен свет (Езек. 33:7, 8). Ние сакаме тие да знаат што ќе се случи за време на големата неволја — прво ќе биде уништена лажната религија, а потоа, во Армагедон, ќе биде уништен целиот злобен свет (Отк. 16:14, 16; 17:16, 17; 19:11, 19, 20; w24.05 16-17, пас. 8-9).
Недела, 12 јули
Не одмаздувајте се, сакани, туку дајте му место на Божјиот гнев, зашто е напишано: „Одмаздата е моја, јас ќе вратам“, вели Јехова (Рим. 12:19)
Апостол Павле ги поттикнал христијаните да му дадат место на Божјиот гнев. Тоа го правиме така што оставаме Јехова да одлучи кога и како ќе ја спроведе правдата. Кога еден брат по име Џон доживеал неправда, рекол: „Морав свесно да се кочам за да не ја преземам правдата во свои раце. Римјаните 12:19 ми помогна да чекам на Јехова“. За наше добро е кога чекаме Јехова да ги исправи работите. Тоа е многу подобро отколку да се обидуваме сами да го решиме проблемот и да се изложиме на непотребен стрес и нервози. Јехова ни ја нуди својата помош. Тој како да ни вели: „Остави ми ги работите мене; јас ќе ги решам“. Јехова рекол: „Јас ќе вратам“. Ако имаме доверба во ова ветување, ќе го оставиме проблемот во негови раце, уверени дека тој знае како најдобро да го реши (w24.11 6, пас. 14-15).
Понеделник, 13 јули
Лебот наш потребен за овој ден дај ни го денес (Лука 11:3)
Мора да внимаваме материјалните работи да не ни станат најважното нешто во животот. Апостол Павле го нагласил ова кога им пишал на христијаните кои живееле во времето пред Ерусалим да биде уништен. Тој спомнал настани кои им се случиле на Израелците во минатото, вклучувајќи го и она што се случило во близина на планината Синај. Павле ги предупредил христијаните да не копнеат по зло како што Израелците копнееле по зло (1. Кор. 10:6, 7, 11). Јехова со чудо обезбедил храна за тие Израелци. Но, бидејќи себично копнееле по храна, тоа станало зло за нив (4. Мој. 11:4-6, 31-34). А кога го обожавале златното теле, Израелците покажале дека поважно им е да јадат, да пијат и да се забавуваат отколку да му бидат послушни на Јехова (2. Мој. 32:4-6). Павле го навел нивниот пример како предупредување за христијаните кои живееле во периодот пред уништувањето на Ерусалим во 70 год. од н.е. Ние живееме во периодот пред да биде уништен овој свет. Затоа е важно да обрнеме внимание на советот од Павле (w24.12 6, пас. 13).
Вторник, 14 јули
Радувај се со жената на својата младост (Изр. 5:18)
Јехова е „среќниот Бог“ и тој сака и ние да бидеме среќни (1. Тим. 1:11). Тој ни дал многу дарови за да може да му се радуваме на животот (Јак. 1:17). Еден од тие дарови е бракот. Кога стапуваат во брак, еден маж и една жена си ветуваат дека ќе се сакаат, ќе се почитуваат и ќе се ценат еден со друг. Тоа што ќе даваат сѐ од себе за да останат блиски може да им носи вистинска радост. За жал, многу брачни парови денес забораваат на ветувањата што ги дале на денот на венчавката. Поради тоа, тие не се среќни. Како Јехова очекува еден сопруг да постапува со својата жена? Јехова им заповеда на сопрузите да ги почитуваат своите сопруги. Еден маж кој ја почитува својата жена ќе постапува со неа на благ начин полн со љубов (1. Пет. 3:7; w25.01 8, пас. 1-2; 9, пас. 4-5).
Среда, 15 јули
Јехова е мојот помошник, нема да се плашам (Евр. 13:6)
Без сомнение, писмото на апостол Павле до Евреите им помогнало на христијаните во првиот век да се подготват за неволјата што им претстоела. Павле ги поттикнал своите соверници да стекнат поголемо знаење и подлабоко разбирање за светите списи. Тоа ќе им помогнело да ги препознаат и да ги отфрлат учењата кои ќе им ја поткопале верата. Тој ги поттикнал да си ја зајакнат верата за да можат веднаш да ги послушаат упатствата од Исус и од оние што предводеле во собранието. Исто така, им помогнал на христијаните да развијат истрајност така што ги поттикнал да имаат исправен став кон неволјите и да гледаат на нив како на можност да бидат обучени од својот грижлив Татко. Овие совети од Божјата Реч важат и за нас денес. Ако се трудиме да ги примениме, ќе можеме верно да истраеме до самиот крај (Евр. 3:14; w24.09 12, пас. 17; 13, пас. 19).
Четврток, 16 јули
Посветени сме со принесувањето на телото на Исус Христос еднаш засекогаш (Евр. 10:10)
Според Библијата, Јехова одлучил дека треба да се плати откупнина, односно одредена цена за да можат да ни бидат простени гревовите и за да можеме да бидеме негови пријатели. Колкава била цената што требало да се плати за да можат луѓето да го имаат она што Адам го изгубил? Сети се дека Адам и Ева го изгубиле совршениот живот, како и можноста да живеат вечно. Значи, откупнината требало да ја има истата вредност како она што било изгубено (1. Тим. 2:6). Можел да ја плати само возрасен човек кој 1) бил совршен, 2) имал можност засекогаш да живее на Земјата и 3) бил спремен да го жртвува, или да се откаже од тој живот за нас. Размисли за три причини зошто Исус можел да ја плати откупнината. 1) Тој бил совршен — не направил ниту еден грев (1. Пет. 2:22). 2) Поради тоа, можел засекогаш да живее на Земјата. 3) Тој бил спремен да умре и да се откаже од тој живот за нас (Евр. 10:9; w25.02 4-5, пас. 11-12).
Петок, 17 јули
Бог не го дава духот со мерка (Јован 3:34)
Биди сигурен дека Јехова те сака и сака да бидеш дел од неговото семејство. Тоа е така без разлика кои работи те спречуваат да се крстиш. На една група свои ученици, Исус им рекол: „Ако вашата вера е голема само колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа планина: ’Премести се одовде таму‘, и ќе се премести. И ништо нема да ви биде невозможно“ (Мат. 17:20). Оние што го слушнале ова биле со Исус само неколку години, и нивната вера сѐ уште растела. Но Исус ги уверил дека, ако развијат доволно вера, Јехова ќе им помогне да надминат пречки големи како планини. Со помош од Јехова, и ти ќе го направиш истото! Ако увидиш кои работи те спречуваат да се крстиш, веднаш преземи нешто за да ги отстраниш. Заветувај му го својот живот на Јехова и крсти се. Тоа е најдобрата одлука што можеш да ја донесеш! (w25.03 6-7, пас. 18-20).
Сабота, 18 јули
Јехова е на мојата страна; нема да се плашам (Пс. 118:6)
Ние можеме успешно да се справиме со неволјите ако имаме на ум дека живиот Бог е спремен да ни помогне. Можеме да си ја зајакнеме довербата во овој факт така што ќе размислуваме што направил Јехова во минатото (Иса. 37:17, 33-37). Исто така, на нашата интернет-страница jw.org можеш да читаш или да гледаш извештаи кои покажуваат како Јехова им помага на нашите браќа и сестри денес. Освен тоа, сети се на некои моменти кога Јехова ти помогнал тебе лично. Можеби си мислиш дека Јехова не направил нешто толку спектакуларно за тебе. Но, факт е дека Јехова направил многу работи за тебе во твојот живот! Тој те привлекол кон себе и ти дал можност да бидеш негов пријател (Јован 6:44). Затоа, моли го Јехова да ти помогне да се сетиш на моментите кога одговорил на твоите молитви, кога ти го дал токму она што ти било потребно во вистинското време или кога се грижел за тебе во некоја тешка ситуација. Тоа што ќе размислуваш за вакви искуства, ќе ја зајакне твојата увереност дека Јехова ќе продолжи да ти помага (w24.06 21, пас. 8).
Недела, 19 јули
Смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија (Рим. 5:12)
Ние сме решени да не дозволиме ништо да нѐ оддалечи од Јехова. Сепак, ние сме несовршени и лесно би можеле да паднеме во искушение да направиме нешто погрешно (Рим. 7:21-23). Неочекувано, би можеле да се најдеме во околности во кои може да ни изгледа многу привлечно да направиме нешто погрешно. За да им останеме верни на Јехова и на неговиот Син, мора да го послушаме советот на Исус да се чуваме од искушението да направиме грев. Сите ние ќе се најдеме на искушение да направиме нешто погрешно. Но, секој од нас има различни слабости, и затоа одредени работи особено ќе нѐ стават на искушение да направиме нешто погрешно. На пример, некој можеби се бори со искушение да направи сериозен грев, како што е сексуалниот неморал. Друг можеби треба да се бори со искушение да направи нешто нечисто, како што е мастурбирањето или гледањето порнографија. А некој друг можеби се бори со стравот од човек, со гордоста, со избувливиот карактер или со нешто друго (w24.07 14, пас. 3; 15, пас. 5).
Понеделник, 20 јули
Спремно простете му и утешете го, за да не го скрши преголемата жалост (2. Кор. 2:7)
Замисли си што можело да се случи доколку старешините не му дозволеле на еден човек кој вистински се каел да се врати во собранието или доколку, откако се вратил, собранието не сакало да му покаже љубов. Тој можел да биде скршен од „преголемата жалост“. Лесно можел да си помисли дека неговата ситуација е безнадежна. Тој дури можел да престане да се труди да го обнови своето пријателство со Бог. Што е уште полошо, доколку не му простеле на грешникот кој се каел, браќата и сестрите би го довеле во опасност своето пријателство со Јехова. Зошто? Бидејќи на тој начин не би го следеле примерот на Јехова, кој им простува на оние кои се каат за своите гревови, туку би го следеле примерот на Сатана, кој е суров и безмилосен. Тие, всушност, би станале алатки во рацете на Ѓаволот кои тој можел да ги искористи за овој човек да престане да му служи на Јехова (2. Кор. 2:10, 11; Еф. 4:27; w24.08 17, пас. 7, 10-11).
Вторник, 21 јули
Кога се вознесе во висините, даде луѓе како дарови (Еф. 4:8)
Христос Исус дал „луѓе како дарови“ кои им служат на собранијата на друг начин. Под негово водство, старешините во Ерусалим ги испратиле како патувачки надгледници Павле, Варнава и други (Дела 11:22). Зошто? Од истата причина поради која биле именувани слуга-помошници и старешини: да ги зајакнуваат собранијата (Дела 15:40, 41). Покраинските надгледници се постојано во движење. Некои патуваат стотици километри од едно до друго собрание. Секоја седмица, покраинскиот надгледник изнесува неколку говори, оди на пастирски посети и води состанок со пионерите, состанок со старешините и состаноци за проповедање. Тој подготвува говори и учествува во организирањето на покраински собири и конгреси. Служи како инструктор на Школата за пионери, подготвува посебен состанок со пионерите во покраината и извршува други — понекогаш итни — задачи кои му ги доделува подружницата (w24.10 21, пас. 12-13).
Среда, 22 јули
Ќе им го простам нивниот престап и повеќе нема да се сеќавам на нивниот грев (Ерем. 31:34)
На пророкот Еремија, Јехова му ги кажал зборовите од денешниот стих. Апостол Павле ги цитирал овие зборови кога рекол: „Повеќе нема да се присетувам на нивните гревови“ (Евр. 8:12). Но што, всушност, значи ова? Во Библијата, изразот „се сеќава“ не се однесува секогаш на некој кој размислува за нешто што се случило во минатото. Наместо тоа, може да се однесува на некој кој прави нешто. Злосторникот, кој висел на столбот до Исус, го побарал следново: „Исусе, сети се на мене кога ќе дојдеш во своето царство!“ (Лука 23:42, 43). Тој не барал Исус само да помисли на него во тоа време. Исус му кажал на злосторникот дека ќе направи нешто за него, односно дека ќе го воскресне. Значи, кога Јехова вели дека повеќе нема да се сеќава на нашите гревови, тоа значи дека тој нема да преземе нешто против нас. Јехова нема да нѐ казни во иднина за гревовите што веќе ни ги простил (w25.02 10-11, пас. 14-15).
Четврток, 23 јули
Знаењето за Најсветиот донесува разборитост (Изр. 9:10)
Ќе имаме вистинска разборитост ако знаеме кои се Јеховините особини, која е неговата намера и кои работи ги сака, а кои ги мрази. Прашај се: „На темел на она што го знам за Јехова, каква одлука можам да донесам за да го радувам?“ (Еф. 5:17). За да го израдуваме Јехова, понекогаш ќе мора да ги разочараме оние кои ни се блиски. На пример, некои добронамерни родители можеби инсистираат нивната возрасна ќерка да се омажи за некој што е финансиски добро ситуиран, иако не е духовно јак. Нормално е да сакаат нивната ќерка да води удобен живот, но таа треба да се праша: „Дали овој маж ќе ми помогне да бидам блиска со Јехова?“ Како гледа Јехова на оваа работа? Одговорот се наоѓа во Матеј 6:33. Во тој стих, христијаните се поттикнати да го „[бараат] најнапред царството“. Иако ги почитуваме родителите и луѓето во средината во која живееме, нам ни е најважно да го радуваме Јехова (w25.01 17, пас. 9-10).
Петок, 24 јули
Господарот застана покрај мене и ме зајакна (2. Тим. 4:17)
Нам денес ни е потребна Јеховината помош за да продолжиме ревносно да проповедаме и покрај противењето со кое се соочуваме (Отк. 12:17). Зошто можеш да бидеш сигурен дека Јехова ќе те поддржува? Размисли за молитвата на Исус која е запишана во Јован поглавје 17. Исус побарал од Јехова да ги чува апостолите, и Јехова одговорил на неговата молитва. Во книгата Дела се зборува за тоа како Јехова им помогнал на апостолите ревносно да проповедаат и покрај прогонството. Исто така, Исус го молел Јехова да ги чува и оние кои ќе покажеле вера во пораката која апостолите ја проповедале. И ти си еден од нив. Јехова не престанал да одговара на молитвата на Исус. Тој ќе ти помага и тебе исто како што им помагал и на апостолите (Јован 17:11, 15, 20). Како што се приближува крајот, можеби ќе станува сѐ потешко да ја проповедаме добрата вест. Но, Исус нѐ уверува дека ќе ја добиеме помошта која ни е потребна за да продолжиме ревносно да ја вршиме оваа задача (Лука 21:12-15; w25.03 17-18, пас. 13-14).
Сабота, 25 јули
Моите слуги ќе воскликнуваат од радост (Иса. 65:14)
Божјите слуги можат да „воскликнуваат од радост“ бидејќи нивните срца се преполни со благодарност. Вистините кои ни ја зајакнуваат верата, утешните ветувања од Божјата Реч и нашата цврста надеж која се темели на Христовата откупна жртва ни помагаат да чувствуваме „радост во срцето“. Кога зборуваме за овие работи, тоа нѐ прави вистински среќни (Пс. 34:8; 133:1-3). Љубовта и единството помеѓу Јеховиниот народ се две главни карактеристики на духовниот рај (Кол. 3:14). Ова ни помага да си замислиме каков ќе биде животот во новиот свет кога помеѓу Јеховините слуги ќе има уште поголема љубов и уште поголемо единство отколку што има денес. Секој што сака да биде вистински среќен и задоволен треба да биде во нашиот духовен рај. Без разлика што мисли овој свет за Јеховините слуги, тие имаат стекнато добро име кај Јехова и кај сите оние кои го обожаваат (Иса. 65:15; w24.04 21, пас. 7-8).
Недела, 26 јули
Изградувајте се еден со друг (1. Сол. 5:11)
Како можеме да ги охрабриме и да им помогнеме на оние кои сакаат да стапат во брак? Еден начин е така што ќе внимаваме што зборуваме (Еф. 4:29). Би можеле да се прашаме: „Дали правам шеги на сметка на оние кои сакаат да стапат во брак? Кога ќе видам дека разговараат еден брат и една сестра кои се самци, дали си претпоставувам дека има нешто меѓу нив?“ (1. Тим. 5:13). Освен тоа, никогаш не треба да придонесеме оние што не се во брак да се чувствуваат дека се за жалење или дека се помалку вредни од другите. Многу подобро е да бараме прилики да ги пофалиме оние христијани кои се самци! Што ако мислиме дека некој брат и некоја сестра би биле добар пар? Библијата вели да ги земаме предвид чувствата на другите (Рим. 15:2). Многу браќа и сестри кои не се во брак не сакаат другите да ги запознаваат со некој потенцијален брачен другар, и ние треба да го почитуваме тоа (2. Сол. 3:11). Други можеби би сакале таква помош, но ние не треба да преземеме нешто доколку самите не ни кажат (Изр. 3:27; w24.05 24-25, пас. 14-15).
Понеделник, 27 јули
Нивната карпа не е како нашата Карпа (5. Мој. 32:31)
Ние живееме во свет во кој неочекувано може да се соочиме со проблеми кои можат да ни го отежнат животот, па дури и потполно да ни го сменат. Многу сме благодарни што можеме да се потпираме на Јехова Бог за помош! Кога ќе почувствуваме дека тој ни помага, тоа нѐ уверува дека Јехова е жив, како што кажал и Давид (Пс. 18:46). Но, откако го кажал тоа, Давид го споредил Бог со нешто неживо — тој го нарекол Јехова „мојата Карпа“. Што значи тоа? Библијата го споредува Јехова со „карпа“ за да ни помогне да разбереме некои од неговите особини. Овој израз честопати се појавува во стихови во кои Бог се велича како некој кому му нема рамен. Првото место во Библијата во кое Јехова е наречен „Карпа“ е во 5. Мојсеева 32:4. Во молитва, Ана рекла: „Нема карпа каква што е нашиот Бог“ (1. Сам. 2:2). Авакум го нарекол Јехова „Карпа“ (Авак. 1:12). Писателот на Псалм 73 го нарекол Бог „карпата на моето срце“ (Пс. 73:26). Дури и Јехова за себе рекол дека е „Карпа“ (Иса. 44:8; w24.06 26, пас. 1, 3).
Вторник, 28 јули
Јосафат со сето срце го бараше Јехова (2. Лет. 22:9)
Израелските цареви кои Јехова ги сметал за добри, му служеле со сето срце. Во врска со Јосија, во Библијата пишува: „Пред него немаше таков цар кој се врати кај Јехова со сето свое срце“ (2. Цар. 23:25). А што може да се каже за Соломон кој, кога остарел, го правел она што е лошо? Во Библијата за него пишува: „Неговото срце повеќе не му беше потполно оддадено на Јехова“ (1. Цар. 11:4). А во врска со Авијам, еден друг неверен цар, во Библијата пишува: „Неговото срце не му беше потполно оддадено на Јехова“ (1. Цар. 15:3). Библијата честопати го користи зборот „срце“ за да ја опише целокупната личност на човекот, односно каков е тој однатре, вклучувајќи ги неговите желби, мисли, склоности, ставови, способности, мотиви и цели. Тогаш, што значи да му се служи на Јехова со сето срце? Оној што му служи на Јехова со сето срце не му служи само затоа што знае дека така треба, туку затоа што многу го сака и длабоко го почитува. И тоа го прави во текот на целиот свој живот (w24.07 21, пас. 4-5).
Среда, 29 јули
Избриши ги сите мои престапи (Пс. 51:9)
Јехова користи споредба за да опише како ги брише гревовите. Тој вели: „Ќе ги избришам твоите престапи, и ќе биде како да ги скрил облак, и гревовите, како да ги скриле облаци“ (Иса. 44:22). Кога Јехова простува, тоа е како да користи густи облаци за нашите престапи потполно да исчезнат и од пред нашиот и од пред неговиот поглед. Што значи ова за нас? Откако Јехова ќе ни ги прости нашите гревови, не треба да мислиме дека ќе ја носиме дамката од тие гревови до крајот на нашиот живот. Со својата крв, Исус во потполност го платил долгот за нашите гревови. Кога Јехова ни простува некој грев, тоа е како никогаш да не сме го направиле. Кога ќе се покаеме за нашите гревови, Јехова ни простува токму на ваков начин. Јеховината милост ни овозможува да имаме добар однос со него и ни помага да не бидеме преплавени од чувства на вина (w25.02 10, пас. 11-14).
Четврток, 30 јули
Божјата добрина сака да те доведе до покајание (Рим. 2:4)
Браќата кои служат во одбор од старешини имаат одговорност пред Јехова да го чуваат собранието чисто (1. Кор. 5:7). Исто така, тие прават сѐ што можат за да им помогнат на оние кои направиле некаков грев, доколку е можно, да се покаат. Затоа, додека им помагаат на тие соверници, старешините задржуваат позитивен став и не губат надеж дека ќе се сменат. Зошто? Бидејќи сакаат да го следат примерот на Јехова, кој е „полн со сочувство и милосрден“ (Јак. 5:11). Забележи како остарениот апостол Јован покажал таков став. Тој напишал: „Дечиња мои, ова ви го пишувам за да не направите грев. Но, ако некој и направи грев, имаме помошник кај Таткото — Исус Христос, праведникот“ (1. Јов. 2:1). За жал, има ситуации кога престапникот не сака да се покае. Во таков случај, тој мора да биде отстранет од собранието (w24.08 25, пас. 19-20).
Петок, 31 јули
Бидете непоколебливи во верата (1. Кор. 16:13)
Можеби имаш склоност да се споредуваш со другите. Но, немој да го правиш тоа. Зошто? Затоа што Јехова не нѐ споредува едни со други (Гал. 6:4). На пример, Марија му ги намачкала нозете на Исус со скапоцено мирисливо масло (Јован 12:3-5). Од друга страна, сиромашната вдовица пуштила како прилог во храмот две парички со многу мала вредност (Лука 21:1-4). Сепак, и на едниот и на другиот дар, Исус гледал како на израз на вера. Неговиот Татко, Јехова, многу цени сѐ што правиш поттикнато од љубов и од оддаденост кон него, без разлика колку тоа тебе можеби ти изгледа безначајно. Одвреме-навреме, на сите нас ни се појавуваат сомнежи. Сепак, Библијата може да ни помогне да ги надминеме и да чувствуваме мир наместо да бидеме загрижени. Нема сомнеж дека Јехова те забележува тебе лично. Тој ги цени жртвите што ги правиш, и сигурно ќе те награди. Јехова го сака и се грижи за секој свој верен слуга (w24.10 24, пас. 3; 29, пас. 17-18).