ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • es26 стр. 77-87
  • Август

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Август
  • Секојдневно истражување на Писмото — 2026
  • Поднаслови
  • Сабота, 1 август
  • Недела, 2 август
  • Понеделник, 3 август
  • Вторник, 4 август
  • Среда, 5 август
  • Четврток, 6 август
  • Петок, 7 август
  • Сабота, 8 август
  • Недела, 9 август
  • Понеделник, 10 август
  • Вторник, 11 август
  • Среда, 12 август
  • Четврток, 13 август
  • Петок, 14 август
  • Сабота, 15 август
  • Недела, 16 август
  • Понеделник, 17 август
  • Вторник, 18 август
  • Среда, 19 август
  • Четврток, 20 август
  • Петок, 21 август
  • Сабота, 22 август
  • Недела, 23 август
  • Понеделник, 24 август
  • Вторник, 25 август
  • Среда, 26 август
  • Четврток, 27 август
  • Петок, 28 август
  • Сабота, 29 август
  • Недела, 30 август
  • Понеделник, 31 август
Секојдневно истражување на Писмото — 2026
es26 стр. 77-87

Август

Сабота, 1 август

Ќе има голема неволја каква што немало од почетокот на светот до сега (Мат. 24:21)

Ние се молиме што е можно повеќе луѓе да обрнат внимание на предупредувањето што им го кажуваме и уште сега да одлучат да му служат на Јехова заедно со нас. Но, што е со оние кои во моментов не обрнуваат внимание на предупредувањето? Можеби Јехова ќе сака да спаси некои луѓе кои ќе почнат да веруваат во него кога ќе го видат уништувањето на Големиот Вавилон. Ако е така, тогаш е уште поважно да продолжиме да ги предупредуваме луѓето. Она што им го кажуваме сега може да им даде нешто на што ќе можат да се сетат тогаш. (Спореди со Езекиел 33:33.) Тие можеби ќе се сетат на предупредувањето што го чуле од нас и можеби ќе бидат поттикнати да почнат да му служат на Јехова заедно со нас пред да биде предоцна. Во првиот век, затворскиот чувар во Филипи поверувал во Јехова дури откако се случил силен земјотрес. Слично на тоа, некои кои сега не обрнуваат внимание на предупредувањето можеби ќе покажат вера во Јехова откако светот ненадејно ќе го потресе уништувањето на Големиот Вавилон (Дела 16:25-34; w24.05 17, пас. 9-10).

Недела, 2 август

Христос е завршетокот на Законот (Рим. 10:4)

Од она што апостол Павле им го напишал на христијаните со еврејско потекло учиме една важна поука. Некои не продолжиле да растат во духовен поглед. Тие, всушност, станале такви на кои повторно „им треба млеко, а не тврда [духовна] храна“ (Евр. 5:12). Тие не биле во тек со вистината која Јехова постепено им ја откривал преку собранието (Изр. 4:18). На пример, многу Евреи сѐ уште настојувале да се држи Мојсеевиот закон и покрај тоа што, околу 30 години пред тоа, Законот престанал да важи поради откупната жртва на Исус (Тит 1:10). Секој што ќе го прочитал писмото што Павле им го напишал на Евреите можел да потврди дека оваа книга содржи тврда духовна храна. Ова писмо било токму она што им било потребно на тие христијани за да си ја зајакнат верата дека новиот начин на обожавање кој Јехова го воспоставил преку Исус е многу подобар. Исто така, тоа им дало храброст да продолжат да проповедаат (Евр. 10:19-23; w24.04 6, пас. 15).

Понеделник, 3 август

Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните (Дела 24:15)

Откако Адам и Ева застанале на страната на Сатана и се побуниле против Јехова Бог, умреле милијарди луѓе. Што ќе се случи со сите тие луѓе? Еден ограничен број — вкупно 144.000 Христови верни следбеници — ќе бидат воскреснати за бесмртен живот на небото (Отк. 14:1). Освен тоа, еден огромен број верни мажи и жени кои го сакале Јехова ќе бидат дел од праведните што ќе бидат воскреснати. Тие ќе живеат засекогаш на Земјата ако останат праведни во текот на Христовото илјадагодишно владеење и за време на последниот испит (Дан. 12:13; Евр. 12:1). Исто така, за време на илјадагодишното владеење, на неправедните — вклучувајќи ги оние кои никогаш не му служеле на Јехова, па дури и „оние што правеле зло“ — ќе им биде дадена можност да се променат и да станат верни слуги на Јехова Бог (Јован 5:29; Лука 23:42, 43). Но, некои луѓе биле толку злобни што тој одлучил за нив воопшто да нема воскресение (Лука 12:4, 5; w24.05 2, пас. 3; 6, пас. 15, 17).

Вторник, 4 август

Овој народ ме слави само со усните, а срцето му е далеку од мене (Иса. 29:13)

Оној што сака да биде Јеховин пријател мора да ја „зборува вистината во своето срце“ (Пс. 15:2). Ова не значи само да не лажеме. Јехова сака да бидеме чесни во сѐ што кажуваме и правиме (Евр. 13:18). Ова е важно затоа што „на Јехова му е одвратен расипаниот човек, а близок е со справедливите“ (Изр. 3:32). Оние што ја зборуваат вистината во своето срце не се преправаат дека му се послушни на Бог кога се со други луѓе, ниту пак ги прекршуваат Божјите закони кога се сами. Тие не постапуваат нечесно. Оној што е расипан, односно нечесен, би можел да почне да се сомнева во мудроста на некои од Јеховините закони (Јак. 1:5-8). Тој би можел да му биде непослушен на Јехова во работи за кои смета дека не се толку важни. Потоа, ако се чини дека нема последици за неговата непослушност, тој би можел да почне да прави дури и уште полоши работи. Иако тој мисли дека му служи на Бог, Јехова ќе го смета за лицемерен (Проп. 8:11). Но, ние сакаме да бидеме чесни во сѐ (w24.06 10, пас. 7-8).

Среда, 5 август

Бидете постојани! Опашајте ги своите бедра со вистината (Еф. 6:14)

Јеховиниот народ ја сака вистината што се наоѓа во Божјата Реч. Нашата вера се темели врз таа вистина (Рим. 10:17). Ние сме уверени дека Јехова го поставил христијанското собрание како „столб и потпора на вистината“ (1. Тим. 3:15). Сатана многу би сакал да изгубиме доверба во Библијата и во водството што го добиваме од Божјата организација (Еф. 4:14). Наскоро, Ѓаволот ќе употреби силна пропаганда за да наведе цели народи да заземат страна против Јехова (Отк. 16:13, 14). Исто така, можеме да очекуваме дека Сатана ќе вложи уште поголем труд за да го заведе Божјиот народ (Отк. 12:9). Затоа, важно е да вежбаме да ја препознаваме разликата помеѓу вистината и лагите и да ѝ бидеме послушни на вистината (Рим. 6:17; 1. Пет. 1:22). Од тоа ќе зависи дали ќе ја преживееме големата неволја! (w24.07 8, пас. 1-3).

Четврток, 6 август

Зашто, оваа заповед што ти ја давам денес не е претешка за тебе и не е предалеку од тебе (5. Мој. 30:11)

Кога ги организирал Израелците како народ, Јехова со нив склучил сојуз, односно формален договор. Тој им ветил дека ќе ги штити и ќе ги благословува ако ги држат неговите заповеди. Но, доколку Израелците повеќе не им биле послушни на неговите заповеди или доколку избереле да им служат на други богови, Јехова повеќе немало да ги штити и ќе трпеле последици. Но, тоа не значело дека немало можност повторно да ја стекнат Божјата милост. Израелците можеле да се вратат кај Јехова, својот Бог, и да го слушаат неговиот глас (5. Мој. 30:1-3, 17-20). Со други зборови, тие можеле да се покаат. Ако го направеле тоа, Јехова повторно ќе бил близок со нив и повторно ќе ги благословувал. Божјиот избран народ одново и одново се бунел против Јехова. Како резултат на тоа, тие трпеле последици. Но, Јехова не се откажал од својот тврдоглав народ. Тој секогаш одново праќал пророци за да го поттикне својот народ да се покае и да му се врати (2. Цар. 17:13, 14; w24.08 9, пас. 4-5).

Петок, 7 август

Почна големо прогонство на собранието во Ерусалим (Дела 8:1)

Во годините што следеле по смртта на Исус, христијаните што живееле во Ерусалим и Јудеја се соочиле со многу тешкотии. Кратко откако било формирано христијанското собрание, започнало жестоко прогонство. Околу 20 години подоцна, христијаните се соочиле со сериозни економски проблеми, можеби поради гладот кој претходно ја погодил земјата (Дела 11:27-30). Сепак, околу 61 год. од н.е., христијаните живееле во релативен мир во споредба со она што следело потоа. Во тој период, тие добиле писмо кое го напишал апостол Павле под водство на светиот дух — писмо кое дошло токму во вистинско време. Писмото кое го добиле Евреите било навремено бидејќи мирот во кој живееле христијаните немало да трае долго. Павле им дал практични совети кои ќе им помогнеле да истраат во неволјата со која наскоро ќе се соочеле (w24.09 8, пас. 1-2).

Сабота, 8 август

Да ги утеши вашите срца (Кол. 4:8)

Кога страдаме, Јехова ни покажува дека нѐ сака преку нашите браќа и сестри. Соверниците можат да нѐ утешат така што сочувствително ќе нѐ слушаат или можат да ни дадат поддршка со своето присуство. Тие можат да нѐ охрабрат со некој библиски стих или да се молат заедно со нас (Рим. 15:4). Понекогаш, некој брат или некоја сестра може да нѐ потсети на начинот на кој Јехова размислува и со тоа да ни помогне да истраеме. Нашите соверници можат да ни помогнат и на практичен начин. На пример, така што ќе ни донесат јадење кога сме потиштени. За да добиеме помош од другите, можеби ќе треба сами да го побараме тоа (Изр. 17:17). Можеби тие не знаат како се чувствуваме и што ни е потребно (Изр. 14:10). Затоа, зборувај со некои пријатели кои се зрели христијани и сподели ги своите чувства со нив. Кажи им како би можеле да ти помогнат. Можеш да му се довериш на еден или на двајца старешини со кои се чувствуваш слободно. Некои сестри добиваат утеха така што зборуваат со некоја зрела сестра (w24.10 10, пас. 15-16).

Недела, 9 август

Секој што го гледа Синот и верува во него ќе има вечен живот (Јован 6:40)

Многу луѓе внимаваат на исхраната и се трудат редовно да вежбаат со цел да останат здрави. Сепак, тие не очекуваат да живеат вечно. Тоа не само што можеби им изгледа нереално туку можеби и не сакаат да живеат вечно поради проблемите што ги носи староста. Меѓутоа, Исус зборувал за вечниот живот во позитивна смисла, како што се гледа од Јован 3:16 и 5:24. Во една прилика, Исус преку чудо нахранил илјадници луѓе со леб и риба. Тоа било нешто неверојатно. Но, она што го кажал следниот ден било уште поневеројатно. Мноштвото го следело до Капернаум, во близина на брегот на Галилејското Море, каде што тој кажал дека луѓето може да бидат воскреснати и да имаат вечен живот (Јован 6:39, 40). Зборовите на Исус покажуваат дека многумина кои починале може да бидат воскреснати и дека и ти и твоите блиски може да живеете вечно (w24.12 8, пас. 1-2).

Понеделник, 10 август

Мажи, почитувајте ги своите жени како послаби садови (1. Пет. 3:7)

Според еден неодамнешен извештај од Светската здравствена организација, многу сопрузи ги малтретираат своите сопруги во физички, вербален и емоционален поглед. Еден ваков сопруг можеби постапува со почит со својата жена пред другите, но постапува лошо со неа кога се дома. Зошто некои сопрузи постапуваат лошо со своите сопруги? Можеби нивниот татко бил насилен, и затоа тие си мислат дека насилното однесување е нешто нормално. Други, пак, можеби постапуваат така затоа што во нивната култура е застапено гледиштето дека еден „вистински маж“ мора да користи сила за да ѝ покаже на својата жена кој е главен. Трети, не биле поучени да ги контролираат своите емоции, вклучувајќи го и гневот. Некои мажи стекнале искривено гледиште за жените и за сексуалните односи поради навиката да гледаат порнографија. Силно влијание изврши и пандемијата со КОВИД-19. Извештаите покажуваат дека за време на овој период многу мажи почнале да ги малтретираат своите жени. Се разбира, ниту една од овие причини не е оправдание за грубото и насилно однесување на мажите (w25.01 8, пас. 2-3).

Вторник, 11 август

Поради тоа што Христос страдаше во тело, и вие вооружете се со истиот тој став (1. Пет. 4:1)

Исус објаснил која е најважната заповед во Мојсеевиот закон кога рекол: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сета своја сила, и со сиот свој ум“ (Лука 10:27). Значи, го сакаме Јехова со сѐ што имаме и со целото наше битие. Во тоа се вклучени нашите желби, емоции и сила. Исто така, вклучен е нашиот ум, односно начинот на кој гледаме на работите. Се разбира, ние нема никогаш потполно да разбереме како размислува Јехова. Но, можеме подобро да го разбереме начинот на кој Бог размислува така што ќе го проучуваме „Христовиот ум“, бидејќи Исус совршено го одразува размислувањето на неговиот Татко (1. Кор. 2:16; w25.03 8, пас. 1).

Среда, 12 август

Преку него, со посредство на неговата крв, ослободени сме со откупнина, простени ни се престапите според богатството на неговата незаслужена доброта (Еф. 1:7)

Исус бил совршен човек, исто како првиот човек Адам, пред да згреши (1. Кор. 15:45). Затоа, со својата смрт, Исус можел да нѐ очисти од гревот на Адам, односно да го надомести она што Адам го изгубил (Рим. 5:19). На тој начин, Исус станал „последниот Адам“. Нема потреба некој друг совршен човек да дојде и да плати за она што Адам го изгубил. Исус умрел „еднаш засекогаш“ (Евр. 7:27; 10:12). Тогаш, која е разликата помеѓу очистувањето и откупнината? Очистувањето е подготовката што ја направил Бог за луѓето повторно да бидат во добар однос со него. Откупнината е цената што била платена за да можат да се очистат гревовите на човештвото. Оваа цена е претставена со Исусовата скапоцена крв која била пролеана за нас (Евр. 9:14; w25.02 5, пас. 12-13).

Четврток, 13 август

Бог е верен и нема да дозволи да бидете искушани повеќе отколку што можете да поднесете, туку ќе направи излез кога ќе дојде искушението за да можете да го издржите (1. Кор. 10:13)

Тоа што ќе гледаме на Јехова како на жив Бог ќе ни помогне исправно да гледаме на нашите неволји. Зошто? Кога се соочуваме со неволји, треба да се концентрираме на она што е најважно. Ѓаволот тврди дека, ако имаме тешкотии, ќе го напуштиме Јехова (Јов 1:10, 11; Изр. 27:11). Но ако останеме верни и покрај неволјите, ќе покажеме дека го сакаме Јехова и ќе докажеме дека Ѓаволот е лажливец. Дали се соочуваш со противење од властите или со економски проблеми? Дали луѓето на кои им проповедаш не се заинтересирани за добрата вест или можеби доживуваш некоја друга неволја? Ако се наоѓаш во некоја од овие ситуации, не заборавај дека тоа ти дава можност да го израдуваш срцето на Јехова. Исто така, не заборавај дека тој никогаш нема да дозволи да бидеш искушан повеќе отколку што можеш да поднесеш. Тој ќе ти ја даде силата што ти е потребна за да издржиш (w24.06 22, пас. 9).

Петок, 14 август

Секого го искушува неговата желба, така што го привлекува и го мами (Јак. 1:14)

Дали знаеш кои работи ти претставуваат најголемо искушение тебе? Опасно е да се залажуваме дека немаме слабости или да си мислиме дека сме премногу силни за да паднеме на некое искушение (1. Јов. 1:8). Имај на ум дека Павле рекол дека дури и оние кои се духовно зрели можат да подлегнат на искушението ако не внимаваат (Гал. 6:1). Ние мора да сме искрени со себеси и да си признаеме на кои подрачја сме слаби (2. Кор. 13:5). Што треба да правиме откако ќе утврдиме кои работи ни претставуваат најголемо искушение? Треба да си ја зајакнеме способноста да им се спротивставиме на тие искушенија! Размисли за следниов пример. Во библиски времиња, најслабата точка на градските ѕидини биле портите. Поради тоа, за да се заштити градот, најмногу стражари биле поставувани на портите. Слично на ова, ние треба да обрнеме посебно внимание на оние подрачја за кои знаеме дека сме особено слаби (1. Кор. 9:27; w24.07 15, пас. 5-7).

Сабота, 15 август

Донесувајте плод во секое добро дело и сѐ подобро запознавајте го Бог (Кол. 1:10)

Во доброто дело, кое е спомнато во денешниот стих, вклучено е проповедањето на добрата вест. Затоа, кога ја читаме Божјата Реч и кога размислуваме за она што го читаме, нашата вера во Јехова се зајакнува и уште повеќе сфаќаме колку е важно да ја проповедаме добрата вест за Царството. За да извлечеме најголема корист од Божјата Реч, кога читаме, проучуваме и размислуваме, треба да избегнуваме тоа да го правиме само набрзина. Затоа, одвој си време. Ако наидеш на стих кој не го разбираш, немој да го игнорираш тоа. Наместо тоа, користи го Прирачникот за истражување на публикациите на Јеховините сведоци или некоја друга алатка за истражување за да најдеш објаснување за тој стих. Ако си одвоиш време кога проучуваш, ќе си ја зајакнеш твојата доверба во вистинитоста на Божјата Реч (1. Сол. 5:21). Колку поуверен си, толку повеќе ќе уживаш да го споделуваш со другите она што си го научил (w24.04 15, пас. 4-5).

Недела, 16 август

Ви пишувам, за да утврдам дали сте послушни во сѐ (2. Кор. 2:9)

Цар Давид напишал: „Ти, Јехова, си добар и спремен да простиш“ (Пс. 86:5). Михеј напишал: „Кој Бог е како тебе, кој ги простува грешките и преминува преку престапот?“ (Мих. 7:18). А Исаија рекол: „Злосторникот нека го остави својот пат и злобниот нека ги остави своите мисли, и нека се врати кај Јехова, кој ќе му се смилува, кај нашиот Бог, зашто тој ќе му прости великодушно!“ (Иса. 55:7). За да го следат примерот на Јехова, на браќата и сестрите во собранието во Коринт им било кажано да го уверат човекот што се каел дека го сакаат и да му покажат дека се среќни што се вратил. Со тоа што го послушале тоа упатство, христијаните од ова собрание покажале дека се „послушни во сѐ“. Иако поминале само неколку месеци откако бил отстранет од собранието, овој човек се покајал благодарение на укорот што го добил. Затоа, штом било јасно дека се покајал, немало потреба уште да се чека за повторно да биде примен во собранието (w24.08 17-18, пас. 12-13).

Понеделник, 17 август

Едниот ќе биде земен, а другиот ќе биде оставен (Мат. 24:40)

Живееме во многу возбудливо време! Наскоро, Исус ќе му суди на секој жив човек на Земјата. Тој го опишал времето кое ќе води до ова судење така што на своите ученици им дал еден пророчки знак за неговата невидлива присутност и за „свршетокот на овој поредок“ (Мат. 24:3). Ова пророштво е запишано во Матеј поглавја 24 и 25, како и во Марко поглавје 13 и Лука поглавје 21. Исус дал корисни предупредувања преку три споредби. Првата споредба е за овците и јарците, втората е за разборитите и глупавите девици, а третата е за талантите. Секоја од овие споредби ни помага да сфатиме дека Исус ќе му суди на секој човек на темел на неговото однесување (w24.09 20, пас. 1-2).

Вторник, 18 август

Сѐ што правите, правете го со љубов! (1. Кор. 16:14)

Нашиот најголем пример Исус Христос правел сѐ поттикнат од љубов кон неговиот Татко и кон луѓето. Таквата љубов го поттикнувала да биде трудољубив и понизно да извршува задачи што некои ги сметале за ниски (Мат. 20:28; Јован 13:5, 14, 15). Браќа, ако сте поттикнати од љубов, Јехова ќе ве благослови и ќе ви помогне да ги остварите вашите духовни цели, како на пример да ги исполните условите за слуга-помошник (1. Пет. 5:5). Луѓето во светот обично им се восхитуваат на оние што се обидуваат да изгледаат важни во очите на другите. Но тоа не е случај и во Јеховината организација. Еден брат кој ги сака другите по примерот на Исус, не копнее по моќ или авторитет над другите или по тоа да има некаков статус. Ако таква амбициозна личност биде именувана во собранието, веројатно ќе одбие да извршува некои понизни задачи кои се неопходни за грижата околу Јеховините скапоцени овчички. Тој можеби ќе смета дека за него е понижување да извршува такви задачи (Јован 10:12; w24.11 15, пас. 6-7).

Среда, 19 август

Светиот дух ве постави за надгледници (Дела 20:28)

Насекаде низ светот, потребни се повеќе браќа кои ќе бидат „луѓе како дарови“ (Еф. 4:8). Ако си крстен брат, дали си во можност да служиш на таков начин? (Изр. 3:27). Дали имаш желба да ги исполниш условите за слуга-помошник? Дали си спремен да вложиш труд за да се грижиш за потребите на другите како старешина? Дали си во можност да направиш промени во животот за да поднесеш молба за Школата за полновремени објавители? Обуката на таа школа ќе те подготви за Исус да може да те користи во уште поголема мера. Ако мислиш дека ти не си способен за овие работи, моли му се на Јехова. Барај свет дух од него за да ти помогне успешно да ја извршиш секоја задача што ти е дадена (Лука 11:13). Браќата кои Исус ги поставил за да бидат „луѓе како дарови“ се доказ дека тој нѐ води во овие последни денови (Мат. 28:20). Зарем не си благодарен што имаме Цар кој е полн со љубов, дарежлив и свесен за нашите потреби, и кој ни дава браќа што ни помагаат? (w24.10 23, пас. 16-17).

Четврток, 20 август

Она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање (Иса. 65:17)

Што е со сите оние работи кои на Божјиот народ му причинуваат болка и страдање? На крајот, тие работи „ќе бидат заборавени и ќе бидат скриени од [Божјите] очи“ (Иса. 65:16). Јехова ќе ги отстрани нашите проблеми и со текот на времето болката од таквите лоши спомени ќе исчезне засекогаш. Дури и денес, ние се чувствуваме посмирено кога сме на нашите христијански состаноци каде што можеме да се опуштиме и да ги оставиме зад нас работите кои ни причинуваат стрес во овој злобен свет. Ние придонесуваме за мирот во нашата духовна средина кога ги покажуваме плодовите на духот како што се љубов, радост, мир, љубезност и благост (Гал. 5:22, 23). Многу сме благодарни што сме дел од Божјата организација! Оние што ќе останат во духовниот рај ќе го видат целосното исполнување на Божјето ветување за „нови небеса и нова земја“ (w24.04 22, пас. 9-10).

Петок, 21 август

Замка е кога човекот брзоплето ќе извика: „Ова е свето!“ — а потоа размислува за она што го заветувал (Изр. 20:25)

Иако запознавањето може да биде убав период, тоа исто така е сериозен чекор кој може да води до брак. На денот на венчавката, оние што стапуваат во брак се заветуваат пред Јехова дека ќе се сакаат и почитуваат еден со друг сѐ додека и двајцата се живи. Пред да дадеме каков и да било завет, треба многу внимателно да размислиме за тоа. Истото важи и за брачниот завет. Кога еден маж и една жена се во врска, тоа им овозможува да се запознаат и да донесат добра одлука. Некои одлучуваат да стапат во брак, а некои да ја прекинат врската. Ако оние што се запознаваат одлучат да раскинат, тоа не значи дека нивната врска била неуспешна. Напротив, врската си ја постигнала својата цел — им помогнала да донесат добра одлука. Зошто е важно самците да имаат исправно гледиште за романтичните врски? Бидејќи, ако имаат исправно гледиште, нема да почнат врска со некој со кого немаат намера да стапат во брак (w24.05 26-27, пас. 3-4).

Сабота, 22 август

Немој да се срамиш од сведоштвото за нашиот Господар (2. Тим. 1:8)

Кога треба да ги бранат своите верувања, на младите христијани може понекогаш да им фали самодоверба. Можеби ги фаќа страв кога на час треба да се зборува за еволуција. Зошто? Можеби наставниците ја изнесуваат еволуцијата како факт. Ако си родител, како можеш да им помогнеш на твоите деца со самодоверба да ги бранат своите верувања? Увери ги децата дека не треба да се срамат затоа што веруваат во Творец. Зошто? Факт е дека и многу научници признаваат дека животот не настанал спонтано или случајно. Овие научници гледаат докази кои укажуваат дека зад сите сложени живи суштества стои интелигенција. Затоа, не ја прифаќаат теоријата на еволуција. Децата ќе може да бидат уште поуверени дека животот е дело на мудар Творец ако размислуваат за тоа што ги уверило други браќа и сестри во тоа (w24.12 18, пас. 14-15).

Недела, 23 август

Светиот дух го исполни со радост (Лука 10:21)

Исус задржал позитивен став во врска со проповедничкото дело — бил уверен дека ќе има луѓе кои ќе ја слушаат добрата вест. Тоа му помогнало да продолжи радосно и трудољубиво да проповеда. На пример, при крајот на 30 год. од н.е., Исус видел дека многумина се спремни да ја чујат добрата вест, и ги споредил со поле кое е зрело за жетва (Јован 4:35). Околу една година подоцна, тој им рекол на своите ученици: „Жетвата е голема“ (Мат. 9:37, 38). И подоцна, тој повторно нагласил: „Жетвата е голема... Молете го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва“ (Лука 10:2). Исус никогаш не изгубил од вид дека ќе има луѓе кои ќе сакаат да ја слушаат добрата вест, и се радувал кога го гледал тоа. Исус им помогнал на своите ученици да останат ревносни така што ги поучил дека пораката што ја проповедаат носи извонредни резултати (w25.03 18-19, пас. 15-16).

Понеделник, 24 август

Јехова ќе ми биде сигурна тврдина на високо место (Пс. 94:22)

Јехова е прибежиште. Исто како што една огромна карпа може да заштити некого од силна бура, така и Јехова нѐ заштитува кога минуваме низ тешки ситуации во животот. Тој ни помага да го зачуваме нашето пријателство со него и нѐ уверува дека ништо од она што го трпиме денес нема да ни нанесе трајна штета. Исто така, Јехова ни ветува дека во иднина ќе ги отстрани сите работи поради кои сме загрижени или страдаме (Езек. 34:25, 26). Еден начин на кој покажуваме дека Јехова е наше прибежиште цврсто како карпа е со тоа што му се молиме. Тој ни го дава „мирот Божји“ кој ги чува нашето срце и нашиот ум (Фил. 4:6, 7). Јехова е секогаш тука за нас. Можеме да имаме доверба во него затоа што тој е „вечна Карпа“ (Иса. 26:3, 4). Јехова секогаш ќе ги одржува своите ветувања, ќе ги слуша нашите молитви и ќе ни ја дава помошта што ни е потребна. Исто така, можеме да се потпреме на него затоа што тој постапува верно со оние што му служат (2. Сам. 22:26). Јехова никогаш нема да го заборави она што го правиме и секогаш ќе нѐ наградува (Евр. 6:10; 11:6; w24.06 27, пас. 4-6).

Вторник, 25 август

Чувај си го срцето, зашто од него извира животот (Изр. 4:23)

Мора да внимаваме каква забава избираме. Исто така, мора да внимаваме со кого се дружиме и да се чуваме од материјализам. Ако забележиме дека од некоја причина нашата љубов кон Јехова почнала да ослабнува, веднаш треба да преземеме нешто (Мат. 5:29, 30). Не смееме да дозволиме нашето срце да стане поделено. Би можеле да се залажуваме дека поради тоа што сме многу зафатени со духовни активности не мора да се чуваме од лоши влијанија. Да наведеме еден пример. Замисли си дека си надвор, во еден многу студен и ветровит ден. Кога се враќаш дома, го вклучуваш греењето. Но, што ќе се случи ако ја оставиш вратата отворена? Ладниот воздух брзо ќе влезе во твојата куќа. Која е поуката? Потребно е да правиме повеќе отколку само да ја земаме духовната храна со која го зајакнуваме нашето пријателство со Јехова. Мора, така да се каже, и да ја затвориме вратата за во нашето срце да не влезе ладниот „воздух“ на овој свет, односно штетните влијанија кои можат да ја ослабнат нашата љубов кон Јехова и да ни го поделат срцето (Еф. 2:2; w24.07 21, пас. 6-7).

Среда, 26 август

Сакајте ги своите непријатели и молете се за оние што ве прогонуваат (Мат. 5:44)

Не можеме ни да си претпоставиме колку тешко мора да му било на Исус поради сите понижувања и неправди што ги доживеал. Сепак, тој не дозволил неправдите да го надвладеат, односно да го скршат. Тој не ги проколнал војниците кои го приковале на столбот, туку се молел: „Татко, прости им, зашто не знаат што прават“ (Лука 23:34). Кога се молиме за оние што се однесуваат лошо со нас, тоа може да ни помогне да се смириме, да не сме толку гневни и огорчени. Дури можеби ќе почнеме поинаку да гледаме на нив. Не знаеме со какви сѐ неправди ќе се соочиме пред да дојде крајот на овој свет. Но што и да се случи, никогаш да не престанеме да бараме помош од Јехова. Исто така, да се трудиме на неправдите да реагираме како што реагирал Исус и да продолжиме да ги применуваме библиските начела. Ако го правиме тоа, може да бидеме сигурни дека Јехова ќе нѐ благослови (1. Пет. 3:8, 9; w24.11 6, пас. 16; 7, пас. 17, 19).

Четврток, 27 август

Ти не си Бог кој се радува на злото, злиот кај тебе не може да живее ни за кратко (Пс. 5:4)

Јехова не е попустлив Бог. Тој го мрази гревот (Пс. 5:4-6). Јехова очекува од нас да ги почитуваме неговите праведни мерила кои се наоѓаат во неговата Реч, Библијата. Се разбира, тој не очекува совршенство од несовршени луѓе (Пс. 130:3, 4). Во исто време, Јехова не толерира „безбожници, кои [неговата незаслужена] доброта... ја претвораат во изговор за бесрамни дела“ (Јуда 4). Всушност, Библијата зборува за „уништувањето на безбожниците“ во Божјата војна Армагедон (2. Пет. 3:7; Отк. 16:16). Но, Јехова не сака никој да биде уништен. Библијата јасно кажува дека тој сака „сите да дојдат до покајание“ (2. Пет. 3:9). Старешините го следат примерот на Јехова така што стрпливо се трудат да им помогнат на престапниците да се покаат и повторно да станат блиски со Јехова (w24.08 26, пас. 1-2).

Петок, 28 август

Ти ја отвораш својата рака и ја задоволуваш желбата на сѐ што е живо (Пс. 145:16)

Како Јехова, и ние од љубов можеме да даваме материјални работи. На пример, дали познаваш некој соверник кој има потреба од храна или облека? Јехова може преку тебе да му ја задоволи таа потреба. Јеховините слуги спремно им помагаат на другите особено кога ќе се случи некоја катастрофа. На пример, за време на пандемијата со КОВИД-19, некои браќа и сестри им даваа храна, облека и други работи на оние кои имаа потреба од тоа. Освен тоа, многумина даваа великодушни прилози за меѓународното дело. Тоа овозможи да се финансираат акции за помош при катастрофи низ целиот свет. Тие дарежливи браќа и сестри ги применија зборовите од Евреите 13:16: „Не заборавајте да правите добро и да делите со другите, зашто со таквите жртви му се угодува на Бог“ (w24.09 27, пас. 6-7).

Сабота, 29 август

Проценете што е најважно (Фил. 1:10)

Да разгледаме една ситуација. Замисли дека бараш работа за да можеш да го издржуваш семејството. Ти се нудат две работни места. Ги земаш предвид сите факти, како на пример видот на работата, работното време, колку време ќе ти треба за да стигнеш до работното место итн. И во двата случаи, работното место е во склад со библиските начела. Можеби повеќе ти се допаѓа една од опциите поради видот на работата или затоа што платата е повисока. Но, пред да донесеш одлука, мора да земеш предвид и други фактори. На пример, дали некое од тие работни места ќе те спречи да присуствуваш на собраниските состаноци? Дали ќе ти го одземе времето што ти е потребно за да се грижиш за емоционалните и духовните потреби на твоето семејство? Тоа што ќе си поставиш вакви прашања ќе ти помогне „да [процениш] што е најважно“, односно обожавањето на Јехова и потребите на твоето семејство да ти бидат поважни од тоа да заработиш повеќе пари. Така ќе можеш да донесеш одлука која Јехова ќе ја благослови (w25.01 17, пас. 11-13).

Недела, 30 август

Јехова е близу до оние што се скршени во срцето (Пс. 34:18)

Дури и ако другите постапувале лошо со тебе, можеш да бидеш уверен дека Јехова те сака и те цени. Ако си „со скршен дух“ и се чувствуваш безвредно, имај на ум дека Јехова ги видел твоите убави особини и затоа те привлекол кон себе (Јован 6:44). Тој секогаш е спремен да ти помогне бидејќи си скапоцен за него. Можеме да научиме нешто во врска со чувствата на Јехова така што ќе го разгледаме примерот на Исус. Додека бил на Земјата, Исус ги забележувал оние кои биле потценувани од другите и со нив постапувал сочувствително (Мат. 9:9-12). Кога една жена, која се надевала дека ќе биде излекувана од една тешка болест, ја допрела неговата облека, Исус ја утешил и ја пофалил за нејзината вера (Мар. 5:25-34). Исус совршено ги одразува особините на својот Татко (Јован 14:9). Затоа, можеш да бидеш уверен дека Јехова те цени и дека ги забележува твоите убави особини, вклучувајќи ги твојата вера и твојата љубов кон него (w24.10 7, пас. 4-5).

Понеделник, 31 август

Стави ги моите солзи во својата мешина (Пс. 56:8)

Во текот на својот живот, Давид доживеал разни тешки ситуации поради кои плачел. Тој се соочил со омраза од другите, па дури и бил изневерен од некои во кои имал доверба (1. Сам. 19:10, 11; 2. Сам. 15:10-14, 30). Во една прилика, кога му било особено тешко, тој напишал: „Премалев од воздивнување, цела ноќ со плачење го залевам леглото, со солзи ја натопувам постелата“ (Пс. 6:6). Злобните постапки на другите му предизвикувале толку голема болка на Давид што солзите му течеле како река. И покрај неволјите со кои се соочувал, Давид бил уверен дека Јехова го сака. Тој напишал: „Јехова ќе го чуе мојот плач“ (Пс. 6:8). Зборовите од денешниот стих цртаат јасна слика за Јеховината нежна грижа. Давид се чувствувал како Јехова да ги собира неговите солзи во мешина или да ги запишува во книга. Тој бил уверен дека Јехова ја забележува и ја памти неговата болка. Давид не се сомневал дека неговиот грижлив небесен Татко е свесен низ што минува, но и добро знае како сето тоа влијае врз него (w24.12 22, пас. 11-12).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели