ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • es26 стр. 88-97
  • Септември

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Септември
  • Секојдневно истражување на Писмото — 2026
  • Поднаслови
  • Вторник, 1 септември
  • Среда, 2 септември
  • Четврток, 3 септември
  • Петок, 4 септември
  • Сабота, 5 септември
  • Недела, 6 септември
  • Понеделник, 7 септември
  • Вторник, 8 септември
  • Среда, 9 септември
  • Четврток, 10 септември
  • Петок, 11 септември
  • Сабота, 12 септември
  • Недела, 13 септември
  • Понеделник, 14 септември
  • Вторник, 15 септември
  • Среда, 16 септември
  • Четврток, 17 септември
  • Петок, 18 септември
  • Сабота, 19 септември
  • Недела, 20 септември
  • Понеделник, 21 септември
  • Вторник, 22 септември
  • Среда, 23 септември
  • Четврток, 24 септември
  • Петок, 25 септември
  • Сабота, 26 септември
  • Недела, 27 септември
  • Понеделник, 28 септември
  • Вторник, 29 септември
  • Среда, 30 септември
Секојдневно истражување на Писмото — 2026
es26 стр. 88-97

Септември

Вторник, 1 септември

Испитувајте дали сте во верата (2. Кор. 13:5)

Ние мора да вложуваме голем труд не само за да станеме духовно зрели туку и за да останеме зрели. За ова е потребно да внимаваме да не станеме претерано самоуверени (1. Кор. 10:12). Ние треба да продолжиме да се преиспитуваме за да бидеме сигурни дека и понатаму напредуваме. Во своето писмо до Колошаните, апостол Павле повторно нагласува колку е важно да останеме духовно зрели. И покрај тоа што Колошаните веќе биле зрели христијани, Павле ги предупредил да внимаваат да не бидат измамени од размислувањето на луѓето во светот (Кол. 2:6-10). И Епафрас, кој очигледно многу добро ги познавал оние што биле во собранието, постојано се молел тие да можат до крај да се одржат зрели во духовен поглед (Кол. 4:12). Што може да научиме од ова? И Павле и Епафрас сфатиле дека, за да останеме духовно зрели, потребно е да вложуваме труд и потребна ни е помош од Бог. Тие сакале Колошаните да останат возрасни, односно духовно зрели христијани, и покрај предизвиците со кои се соочувале (w24.04 6-7, пас. 16-17).

Среда, 2 септември

Со нас е Јехова. Не плашете се од нив (4. Мој. 14:9)

Ако имаме развиено исправен страв од Јехова, толку многу ќе го сакаме што никогаш нема да направиме нешто со што би го разочарале. Ќе имаме силна желба да научиме што е исправно, а што погрешно, како и што е вистина, а што лага, за да можеме да го стекнеме Божјето одобрување (Изр. 2:3-6; Евр. 5:14). Ако повеќе се плашиме од луѓето отколку од Бог, би можеле да застраниме од вистината. Размисли за примерот на 12-те поглавари кои биле испратени да ја извидат земјата што Јехова ветил дека ќе им ја даде на Израелците. Кај 10 од извидувачите, стравот од Ханаанците бил посилен од нивната љубов кон Јехова. Тие им го кажале следново на другите Израелци: „Не можеме да одиме против оној народ зашто е посилен од нас“ (4. Мој. 13:27-31). Од човечка гледна точка, Ханаанците навистина биле посилни. Но, секој што рекол дека Израелците нема да можат да ги победат своите непријатели не го зел предвид Јехова (w24.07 9, пас. 5-6).

Четврток, 3 септември

Зарем Судијата на целата земја нема да го прави она што е праведно? (1. Мој. 18:25)

Дали можеме да бидеме потполно сигурни дека, кога им суди на луѓето, Јехова секогаш ја носи исправната одлука? Да. Авраам многу добро сфатил дека Јехова е совршен, мудар и милостив Судија на целата Земја. Јехова го обучил својот Син и нему му ја дал одговорноста да суди (Јован 5:22). И Јехова, и Исус, знаат што има во срцето на секој човек (Мат. 9:4). Значи, тие секогаш ќе го прават „она што е праведно“! Да бидеме решени да имаме доверба во Јехова и во сите негови одлуки. Ние сфаќаме дека немаме способност исправно да судиме, но Јехова ја има таа способност! (Иса. 55:8, 9). Затоа, со потполна доверба им го оставаме целиот суд нему и на неговиот Син — Царот кој совршено ги одразува правдата и милоста на својот Татко (Иса. 11:3, 4; w24.05 7, пас. 18-19).

Петок, 4 септември

На Јехова му е одвратен расипаниот човек, а близок е со справедливите (Изр. 3:32)

Од првата средба на Исус со Натанаел, можеме да научиме колку е важно да бидеме искрени во срцето. Кога Филип го довел својот пријател Натанаел да се запознае со Исус, се случило нешто впечатливо. Иако претходно никогаш го немал видено Натанаел, Исус за него рекол: „Еве, вистински Израелец, во кого нема измама!“ (Јован 1:47). Исус знаел дека Натанаел бил особено искрен. Исто како нас, Натанаел бил несовршен. Но кај него немало ни трошка лицемерие или неискреност — тој бил чесен во сѐ. Исус бил воодушевен од тоа и затоа го пофалил Натанаел. Повеќето од барањата за да му угодиме на Јехова наведени во Псалм 15 се поврзани со тоа како постапуваме со другите. Во врска со оној што е гостин во Јеховиниот шатор, во Псалм 15:3 пишува: „Тој не клевети со јазикот. Не му прави никакво зло на ближниот свој и не го срамоти пријателот свој“. Ако ги клеветиме другите, тоа може многу да ги повреди (Јак. 1:26; w24.06 10, пас. 7, 9; 11, пас. 10).

Сабота, 5 септември

Господару, дури и демоните ни се покоруваат кога го користиме твоето име! (Лука 10:17)

Ако добро се подготвуваш за службата на проповедање, веројатно, ќе бидеш поопуштен кога ќе зборуваш со други. Пред да ги испрати да проповедаат, Исус им помогнал на своите ученици да се подготват (Лука 10:1-11). Затоа што ги примениле поуките на Исус, учениците успеале да направат многу добри работи во службата, и поради тоа чувствувале радост. Како можеме да се подготвиме за службата на проповедање? Треба да размислиме што сакаме да кажеме и како можеме да го кажеме тоа на природен начин и со свои зборови. Исто така, може да размислиме на кои три вообичаени реакции можеме да наидеме кај луѓето на подрачјето и како да одговориме на секоја од нив. Потоа, кога ќе зборуваме со луѓето, можеме да се обидеме да се опуштиме, да се насмевнеме и да бидеме пријателски настроени (w24.04 16, пас. 6-7).

Недела, 6 септември

Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, бидејќи ти создаде сѐ (Отк. 4:11)

Најважната причина зошто ја проповедаме добрата вест е затоа што ги сакаме Јехова Бог и неговото свето име. На нашата служба гледаме како на начин на кој можеме да го славиме Богот што го сакаме. Со цело срце се согласуваме дека Јехова Бог е достоен да прими слава, чест и моќ од своите верни слуги. Ние го славиме и му оддаваме чест кога споделуваме со другите уверливи докази дека тој создал сѐ и дека ние постоиме бидејќи тој ни дал живот. Ние му даваме моќ, односно му ја даваме нашата моќ, кога ги користиме времето, силата и средствата за да проповедаме колку што е можно повеќе во склад со нашите околности (Мат. 6:33; Лука 13:24; Кол. 3:23). Едноставно кажано, ние со задоволство зборуваме за Богот што го сакаме. Исто така, поттикнати сме да им кажуваме на другите за неговото име и за тоа каков Бог е тој (w24.05 17, пас. 11).

Понеделник, 7 септември

Бог ги наградува оние што ревносно го бараат (Евр. 11:6)

Јехова ни дава мир и задоволство денес, а ќе ни даде и вечен живот во иднина. Ние сме потполно уверени дека Јехова сака и може да нѐ награди. Од таа причина, продолжуваме да го даваме нашето најдобро додека му служиме, исто како што правеле Божјите верни слуги во минатото. Токму тоа го правел и Тимотеј во првиот век (Евр. 6:10-12). Тимотеј имал силна вера дека живиот Бог ќе го награди (1. Тим. 4:10). Токму затоа, тој вложувал голем труд за да им служи на Јехова и на другите. На кои начини го правел тоа? Апостол Павле го поттикнал подобро да поучува во службата на проповедање и во собранието. Исто така, Павле му кажал да биде добар пример за соверниците — и за младите и за старите. Му биле доверени и некои тешки задачи во кои било вклучено да им даде цврст, но љубезен совет на оние на кои им било потребно (1. Тим. 4:11-16; 2. Тим. 4:1-5). Тимотеј можел да биде сигурен дека Јехова ќе го награди (Рим. 2:6, 7; w24.06 22-23, пас. 10-11).

Вторник, 8 септември

Јехова ги предупредуваше Израел и Јуда преку своите пророци (2. Цар. 17:13)

Јехова честопати ги користел своите пророци за да го предупреди својот народ и да му помогне да се поправи. На пример, преку Еремија, Бог рекол: „Врати се, одметничке, Израеле!... Нема да се гневи моето лице на вас, зашто јас сум лојален... Нема довека да се гневам. Увиди ја тежината на својот престап, зашто згреши против Јехова“ (Ерем. 3:12, 13). Преку Јоил, Јехова рекол: „Вратете се кај мене со сето свое срце“ (Јоил 2:12, 13). Јехова му рекол на Исаија да објави: „Исчистете се, отстранете ми ја од пред очи злобата на своите дела, престанете да правите зло!“ (Иса. 1:16-19). А преку Езекиел, Јехова прашал: „Зарем мене ми е мило да умре злосторникот... а не да се одврати од своите патишта и да остане жив? Зашто, мене не ми е мила смртта на оној што умира... Затоа, одвратете се и живејте!“ (Езек. 18:23, 32). На Јехова му е многу мило кога гледа дека луѓето се каат за своите гревови бидејќи сака тие да живеат засекогаш! (w24.08 9, пас. 5-6).

Среда, 9 септември

Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно (2. Тим. 3:16)

Јехова им дава духовна храна на сите свои слуги, ги води и ги штити. Еден начин на кој Јехова покажува дека е непристрасен е така што се погрижил Библијата да им биде достапна на луѓето низ целиот свет. Светото писмо првобитно било напишано на три јазици — хебрејски, арамејски и грчки. Дали оние кои знаат да читаат на изворните јазици на кои била напишана Библијата се поблиски со Јехова од оние кои не знаат? Се разбира дека не (Мат. 11:25). Дали Јехова ќе нѐ прифати за свои пријатели не зависи од тоа дали имаме високо образование, ниту пак од тоа дали ги знаеме изворните јазици на кои била напишана Библијата. Јехова овозможил неговата мудрост да им биде достапна на луѓето низ целиот свет, а не само на оние кои се високо образовани. Неговата Реч, Библијата, е преведена на илјадници јазици. Значи, луѓето низ целиот свет можат да извлечат корист од библиските учења и да дознаат како можат да станат пријатели со Бог (2. Тим. 3:16, 17; w24.06 6-7, пас. 13-15).

Четврток, 10 септември

Се приближило опустошувањето на Ерусалим (Лука 21:20)

Се приближувало уништувањето на еврејскиот систем, кое било проречено од Исус. Христијаните требало да го искористат преостанатото време за да се подготват така што ќе развивале особини како што се вера и истрајност (Евр. 10:25; 12:1, 2). Нам ни претстои далеку поголема неволја од онаа со која се соочиле христијаните кои живееле во Ерусалим и во Јудеја (Мат. 24:21; Отк. 16:14, 16). Да разгледаме некои од практичните совети кои Јехова им ги дал на овие христијани, а кои може да ни користат и нам. Апостол Павле ги поттикнал своите соверници подлабоко да ја проучуваат Божјата Реч (Евр. 5:14 — 6:1). Со помош на Хебрејските списи, Павле им објаснил зошто начинот на кој христијаните го обожаваат Јехова е далеку подобар од начинот на кој Евреите го обожаваат. Павле знаел дека тоа што тие христијани ќе стекнеле поголемо знаење и подлабоко разбирање за вистината ќе им помогнело да ги препознаат и да ги отфрлат погрешните учења, и така да не бидат заведени (w24.09 8, пас. 2-3; 9, пас. 6).

Петок, 11 септември

Господарот навистина воскреснал (Лука 24:34)

На учениците на Исус им било потребно охрабрување. Зошто? Некои го оставиле својот дом, своето семејство и световната работа за да можат постојано да бидат со Исус (Мат. 19:27). Други биле отфрлени од општеството бидејќи станале негови ученици (Јован 9:22). Тие ги направиле овие жртви бидејќи верувале дека Исус е ветениот Месија (Мат. 16:16). Но кога тој бил погубен, нивната надеж згаснала и многу се обесхрабриле. Без сомнение, Исус не гледал на тагата на неговите ученици како на знак на духовна слабост. Тој сфаќал дека тие се тажни поради неговата смрт. Затоа, уште истиот ден кога воскреснал, почнал да ги храбри своите пријатели. На пример, ѝ се појавил на Марија Магдалена додека таа плачела на неговиот гроб (Јован 20:11, 16). Исто така, им се појавил на двајцата ученици кои се упатиле кон селото Емаус. А му се појавил и на апостол Петар (w24.10 13, пас. 5-6).

Сабота, 12 септември

Секогаш бидете спремни за одбрана пред секој што од вас бара да ја образложите надежта која е во вас (1. Пет. 3:15)

Родители, помогнете им на вашите деца да знаат како да им објаснат на другите зошто веруваат во Творец. Од голема помош може да ви биде ако заедно ги разгледате статиите од серијата „Младите прашуваат — создавање или еволуција“ на jw.org. Потоа, прашај ги децата што мислат тие кој би бил најдобриот начин да им објаснат на другите дека постои Творец. Поттикни ги да користат едноставна логика ако некои се заинтересирани за таа тема. На пример, можеби некој ќе рече: „Јас верувам само во она што го гледам, а Бог никогаш не сум го видел“. Еден млад христијанин би можел да одговори: „Замисли си дека одиш низ густа шума. Со километри наоколу нема жив човек и одеднаш здогледуваш бунар. Што ќе си помислиш? Ако еден бунар е доказ дека зад него стои некаква интелигенција, тогаш колку посилен доказ за постоењето на Творец е вселената и сѐ што постои во неа!“ (w24.12 18, пас. 16).

Недела, 13 септември

Зарем нема мудрост меѓу старците и зарем не донесува разумност долгиот живот? (Јов 12:12)

На секој од нас му е потребно водство, односно совети, кога треба да донесе важни одлуки во животот. Такви совети обично може да добиеме од старешините и од други зрели христијани. Ако тие се многу постари од нас, не треба веднаш да заклучиме дека нивните совети се застарени. Јехова сака да учиме од постарите. Низ годините, тие насобрале искуство, знаење и мудрост многу повеќе од нас. Во библиски времиња, Јехова користел свои верни слуги кои биле постари за да го охрабруваат и за да го водат неговиот народ. На пример, размисли за Мојсеј, Давид и апостол Јован. Тие живееле во различни временски периоди, и нивните околности многу се разликувале. Кога биле пред крајот на својот живот, тие им дале мудри совети на помладите. Секој од овие верни постари мажи истакнал колку е важна послушноста кон Бог. Без разлика дали сме помлади или постари, може да извлечеме корист од нивните совети (Рим. 15:4; 2. Тим. 3:16; w24.11 8, пас. 1-2).

Понеделник, 14 септември

Ако не го јадете телото на Синот човечки и не ја пиете неговата крв, немате живот во себе (Јован 6:53)

Во времето на Ное, Бог им забранил на луѓето да јадат крв (1. Мој. 9:3, 4). Јехова ја повторил оваа забрана во Законот што им го дал на Израелците. Секој што ќе јадел крв требало да биде погубен (3. Мој. 7:27). Исус ги поучувал Евреите да ги држат сите заповеди од Мојсеевиот закон (Мат. 5:17-19). Значи, незамисливо е дека Исус би поттикнал едно мноштво Евреи да го јадат неговото дословно тело или да ја пијат неговата дословна крв. Исус зборувал во симболична смисла, исто како претходно кога разговарал со една Самарјанка: „Водата што ќе му ја дадам јас... донесува вечен живот“ (Јован 4:7, 14). Исус не сакал да каже дека Самарјанката ќе добие вечен живот така што ќе пие од некоја дословна вода. Слично на ова, Исус не сакал да каже дека мноштвото на кое му зборувал во Капернаум ќе живее вечно ако јаде од неговото дословно тело и пие од неговата дословна крв (w24.12 9, пас. 4-6).

Вторник, 15 септември

Дајте ги своите тела како жртва жива, света, прифатлива за Бог, служете му на Бог, користејќи го својот разум (Рим. 12:1)

Христијанските сопрузи треба да внимаваат да не стекнат неисправно гледиште за жените. Зошто? Една причина е тоа што мислите честопати водат до постапки. На помазаните христијани во Рим, апостол Павле им го дал следново предупредување: „Не дозволувајте и понатаму да ве обликува овој свет“ (Рим. 12:1, 2). Кога Павле им пишал на Римјаните, очигледно тоа собрание постоело веќе некое време. Сепак, зборовите на Павле покажуваат дека врз некои во собранието сѐ уште влијаеле обичаите и гледиштата на светот. Токму затоа, тој ги поттикнал да го сменат својот начин на размислување и постапување. Секако, овој совет важи и за христијанските сопрузи денес. За жал, некои од нив дозволуваат гледиштата на светот да влијаат врз нив, па дури и ги малтретираат своите жени (w25.01 9, пас. 4).

Среда, 16 септември

Пасете го Божјето стадо кое ви е доверено (1. Пет. 5:2)

Старешините денес се многу зафатени. Тие се проповедници (2. Тим. 4:5). Ревносно предводат во службата, го организираат проповедањето на локално ниво и нѐ обучуваат делотворно да проповедаме и поучуваме. Тие служат и како милостиви, непристрасни судии. Кога некој од собранието ќе направи сериозен грев, старешините се трудат да му помогнат да си го обнови пријателството со Јехова. Во исто време, тие внимаваат собранието да остане чисто (1. Кор. 5:12, 13; Гал. 6:1). Пред сѐ, старешините се пастири (1. Пет. 5:1-3). Тие изнесуваат добро подготвени библиски говори, се трудат да го запознаат секој поединец во собранието и прават пастирски посети. Покрај многуте задачи, некои од старешините помагаат и со изградба и одржување на сали за состаноци, учествуваат во организирање на конгреси и служат во Одбори за посредување меѓу лекари и пациенти Јеховини сведоци и во Групи за посета на пациенти. Старешините вложуваат голем труд за нас! (w24.10 20, пас. 9).

Четврток, 17 септември

Како што во Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе оживеат (1. Кор. 15:22)

Библијата вели дека, затоа што била платена откупнината, ние сме избавени, односно ослободени. Апостол Петар го објаснил тоа на следниов начин: „Знаете дека не сте избавени [буквално: откупени; ослободени од вина] со нешто распадливо, со сребро или злато, од својот суетен начин на живот, кој сте го наследиле од своите прататковци, туку со драгоцената крв на Христос, која е како крвта на јагне неизвалкано и без недостаток“ (1. Пет. 1:18, 19). Благодарение на откупната жртва, можеме да бидеме ослободени од суровото ропство на гревот и смртта (Рим. 5:21). Имаме добри причини да им бидеме многу благодарни на Јехова и на Исус затоа што сме откупени преку скапоцената крв на Исус (w25.02 5, пас. 15-16).

Петок, 18 септември

Среќен е човекот кој секогаш внимава што прави (Изр. 28:14, Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013)

Како може да се чуваме од искушение и од грев? Да разгледаме што можеме да научиме од младото момче за кое се зборува во Изреки поглавје 7. Младичот направил сексуален неморал со една блудница. Стих 22 ни кажува дека „веднаш“ пошол по неа, поради што може да изгледа дека тоа се случило сосема ненадејно. Но, како што гледаме од претходните стихови, момчето донело неколку немудри одлуки кои постепено воделе до тоа да направи грев. Кои чекори воделе до тоа младичот да направи грев? Како прво, тој навечер поминал по улицата близу до аголот на блудницата. Потоа, чекорел кон нејзината куќа (Изр. 7:8, 9). Следно, кога ја видел жената, не си отишол. Наместо тоа, дозволил таа да го бакне и ја слушал додека зборувала како принела жртва на заедништвото, можеби обидувајќи се да го наведе да мисли дека таа не е лоша личност (Изр. 7:13, 14, 21). Доколку момчето ги избегнело опасностите кои воделе до гревот, ќе се заштитело од искушението и немало да направи грев (w24.07 16, пас. 8-9; 19, пас. 19).

Сабота, 19 септември

Спремно простете му и утешете го (2. Кор. 2:7)

Јехова не дозволува некој што прави тежок грев да остане во собранието. Некои можеби си мислат дека поради тоа што е милостив, Јехова би дозволил некој што не се кае да остане во собранието. Но тоа не е начинот на кој Јехова покажува милост. Јехова е милостив, но не е попустлив; ниту пак ги спушта своите мерила (Јуда 4). Всушност, ако би дозволувал непокајничките грешници да останат во собранието, Јехова воопшто не би бил милостив, бидејќи така би го довел во опасност целото собрание (Изр. 13:20; 1. Кор. 15:33). Сепак, учиме и дека Јехова не сака никој да биде уништен. Тој сака, секогаш кога е можно, да им помогне на луѓето да се спасат. Бог им покажува милост на оние кои го промениле својот начин на размислување и постапување и кои сакаат повторно да бидат пријатели со него (Езек. 33:11; 2. Пет. 3:9). Затоа, кога човекот во Коринт се покајал и престанал да постапува погрешно, Јехова го употребил апостол Павле за да му објасни на собранието дека треба да му биде простено и дека треба срдечно да биде примен назад (w24.08 17, пас. 7; 18-19, пас. 14-15).

Недела, 20 септември

Сѐ што сте му направиле на еден од овие мои најмали браќа, мене сте ми го направиле (Мат. 25:40)

Во споредбата за овците и јарците, Исус рекол дека ќе им суди на луѓето на темел на тоа дали ги поддржувале неговите помазани браќа (Мат. 25:31-46). Исус ќе го спроведе таквиот суд за време на големата неволја, кратко пред да започне Армагедон (Мат. 24:21). Исто како што еден пастир ги одвојува овците од јарците, Исус ќе ги одвои оние што верно ги поддржуваат неговите помазани следбеници од оние кои не го прават тоа. Библијата покажува дека, како Судија поставен од Јехова, Исус ќе суди праведно (Иса. 11:3, 4). Тој ги набљудува ставовите, постапките и говорот на луѓето, вклучувајќи го и тоа како се однесуваат со неговите помазани браќа (Мат. 12:36, 37). Исус ќе знае кој ги поддржувал неговите помазани браќа и нивното дело. Еден од најважните начини на кои еден човек може да ги поддржува Христовите браќа е така што ќе им помага во проповедничкото дело (w24.09 20-21, пас. 3-4).

Понеделник, 21 септември

Сѐ испитувајте за да се уверите во тоа (1. Сол. 5:21)

Може да се увериме дека она што го веруваме е вистина така што ќе го споредиме со она што го пишува во Библијата. На пример, размисли за еден млад човек кој се прашува дали е вреден во Божји очи. Дали едноставно треба да ѝ верува на таа мисла? Не. Тој треба да испита сѐ за да се увери така што ќе дознае што мисли Јехова за тоа. Кога ја читаме Божјата Реч, ние „слушаме“ како Јехова ни зборува. Но, за да дознаеме што мисли Јехова за некое конкретно прашање што нѐ измачува, треба да вложиме труд. Треба да најдеме и да проучуваме извештаи од Библијата кои ќе ни помогнат да добиеме одговор на нашето прашање. Може да истражуваме на таа тема во публикациите кои ни ги обезбедува Јеховината организација (Изр. 2:3-6). Може да го молиме Јехова да нѐ води додека истражуваме и да ни помогне да сфатиме што мисли тој. Потоа, може да бараме библиски начела и практични информации кои се однесуваат на нашата ситуација (w24.10 25, пас. 4-5).

Вторник, 22 септември

[Љубовта] не ја бара својата корист (1. Кор. 13:5)

Јехова нема да го благослови трудот на некој што е горд и е воден од себични амбиции (1. Кор. 10:24, 33; 13:4). Понекогаш, дури и најблиските соработници на Исус сакале да извршуваат одредени задачи од погрешни мотиви. Размисли за еден настан во кој биле вклучени двајца од апостолите на Исус — Јаков и Јован. Тие побарале од Исус да им даде важна положба во неговото Царство. Исус не ги пофалил за нивната амбиција. Наместо тоа, на сите 12 апостоли тој им објаснил: „Кој сака да биде голем меѓу вас, нека ви биде слуга, и кој сака да биде прв меѓу вас, нека им биде роб на сите“ (Мар. 10:35-37, 43, 44). Браќата кои сакаат да извршуваат задачи од исправен мотив — односно за да им служат на другите — ќе бидат благослов за собранието (1. Сол. 2:8; w24.11 15-16, пас. 7-8).

Среда, 23 септември

Успехот лежи во мноштвото советници (Изр. 15:22)

Кога носиме одлуки, љубовта ќе нѐ поттикне да ја бараме „користа на другиот“ и да бидеме скромни (1. Кор. 10:23, 24, 32; 1. Тим. 2:9, 10). Така ќе донесеме одлука од која ќе се види дека ги сакаме и дека ги почитуваме другите. Ако треба да донесеш некоја поголема одлука, размисли што ќе треба да направиш за да ја спроведеш. Исус нѐ поучил да го „[пресметаме] трошокот“ (Лука 14:28). Затоа размисли колку време, средства и труд ќе ти бидат потребни за одлуката да успее. Во некои случаи, можеби ќе треба да разговараш со членовите на твоето семејство околу тоа што треба секој од нив да направи за да ја поддржи одлуката. Зошто ваквото планирање е корисно? Тоа можеби ќе ти помогне да сфатиш дека треба да направиш некои промени во одлуката или дека некоја друга опција е подобра. Освен тоа, кога во одлуката ќе ги вклучиш членовите на твоето семејство и ќе ги слушаш нивните предлози, тие ќе бидат поспремни да соработуваат со тебе за одлуката да успее (w25.01 18-19, пас. 14-15).

Четврток, 24 септември

Радувајте се и веселете се (Иса. 65:18)

Исаија открива зошто ја имаме секоја причина да се радуваме и да се веселиме во духовниот рај. Творецот на овој симболичен рај е Јехова (Иса. 65:18, 19). Затоа, не нѐ изненадува што Јехова нѐ користи за да им помогне на луѓето да ги напуштат светските организации кои не ги поучуваат за вистината за Бог и за да им помогне да станат дел од нашиот прекрасен духовен рај. Благословите што ги имаме поради тоа што сме во вистината ни носат голема радост, а тоа нѐ поттикнува да им кажуваме и на другите за нив (Ерем. 31:12). Поради тоа што сме во духовен рај имаме надеж. Ова е уште една причина поради која сме благодарни и радосни. Библијата ветува дека ќе градиме куќи и ќе живееме во нив, ќе садиме лозја и ќе го јадеме нивниот род. Ние нема да се трудиме залудно бидејќи ќе бидеме „потомство благословено од Јехова“. Јехова ни ветува дека нашиот живот ќе биде безбеден и исполнет и дека ќе има вистинска смисла. Тој знае каква потреба има секој од нас и ќе ја задоволи „желбата на сѐ што е живо“ (Иса. 65:20-24; Пс. 145:16; w24.04 22-23, пас. 11-12).

Петок, 25 септември

Бог ми е цврста карпа и прибежиште (Пс. 62:7)

Покажуваме дека Јехова е наша Карпа така што потполно се потпираме на него. Имаме доверба дека, ако му бидеме послушни дури и во тешки времиња, тоа ќе биде за наше добро (Иса. 48:17, 18). Секојпат кога ќе видиме дека Јехова ни помогнал, нашата доверба во него ќе расте. Тогаш ќе се увериме дека само Јехова може да ни помогне во која и да било тешка неволја со која ќе се соочиме. Слично како една масивна карпа, Јехова е цврст и стабилен. Неговата личност и неговата намера никогаш не се менуваат (Мал. 3:6). Кога Адам и Ева се побуниле против него, Јехова не ја сменил својата намера со човештвото. Како што напишал апостол Павле, Јехова „не може да се одрече од самиот себе“ (2. Тим. 2:13). Ова значи дека, без разлика што се случува или што прават другите, Јехова никогаш нема да ги смени своите особини, својата намера и своите мерила. Бидејќи Јехова е стабилен, уверени сме дека тој ќе ни помогне кога ќе се најдеме во тешки ситуации и дека ќе ги исполни своите ветувања за иднината (Пс. 62:6, 7; w24.06 27, пас. 7-8).

Сабота, 26 септември

Тајниот човек на срцето е драгоцен во Божји очи (1. Пет. 3:4)

Ако си во врска, што ќе ти помогне да одлучиш дали да стапиш во брак или не? Добро запознајте се еден со друг. Веројатно, си дознал некои работи за другата личност пред да започнете со врската. Но, сега имаш можност да го запознаеш „тајниот човек на срцето“. Во ова е вклучено да дознаеш повеќе за духовноста, особините и начинот на размислување на лицето со кое си во врска. Со текот на времето, би требало да можеш да одговориш на прашања како што се следниве: „Дали оваа личност ќе биде добар брачен другар за мене?“ (Изр. 31:26, 27, 30; Еф. 5:33; 1. Тим. 5:8). „Дали можеме да си ги задоволиме емоционалните потреби еден на друг? Дали можеме да живееме со мааните на другиот?“ (Рим. 3:23). Додека се запознавате еден со друг, имајте на ум дека не е најважно колку сте слични, туку колку се приспособувате на разликите кои постојат меѓу вас (w24.05 27, пас. 5).

Недела, 27 септември

Му згрешив на Јехова (2. Сам. 12:13)

Цар Давид направил сериозен грев. Но, кога пророкот Натан му кажал како се чувствува Јехова поради неговиот грев, Давид понизно се покајал (Пс. 51:3, 4, 17, натпис). И цар Езекија му згрешил на Јехова (2. Лет. 32:25). Но, исто како Давид, Езекија понизно се покајал (2. Лет. 32:26). На крајот, како гледал Јехова на Езекија? Тој го сметал за верен цар. Во Библијата за него пишува: „Го правеше она што е исправно во Јеховини очи“ (2. Цар. 18:3). Што учиме од тоа? Треба да се покаеме за нашите гревови и да правиме сѐ што можеме за да не ги повториме. Што ако добиеме совет од собраниските старешини, дури и за нешто што навидум не е толку сериозно? Не треба да си мислиме дека Јехова не нѐ сака или дека старешините се против нас. Дури и на добрите израелски цареви им биле потребни совети и исправки (Евр. 12:6). Кога ќе добиеме исправка, треба 1) понизно да ја прифатиме, 2) да ги направиме потребните промени и 3) да продолжиме да му служиме на Јехова со сето срце. Ако се покаеме за нашите гревови, Јехова ќе ни прости (2. Кор. 7:9, 11; w24.07 21, пас. 8-9; 22, пас. 11).

Понеделник, 28 септември

Отстранете го злобниот од својата средина! (1. Кор. 5:13)

Еден престапник ќе биде отстранет од собранието ако не се смени и покрај тоа што старешините повеќепати се обиделе да му помогнат да дојде до покајание (2. Цар. 17:12-15). Неговите постапки покажуваат дека тој избрал да не им биде послушен на Јеховините заповеди (5. Мој. 30:19, 20). Во собранието се дава известување дека тој повеќе не е Јеховин сведок. Целта на тоа известување не е да се понижи престапникот, туку да можат објавителите од собранието да ја послушаат библиската заповед да престанат да се дружат со тоа лице, па дури и да не јадат со него (1. Кор. 5:9-11). Има добри причини зошто Јехова ја дал оваа заповед. Апостол Павле напишал: „Малку квасец го потквасува целото тесто“ (1. Кор. 5:6). Ако некој што не се кае за своите гревови остане во собранието, би можел лошо да влијае врз другите така што ќе ја ослабне нивната решеност да живеат во склад со Јеховините праведни мерила (Изр. 13:20; 1. Кор. 15:33; w24.08 26-27, пас. 3-4).

Вторник, 29 септември

Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила (Фил. 4:13)

Ние не можеме дословно да им дадеме сила на другите. Но можеме да ја користиме нашата сила за да им помагаме. На пример, на некој постар или немоќен соверник би можеле да му помогнеме околу домашните обврски или да му испазариме. Или, би можеле да се ставиме на располагање да помогнеме со чистењето и одржувањето на салата за состаноци. Не заборавај дека и зборовите имаат моќ. Дали некому многу би му значела една искрена пофалба? Дали познаваш некој кому му е потребна утеха? Ако да, зошто не преземеш иницијатива да му покажеш на тоа лице дека се грижиш за него? Би можел да го посетиш, да му се јавиш или да му испратиш картичка или порака. За да охрабриш некого, не е потребно да бидеш речовит. Неколку едноставни зборови од срце можат да бидат токму она што му е потребно на твојот соверник за да остане верен уште еден ден или малку да се разведри (Изр. 12:25; Еф. 4:29; w24.09 28, пас. 8-10).

Среда, 30 септември

Ако некој сака да служи како надгледник, тој сака служба вредна за пофалба (1. Тим. 3:1)

Ако веќе некое време служиш како слуга-помошник, веројатно си на добар пат да ги исполниш условите за да служиш како старешина. Дали би сакал да станеш старешина и да ја извршуваш таа „служба вредна за пофалба“? Што сѐ е вклучено во службата што ја извршува еден старешина? Тој е добар пример за собранието со тоа што ревносно проповеда, вложува голем труд да се грижи за браќата и сестрите и да ги поучува, и го зајакнува собранието со своите зборови и со својот пример. Со добра причина, трудољубивите старешини во Библијата се наречени „луѓе како дарови“ (Еф. 4:8). Како можеш да станеш старешина? Исполнувањето услови за старешина не е исто со исполнувањето услови за работно место. За да се вработиш некаде, обично е доволно да ги имаш основните работни вештини кои ги бара работодавецот. Но, за разлика од тоа, ако сакаш да станеш старешина, не е доволно само вешто да поучуваш и да проповедаш. Потребно е да ги исполниш библиските услови кои се запишани во 1. Тимотеј 3:1-7 и Тит 1:5-9 (w24.11 20, пас. 1-3).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели