Ноември
Недела, 1 ноември
Нема довека да се гневам (Ерем. 3:12)
Старешините се трудат да го следат примерот на Јехова така што покажуваат сочувство кон некој што е отстранет од собранието. На пример, Јехова не чекал неговиот бунтовен народ во древниот Израел да го преземе првиот чекор. Наместо тоа, тој презел иницијатива да им помогне на Израелците уште пред да покажат какви и да било знаци на каење. Јехова покажал колку е сочувствителен со тоа што му кажал на пророкот Осија да оди кај својата жена и да ѝ даде можност да се помират, иако таа сѐ уште правела тежок грев (Оси. 3:1; Мал. 3:7). По примерот на Јехова, старешините навистина сакаат престапникот да се врати и не му отежнуваат да го направи тоа. Таткото од споредбата на Исус за загубениот син притрчал, го прегрнал и го избакнал својот син (Лука 15:20). Забележи дека таткото не чекал неговиот син да моли за простување. Наместо тоа, презел иницијатива и му притрчал во пресрет, како што би направил секој татко полн со љубов (w24.08 27-28, пас. 7-8).
Понеделник, 2 ноември
Ако некому од вас му недостига мудрост, нека бара од Бог, зашто тој им дава на сите великодушно и без прекорување (Јак. 1:5)
Како што покажуваат зборовите од денешниот стих, Јехова не ја чува својата мудрост само за себе. Тој великодушно ја споделува со другите. Забележи и дека, кога дава мудрост, Јехова го прави тоа „без прекорување“. Тој не сака да се чувствуваме лошо поради тоа што ни е потребно неговото водство. Всушност, тој нѐ поттикнува да бараме водство од него (Изр. 2:1-6). А како е со нас? Можеме ли и ние да ја споделуваме својата мудрост по примерот на Јехова? (Пс. 32:8). Јеховините слуги имаат многу прилики да го споделуваат со другите она што го научиле. На пример, честопати ги обучуваме новите во службата на проповедање. Старешините стрпливо им помагаат на слуга-помошниците и на другите крстени браќа да научат како да ги извршуваат своите задачи во собранието. А оние што имаат искуство во изградба и одржување помагаат да се обучат понеискусните да извршуваат разни работи поврзани со теократски објекти (w24.09 28-29, пас. 11-12).
Вторник, 3 ноември
Ве засакавме (1. Сол. 2:8)
За да можеш да служиш како старешина, мора да бидеш „беспрекорен“, односно браќата и сестрите во собранието да имаат убаво мислење за тебе поради твоето добро однесување, и никој да не може со право да те обвини дека правиш нешто погрешно (1. Тим. 3:2). Освен тоа, треба да си на добар глас кај луѓето надвор од собранието. Се разбира, оние што не му служат на Јехова можеби ќе те критикуваат поради твоите верувања. Но, тие никогаш не треба да имаат оправдана причина да се сомневаат во твојата чесност и исправно однесување (Дан. 6:4, 5). Прашај се: „Дали сум на добар глас во собранието и надвор од него?“ Ако ја сакаш добротата, тогаш го гледаш доброто во другите и ги пофалуваш за нивните убави особини (Тит 1:8). Исто така, со задоволство им правиш добро на другите, па дури и повеќе од она што се очекува. Зошто е многу важно старешините да ја имаат оваа особина? Бидејќи тие користат голем дел од нивното скапоцено време за да се грижат како пастири за собранието и да ги извршуваат своите задачи (1. Пет. 5:1-3). Сепак, радоста која доаѓа од тоа што им служат на другите, е далеку поголема од која и да било жртва (Дела 20:35; w24.11 20-21, пас. 3-5).
Среда, 4 ноември
Повеќе усреќува давањето отколку примањето (Дела 20:35)
Слуга-помошниците извршуваат важни задачи во собранијата. Апостол Павле очигледно многу ги ценел таквите верни браќа. На пример, кога им пишувал на христијаните во Филипи, тој конкретно ги поздравил слуга-помошниците заедно со старешините (Фил. 1:1). Без разлика дали се млади или стари, многу крстени браќа чувствуваат голема радост затоа што помагаат во собранието како слуга-помошници. На пример, Деван имал 18 години кога бил именуван за слуга-помошник. Од друга страна, еден брат по име Луис бил именуван кога имал повеќе од 50 години. Како се чувствува тој затоа што е слуга-помошник? Луис вели: „Многу сум среќен што им служам на овој начин на моите браќа и сестри во собранието. Тие покажаа голема љубов кон мене и сега јас можам да ја покажам мојата љубов кон нив!“ Многу слуга-помошници се чувствуваат на сличен начин. Ако си крстен брат, а сѐ уште не си слуга-помошник, дали би можел да си поставиш таква цел? (w24.11 14, пас. 1-3).
Четврток, 5 ноември
Те молам, Јехова, те молам, сети се како ти служев верно и ти бев оддаден со цело срце и го правев она што е добро во твои очи (2. Цар. 20:3)
Кога имал 39 години, јудејскиот цар Езекија се разболел од тешка болест. Пророкот Исаија му пренел порака од Јехова дека ќе умре од таа болест (2. Цар. 20:1). Изгледало дека нема надеж за Езекија. Скршен од таа вест, тој горко заплакал и го преколнувал Јехова за помош. Кога ја слушнал молитвата на Езекија и ги видел неговите солзи, Јехова се сожалил на него и му рекол: „Ја чув твојата молитва и ги видов твоите солзи. Еве, ќе те излекувам“. Преку Исаија, Јехова милостиво му ветил дека ќе му го продолжи животот и дека ќе го избави Ерусалим од Асирците (2. Цар. 20:4-6). Дали се соочуваш со некоја болест за која се чини дека нема лек? Кажи му на Јехова како се чувствуваш. Тој ќе те слушне дури и ако се молиш со солзи. Библијата нѐ уверува дека „Таткото на милосрдноста и Богот на секоја утеха [ќе] нѐ теши во секоја наша неволја“ (2. Кор. 1:3, 4; w24.12 24, пас. 15-17).
Петок, 6 ноември
Имам надеж, која ја имаат и тие, дека Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните (Дела 24:15)
Колку ќе бидеме радосни кога ќе ги пречекуваме воскреснатите! Замисли си и колку ќе уживаш да учиш за Јехова така што ќе ги истражуваш неговите многубројни творби (Пс. 104:24; Иса. 11:9). А најдобро од сѐ ќе биде тоа што ќе можеш да го обожаваш Јехова без никакво чувство на вина. Дали би се откажал од овие идни благослови за да уживаш во „минливите грешни задоволства“? (Евр. 11:25). Секако дека не! За овие благослови вреди секоја жртва што ќе ја направиме денес. Имај на ум дека рајот на Земјата нема секогаш да биде нешто на кое се надеваме. Еден ден ќе стане стварност. Ништо од ова не би било возможно ако Јехова не нѐ сакал толку многу за да го даде својот Син да умре за нас (w25.01 29, пас. 12).
Сабота, 7 ноември
Зарем Јеховината рака станала прекратка? (4. Мој. 11:23)
Помеѓу примерите на вера кои се спомнати во книгата Евреите, Мојсеј е извонреден пример (Евр. 3:2-5; 11:23-25). Неговата вера не била залудна бидејќи Бог со чудо му обезбедувал храна и вода на својот народ во бесплодната пустина (2. Мој. 15:22-25; Пс. 78:23-25). Но, и покрај тоа што Мојсеј имал силна вера, околу една година откако Израелците со чудо биле избавени од Египет, тој почнал да се сомнева дали Јехова ќе може да му даде месо на својот народ. Мојсеј не можел да си замисли како Јехова ќе обезбеди доволно месо за милионите Израелци кои престојувале во пустината. Затоа, Јехова го прашал Мојсеј: „Зарем Јеховината рака станала прекратка?“ (4. Мој. 11:21-23). Со други зборови, Јехова го прашал Мојсеј: „Дали навистина мислиш дека не можам да го направам она што велам дека ќе го направам?“ (w25.03 26, пас. 1-2).
Недела, 8 ноември
Бог не поштеди еден древен свет (2. Пет. 2:5)
Дали извештајот за Потопот треба да го сметаме за пророчка претслика? Одговорот е не. Зошто? Бидејќи никаде во Библијата не го пишува тоа. Точно е дека Исус ги споредил „деновите на Ное“ со времето на неговата присутност, но тој не рекол дека извештајот за Потопот е пророчка претслика, односно дека секоја личност или секој настан ќе има поголемо исполнување во иднина. Ниту, пак, кажал дека затворањето на вратата на арката има некакво пророчко значење (Мат. 24:37-39). Како реагирал Ное кога го слушнал предупредувањето на Јехова? Тој докажал дека има вера со тоа што изградил арка (Евр. 11:7; 1. Пет. 3:20). Слично на тоа, луѓето кои ја слушаат добрата вест за Божјето Царство мора со своите постапки да покажат дека имаат вера (Дела 3:17-20). Петар го нарекол Ное „проповедникот на праведноста“. Ние денес се трудиме ревносно да им проповедаме на луѓето низ целиот свет. Сепак, без разлика колкав труд вложуваме, ние нема да можеме да му ја пренесеме добрата вест на секој поединец пред да дојде крајот (w24.05 8-9, пас. 3-5).
Понеделник, 9 ноември
Неговите очи им укажуваат чест на оние што се бојат од Јехова (Пс. 15:4)
Ние треба да бараме начини да им покажуваме љубов и почит на оние што му се пријатели на Јехова (Рим. 12:10). Како? Според Псалм 15:4, еден начин на кој оној што е гостин во Јеховиниот шатор го прави тоа е така што „својата заклетва не ја менува, дури и ако тоа е на негова штета“. Ако не ги исполниме нашите ветувања, ќе ги повредиме другите (Мат. 5:37). На пример, Јехова очекува неговите гости да го исполнат својот брачен завет. Исто така, тој се радува кога родителите се трудат да ги исполнат ветувањата што им ги дале на своите деца. Љубовта кон Бог и кон ближниот ќе нѐ поттикне да дадеме сѐ од себе за да ги исполниме нашите ветувања. Друг начин на кој им укажуваме чест на Божјите пријатели е така што сме гостољубиви и великодушни (Рим. 12:13). Кога се дружиме со соверниците и во други прилики освен на состаноците или во службата на проповедање, стануваме поблиски со нив и со Јехова. Освен тоа, кога сме гостољубиви, го следиме примерот на Јехова (w24.06 12, пас. 15-16).
Вторник, 10 ноември
Што е смртниот човек, па да мислиш на него? (Пс. 8:4)
Јехова им ја открива вистината на оние што се понизни (Мат. 11:25). Ние понизно сме прифатиле помош за да ја дознаеме вистината (Дела 8:30, 31). Сепак, мора да внимаваме да не станеме горди. Гордоста би можела да нѐ наведе да сметаме дека нашето мислење е исто толку мудро колку и библиските начела и водството од Јеховината организација. За да останеме понизни, не треба да заборавиме колку сме безначајни во споредба со Јехова (Пс. 8:3, 4). Исто така, треба да го молиме да ни помогне да станеме уште попонизни и поспремни да учиме. Јехова ќе ни помогне неговите мисли да ни бидат поважни од нашите. Јеховините мисли ги дознаваме од неговата Реч и од неговата организација. Додека ја читаш Библијата, барај докази дека Јехова ја сака понизноста, а ги мрази гордоста, арогантноста и вообразеноста. Особено труди се да останеш понизен доколку добиеш некоја задача која ти дава одредена мера авторитет или углед (w24.07 10, пас. 8-9).
Среда, 11 ноември
Од малиот ќе стане илјада, и од незначителниот — силен народ. Јас, Јехова, ќе го забрзам тоа кога ќе дојде време (Иса. 60:22)
Од 1919 год., Исус користи една мала група помазаници за да го организира проповедничкото дело и за да им дава духовна храна на своите следбеници (Лука 12:42). Очигледно е дека Јехова го благословува она што го прави оваа група (Иса. 65:13, 14). Ако не сме организирани, нема да можеме да ја извршиме задачата што Исус ни ја дал (Мат. 28:19, 20). На пример, замисли си да немавме подрачја за сведочење. Тогаш секој ќе проповедаше каде што сака. Некои подрачја можеби ќе ги обработувавме одново и одново, а други подрачја можеби воопшто немаше да ги обработуваме. Дали можеш да се сетиш на кои други начини ни користи тоа што сме организирани? Исус продолжува да го организира Божјиот народ денес на истиот начин на кој што ги организирал своите следбеници додека бил на Земјата (w24.04 8-9, пас. 2-4).
Четврток, 12 ноември
Ако почнеш да правиш добро, зарем нема да ми бидеш мил? Но ако не правиш добро, гревот демне на вратата и копнее по тебе (1. Мој. 4:7)
Каин бил првиот син на Адам и Ева. Тој наследил грев од своите родители. Освен тоа, за него Библијата вели: „Неговите дела беа зли“ (1. Јов. 3:12). Можеби тоа е причината зошто Јехова не погледнал со одобрување на Каин и на неговата жртва. Наместо да го промени своето однесување, „Каин многу се [разгневил], и лицето му се [смуртило]“. Што направил Јехова потоа? Тој зборувал со Каин (1. Мој. 4:3-7). Забележи дека Јехова љубезно разговарал со Каин, му кажал дека ќе го благослови ако се покае и го предупредил дека е во опасност да направи грев. За жал, Каин не го послушал. Тој не му дозволил на Јехова да му помогне да се покае. Откако Каин ја одбил помошта од Јехова, дали Бог престанал да им помага на луѓето да се покаат за своите гревови? Ни најмалку! (w24.08 10, пас. 8).
Петок, 13 ноември
Избери го животот за да останеш жив (5. Мој. 30:19)
На Израелците им претстоела прекрасна иднина. Со благословот од Јехова, тие можеле да живеат долго во земјата што тој им ја ветил. И, таа навистина била убава и родна земја! Мојсеј ја опишал со следниве зборови: „[Земја] во која има големи и убави градови, кои не си ги градел, куќи полни со секакви добра, кои не си ги полнел, ископани бунари, кои не си ги копал, лозја и маслинарници, кои не си ги садел“ (5. Мој. 6:10, 11). Мојсеј им дал на Израелците и едно предупредување. За да продолжат да живеат во таа плодна земја, тие требало да им бидат послушни на Јеховините заповеди. Мојсеј ги предупредил да изберат живот со тоа што ќе го слушаат Јехова и ќе се држат за него (5. Мој. 30:20). Сепак, Израелците го отфрлиле Јехова. Затоа, по некое време, Бог им дозволил на Асирците, а подоцна и на Вавилонците, да ги победат Израелците и да ги одведат во ропство (2. Цар. 17:6-8, 13, 14; 2. Лет. 36:15-17, 20; w24.11 9, пас. 5-6).
Сабота, 14 ноември
Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото, кој ме испрати (Јован 6:44)
Многумина кои тврдат дека се христијани мислат дека ќе бидат спасени само ако веруваат во Исус и ако го сметаат за свој Спасител (Јован 6:29). Меѓутоа, некои од мноштвото во Галилеја кои претходно поверувале во Исус престанале да го следат. Зошто? Повеќето од мноштвото кое Исус го нахранил го следеле затоа што тој им го дал она што го сакале. Ним им било важно тој да ги лекува, да им дава храна и да им го кажува она што сакаат да го слушнат. Сепак, Исус покажал дека оние што сакаат да бидат негови вистински ученици треба да прават нешто повеќе. Тој не дошол на Земјата само за да ги задоволи телесните потреби на луѓето. Тие требало да ја прифатат неговата покана да дојдат кај него така што ќе го слушале и ќе го држеле сето она за кое ги поучувал (Јован 5:40; w24.12 12, пас. 12-13).
Недела, 15 ноември
Мажи, сакајте ги своите жени, како што и Христос го сакаше собранието (Еф. 5:25)
Што може да му помогне на еден сопруг да го надмине насилното и понижувачко однесување? Тоа што ќе се труди да го следи примерот на Исус. Начинот на кој се однесувал со своите ученици е убав пример за тоа како еден сопруг треба да се однесува со својата сопруга. Да видиме што може да научат сопрузите од начинот на кој Исус се однесувал и зборувал со своите апостоли. Исус се однесувал со своите апостоли љубезно и со почит. Тој никогаш не бил груб, ниту пак се однесувал заповеднички. Исус не сметал дека треба да употреби сила за да покаже дека има авторитет над нив. Наместо тоа, понизно им служел (Јован 13:12-17). Тој им рекол на своите ученици: „Учете од мене, зашто јас сум благ и со понизно срце, и ќе најдете поткрепа за своите души“ (Мат. 11:28-30). Забележи дека Исус бил благ. Една блага личност не е слаба личност. Напротив, има внатрешна сила да покаже самоконтрола. Кога е испровоциран, некој што е благ останува смирен и ги контролира своите емоции (w25.01 10, пас. 10-11).
Понеделник, 16 ноември
Довери му ги своите дела на Јехова (Изр. 16:3)
Колку повеќе се приближува крајот на овој свет, толку повеќе можеме да очекуваме дека економската ситуација ќе се влошува. Поради политички немири, вооружени конфликти, природни катастрофи или нови пандемии би можеле неочекувано да се соочиме со зголемени трошоци, или пак би можеле да ги изгубиме работата, она што го поседуваме или нашиот дом. Што ќе ни помогне да донесеме одлуки од кои ќе се види дека имаме доверба во Јехова? Многу е важно да му ги кажеш на Јехова твоите грижи. Ова многу ќе ти помогне. Моли го Јехова да ти ја даде потребната мудрост за да носиш добри одлуки и да ти помогне да останеш смирен за да не се грижиш премногу за твојата ситуација (Лука 12:29-31). Постојано моли го да ти помогне да бидеш задоволен со основните работи за живот (1. Тим. 6:7, 8). Истражувај во нашите публикации за тоа како успешно да се справиш со финансиските проблеми. На многумина им помогнале статиите и видеоклиповите на jw.org во кои има совети за економските проблеми (w25.03 28-29, пас. 10-11).
Вторник, 17 ноември
Бог мене ми покажа дека не треба ниту еден човек да го викам валкан или нечист (Дела 10:28)
Дошло времето што Јехова го одредил за луѓето од другите народи да станат дел од неговиот народ. Апостол Петар добил задача да му проповеда на Корнелиј, кој подоцна бил меѓу првите не-Евреи што станале христијани. Со оглед на тоа што Евреите обично избегнувале секаков контакт со не-Евреите, Петар требало да го исправи своето размислување за да ја изврши оваа задача. Кога сфатил како гледа Бог на не-Евреите, тој го сменил своето гледиште. Како резултат на тоа, „без приговор“ отишол таму каде што бил испратен (Дела 10:28, 29). Петар им проповедал на Корнелиј и на неговите домашни, кои потоа се крстиле (Дела 10:21-23, 34, 35, 44-48). Со години подоцна, Петар ги поттикнал своите соверници да бидат „со еднакви мисли“ (1. Пет. 3:8). Како Јеховин народ, тоа може да го правиме ако го одразуваме Јеховиниот начин на размислување за кој учиме од Библијата (w25.03 9, пас. 7-8).
Среда, 18 ноември
Не дозволувајте да ве заведат разни туѓи учења (Евр. 13:9)
Ставовите и мислењата на луѓето од светот сѐ повеќе се во спротивност со Божјето совршено гледиште за работите (Изр. 17:15). Затоа мора да ја зајакнеме нашата способност да ги препознаваме и да ги отфрламе идеите кои ги шират противниците со цел да нѐ обесхрабрат, па дури и да нѐ заведат. Добро е да го земеме при срце советот што апостол Павле им го дал на еврејските христијани — да продолжат да напредуваат кон христијанска зрелост. Тоа вклучува да стекнуваме сѐ подлабоко разбирање за вистината и да го прифатиме Јеховиниот начин на размислување. Овој процес продолжува дури и откако едно лице ќе му го заветува својот живот на Јехова и ќе се крсти. Без разлика колку долго сме во вистината, сите ние мора редовно да ја читаме и да ја проучуваме Божјата Реч (Пс. 1:2). Тоа што ќе имаме навика редовно да проучуваме ќе ни помогне да зајакнеме една особина која Павле ја истакнал во своето писмо до Евреите — верата! (Евр. 11:1, 6; w24.09 10, пас. 7-8).
Четврток, 19 ноември
Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам! (Јак. 4:8)
Ако Јехова ни е реален, ќе ни биде полесно да му останеме верни. Тоа било случај со Јосиф. Тој одлучно одбил да направи неморал. Бог му бил реален и не сакал да го разочара (1. Мој. 39:9). За Јехова да ни биде реален и нам, треба да си одвоиме време за да се молиме и да ја проучуваме неговата Реч. Така, нашето пријателство со него ќе расте. Ако и ние, исто како Јосиф, сме блиски пријатели со Јехова, нема да сакаме да направиме нешто со кое би го разочарале. Оние кои забораваат дека Јехова е живиот Бог лесно би можеле да се оддалечат од него. Размисли што им се случило на Израелците додека биле во пустината. Тие биле свесни дека Јехова постои, но почнале да се сомневаат дали тој ќе се грижи за нивните потреби (2. Мој. 17:2, 7). Како резултат на тоа, тие се побуниле против Бог. Ние сигурно не би сакале да го следиме нивниот лош пример, кој служи како предупредување за нас денес (Евр. 3:12; w24.06 24, пас. 14-15).
Петок, 20 ноември
Очите на Јехова ги гледаат праведниците и ушите негови го слушаат нивниот повик за помош (Пс. 34:15)
Живееме длабоко во последните денови и свесни сме дека причините за солзи само ќе се зголемуваат. Јехова ги гледа нашите солзи и не му е сеедно кога плачеме. Нашите солзи се скапоцени за него. Затоа, кога минуваме низ тешки ситуации, важно е да му го излеваме срцето во молитва. Никогаш да не се изолираме од нашите грижливи браќа и сестри во собранието. И, да продолжиме да наоѓаме утеха во охрабрувачките зборови од Библијата. Можеме да бидеме уверени дека, ако верно истрајуваме, Јехова ќе нѐ награди. Една награда е прекрасното ветување дека еден ден тој ќе ја избрише секоја солза од нашите очи која била предизвикана од длабока тага, изневереност или очај (Отк. 21:4). Тогаш ќе има само солзи радосници (w24.12 20, пас. 3; 25, пас. 19).
Сабота, 21 ноември
„Вие сте мои сведоци“, вели Јехова (Иса. 43:12)
Јехова нѐ назначил да бидеме негови Сведоци и ни ветил дека ќе ни помага да бидеме храбри (Иса. 43:10, 11). Размисли за само четири од начините на кои го прави тоа. Прво, Исус е со нас секогаш кога ја проповедаме добрата вест (Мат. 28:18-20). Второ, Јехова поставил ангели за да ни помагаат (Отк. 14:6). Трето, Јехова ни го дал својот свет дух како помошник за да нѐ потсетува на она што сме го научиле (Јован 14:25, 26). Четврто, Јехова ни дал браќа и сестри за да одиме заедно со нив во служба. Со помош од Јехова и со поддршката од нашите драги браќа и сестри, ние имаме сѐ што ни е потребно за да бидеме успешни во службата. Но, ако се чувствуваш обесхрабрено кога нема да најдеш многу луѓе дома, би можел да се прашаш: „Каде се во моментов луѓето од подрачјето на кое треба да проповедам?“ (Дела 16:13). „Дали се на работа или излегле да пазаруваат?“ Ако тоа е така, би можел ли да најдеш повеќе луѓе така што ќе сведочиш на улица? (w24.04 17, пас. 10-11).
Недела, 22 ноември
Ако некој не знае да управува со својот дом, како ќе се грижи за Божјето собрание? (1. Тим. 3:5)
Ако си сопруг и сакаш да ги исполниш условите за старешина, твоето семејство исто така треба да биде добар пример за другите. Затоа, треба „добро да [управуваш] со својот дом“. Треба одговорно и со љубов да ја извршуваш својата улога како глава на семејството. Тоа вклучува редовно да ја водиш Семејната вечер посветена на Јехова, да се погрижиш членовите на семејството редовно да присуствуваат на собраниските состаноци и да им помагаш да го даваат своето најдобро во службата на проповедање. Ако си татко, твоите малолетни „[деца] треба да [ти] бидат послушни и да покажуваат потполна почит“ (1. Тим. 3:4). Треба со љубов да ги поучуваш и да ги обучуваш. Се разбира, како и сите други деца, тие треба да си играат и да се смеат. Но, треба да ги поучуваш да ти бидат послушни, да ги почитуваат другите и добро да се однесуваат. Освен тоа, мора да даваш сѐ од себе за да им помагаш на твоите деца да развијат добар однос со Јехова, да живеат според библиските начела и да напредуваат кон крштавање (w24.11 22, пас. 10-11).
Понеделник, 23 ноември
Никој нема поголема љубов од оваа: да го даде својот живот за своите пријатели (Јован 15:13)
Колку повеќе учествуваме во службата за Јехова, толку повеќе ќе ја чувствуваме неговата поддршка и, како резултат на тоа, нашата доверба во него ќе станува сѐ поцврста (1. Кор. 3:9). Имај на ум дека Јехова не го споредува она што ти го правиш со она што другите го прават; тој гледа што имаш во срцето. Тој е задоволен кога гледа колку си благодарен за неговиот скапоцен подарок, откупнината (1. Сам. 16:7; Мар. 12:41-44). Само благодарение на откупнината, може да ни бидат простени гревовите, да бидеме пријатели со Јехова и да имаме надеж за вечен живот. Секогаш да покажуваме благодарност за љубовта на Јехова, која го поттикнала да ни ги овозможи овие благослови (1. Јов. 4:19). Исто така, да покажуваме благодарност за Исус, кој толку многу нѐ сакал што го дал својот живот за нас! (w25.01 31, пас. 16-18).
Вторник, 24 ноември
Злото ме погодува по цел ден (Пс. 73:14)
Размисли за тоа како се чувствувал писателот на Псалм 73. Тој гледал како други луѓе се навидум здрави, богати и водат безгрижен живот (Пс. 73:3-5, 12). Додека ги набљудувал нив и нивниот привиден успех, имал чувство дека жртвите што ги направил за да му служи на Јехова се безначајни. Тој по цел ден се измачувал со оваа обесхрабрувачка мисла (Пс. 73:13, 14). Како се справил со овие негативни чувства? Псалмистот отишол во Јеховиното светилиште (Пс. 73:16-18). На ова мирно место тој можел јасно да размислува. Тој сфатил дека некои кои имаат навидум лесен живот немаат надеж за иднината. Ова му помогнало да стекне внатрешен мир и да се увери дека најдобрата одлука што некој може да ја донесе е да го стави Јехова на прво место во животот. Како резултат на тоа, бил уште порешен да продолжи да му служи на Јехова (Пс. 73:23-28; w24.10 27, пас. 11-12).
Среда, 25 ноември
За да се знае дека единствено ти, чие име е Јехова, си Севишен над целата земја! (Пс. 83:18)
Јехова нѐ избрал да бидеме негови „сведоци“ (Иса. 43:10-12). Пред неколку години, во едно писмо од Водечкото тело пишуваше: „Најголемата чест што сите ние можеме да ја имаме е да бидеме наречени Јеховини сведоци“. Зошто го велиме ова? Размисли за следнава споредба. Замисли дека си обвинет дека си направил нешто погрешно. Затоа ти е потребен некој кој ќе им каже на другите дека тоа обвинение е лага и дека ти си добар човек кој никогаш не би направил такво нешто. Кого би го одбрал за сведок? Сигурно некој што го познаваш и во кого имаш доверба, и кој е на добар глас за да можат другите да му веруваат. Со тоа што нѐ избрал да бидеме негови Сведоци, Јехова покажува дека добро нѐ познава и дека има доверба во нас дека ќе сведочиме дека тој е единствениот вистински Бог. За нас е толку голема чест да бидеме негови Сведоци што ја користиме секоја прилика да го објавуваме неговото име и да ги побиеме многуте лаги кои биле кажани за него. На тој начин, ние живееме во склад со името кое гордо го носиме — Јеховини сведоци (Рим. 10:13-15; w24.05 18, пас. 13).
Четврток, 26 ноември
Ги излекува сите болни (Мат. 8:16)
Тоа што им служел на другите, на Исус му носело голема радост. Во една прилика, кога му служел на мноштвото луѓе кое дошло кај него, Исус за нив направил нешто повеќе отколку само да ги поучува. Тој се погрижил и за нивните физички потреби. Исус со чудо обезбедил храна за нив и потоа на учениците им рекол да им ја разделат (Мар. 6:41). На тој начин, ги поучил своите ученици како да им служат на другите. Исто така, Исус им покажал дека практичните задачи, како оние што обично ги извршуваат слуга-помошниците, се важни. Замисли колку биле среќни апостолите што имале можност да соработуваат со Исус и да им ја разделат на луѓето храната која тој со чудо ја обезбедил и од која сите јаделе и се наситиле! (Мар. 6:42). Се разбира, ова не е единствениот случај кога Исус ги ставил потребите на другите пред своите. Тој го правел тоа во текот на целиот свој живот на Земјата (Мат. 4:23). На Исус му претставувало голема радост и задоволство да ги поучува другите и понизно да се грижи за нивните потреби (w24.11 16, пас. 10-11).
Петок, 27 ноември
Во последните денови ќе настанат особено тешки времиња (2. Тим. 3:1)
Како што условите во овие последни денови сѐ повеќе се влошуваат, без сомнение ќе имаме сѐ повеќе можности да си пружаме помош еден на друг. Исто така, на нашите браќа и сестри можеме да им ги пружиме потребната утеха и потребната љубов. Еден начин на кој можеме да го правиме тоа е така што ќе придонесеме да се чувствуваат добредојдено во салата за состаноци. Затоа, кога сме на нашите состаноци, сакаме да направиме сѐ што можеме за нашите браќа и сестри да се чувствуваат сакано, освежено и безбедно. Старешините можат да станат прибежиште за оние браќа и сестри во собранието кои доживуваат дословни или симболични бури. За време на некоја природна катастрофа или некој итен медицински случај, старешините брзо преземаат чекори за да пружат практична помош. Исто така, тие даваат водство и охрабрување од Библијата. Браќата и сестрите ќе се чувствуваат послободни да побараат помош од некој старешина ако знаат дека тој ќе зборува љубезно со нив, ќе ги слуша и ќе се потруди да разбере како се чувствуваат. Ваквите особини им помагаат на другите да се чувствуваат сакано. Тогаш им е полесно да го применат кој и да било библиски совет што старешината можеби ќе им го даде (1. Сол. 2:7, 8, 11; w24.06 29, пас. 12-13).
Сабота, 28 ноември
Тој не го поштеди ни сопствениот Син (Рим. 8:32)
Не треба да мислиме дека, затоа што е семоќен, Бог нема чувства. Ние сме создадени според неговиот лик, со способност да чувствуваме, што покажува дека и Јехова има чувства. Самата Библијата ни кажува дека тој чувствува жал и болка (Пс. 78:40, 41). Јехова чувствувал тага додека гледал како безбожни луѓе сурово го мачат неговиот Син до смрт! Од откупнината учиме дека никој не нѐ сака толку многу како Јехова — дури ни најблискиот член на семејството ни најдобриот пријател (Рим. 8:32, 38, 39). А нема сомнеж дека Јехова нѐ сака повеќе од што се сакаме самите себе. Дали сакаш да живееш вечно? Јехова го сака тоа уште повеќе. Дали сакаш да ти бидат простени гревовите? Јехова го сака тоа уште повеќе. Сѐ што тој бара од нас е да покажеме благодарност за откупнината, да имаме вера во него и да му бидеме послушни. Откупнината е скапоцен подарок кој е доказ за Јеховината огромна љубов кон нас (Проп. 3:11; w25.01 22, пас. 8-9).
Недела, 29 ноември
Испитувајте што е прифатливо за Господарот (Еф. 5:10)
Сите ние, некои одлуки ги темелиме на она што го примаме преку нашите сетила. Сепак, понекогаш, нашите сетила може да нѐ измамат. Но, дури и да не нѐ измамат, ако се водиме само според она што го гледаме, може да почнеме да ја игнорираме Божјата волја или неговите совети (Проп. 11:9; Мат. 24:37-39). Меѓутоа, кога живееме според верата, поверојатно е дека ќе носиме одлуки кои се во склад со она што е „прифатливо за Господарот“. Кога сме послушни на советите од Бог, ќе имаме внатрешен мир и ќе бидеме вистински среќни (Пс. 16:8, 9; Иса. 48:17, 18). А, ако продолжиме да живееме според верата, нѐ очекува вечна иднина (2. Кор. 4:18). По што ќе знаеме дали живееме според верата или според она што го гледаме? Во суштина, сѐ се сведува на ова: кои фактори нѐ водат кога носиме одлуки? Дали се водиме само по она што го гледаме? Или се потпираме на советите од Јехова? (w25.03 20-21, пас. 3-4).
Понеделник, 30 ноември
Бидете во мир еден со друг (1. Сол. 5:13)
Секој од нас има важна улога во тоа да придонесе духовниот рај да биде привлечен за другите. Ние можеме да ја исполниме оваа улога ако го следиме примерот на Јехова. Тој не ги присилува луѓето да станат дел од неговата организација. Наместо тоа, тој нежно ги привлекува луѓето кон себе (Јован 6:44; Ерем. 31:3). Кога искрените лица ќе дознаат за Јеховината љубов и за неговите прекрасни особини, не можат а да не бидат привлечени кон него. Како можеме ние со нашите убави особини и со нашето добро однесување да ги привлечеме луѓето кон духовниот рај? Еден начин е така што со нашите соверници ќе постапуваме обѕирно и со љубов. Кога некое заинтересирано лице ќе присуствува на нашите состаноци, сакаме да дојде до истиот заклучок до кој дошле неверниците кои можеби присуствувале на состаноците во древниот Коринт. Тие рекле: „Навистина, Бог е меѓу вас!“ (1. Кор. 14:24, 25; Зах. 8:23). Затоа, мора да продолжиме да го применуваме советот од денешниот стих (w24.04 23-24, пас. 16-17).