Светско единство — дали некогаш ќе биде стварност?
„АКО успееме во текот на следните неколку генерации да го преобразиме светот од независни држави во кои живееме во некаква вистинска меѓународна заедница . . . тогаш делотворно ќе ја укинеме и древната институција на војување . . . Меѓутоа, ако не успееме, веројатно нема да постои . . . цивилизација.“ Така вели воениот историчар Гвин Даер во својата книга со наслов War.
Страниците на историјата, вели Даер, се натрупани со извештаи за нации и за други моќни групи кои прибегнувале кон војна за да ги средат своите несогласувања. Нивната разединетост ги уништила животите на милиони жртви. Описот што го дал цар Соломон во врска со тоа како ова влијаело врз луѓето во негово време, денес сѐ уште е погоден. Тој напишал: „Се свртив и ги видов сите неправди, што стануваат под сонцето; и ете, солзите на онеправдените, а утешител немаат; силата е во рацете на клеветниците, а закрилник нема“ (Проповедник 4:1).
Во денешно време, како што истакнува историчарот погоре, освен сочувството кон „солзите на онеправдените“, постои уште една причина зошто да се пронајде некој начин да се преобрази светот од независни држави во некаква вистинска меѓународна заедница: На коцка е самиот опстанок на цивилизацијата! Современото војување ветува дека ќе ја уништи секоја нација која ќе прибегне кон него и дека нема да остави победници.
Светско единство на видик?
Какви се изгледите за светско единство? Може ли човечкото општество да ги надмине раздорните сили кои се закануваат на опстанокот на Земјата? Некои мислат така. Уредникот за одбрана на британскиот Daily Telegraph, Џон Киган, пишува: „И покрај збрката и несигурноста, изгледа речиси возможно да се здогледа како на површината излегува скицата на еден свет без војна“.
Што е тоа што му дава едно вакво оптимистичко гледиште? Зошто толку многу луѓе изгледаат полни со надеж и покрај човечката долга историја на војување и човековата привидна неспособност успешно да владее со себеси? (Јеремија 10:23). ,Човештвото оди напред. Историјата покажува еден образец на постојан напредок‘, аргументирале некои некогаш. Дури и денес, многумина веруваат дека на некој начин човековата вродена доброта ќе триумфира над злото. Дали е тоа реална надеж? Или, пак, е само една заблуда која ќе води до поголемо разочарување? Во својата книга Shorter History of the World, историчарот Џ. М. Робертс реално напишал: „Едвај може да се рече дека иднината на светот изгледа сигурна. Ниту, пак, сега има на видик некаков крај на човечкото страдање или некаква основа да се верува дека ќе има“.
Постојат ли реални причини да се верува дека народите и нациите навистина ќе ја надминат нивната меѓусебна недоверба и раздорни несогласувања? Или, пак, се бара нешто повеќе отколку само човечки настојувања? Следната статија ќе ги разгледа тие прашања.
[Извор на слика на страница 2]
Глобус во позадината на насловната страница: Mountain High Maps® Copyright © 1995 Digital Wisdom, Inc.