Ние сме од оние кои имаат вера
Споделување на христијанската надеж во Сенегал
РИБАТА била основна храна уште од древни времиња. Илјадници години, луѓето рибареле во морињата, езерата и реките на светот. Некои од апостолите на Исус Христос биле рибари на Галилејското Море. Меѓутоа, ним Исус им претставил еден друг вид рибарење. Тоа било духовно рибарење кое ќе им биде од корист не само на рибарите туку и на рибите.
Во овој поглед, Исус му рекол на рибарот Петар: „Отсега ќе ловиш луѓе!“ (Лука 5:10). Таквиот вид риболов се спроведува денес во преку 230 земји, вклучувајќи го и Сенегал (Матеј 24:14). Овдешните современи ‚ловци на луѓе‘ храбро ја споделуваат својата христијанска надеж со другите (Матеј 4:19).
Сенегал е лоциран на најзападниот врв на Африка. Се протега од песокливите пустински подрачја, кои се граничат со Сахара на север, до влажните шуми на подрачјето Казаманс, на југ. Сенегал е земја низ која дуваат жешките ветрови од пустината како и ладниот, освежувачки ветрец од Атлантикот. Овде живеат преку девет милиони луѓе. Жителите на Сенегал се познати по својата гостољубивост. Повеќето од нив не се изјаснуваат како христијани. Многумина се овчари, додека други се сточари на крупен добиток, камили и кози. Има и земјоделци кои одгледуваат кикиритки, памук и ориз. Да, има и рибари, кои носат мрежи полни со риби од Атлантскиот Океан, и од многуте големи реки кои се извиваат низ земјата. Рибната индустрија игра витална улога во економијата на Сенегал. Всушност, познатото национално јадење е ceebu jèn, вкусен оброк од ориз, риба и зеленчук.
‚Ловци на луѓе‘
Во Сенегал има 863 ревносни проповедници на Божјето Царство. Духовното рибарење овде започна во почетокот на 1950-тите. Канцеларија на подружницата на Watch Tower Society беше отворена во главниот град Дакар во 1965. Мисионерски „рибари“ почнаа да пристигнуваат од многубројни далечни земји. Започнаа „рибарски“ активности, и споделувањето на христијанската надеж во Сенегал рамномерно се движеше напред. На крајот, беа изградени нови простории на подружницата во Алмадис, на периферијата на Дакар, и свечено му беа предадени на Јехова во јуни 1999. Какво време на радост!
Предизвикот да се прифати вистината
Редовно се достигнуваат луѓе со многу различно потекло, а некои поволно реагирале на пораката на надеж која се наоѓа во Божјата реч. Иако многумина немаат спознание за Библијата, мило им е да научат дека ветувањата што им ги дал Јехова Бог на верните пророци од старо време, наскоро ќе се исполнат.
Честопати е потребна храброст за да се заземе цврст став за христијанските начела, особено кога се вмешани семејните традиции и обичаи. На пример, полигамијата нашироко се практикува во Сенегал. Разгледај го случајот на еден човек кој имал две жени кога почнал да ја проучува Библијата. Дали ќе има храброст да ја прифати христијанската вистина и да се придржува за библиското барање да биде сопруг само на една сопруга? (1. Тимотеј 3:2). И дали ќе ја задржи жената на својата младост, жената со која прво се оженил? Токму тоа го сторил, и сега служи како ревносен старешина во едно од поголемите собранија во областа Дакар. Неговата прва жена, исто така, ја прифатила вистината со сите негови 12 деца, 10 од нејзе и 2 од неговата поранешна втора жена.
Уште една пречка за да се прифати христијанската надеж може да биде неписменоста. Дали тоа значи дека некој кој е неписмен не може да ја прифати и практикува вистината? Никако. Разгледај го примерот на Мари, марлива мајка на осум мали деца. Таа бргу увидела дека е важно да го дискутира библискиот стих со своите малечки секој ден пред да одат на училиште и пред таа да оди на работа. Но, како можела да го прави тоа кога не можела да чита? Рано секое утро, ја земала брошурата Секојдневно разгледување на Писмото и стоела на песокливата улица пред својата куќа. Како што поминувале луѓето, таа ги прашувала дали знаат да читаат. Кога ќе најдела некој кој знае, му ја давала брошурата и сесрдно велела: „Јас не можам да читам, ќе ве молам да ми го прочитате денес овој дел“. Внимателно го слушала читањето. Потоа му се заблагодарувала на минувачот и бргу влегувала во својата куќа за да води жива дискусија за текстот со своите деца пред да одат на училиште!
Реагираат секаков вид луѓе
Во Сенегал, луѓето можат да се најдат како седат по улиците, како продаваат риба, зеленчук или овошје на пазарот или како се потпрени под величествено баобаб дрво, пиејќи ataya, прилично горчлив зелен чај. Решени да ја споделат добрата вест со секого што ќе го сретнат, двајца браќа разговарале со еден онеспособен човек кој питал на улицата. Откако го поздравиле, тие рекле: „Многу луѓе ви даваат пари, но не застануваат да разговараат. Ние дојдовме да разговараме со Вас за нешто што е многу важно и што се однесува на Вашата иднина“. Питачот бил изненаден. „Би сакале да Ви поставиме едно прашање“, продолжиле браќата. „Што мислите, зошто има толку многу страдање во светот?“ „Тоа е Божја волја“, одговорил питачот.
Браќата потоа расудувале со него од Писмото и го објасниле Откровение 21:4. Питачот бил длабоко трогнат од оваа порака на надеж и од фактот што некој доволно се интересирал да застане и да дискутира за Библијата со него. Очите му се наполниле со солзи. Наместо да бара пари, тој ги преколнувал браќата да ги земат сите железни пари што ги имал во својата конзерва за питање! Тој бил толку упорен што тоа им го привлекол вниманието на сите што поминувале. Со голема тешкотија браќата го убедиле да ги задржи парите. Конечно се согласил, но инсистирал пак да го посетат.
Големиот универзитет во Дакар, исто така, придонесува кон уловот во духовната рибарска мрежа. Еден студент по медицина на тој универзитет, по име Жан-Луј, почнал да ја проучува Библијата. Бргу ја прифатил вистината, му го предал својот живот на Јехова и се крстил. Имал желба да му служи на Бог во полновремената пионерска служба, но тој уживал и во своите студии по медицина. Поради договорот со својата држава, бил обврзан да ги заврши своите студии. Сепак, истовремено почнал да служи како помошен пионер. Набрзо откако ја добил својата диплома како квалификуван лекар, бил поканет да служи во еден голем бетелски дом во Африка како семеен лекар. Еден друг млад човек со кој контактирале на универзитетот во Дакар, исто така сега служи во бетелската фамилија во својата татковина.
Духовното рибарење во Сенегал секако е наградувачко. Библиската литература на Јеховините сведоци многу се цени и сега се произведува на локалниот јазик волоф. Слушајќи ја добрата вест на својот мајчин јазик, многу луѓе со искрени срца се охрабриле да реагираат со благодарност. Со Јеховин благослов, без сомнение, уште многу симболични риби ќе бидат фатени, додека ревносните „ловци на луѓе“ во Сенегал продолжуваат да ја делат христијанската надеж верно и храбро.
[Карта/слика на страница 31]
(Види во публикацијата)
СЕНЕГАЛ
[Слика]
Споделување на христијанската надеж во Сенегал
[Извор на слика]
Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.