Моралните вредности во опаѓање
„ТАКВО нешто никогаш не се случило“, коментирал Хелмут Шмит, поранешен канцелар на Германија. Тој се жалел на неодамнешните случаи на страшна нечесност од страна на државните службеници, кои излегле на насловната страна во весниците. „Моралните мерила се изгубија во алчноста“, рекол тој.
Многумина би се сложиле со него. Моралните вредности — кои потекнуваат од Божјата реч, Библијата, и кои долго време биле нашироко прифаќани како водич за исправно и погрешно — се отфрлаат. Ова е случај дури и во земји кои по име се поврзани со христијанството.
Дали библискиот морал е релевантен?
Моралот кој се темели на библиските учења вклучува чесност и интегритет. Сепак, мамењето, корупцијата и измамата се широко распространети. Лондонскиот The Times известува дека некои детективи „наводно си ставаат в џеб по 100.000 фунти за секое рециклирање на конфискувана дрога или за затајување на доказите против главните личности на подземјето“. Се вели дека во Австрија измамата со осигурувањето е вообичаена практика. А во Германија научните кругови биле шокирани кога неодамна истражувачите откриле „еден од најскандалозните случаи на измама во науката во Германија“. Еден професор, „ѕвезда меѓу германските генетичари“, бил обвинет дека фалсификувал или измислувал огромен број на податоци.
Моралот темелен на Библијата вклучува и верност во бракот, кој бил предвиден да биде трајна врска. Но, сѐ поголем број парови завршуваат на суд за развод. Во католичкиот весник Christ in der Gegenwart (Современиот христијанин) се известува дека „дури и во ‚конзервативна‘ Швајцарија сѐ повеќе бракови се распаѓаат“. Во Холандија 33 проценти од сите бракови завршуваат со развод. Една госпоѓа, која ги забележала социјалните промени во Германија во изминатите неколку години, во врска со својата загриженост напишала: „Бракот сега се смета за старомоден и застарен. Луѓето повеќе не стапуваат во брак со некој кој ќе им биде партнер за цел живот“.
Од друга страна, пак, милиони ги сметаат моралните мерила, на кои учи Библијата, за веродостојни и релевантни за животот во современиов свет. Еден брачен пар кој живее на швајцарско-германската граница открил дека тоа што научиле да живеат според библискиот морал ги направило посреќни. Што се однесува до нив, „постои само едно упатство за сите аспекти од животот. Тоа упатство е Библијата“.
Што мислиш ти? Може ли Библијата да служи како скапоцено упатство? Дали моралот темелен на Библијата е практичен денес?