Животна приказна
Научивме да имаме потполна доверба во Јехова
РАСКАЖАЛА НАТАЛИ ХОЛТОРФ
Беше јуни 1945. Еден ден, кај нас дојде еден блед човек и стрпливо стоеше на вратата. Преплашена, мојата најмала ќерка, Рут, извика: „Мамо, има еден човек пред вратата!“ Таа не ни знаеше дека тој човек е татко ѝ — мојот сакан сопруг, Фердинанд. Две години пред тоа, само три дена откако се роди Рут, Фердинанд излезе од дома, беше уапсен и заврши во нацистички концентрационен логор. Но, сега, Рут конечно го запозна татко си, и нашето семејство повторно беше заедно. Јас и Фердинанд имавме многу да си кажеме!
ФЕРДИНАНД е роден во 1909 во градот Кил (Германија), а јас сум родена во 1907 во Дрезден (Германија). Моето семејство првпат се запозна со Библиските студенти, како што тогаш се викаа Јеховините сведоци, кога имав 12 години. Кога имав 19 години, ја напуштив Евангелистичката црква и му го предадов својот живот на Јехова.
Во меѓувреме, Фердинанд дипломирал на поморската школа и станал морнар. За време на неговите патувања размислувал за постоењето на Творец. Кога се вратил во пристаништето, Фердинанд го посетил брат му, кој бил Библиски студент. Таа посета била доволна за да се увери дека Библијата ги има одговорите на прашањата што го мачеле. Ја напуштил Лутеранската црква и решил повеќе да не работи како морнар. Откако првпат бил да проповеда, почувствувал силна желба да го прави тоа до крајот на животот. Истата таа вечер, Фердинанд му го предал својот живот на Јехова. Се крстил во 1931.
Морнар и проповедник
Во ноември 1931, Фердинанд се качил на воз за Холандија за да помогне во делото на проповедање таму. Кога му кажал на братот што го организирал делото во таа земја дека порано бил морнар, братот извикал: „Токму ти ни требаш!“ Браќата изнајмиле бротче за да може една група пионери (полновремени министри) да им проповеда на оние што живеат долж каналите во северниот дел од земјата. Бротчето имало петочлен екипаж, но никој од нив не знаел да го управува. Па така, Фердинанд им станал капетан.
Шест месеци подоцна, Фердинад бил повикан да служи како пионер во Тилбург, во јужна Холандија. Отприлика во тоа време и јас пристигнав во Тилбург за да служам како пионер и го запознав Фердинанд. Но, веднаш бевме замолени да се преселиме во Гронинген, во северниот дел на земјата. Таму се венчавме во октомври 1932 и, во еден дом во којшто живееја неколкумина пионери, го поминавме нашиот меден месец и во исто време пионеревме!
Во 1935, се роди нашата ќерка Естер. Иако имавме мали приходи, решивме да продолжиме со пионерската служба. Се преселивме во едно село каде што живеевме во една мала куќичка. Додека јас се грижев дома за нашето бебе, маж ми поминуваше цел ден во служба. Следниот ден ќе се сменевме. Така правевме додека Естер не беше доволно голема за да доаѓа со нас во службата.
Набрзо, во политички поглед, врз Европа почнаа да се надвиснуваат злокобни облаци. Дознавме за прогонството на Сведоците во Германија и сфативме дека наскоро и нас нѐ чека истото. Се прашувавме како ние ќе издржиме под жестоко прогонство. Во 1938, холандските власти донесоа една одлука со која им се забрануваше на странци да работат како колпортери што дистрибуираат религиозни публикации. За да ни помогнат да продолжиме со нашата служба, холандските Сведоци ни ги даваа имињата на луѓето што беа заинтересирани за нашето дело и можевме со некои од нив да ја проучуваме Библијата.
Отприлика во тоа време требаше да се одржи еден конгрес на Јеховините сведоци. Иако немавме доволно пари за да одиме со воз до конгресната локација, сепак сакавме да бидеме таму. Затоа, тргнавме на тридневен пат со велосипед, а малата Естер седеше на мало седиште на кормилото. Навечер спиевме кај Сведоци што живееја по пат. Колку бевме радосни што бевме на нашиот прв национален конгрес! Програмата нѐ зајакна за испитите што стоеја пред нас. Пред сѐ, бевме потсетени да ја положиме нашата доверба во Бог. Зборовите од Псалм 31:6 [NW] ни станаа мото: „Јас имам доверба во Јехова“.
Гонети од нацистите
Во мај 1940, нацистите ја нападнаа Холандија. Набрзо потоа, Гестапо, или тајната полиција, ненадејно нѐ посети додека ја средувавме пратката со библиска литература. Фердинанд го однесоа во штабот на Гестапо. Јас и Естер редовно го посетувавме, а понекогаш се случуваше да го испитуваат и да го тепаат пред наши очи. Во декември, Фердинанд беше ненадејно ослободен, но таа слобода траеше кратко. Една вечер, додека се враќавме дома, близу до куќата видовме автомобил на Гестапо. Фердинанд избега, а јас и Естер влеговме во куќата. Гестапо нѐ чекаше. Го бараа Фердинанд. Истата таа вечер, откако Гестапо си замина, дојде холандската полиција и ме одведе да ме испрашува. Следниот ден, јас и Естер се скривме во домот на еден брачен пар Сведоци, Нордер, што скоро беа крстени и кои ни дадоа засолниште и заштита.
Кон крајот на 1941, беше уапсен еден брачен пар пионери, што живееше на чамец-куќа. Следниот ден, еден покраински надгледник (патувачки министер) и маж ми отидоа на чамецот да земат некои од работите на овој брачен пар, но соработниците на Гестапо ги начекале. Фердинанд успеал да им се измолкне и да избега со својот велосипед. Но, покраинскиот надгледник беше однесен во затвор.
Одговорните браќа го замолија Фердинад да го заменува покраинскиот надгледник. Тоа значеше дека дома ќе може да си доаѓа најмногу три дена во месецот. Ова беше нов испит за нас, но јас продолжив со пионерската служба. Гестапо ја засили потрагата по Сведоците, затоа моравме постојано да се селиме. Во 1942 се селевме три пати. На крајот, се сместивме во Ротердам, далеку од подрачјето каде што Фердинанд ја вршеше својата тајна служба. Во тоа време бев бремена со второ дете. Семејството Камп, чиишто два сина само што беа одведени во концентрациони логори, љубезно нѐ прими во својот дом.
Гестапо ни е зад петиците
Нашето второ дете, Рут, се роди во јули 1943. Кога се роди Рут, Фердинанд можеше да остане со нас три дена, но потоа мораше да замине, и тогаш го видовме последен пат, за подолго време. Околу три седмици подоцна, Фердинанд беше уапсен во Амстердам. Беше однесен во станицата на Гестапо, каде што беше потврден неговиот идентитет. Гестапо го подложи на жестоко испрашување сакајќи да го натераат да им даде информации за нашите проповеднички активности. Но, сѐ што Фердинанд беше спремен да им признае беше дека тој е Јеховин сведок и дека не е вмешан во никакви политички активности. Офицерите од Гестапо беа бесни што Фердинанд, Германец по националност, не се пријавил за воена должност, и му се закануваа дека ќе го убијат како предавник.
Следните пет месеци, Фердинанд беше чуван во затворска ќелија каде што постојано му се закануваа дека ќе го стрелаат. Сепак, тој не попушти во својата лојалност на Јехова. Што му помогна да остане духовно јак? Божјата реч, Библијата. Се разбира, бидејќи беше Сведок, на Фердинанд не му беше дозволено да има Библија. Меѓутоа, другите затвореници можеа да си побараат. Па така, Фердинанд го убеди својот цимер од ќелијата да побара семејството да му испрати Библија, и тој тоа и го направи. Со години подоцна, кога Фердинанд зборуваше за тој настан, очите ќе му светнеа и ќе речеше: „Колку само ме утеши Библијата!“
Во почетокот на јануари 1944, Фердинанд ненадејно беше однесен во концентрациониот логор во Вукт, во Холандија. Неочекувано, овој потег се покажа како благослов за него, зашто таму се сретна со уште 46 други Сведоци. Кога дознав дека е преместен, бев пресреќна што е уште жив!
Проповеда без престан и во концентрациониот логор
Животот во логорот бил многу тежок. Сосем вообичаено било да се неисхранети, да немаат топла облека и да бидат на голем студ. Фердинанд имал сериозно воспаление на крајниците. После долга прозивка на студот, се јавил во амбулантата. На пациентите што имале температура 40 или повеќе од 40 степени целзиусови им било дозволено да останат. Но, за Фердинанд немало одмор, зашто тој имал само 39 степени целзиусови! Му било речено да се врати на работа. Меѓутоа, сочувствителните затвореници му помагале така што на кратко ќе го скриеле на некое топло место. Уште повеќе му олеснало кога времето се стоплило. Исто така, кога некои браќа ќе добиеле пакет со храна, ја делеле со другите, па така Фердинанд си ја повратил силата.
Пред да биде маж ми затворен, проповедањето му беше живот, и во логорот продолжил да им ги кажува своите верувања на другите. Службените лица во логорот честопати ќе кажеле нешто потсмешливо за неговиот пурпурен триаголник, ознаката со којашто затворениците беа обележани како Сведоци. Но, Фердинанд гледал на таквите забелешки како на прилика да започне разговор со нив. Во почетокот, подрачјето за проповедање на браќата било ограничено само на бараките во кои главно имало Сведоци. Браќата се прашувале: ‚Како можеме да им посведочиме на повеќе затвореници?‘ Несвесно, одговорот дошол од управата на логорот. Како?
Браќата имале тајна резерва од библиска литература и 12 Библии. Еден ден, стражарите нашле дел од литературата, но не можеле да откријат на кого е. Така, службените лица од логорот решиле дека мораат да го скршат единството на Сведоците. Затоа, како казна, сите браќа биле разделени и преместени во бараки во кои живееле затвореници што не се Сведоци. Освен тоа, за време на оброците, браќата морале да седат до затвореници што не се Сведоци. Ова се покажало како благослов. Сега, браќата можеле да го прават она што сакаа да го прават уште на почетокот — да им проповедаат на што е можно повеќе затвореници.
Сама подигам две деца
Во меѓувреме, јас и моите две ќерки сѐ уште живеевме во Ротердам. Зимата 1943/44 беше особено тешка. Зад нашата куќа имаше противвоздушна артилериска батерија со која ракуваа германски војници. Пред нас беше пристаништето Вал, главна мета на сојузничките бомбардери. Тоа баш и не беше најбезбедното место за криење. Освен тоа, храната беше многу малку. Повеќе од кога и да е порано, научивме да полагаме потполна доверба во Јехова (Пословици 3:5, 6).
Осумгодишната Естер му помагаше на нашето мало семејство така што чекаше ред во бесплатната менза. Меѓутоа, честопати кога неа ќе ѝ дојдеше ред да земе храна, веќе немаше ништо. Еднаш, додека беше да бара храна, се најде среде еден воздушен напад. Ме фати паника кога ги чув експлозиите, но набрзо загриженоста премина во солзи радосници кога таа се врати неповредена, а носеше дури и неколку шеќерни репки. „Што се случи?“, беа моите први зборови. Таа смирено ми одговори: „Кога бомбите почнаа да паѓаат, јас направив како што ми кажа тато: ‚Легни на земја, остани долу и моли се‘. И ми успеа!“
Поради мојот германски акцент, побезбедно беше Естер да пазарува. Германските војници го забележаа тоа и почнаа да ја распрашуваат Естер. Но, таа не издаде ниедна тајна. Дома, ја воспитував Естер според Библијата, а бидејќи не одеше во училиште, ја научив да чита, да пишува и некои други вештини.
Естер ми помагаше и во службата. Пред да одам да ја проучувам Библијата со некого, Естер ќе отидеше таму пред мене да види дали е чист теренот, така да се каже. Таа ќе ми кажеше дали се поставени знаците за кои сме се договориле со библискиот студент. На пример, лицето што требаше да го посетам ќе ставеше саксија со цвеќе на одредено место на прозорецот за да ми даде на знаење дека можам да влезам. За време на студијата, Естер ќе останеше надвор и, додека ја буткаше количката со малата Рут горе-долу по улицата, внимаваше да не забележи некои знаци на опасност.
Во Заксенхаузен
Како му било на Фердинанд? Во септември 1944, заедно со многумина други бил одведен до железничката станица каде што групи од 80 затвореници биле натрупани во товарни вагони. Во секој вагон имало по една кофа што служела како тоалет и по една кофа со вода за пиење. Патувањето траело три дни и три ноќи, а имало толку место колку да се стои! Немало речиси никаква вентилација. Товарните вагони биле затворени и имало само по некое дупче овде-онде. Жештината, гладот и жедта — да не ја спомнувам смрдеата — што морале да ги поднесат не се ни опишуваат со зборови.
Возот полека запрел во озлогласениот концентрационен логор Заксенхаузен. На сите затвореници им биле одземени сите лични предмети што сѐ уште ги имале — освен 12-те мали Библии што Сведоците ги зеле со себе на ова патување!
Фердинанд и осуммина други браќа биле испратени во еден друг логор во Ратено, за да работат на производство на воена опрема. Иако честопати им се заканувале дека ќе ги убијат, браќата одбиле да го работат тоа. За да се охрабрат еден со друг да останат цврсти, наутро заедно читале некој библиски стих, како што е Псалм 18:2, за да можат да размислуваат за него во текот на денот. Тоа им помогнало да размислуваат за духовни работи.
Конечно, татнежот од артилеријата најавил дека се приближуваат сојузничките и руските трупи. Русите први стигнале во логорот каде што биле Фердинанд и неговите пријатели. Им дале на затворениците малку храна и им наредиле да го напуштат логорот. При крајот на април 1945, руската армија им дозволила да си одат дома.
Конечно заедно како семејство
На 15 јуни, Фердинанд пристигна во Холандија. Браќата во Гронинген срдечно го пречекаа. Набрзо дозна дека сме живи и дека живееме некаде во внатрешноста и ни прати абер дека се вратил. Времето додека го чекавме да се врати ни се чинеше цела вечност. Но, конечно, еден ден малата Рут извика: „Мамо, има еден човек пред вратата!“ Таму стоеше мојот сакан сопруг и таткото на моите деца!
Пред да почнеме повторно да функционираме како нормално семејство, моравме да решиме многу проблеми. Немавме каде да живееме, а најголем проблем беше пак да добиеме статус на државјани со постојан престој. Бидејќи бевме Германци, холандските власти неколку години нѐ третираа како изгнаници. Меѓутоа, на крајот, сепак можевме да се сместиме на едно место и да живееме онака како што навистина сакавме — служејќи му на Јехова заедно како семејство.
„Јас имам доверба во Јехова“
Во годините подоцна, кога јас и Фердинанд ќе се соберевме со некои од нашите пријатели што ги преживеаја тие тешки денови, си спомнувавме како со љубов нѐ водеше Јехова во тие тешки времиња (Псалм 7:1). Се радувавме што низ годините Јехова ни дозволи да учествуваме во проширувањето на интересите на Царството. Исто така, честопати велевме колку сме среќни што ја поминавме младоста во светата служба за Јехова (Проповедник 12:1).
По прогонството од нацистите, јас и Фердинанд служевме заедно уште преку 50 години пред тој да го заврши својот земен пат на 20 декември 1995. Уште малку ќе наполнам 98 години. Секој ден му благодарам на Јехова за тоа што нашите деца нѐ поддржуваа во тие тешки години и што сѐ уште давам онолку колку што можам во службата за слава на неговото име. Благодарна сум за сѐ што Јехова направил за мене, и од сесрце сакам да продолжам да живеам во склад со моето мото: „Јас имам доверба во Јехова“ (Псалм 31:6).
[Слика на страница 19]
Со Фердинанд во октомври 1932
[Слика на страница 19]
Бродот „Алмина“ со којшто се одеше на проповедање и неговиот екипаж
[Слика на страница 22]
Со Фердинанд и децата