ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Ја избрав најдобрата животна кариера
Откако завршив средно училиште во јануари 1937 год., се запишав на Државниот универзитет во Ајова (САД), кој се наоѓаше во близина на нашиот дом. Бидејќи одев на предавања и работев за да ги покријам трошоците за школувањето, не ми остануваше време за ништо друго. Уште од дете многу ме интересираше како се прават згради и висечки мостови.
Во почетокот на 1942 год., кратко откако Соединетите Држави влегоа во Втората светска војна, јас бев петта година од моите студии и за неколку месеци требаше да дипломирам како инженер архитект. Тогаш живеев со двајца цимери. Едниот од нив ми предложи да поразговарам со човекот што одеше кај студентите на долниот кат. Таму се запознав со Џон Бремер, кој беше Јеховин сведок. Се одушевив кога видов дека во Библијата може да го најде одговорот на секое прашање што ќе му беше поставено. Почнав редовно да ја проучувам Библијата со Џон, а по извесно време и да одам со него да проповедам секогаш кога ќе имав време.
Татко му на Џон, Ото, станал Јеховин сведок додека бил директор на една банка во Волнат (Ајова, САД). Тој се откажал од таа функција за да започне со полновремена служба. Неговиот добар пример, како и примерот на неговото семејство, ме поттикна да донесам една многу важна одлука.
ВРЕМЕ ЗА ОДЛУКА
Еден ден, деканот на факултетот ме викна на разговор затоа што почнав да добивам пониски оценки и ми рече да не очекувам дека ќе добијам диплома на стара слава. Горливо го молев Јехова Бог да ми даде водство. Кратко потоа, на разговор ме повика и професорот по инженерство. Ми рече дека некаде имало потреба од инженер и дека тој си зел слобода да одговори во мое име дека ја прифаќам работата. Му се заблагодарив, но му објаснив дека сум решен да се посветам на службата за Јехова. Се крстив на 17 јуни 1942 год. и речиси веднаш потоа станав пионер, како што се нарекуваат полновремените проповедници на Јеховините сведоци.
Подоцна истата година, добив покана за војска. Бев изведен пред регрутна комисија, каде што објаснив зошто совеста не ми дозволува да учествувам во војната. Ги замолив моите професори за препораки и тие напишаа дека сум добар човек и способен градежен инженер. И покрај таквите препораки, ми беше изречена казна од 10.000 долари и бев осуден на пет години затвор во Левенворт (Канзас, САД).
ЖИВОТОТ ВО ЗАТВОР
Затворот во Левенворт денес. Во него беа затворени околу 230 Јеховини сведоци
Повеќе од 230 млади Сведоци беа испратени да работат на фармата во склоп на федералниот затвор во Левенворт. Работевме под надзор на неколку чувари. Некои од нив знаеја дека Јеховините сведоци се политички неутрални и имаа позитивно мислење за нашите верувања.
Неколку чувари беа спремни да ни помогнат редовно да ги одржуваме нашите библиски состаноци и да добиваме библиска литература во затворот. Управителот на затворот дури и се претплати на списанието Разбудете се!
МИСИОНЕРСКА СЛУЖБА
Бев осуден на пет години затвор, но ме ослободија по само три години. Излегов на 16 февруари 1946 год., неколку месеци пред крајот на Втората светска војна. Повторно започнав со пионерска служба и бев доделен да служам токму во градот Левенворт. Тоа беше голем предизвик затоа што таму имаше многу предрасуди за Јеховините сведоци. Ми беше тешко да најдам работа, а уште потешко беше да најдам место за живеење.
Еднаш, додека проповедав од куќа до куќа, наидов на еден стражар од затворот. Тој извика: „Губи се од мојот двор!“ Кога видов дека во раката држи палка за бејзбол, само подголтнав и веднаш си заминав. Во една друга куќа, една жена ми рече: „Почекај малку“, и ја затвори вратата. За кратко време, од горниот кат се отвори еден прозорец и наеднаш врз мене се истури „дожд“ од валкана вода. Сепак, службата ми донесе и многу благослови. Подоцна дознав дека некои од оние на кои сум им оставил библиска литература станале Сведоци.
Во 1943 год., во државата Њујорк беше основана мисионерска школа наречена Гилеад. Бев поканет на 10. клас и дипломирав на 8 февруари 1948 год. Потоа бев испратен да служам во државата Златен Брег, денешна Гана.
Кога пристигнав таму, најпрво требаше да им проповедам на владините службеници и на Европејците. За време на викендите соработував со членовите на некое од собранијата на Јеховините сведоци и им помагав во службата од куќа до куќа. Исто така, одев кај Сведоците што живееја во изолирани места и ги обучував да проповедаат. Служев и како патувачки надгледник во соседната држава, Брегот на Слоновата Коска.
Додека служев во тие места, научив да живеам како Африканците — спиев во колиба од кал, јадев со прсти и вршев нужда надвор, како што правеле Израелците во пустината (5. Мојсеева 23:12-14). Затоа, локалните жители многу нѐ засакаа. Сопругите на некои службеници почнаа да ја проучуваат Библијата со нас. Кога некои противници почнаа да ни прават проблеми и издејствуваа налог да ни се поништат визите, жените на службениците ги убедија своите сопрузи да го повлечат тој налог.
Исто како многу други мисионери во Африка, се разболев од маларија. Ме фаќаше треска и паѓав во бунило. Понекогаш морав да си ја држам вилицата за да не ми се тресе. И покрај сѐ, службата ми носеше радост и ме исполнуваше.
Во текот на првите четири години во Африка, се допишував со Ева Халквист, која ја запознав пред да заминам од САД. Таа требаше да дипломира на 21. клас на Гилеад, на 19 јули 1953 год. на меѓународниот конгрес на Јеховините сведоци што требаше да се одржи на стадионот Јенки во Њујорк. Со капетанот на еден брод се договорив да работам како дел од посадата за да не мора да платам карта до Соединетите Држави.
Патот траеше 22 дена и не беше лесен бидејќи морето понекогаш беше многу немирно. Кога пристигнав, се сретнав со Ева во седиштето на Јеховините сведоци во Бруклин. Таму, на покривот од кој се протегаше прекрасна глетка на градот Њујорк и неговото пристаниште, ѝ предложив брак. Подоцна, Ева дојде во Гана за да служиме заедно.
ГРИЖА ЗА СЕМЕЈСТВОТО
Откако со Ева служевме неколку години во Африка, добив писмо од мајка ми во кое пишуваше дека татко ми е тешко болен од рак. Добивме дозвола за отсуство и се вративме во САД. Здравјето на татко ми бргу се влоши и по кратко време почина.
Повторно се вративме во Гана, но после скоро четири години се влоши и здравјето на мајка ми. Некои пријатели ни рекоа дека најдобро ќе биде јас и Ева да се вратиме во САД за да се грижиме за неа. Стоевме пред најтешката одлука во животот. По 15 години мисионерска служба, од кои 11 ги поминав заедно со Ева, се вратив во Соединетите Држави.
Со еден племенски поглавар во Гана
Следните години јас и Ева се грижевме за мајка ми и ѝ помагавме да оди на состаноците кога здравјето ѝ го дозволуваше тоа. Меѓутоа, на 17 јануари 1976 год., на возраст од 86 години, таа почина. По девет години, уште една лоша вест ни зададе тежок удар — Ева заболе од рак. Се боревме на секој можен начин со таа болест, но на крајот Ева ја изгуби битката. Почина на 4 јуни 1985 год., кога имаше 70 години.
ДРУГИ ПРОМЕНИ ВО СЛУЖБАТА ЗА ЈЕХОВА
Во 1988 год., бев поканет на свеченото отворање на проширената подружница во Гана. Тоа беше незаборавно доживување! Околу 40 години претходно, кога за првпат пристигнав во Гана по завршувањето на мисионерската школа Гилеад, таму имаше само неколку стотини Сведоци. Во 1988 год. имаше над 34.000, а денес има речиси 114.000 Сведоци!
Две години по мојата посета на Гана, на 6 август 1990 год., се оженив со Бети Милер, која ѝ беше блиска пријателка на Ева. Заедно со неа продолжив верно да му служам на Јехова. Копнееме по денот кога повторно ќе се видиме со нашите дедовци и баби, со нашите родители и со Ева — кога ќе воскреснат во рајот на Земјата (Дела 24:15).
Во очите ми навираат солзи кога ќе помислам на големата чест што ја имав да му служам на Јехова повеќе од 70 години. Често му се заблагодарувам што ми помогна да ја изберам најдобрата животна кариера. Иако сега имам повеќе од 90 години, Јехова, најголемиот архитект во вселената, и понатаму ми дава сила и храброст да продолжам верно да му служам.