Пророштва кои навистина се исполниле
Во воведната статија беше спомната легендата според која царот Крез му поверувал на еден свештеник од Делфи, и поради тоа доживеал пораз од персискиот цар. Од друга страна, во Библијата е запишано едно впечатливо пророштво во врска со царот од Персија кое се исполнило до најситен детаљ.
Околу 200 години однапред, еврејскиот пророк Исаија опишал како овој цар ќе го освои моќниот град Вавилон. Тој кажал и дека ќе се вика Кир, иако сѐ уште не бил роден.
Исаија 44:24, 27, 28:„Вака вели Јехова... ’Јас ѝ велам на водната бездна: „Пресуши! Ќе ги исушам сите твои реки“. Јас велам за Кир: „Тој е мој пастир и ќе изврши сѐ што сакам“, ќе го изврши она што го реков за Ерусалим: „Пак ќе биде изграден“, и за храмот: „Ќе бидат положени неговите темели“.‘“
Според грчкиот историчар Херодот, војската на Кир го свртела текот на реката Еуфрат која течела низ градот Вавилон. Со помош на оваа стратегија, војниците успеале да го преминат речното корито и да влезат во градот. Откако го освоил градот, Кир ги ослободил Евреите кои биле заробени во Вавилон. Тој им дозволил да се вратат во Ерусалим, кој бил уништен 70 години претходно, за повторно да го изградат.
Исаија 45:1: „Јас, Јехова, вака му велам на својот помазаник Кир, кого го фатив за десницата, за да ги покорам пред него народите и да ги ослабам царевите, да отворам пред него двокрилна врата, за да не биде затворена градската порта.“
Персијците влегле во градот преку масивните двокрилни порти, кои од невнимание биле оставени отворени. Доколку Вавилонците знаеле што планира царот Кир, сигурно ќе ги затвореле сите порти кои излегувале на реката. Но, вака градот бил незаштитен.
Ова неверојатно пророштво е само едно од многуте пророштва во Библијата кои навистина се исполниле.a За разлика од предвидувањата на луѓето, за кои тие честопати тврдат дека се од нивните богови, пророштвата кои се запишани во Библијата потекнуваат од оној кој рекол: „Јас од почетокот го јавувам завршетокот, од дамнина го јавувам она што уште не било“ (Исаија 46:10).
Само вистинскиот Бог, кој се вика Јехова, може да тврди вакво нешто. Според голем број изучувачи, неговото име значи „оној што предизвикува да стане“. Тоа укажува на неговата способност однапред да види што ќе се случи во иднина и да влијае врз настаните со цел да ја изврши својата волја. Ова нѐ уверува дека Бог ќе го исполни секое свое ветување.
ПРОРОШТВА КОИ СЕ ИСПОЛНУВААТ ПРЕД НАШИ ОЧИ
Дали сакаш да дознаеш некои библиски пророштва кои се однесуваат на нашево време? Пред околу 2.000 години, Библијата прорекла дека во „последните денови ќе настанат особено тешки времиња“. На што се мисли со изразот „последни денови“? Тоа не се последни денови за Земјата ниту, пак, за човештвото, туку за војните, угнетувањето и страдањата кои ги измачуваат луѓето веќе илјадници години. Да разгледаме само неколку пророштва кои покажуваат дека живееме во „последните денови“.
2. Тимотеј 3:1-5: „Во последните денови... луѓето ќе бидат себељубиви, алчни за пари, вообразени, надуени, хулители, непослушни на родителите, неблагодарни, нелојални, бесчувствителни кон другите, неспремни за каков и да било договор, клеветници, без самосовладување, сурови, без љубов кон добротата, предавници, своеглави, горди, повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог, и на изглед ќе бидат богобојазливи, но нема да живеат богобојазливо.“
Зарем нема да се согласиш дека особините што ги покажуваат луѓето денес сѐ повеќе наликуваат на овој опис? Си забележал ли дека сме опкружени со луѓе кои се самобендисани, на кои животот им се врти околу парите и кои мислат дека се подобри од другите? Дали си забележал дека луѓето имаат сѐ повисоки очекувања од другите, а сѐ помалку се спремни да прифатат туѓо мислење и меѓусебно да соработуваат? Сигурно си забележал дека повеќето деца не им се послушни на родителите и дека многумина повеќе ги сакаат задоволствата отколку Бог. А со секој изминат ден, работите стануваат сѐ полоши.
Матеј 24:6, 7: „Ќе чуете за војни на разни места... ќе се крене народ против народ и царство против царство.“
Според некои проценки, од 1914 год. во војните и во вооружените конфликти животот го изгубиле повеќе од 100 милиони луѓе. Овој број е далеку поголем од вкупниот број на жители во многу земји. Замисли за момент колку многу страдања, болки и солзи предизвикале тие војни. Дали луѓето научиле нешто од своите грешки и успеале да им стават крај на војните?
Матеј 24:7: „Ќе има глад.“
Светската програма за храна наведува: „Иако во светот се произведува доволно храна за сите, 815 милиони луѓе — едно од девет лица — секоја вечер си легнуваат со празен стомак. А еден од тројца луѓе страда од неисхранетост“. Се проценува дека секоја година околу три милиони деца умираат од глад.
Лука 21:11: „Ќе има силни земјотреси.“
Во последниве неколку децении, околу 50.000 земјотреси од оние што се случуваат секоја година се доволно силни за да бидат почувствувани од луѓето. Околу 100 земјотреси предизвикуваат значително оштетување на објектите, а секоја година има по еден разорен земјотрес. Според една проценка, во периодот од 1975 год. до 2000 год., 471.000 лица го изгубиле животот во земјотреси.
Матеј 24:14: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот.“
Јеховините сведоци, чиј број изнесува повеќе од осум милиони, ја проповедаат добрата вест за Царството во околу 240 земји. Тие проповедаат насекаде — во големите градови, зафрлените села, на планините, па дури и во тропските прашуми. Кога ова дело ќе се изврши во онаа мера во која Бог смета дека е доволно, тогаш како што кажува пророштвото: „Ќе дојде крајот“. На што ќе му дојде крајот? Тоа ќе биде крај за човечкото владеење, а почеток за владеењето на Божјето Царство. Кои ветувања ќе се исполнат под власта на Божјето Царство? Ова можеш да го дознаеш од следните статии.
a Види ја статијата „Нем сведок за едно исполнето пророштво“.