‚Темелно да сведочиме за добрата вест‘
1. Каква добра вест треба да проповедаме?
1 Во овој свет во кој ретко има добри вести, ние ја имаме честа ‚темелно да сведочиме за добрата вест за Божјата незаслужена доброта‘ (Дела 20:24). Тоа значи дека треба да им кажеме на луѓето дека „последните денови“ наскоро ќе завршат и овој поредок ќе биде заменет со Јеховиниот праведен нов свет, каде сѐ што било порано, ќе биде поминато (2. Тим. 3:1-5; Отк. 21:4). Тогаш ќе нема повеќе болести (Иса. 33:24). Нашите блиски што умреле ќе излезат од гробовите и повторно ќе бидат заедно со семејството и со пријателите (Јован 5:28, 29). Целата планета ќе биде претворена во еден прекрасен рај (Иса. 65:21-23). Ова се само неколку детали од добрата вест што треба да ја проповедаме!
2. Зошто Спомен-свеченоста ни дава одлична можност да сведочиме за добрата вест?
2 Во март, април и мај ќе имаме одлична можност да ја објавуваме добрата вест. Во овие месеци, на многу места во светот времето е поубаво и деновите се подолги, па затоа може да поминуваме повеќе часови во службата. Освен тоа, најважниот настан во годината, Спомен-свеченоста, ќе се одржи низ целиот свет во сабота, на 22 март, по зајдисонце. Сега е време да почнеме со подготовките за поголема активност.
3. Што ќе ни помогне да ја зголемиме нашата активност како семејство?
3 Помошни пионери: Можеш ли да го организираш твоето време за да бидеш помошен пионер еден, два или сите три месеци? Зошто да не поразговараш за тоа со семејството додека заедно ја проучувате Библијата? Со добра соработка, еден или повеќе членови од семејството би можеле да бидат помошни пионери (Изр. 15:22). Молете се за тоа и ќе видите како Јехова ќе го благослови вашиот труд (Изр. 16:3). Дури и ако никој од семејството не може да служи како помошен пионер, сите би можеле да си поставите конкретни цели да учествувате повеќе во службата и да соработувате со оние што можат да бидат пионери.
4. Како би можеле да си го организираме времето за да бидеме помошни пионери ако работиме со цело работно време?
4 Еден добар распоред може да ти помогне да бидеш помошен пионер и ако работиш со цело работно време. Можеби ќе можеш да проповедаш на паузите за ручек. Или, пак, би можел да земеш подрачје близу до твојот дом или до работното место за да одиш во служба околу еден час пред или по работа. Освен тоа, би можел да ги одложиш помалку важните работи за некој друг месец или да одиш преку викенд по цел ден во служба. А некои, пак, за таа цел си земаат по ден-два одмор.
5. Како би можел да им помогнеш на постарите или на болните да бидат помошни пионери?
5 Доколку си во постари години, имаш здравствени ограничувања или немаш многу сила, можеби ќе успееш да бидеш помошен пионер ако секој ден учествуваш по малку во службата. Моли го Јехова да ти даде „сила, која ја надминува нормалната“ (2. Кор. 4:7). Една сестра била помошен пионер на возраст од 106 години! Со поддршка од роднините, кои се Јеховини сведоци, како и со помошта од другите во собранието, таа проповедала од куќа до куќа, правела повторни посети, одела на библиски студии и учествувала во други гранки од службата. На десет луѓе им помогнала да почнат да ја проучуваат Библијата. Таа рекла: „Кога размислувам за прекрасната можност што ја имав да служам како помошен пионер, срцето ми е полно со љубов и ценење кон Јехова, неговиот Син и Неговата организација, која со многу љубов се грижи за нас. Од срце сакам да кажам: ‚Ти благодарам, Јехова!‘“
6. Како би можеле да бидат помошни пионери младите што се крстени и сѐ уште одат на училиште?
6 Ако си крстен објавител и сѐ уште одиш на училиште, и ти би можел да се пријавиш за помошен пионер. Слично на оние што имаат полно работно време, веројатно и ти главно ќе ги користиш викендите за служба. Исто така, во некои денови би можел да проповедаш по еден час откако ќе се вратиш од училиште. Во служба можеш да одиш и за време на некој празник кога не си на училиште. Доколку сакаш да бидеш помошен пионер, разговарај со родителите за тоа.
7. Како би можеле старешините да придонесат за поголема активност во времето околу Спомен-свеченоста?
7 Шири воодушевеност: Со својот пример, старешините можат многу да придонесат во собранието да има поголема воодушевеност за зголемена служба (1. Пет. 5:2, 3). Можеби ќе одлучат да има дополнителни состаноци за проповедање за оние што ќе одат во служба рано наутро, по училиште или по работа. Надгледникот за служба треба да се погрижи овие состаноци да ги водат искусни објавители и да има доволно подрачја, како и списанија и литература за овие месеци на зголемена активност.
8. Што учиме од искуството на едно собрание?
8 Во едно собрание, неколку месеци пред Спомен-свеченоста, старешините почнале да ги поттикнуваат другите да станат помошни пионери. Тие секоја седмица давале известување колку објавители ќе бидат помошни пионери. На тој начин, оние што сакале да го зголемат своето учество во службата биле уверени дека ќе имаат многу соработници. Рано наутро и навечер биле организирани дополнителни состаноци за проповедање. Како резултат на тоа, 53 објавители служеле како помошни пионери во април, а тоа е речиси половина од собранието.
9. Зошто периодот околу Спомен-свеченоста е добро време за оние што ги исполнуваат условите да станат објавители на добрата вест?
9 Помогни им на другите да проповедаат: Кога интересентите и младите ќе ги исполнат условите, можат да станат некрстени објавители и да одат во служба со поискусните. Таква можност ќе имаат особено во периодот околу Спомен-свеченоста, бидејќи мнозина од собранието ќе бидат поактивни во службата. Дали проучуваш со некој што добро напредува во духовен поглед и се труди да живее во склад со Јеховините праведни мерила? Дали имаш примерни деца што добро напредуваат, но сѐ уште не се објавители? Ако ти рекле дека сакаат да станат некрстени објавители и ако сметаш дека ги исполнуваат условите за тоа, тогаш кажи му на некој од старешините. Претседавачкиот надгледник ќе договори со двајца старешини да поразговараат за ова со тебе и со твоето дете или интересентот.
10. Како би можеле старешините да им помогнат на неактивните?
10 Освен тоа, во претстојните месеци неактивните ќе имаат одлична можност повторно да станат активни членови на собранието. Надгледниците на групите за Собраниско проучување на книга и другите старешини треба да се потрудат да ги посетат таквите лица и срдечно да ги поканат да одат со нив во служба. Ако биле неактивни подолго време, двајца старешини треба прво да поразговараат со нив за да утврдат дали ги исполнуваат условите за да проповедаат. (Види km 11/00, стр. 3.)
11. Кој е најголемиот израз на „Божјата незаслужена доброта“?
11 Подготви се за Спомен-свеченоста: Откупнината е најголемиот израз на „Божјата незаслужена доброта“ (Дела 20:24). Милиони благодарни луѓе во целиот свет ќе се соберат на Спомен-свеченоста во сабота, на 22 март, по зајдисонце, за да ја одбележат Христовата смрт. Сакаме да ги поканиме и да им помогнеме на искрените лица да присуствуваат на овој важен настан што сведочи за Јеховината незаслужена доброта кон сите луѓе.
12. Кого би можел да го поканиш на Спомен-свеченоста?
12 Направи список на оние што сакаш да ги поканиш. Без сомнение на списокот ќе се најдат роднини, соседи, познајници од работа или од училиште, лица кои порано проучувале и лица со кои сега проучуваш, како и сите други што редовно ги посетуваш во службата. Ако некој од нив има прашања во врска со Спомен-свеченоста, од помош ќе ти биде додатокот за Господаровата вечера, кој се наоѓа на 206-208. страница од книгата Што учи Библијата. Така можеби ќе почнеш да проучуваш со некого од нив, бидејќи при дискусијата ќе ја користиш книгата која е за тоа наменета.
13. Како Јехова го благословил трудот на двајца објавители кои решиле да поканат други на Спомен-свеченоста?
13 Една сестра направила список на 48 семејства што планирала да ги покани. Како што ги канела, ги штиклирала нивните имиња и го запишувала датумот кога ги поканила. Таа била пресреќна кога 26 луѓе од нејзиниот список дошле на Спомен-свеченоста! Еден брат, кој е сопственик на продавница, поканил некој од вработените што порано бил свештеник. Човекот дошол и потоа рекол: „За еден час научив повеќе за Библијата отколку за 30 години колку што поминав во Католичката црква“. Наскоро по Спомен-свеченоста, тој се согласил да проучува со помош на книгата Што учи Библијата.
14. Каква акција ќе започне од 1 март низ целиот свет?
14 Акција: Почнувајќи од сабота, 1 март, па сѐ до 22 март, во целиот свет ќе се дели специјална покана за Спомен-свеченоста. Сите објавители треба да дадат сѐ од себе во оваа важна акција. Подобро е да му ја дадеме поканата лично на станарот отколку да ја оставиме на врата. Но, ако вашето собрание има големо подрачје, старешините можеби ќе одлучат поканите да се оставаат на некое неупадливо место онаму каде што нема никој дома. За време на викендите ќе ги нудиме и најновите списанија.
15. Како би можеле да ја презентираме поканата за Спомен-свеченоста?
15 Бидејќи имаме ограничено време за да ги делиме поканите, најдобро е да имаме кратка презентација. Биди пријателски настроен и воодушевен. Би можел да кажеш нешто како: „Сакаме да ве поканиме Вас, членовите на Вашето семејство и Вашите пријатели да дојдете на еден важен настан што ќе се одржи на 22 март. Ова е Вашата покана. Повеќе информации ќе прочитате на самата покана“. Станарот можеби ќе има прашања. Или, пак, ќе ја прифати поканата, па дури и ќе вети дека ќе дојде. Запиши си каков интерес покажал и договори се кога да дојдеш повторно.
16. Кое искуство покажува колку е важно да учествуваме во акцијата за да ги каниме луѓето на подрачјето да дојдат на Спомен-свеченоста?
16 Минатата година, еден војник ја нашол поканата за Спомен-свеченоста на својата врата. Решил да присуствува, но морал да добие дозвола од својот наредник. Кога му ја покажал поканата, наредникот замолчил и потоа рекол дека неговите родители се Сведоци и дека порано одел со нив на состаноци. Наредникот не само што му дозволил на војникот да оди на Спомен-свеченоста туку и самиот отишол заедно со него.
17. Како покажуваме дека не сме пропуштиле да ја исполниме целта на Божјата незаслужена доброта?
17 Покажи благодарност: Како што се приближува Спомен-свеченоста, секој од нас со своето однесување треба да ја одразува незаслужената доброта на Јехова. Апостол Павле напишал: „Ве молиме да не пропуштите да ја исполните целта на Божјата незаслужена доброта која ја примивте“ (2. Кор. 6:1). Како покажуваме дека не сме пропуштиле да ја исполниме целта на Божјата незаслужена доброта? Павле напишал: „Туку во сѐ се препорачуваме како Божји слуги“ (2. Кор. 6:4). Затоа, нашата благодарност за Јеховиниот дар ќе ја покажеме со нашето добро однесување и со ревносното проповедање на добрата вест. Во периодот околу овогодишната Спомен-свеченост ќе имаме одлична можност да ја зголемиме нашата активност и темелно да сведочиме за добрата вест.
[Рамка на страница 3]
Кој би можел да биде помошен пионер?
◼ Семејствата
◼ Оние што имаат цело работно време
◼ Постарите и објавителите со здравствени ограничувања
◼ Оние што одат на училиште
[Рамка на страница 4]
Кога ќе ги делиш поканите за Спомен-свеченоста:
◼ Биди краток; зборувај со воодушевеност
◼ Запиши си каков интерес е покажан и дојди повторно
◼ На викендите нуди ги списанијата