Каде што се среќаваат човекот и желката
Од дописникот на Разбудете се! од Австралија
НАЈДОБРОТО време да се сретне неприпитомена морска желка е времето кога несе јајца во нејзиното новоизградено гнездо во песокот. Би сакале ли да појдете со мене да го посетиме Мон Репо — плажа долга 1,5 километар на брегот на Квинсленд, австралиската сончева држава? Не грижете се дека жешкото суптропско сонце ќе ве вознемири, зашто нашата посета ќе биде ноќно време. Најдоброто време за една таква одушевувачка екскурзија е помеѓу осум навечер и полноќ.
Препорачливо е да се оди со обучен водич и во мала група, зашто постојат многу работи кои треба и кои не треба да се прават ако сакаме да видиме и да допреме голема желка мајка. Додека одиме по плажата над знакот за висока плима, водичот нѐ замолува да не ги палиме џебните лампи бидејќи светлината ги плаши желките. И изненадени сме што можеме дури и без светла толку добро да ги видиме трагите на желката кои во песокта се околу еден метар широки.
Потоа, нашиот водич ни раскажува некои интересни факти за морските желки во таа област. Во австралиските води постојат шест различни видови, но само четири од нив можат да се најдат овде во Мон Репо, која е главна област за несење на брегот Бандаберг. По редослед на застапеност, тоа се следниве четири видови: тапоглави желки (Caretta caretta), желки со плоснат грб (Natator depressa), зелени желки (Chelonia mydas) и желки со кожен грб (Dermochelys coriacea).
Нашата прва средба
Возбуденоста е голема кога здогледуваме една огромна желка. Таа е од првиот вид што го наведовме — тапоглава. Немо гледаме додека продолжува да лази од брановите до преку знакот за висока плима на песокот. Кога конечно се приближуваме, гледаме дека ископала дупка во вид на чинија гребејќи го песокот и вегетацијата околу неа. Со тоа спречува преку гнездото да расте трева и да ги затрупа младенчињата кога ќе излезат по 7 или 12 седмици. Го завршила и своето гнездо во облик на круша со наизменично црпење и разнесување на песокот со нејзините задни перки — црпи надесно, фрла налево, црпи налево, фрла надесно. Сето тоа трае околу 45 минути.
Досега, лесно можела да се вознемири и да се врати во водата, но штом еднаш ќе почне со несење на јајцата, можеме да ја допреме. Водичот ја осветлува, и ако сакаме можеме да ја сликаме. Желката продолжува своите јајца да ги испушта во гнездото 10 до 20 минути, со чиста слузеста течност која ги штити јајцата од габички и инсекти додека се во инкубација. Тапоглавите желки во просек несат по 120 јајца со величина на пинг-понг топче во секое легло — повеќе пати во период од 14 дена секоја сезона. Помеѓу сезоните минуваат две до четири години.
Кога ја допревме желката, нѐ изненади нејзината мека кожа — причина зошто желкината кожа е толку барана и зошто е загрозено постоењето на желките. Нејзината школка, или оклоп е направен од плочки и може да се спореди со ’рбет и ребра. Сега почнува да ги покрива јајцата. Но бидејќи ги снесла близу до линијата за плима, мораат да бидат преместени за да преживеат. Тоа ќе го направат двајца членови на истражувачката екипа кои се придружија на нашата група.
Обележување на желките
Нашата желка ќе биде обележана на една од нејзините предни перки како помош во истражувањето на морските желки. Тоа не е лесна задача со оглед на сиот песок што интензивно го расфрла наоколу. Белезите се направени од некорозивна легура на титан. Отпозади се наоѓа адреса, а за истражувачкиот проект е важно луѓето да ги известат по број сите желки што ќе ги видат. Само кога желката ќе умре, белегот може да се отстрани и да се врати заедно со податоците за локацијата на желката. На предната страна од белегот се наоѓа бројот на препознавање на желката. Нашата желка е T54239, но ние одлучуваме да ја викаме Табита.
Бидејќи Табита претходно не била обележана, најверојатно никогаш порано не несела и затоа би можела да даде важна информација за да се обезбеди заштита на желките и нивните јајца во Јужниот Пацифик. Сега, за да ја добиеме таа информација, сведоци сме на мала хирургија токму овде на плажава! Процедурата се нарекува лапароскопија и обично се користи на луѓето. Нежно ја превртуваат Табита и ја ставаат на рачна количка. Жал ни е за неа, но дознаваме дека се смирува ако ја галиме по грлото. Она што го гледаме не се солзи, туку солен раствор што се излачува за да се измие песокта од нејзините очи и да се отстрани вишокот на сол што доаѓа поради тоа што пиела морска вода. Тие не се поврзани со болка. Ѝ ја чешаат кожата горе над долната перка; тогаш ѝ ставаат цевче низ мал засек, и во него вдишуваат малку воздух. Гледајќи во нејзините јајници, истражувачите откриваат дека тоа ѝ е нејзината прва репродуктивна сезона, и дека уште многу јајца зреат во неа. Таа информација се запишува; па се ослободува воздухот преку еден вентил, и засекот се зашива.
Откако ја превртуваат повторно на песокот, Табита инстинктивно се упатува кон водата. Брановите ја покриваат и ја носат олеснетата Табита во морето.
Преместување на јајцата
Кога се враќаме назад, гледаме дека јајцата веќе се отстранети од гнездото. После четири часа содржината на јајцето се прицврстува за внатрешната лушпа и формира крвни садови. Ако после тоа се превртуваат, ќе се уништат. На местото на гнездото обично се даваат два часа за процесот на преместување, а успехот при преместување на јајцата е голем. Целта на тоа е јајцата и гнездото да се заштитат од вода и од ерозија. Температурата на песокот го одредува полот на младенчињата. Повеќето острови имаат поладни песоци и создаваат воглавно машки, додека потоплите песоци на Мон Репо создаваат најмногу женски.
Младенчињата излегуваат од јануари до март. Гребат на својот песочен покрив, предизвикувајќи песокот да навлезе внатре и да ги подигне повисоко. Ако температурата на песокот не е премногу висока, го продолжуваат своето патување надвор од гнездото и лазат спрема морето. Но нивното патување штотуку започнало. Се смета дека се потребни 50 години за да достигнат репродуктивна зрелост. Само мал процент стигнуваат толку далеку.
Човекот мора да научи да се грижи
За жал, невнимателноста и непромисленоста на човекот многу придонесуваат да се намали бројот на шесте познати видови на морски желки. Желките често сметаат дека пластичните вреќички кои се фрлаат во морето се медузи, па ги јадат. Тоа го блокира нивниот дигестивен систем и предизвикува да умрат од глад. Од другото ѓубре желките можат да се задават. Дури и пропелерите на чамците можат да бидат опасност ако морепловецот не е внимателен. Освен тоа, изливите на нафта и токсичните отпадоци можат да уништат цели крајбрежни популации во текот на една сезона на размножување. Бидејќи желката на секои 15 минути мора да излегува на површината за воздух, рибарските мрежи во кои се вплеткува желката можат да предизвикаат таа да се удави.
Колку повеќе луѓето ќе станат свесни за тие опасности и ќе научат повеќе да се грижат за околината, толку повеќе ќе се зголемат приликите за човекот да се сретне со желката — импресионираното и восхитеното човештво допрва ќе се восхитува на зачудувачкиот репродуктивен циклус на творештвото.
[Слики на страница 26]
Од горе лево во правецот на стрелките на часовникот: мала хирургија, враќање во морето, јајцата се преместуваат, обележување на перката