Годишната посета на џиновските желки „кожари“
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ОД МАЛЕЗИЈА
СКОРО е полноќ. Полната месечина фрла златен сјај преку мирното и спокојно море. На плажата кај Рантау Абанг се наоѓа група луѓе, од кои некои стојат, а други клечат или седат на ладниот, мазен песок. Што прават тука во ова доба? Стрпливо ја очекуваат посетата на еден огромен оклоп опремен со четири перки — џиновската кожеста желка, или „кожара“.
Овие мистериозни водоземни посетители ѝ донеле меѓународна слава на оваа инаку непозната плажа. Рантау Абанг е сместен на источниот брег на Малезискиот полуостров веднаш на север од Дунгун и околу 400 километри северно од Сингапур. Тоа е едно од ретките места во светот каде што желките „кожари“ доаѓаат годишно во една благородна мисија.
Овде сезоната за несење на јајца се протега отприлика од мај до септември. Во текот на сезоната јуни, јули и август, многу лесно може да се набљудува процесот на несење јајца. Желките обично почнуваат да излегуваат од водата откако ќе се стемни. Дали залудно ќе чекаат сите овие посетители од цела Малезија, од Сингапур, па дури и од западната хемисфера?
Еве ги, излегуваат од морето!
Наеднаш, недалеку од брегот, се здогледува нешто оцртано на светликавата вода како се движи горе-долу по водата. Толпата станува вознемирена! Додека се приближува кон брегот, од водата излегува еден предмет во вид на купола. Тоа е желка која доаѓа на брегот! Неколкуте присутни водичи ги предупредуваат сите да бидат колку што е можно потивки додека гледаат, за да не ја уплашат, па да си отиде од буката.
Прво се појавува главата, потоа вратот, па потоа предниот дел од оклопот и предните перки, сѐ додека целата желка не излезе на брегот. Лесните бранови ѝ се прелеваат преку опашката и задните перки. Навистина голем џин, околу 2 метри или повеќе од носот па до опашката! Таму на плажата, таа неподвижно лежи.
Ненадејно, желката се крева со предните перки, го фрла своето тело нанапред при што се слуша тап удар на земјата. За момент останува мирно да лежи, како да зема воздух и собира сила за следното подигање и фрлање. Таа на овој начин се движи по копно. Толпата, која се наоѓа од двете страни, се држи на растојание. Водичите се многу строги во врска со тоа. Со секое движење напред, и толпата исто така се движи напред — но многу тивко.
Додека желката невешто се движи по плажата, инстинктивно си го знае своето одредиште. Нејзиното програмирано знаење ѝ овозможува да пронајде место каде што јајцата имаат најдобри поволни услови за успешно да излезат. Тука почнува да копа дупка. Задните перки стануваат лопати за црпење на песокта.
После наизглед долго време, еден од водичите, кој е исто така овластен за собирање на јајца, истапува напред и ја испружува раката во дупката, која е толку длабока што лактите му исчезнуваат во неа. Додека ја вади раката од дупката, на сите присутни им запира здивот од изненадување и возбуда. Извлекува едно јајце!
Јајцата на желката „кожара“ се со матно бела боја. Големината варира од величината на пинг-понг топче до величината на топче за тенис. Последните неколку јајца во леглото обично имаат големина на џамлија. За разлика од живинарските јајца, лушпата всушност е тврда кожинка која лесно може да се вдлаби кога е изложена на притисок. Интересно е тоа што белката на јајцето (албумин) останува во течна состојба дури и кога ќе се свари. Се вели дека вкусот на вареното јајце е по малку остар и малку потсетува на риба. Една желка во просек несе по околу 85 јајца. Но во 1967 е забележано рекордно легло од 140 јајца.
Толпата сега може да си дозволи поголема слобода. Некои плашливо ја допираат и ја испитуваат желката. Други се качуваат или се потпираат на неа за да се сликаат за нивниот семеен албум. Ако одблизу ја погледнеме желката, можеме да видиме како една густа проѕирна слузина ѝ капе од очите, кои се украсени со зрнца песок. Се вели дека тоа го предизвикува промената од вода на воздух. Одвреме навреме, желката ја отвора устата за да вдише воздух, испуштајќи звук налик на рикање.
Закопување на јајцата
После доста време, животното почнува да ги движи своите задни перки за да ја турне песокта назад во дупката. Веднаш штом дупката ќе се наполни, желката „кожара“ почнува со своите задни перки да прави силни движења налик на движењето на бришачите на автомобил. Песокта лета на сите страни! Толпата бргу се повлекува наназад за да ги заштити лицата и телата. Разлетаните перки продолжуваат да се мавтаат некое време. Колкава кондиција и сила! Кога перките конечно ќе запрат, толпата не може да види ни трага од дупката што желката ја ископала. Навистина инстинктивна мудрост! Но, колку бесконечно поголема е мудроста на Творецот на оваа желка!
Пред желката „кожара“ да тргне назад во морето, еден кој е овластен за собирање на јајцата обележува една од нејзините предни перки. Тоа се прави за да бидат контролирани нејзините наредни посети на копното, како и нејзините движења на отворено море. Секоја сезона таа несе од шест до девет пати, со интервал во траење од 9 до 14 дена меѓу две несења.
Желката наеднаш се подигнува и се фрла напред. Се свртува и тргнува наназад кон морето, и тромаво се движи релативно побрзо отколку кога пристигнувала. Кога ќе ја допре водата, прво влегува со главата, а потоа и со оклопот. Најпосле се губи од видот. Кога главата на крајот ќе се појави над водата, желката е веќе доста далеку. Брзо плива кон отвореното море, додека месечевата светлина сјае на врвчето од нејзиниот нос. Колку само е агилна и брза во водата! Многу поинаква од нејзината несмасност и бавно движење на копно.
Напори за заштита
Како што е случајот и со сѐ поголем број други животински видови, желките „кожари“ се загрозени поради штетите од загадената околина и поради човечката алчност. Во средината на 1970-тите години, на брегот на соседната провинција Пенанг биле пронајдени стотици непотполно созреани желки — мртви! А јајцата на желката бескрупулозно се собираат за да се задоволи вкусот на луѓето за нешто егзотично.
За среќа на овие желки, големата загриженост која постои во Малезија поради опаѓањето на нивниот број, довела до прифаќање на Закон за заштита на желките во 1951. Забрането беше приватното собирање на јајца. Алчни поединци, меѓутоа, го кршат овој закон, бидејќи профитот им е преголемо искушение. Но сепак, напорите за заштита не се залудни.
Радосно е да се видат редици ситни натписи закачени во песокта на плажата кај Рантау Абанг. Секој од нив го означува местото каде што е закопана мала количина од јајца на желката „кожара“. Натписот го покажува бројот на јајцата, датумот на положувањето и шифрираниот број за идентификување на оригиналното легло со јајца. Околу 45 дена по положувањето, околу секој натпис се поставува мрежа за да не можат младенчињата да избегаат. Периодот на инкубација варира од 52 до 61 ден. Кога младенчињата ќе се изведат, што обично се случува навечер по зајдисонце, се запишува нивниот број од секоја дупка. Потоа се ставаат во кутии и подоцна се пуштаат на морскиот брег.
Програмата за заштита била успешна во одгледувањето на многу илјадници младенчиња и ги вратила во нивните водни домови. Но, ниската стапка на преживување, како и сѐ помалиот број желки „кожари“ кои доаѓаат во Рантау Абанг, и понатаму претставува извор на загриженост.
[Слики на страница 10]
Желка „кожара“, чија должина од главата до опашката изнесува 1,8 метри полага десетина јајца. Младенчињата излегуваат околу осум недели подоцна.
[Извори на слики]
Желка „кожара“ Lydekker
C. Allen Morgan/Peter Arnold
David Harvey/SUPERSTOCK
[Извор на слика на страница 9]
C. Allen Morgan/Peter Arnold