Може ли да се бори науката со предизвиците на 21-иот век?
„Надмоќните научни докази покажуваат дека Мајката Земја не може уште многу долго да се бори со нејзините немарни и непокорни деца“ (The European, 19-25. март 1992).
ЕКОЛОЗИТЕ сѐ повеќе се согласуваат со мислењето дека заканувањето на Земјата, кое не е само многу врева за ништо, е сериозно и бара внимание. Тие всушност велат дека е најважно веднаш да се дејствува ако се сака да се избегне несреќа. „Немаме векови“, рекол претседателот на Worldwatch институтот кон крајот на 1980-тите. „Имаме само години за да се обидеме да ги промениме работите.“
Издавачите на книгата под наслов 5000 Days to Save the Planet (5000 дена за спасување на планетата) беа поконкретни во 1990 кога ја издадоа. Одбројувањето оттогаш трае. Времето кое преостанува за да се спаси планетата, според нивниот рок, сега се врти околу цифрата од 4.000 дена. И додека да зазори 21-иот век, освен ако во меѓувреме не се случи нешто извонредно, таа цифра ќе се намали на приближно 1.500 дена.
Кој необичен сплет на околности довел до оваа очигледна криза? Кои предизвици ги донесува претстојното столетие?
Никогаш без проблеми
Мирољубивите луѓе се радосни заради крајот на студената војна. Но предизвикот да се постигне и задржи светски мир не е помалку реален. Францускиот претседател Митеран, зборувајќи во јануари 1990 за проблемите на европското обединување, рекол: „Минуваме од еден неправеден но стабилен свет, во свет за кој се надеваме дека ќе биде поправеден, но сигурно понестабилен“. Весникот The European пишуваше: „Цената на слободата [во поранешните нации на Советскиот блок] е една растечка нестабилност која го зголеми ризикот од нуклеарна војна, кој иако незначителен, сѐ уште постои“.
Всушност, некои од предизвиците со кои светот сега е соочен беа практично непознати кога започна студената војна. Тоа се поклопува со она што го наведува книгата 5000 Days to Save the Planet: „Само пред педесет години светот во голема мера се наоѓаше во рамнотежа. . . . Светот беше огромно, убаво и моќно место; како би можеле да го уништиме? Денес се вели дека нашата планета е во криза, дека преку уништување и загадување одиме во глобална катастрофа“.
Таканаречените природни несреќи — поплави, бури, земјотреси, вулкански ерупции — се случуваат насекаде. Сѐ уште не е утврдено до кој степен е виновно човековото мешање во околината. Постои доказ дека Земјиниот заштитен озонски слој на некои места станал опасно тенок. Климатските промени кои се во состојба да предизвикуваат трагедии, предупредуваат некои научници, би можеле да настапат наеднаш, а не да се развиваат постепено.
Ракот, срцевите заболувања, проблемите со крвотокот и бројни други заболувања долго биле предизвик за вештините на медицинската професија. И покрај долгогодишниот медицински прогрес, тие болести сѐ уште се смртоносни. Се проценува дека само во Европа годишно умираат 1.200.000 луѓе од рак, скоро 65 проценти повеќе отколку пред една деценија. Поради стравот од нова чума — СИДА, која има убиено далеку помал број луѓе — оваа огромна загуба претежно е незабележана.
Друг предизвик: За помалку од 200 години, светското население пораснало од една на пет и пол милијарди луѓе. И покрај неодамнешниот пад на годишната стапка на пораст, некои пресметуваат дека до 2025 година, светското население веројатно ќе надмине осум милијарди, а до 2050 ќе се приближи до бројката од десет милијарди. Каде ќе живеат сите тие луѓе? Што ќе јадат? Еден извештај на ОН, издаден во 1991, пресметал дека една милијарда луѓе веќе живеат во крајно сиромаштво, нивните животи „се толку обележани со недохранетост, неписменост и болест што се наоѓаат под секоја разумна дефиниција за човечко достоинство“.
Пол Р. Ерлих, професор по демографија на Стенфорд универзитетот во Соединетите Држави, го навел обемот на тој проблем со зборовите: „Додека пренаселеноста на сиромашните нации има тенденција да ги држи во сиромаштво, пренаселеноста кај богатите нации е со тенденција да го ослаби капацитетот за издржување на животот на целава планета“.
Веројатноста дека претходно споменатите фактори — или други, како што се злоупотребата на дрога, несоодветните станбени услови, криминалот и расните конфликти — би можеле во блиската иднина да предизвикаат глобална катастрофа, дава повод за вистинска загриженост. Предизвикот е јасен, но не е јасно како човек да се бори против него.
Барање излез
Сепак, со оглед на сериозноста на проблемите, владите, со различни степени на итност, бараат решение. На пример, во поглед на околината, во јуни минатата година, во Рио де Жанеиро се одржа најголемиот еколошки собир што некогаш е одржан. Земскиот самит, под покровителство на ОН, беше втор од таков вид, после оној одржан во 1972 во Стокхолм (Шведска). Еден познат германски политичар во тоа време рече: „Оваа конференција би можела да биде пресвртница за судбината на планетава“.
Очигледно, состанокот во 1972 не ги исполни очекувањата. Морис Ф. Стронг, главниот организатор и на конференцијата во 1972 и на оваа во 1992, призна: „Во периодот од 20 години после Стокхолм научивме дека прописите за околината, кои се единствено вистинско помагало што го имаат застапниците на околината, се важни но не и доволни. Тие мораат да бидат приддружени со важни промени во основните мотиви за нашето економско однесување“.
Меѓутоа, дали конференцијата во 1992 ќе се покаже како поуспешна во постигнувањето на тие „важни промени“ наспроти онаа од 1972? Ако не, дали нашата планета за 20 години, во 2012, сѐ уште ќе може да биде домаќин на можен трет Земски самит?
Соочени со најголемите предизвици
Луѓето во глобала сѐ повеќе стануваат скептични кон способноста на религијата и политиката да ги решат светските проблеми. Но ако не религијата или политиката, тогаш кој може да се бори со сериозните предизвици на 21-иот век?
Една брошура издадена од Германското сојузно министерство за истражување и технологија, го разјаснува тоа прашање. „Решавањето на тие проблеми бара политички стратегии кои можат да помогнат не само да се избегнат натамошни промени предизвикани од човекот, туку и да се спречат негативните последици од глобалните промени. Со оглед на сложеноста на проблемите со кои сме соочени, значајни политички одлуки ќе бидат можни ако се темелат на солидни научни откритија и доверливи обрасци за прогнозирање. Се чини дека тоа е единствениот начин да се избегнат скапи, па дури и несакани и катастрофални настани. Најголемиот предизвик за научната заедница во сегашново време е овие информации да ги направат достапни“.
Науката веќе порано се соочила со тешки предизвици и ги решила барем до некој степен. Сепак, не е погрешно да прашаме дали науката може да се бори со единствените предизвици на претстојниот 21. век. Има ли основа за оптимизам?
Разбудете се! со задоволство најавува дискусија за овие сериозни работи кои ќе бидат обработени во серија статии, започнувајќи со овој број. Следи 1. дел.
[Слики на страница 4]
Што може да стори науката против загадувањето на околината, болеста и пренаселеноста?
[Извори на слики]
Фотографија на WHO од P. Almasy
Фотографија на WHO од P. Almasy