Младите прашуваат . . .
Зошто не можам да учам?
„Не сакав да си дојдам дома“, се присеќава Џесика, „и да се соочам со моите родители. Повторно паднав на неколку наставни предмети.“a На 15 години, Џесика е бистра и убава. Но, како многу млади, таа ужасно поминува со нејзините оценки.
СЛАБИОТ успех в училиште често пати е резултат на лошиот став спрема образованието или спрема наставникот. Но тоа не е случај со Џесика. Нејзе едноставно ѝ е премногу тешко да сфаќа апстрактни поими. Се разбира, тоа ѝ отежнувало на Џесика да има успех по математика. А тешкотијата околу читањето ѝ отежнувало да има добар успех по другите предмети.
Од друга страна, Марија не може точно да пишува. Таа секогаш ги крие белешките што ги запишува на христијанските состаноци затоа што се срами од своите грешки во пишувањето. Меѓутоа, нити на Џесика нити на Марија им недостига интелигенција. Џесика е толку вешта со луѓето што служи како преговарач, односно решавач на проблеми, одредена од училиштето, секогаш кога ќе се појават непријатности меѓу нејзините школски другари. А во академски поглед, Марија е меѓу 10-те проценти ученици кои се на врвот во нејзиниот клас.
Проблемот: Џесика и Марија имаат нарушување во учењето. Стручњаците веруваат дека околу 3 до 10 проценти од сите деца можеби имаат слични потешкотии во учењето. Тања, која сега е на почетокот од своите 20-ти години, страда од она што се нарекува Хиперактивно нарушување со недостаток на внимание — ADHD.b Таа вели: „Поради мојата неспособност, тешко ми е на христијанските состаноци, за време на личната студија и молитвите да внимавам или дури и мирно да седам. Тоа се одразува врз мојата служба затоа што премногу брзо скокам од една тема на друга за некој да може да ме следи“.
Кога не е придружено со хиперактивност, нарушувањето се нарекува Нарушување со недостаток на внимание — ADD. Луѓето кои го имаат ова нарушување често пати се опишани како мечтатели. За оние со ADD‚ неврологот д-р Брус Роузман рекол: „Тие седат пред книгата и 45 минути ништо не се случува“. Од некоја причина, тешко им е да се концентрираат.
Медицинските истражувачи веруваат дека неодамна почнале да сфаќаат што ги предизвикува овие проблеми. Сепак, уште многу е непознато. А границите помеѓу разновидните нарушувања и неспособности кои пречат во учењето не се секогаш јасни. Без оглед на точната причина или на називот што ќе му се даде на едно одредено нарушување — сеедно дали е проблем со читање, памтење, внимавање или хиперактивност — нарушувањето може да пречи во нечие образование и може да предизвика прилично големо страдање. Ако ти имаш неспособност за учење, како можеш да се бориш со тоа?
Предизвикот на борбата
Земи ја на пример Џесика, која беше споменета во уводот. Решена да ја совлада својата неспособност со читањето, таа се обидувала да чита различни книги. До пресвртница дошло кога нашла една книга со песни во која се задлабочила. Набавила една слична книга која, исто така, уживала да ја чита. Подоцна се заинтересирала за серија книги со приказни и читањето постепено ѝ станало сѐ помал проблем. Поуката која треба да се научи од тоа е дека истрајноста се исплаќа. И ти можеш да совладаш некоја неспособност при учењето или барем можеш добро да напредуваш во тој правец ако не се откажеш. (Спореди Галатјаните 6:9.)
Што е со справувањето со краткорочниот проблем со памтењето? Важен клуч во решавањето на проблемот лежи во поговорката: „Повторувањето е мајка на знаењето“. Ники открил дека усното повторување во себеси на она што го слушнал и прочитал му помогнало да ги запамти работите. Обиди се. Можеби и тебе ќе ти помогне. Значајно е тоа што во библиски времиња луѓето имале обичај зборовите да ги изговараат со усните, дури и кога читале за себе. Затоа, Јехова му заповедал на библискиот писател Исус Навин: „Мораш ден и ноќ со придушен глас да читаш од [Божјиот Закон]“ (Исус Навин 1:8; Псалм 1:2, обата НС). Зошто било толку важно изговарањето на зборовите со усните? Затоа што тоа вклучувало две сетила — за слух и за вид — и помагало да се остави подлабок впечаток врз мислите на читателот.
За Џесика, учењето математика исто така претставувало голема задача. Меѓутоа, таа се трудела да научи математички правила така што ги повторувала — понекогаш поминувајќи дури и до половина час за секое правило. Нејзините напори на крајот се исплатиле. Затоа, повторувај, повторувај, повторувај! Мудра навика е да си имаш ливче и моливче при рака кога слушаш на час или кога читаш за да можеш да запишуваш.
Битно е да се посветиш на учењето. Нека ти прејде во навика да останеш после училиште и да разговараш со твоите наставници. Запознај ги. Кажи им дека имаш проблем со учењето но дека си одлучен да го надминеш. Повеќето наставници ќе бидат спремни да ти помогнат. Затоа, придоби ја нивната помош. Џесика го направила тоа и од еден сочувствителен наставник ја добила поддршката која многу ѝ била потребна.
Научи да се концентрираш
Од помош, исто така, е да си поставиш систем на цели и награди. Ако си поставиш определена цел — да речеме да завршиш дел од домашната задача пред да го пуштиш телевизорот или твојата најомилена музика, може да те мотивира да се концентрираш. Погрижи се целите што ги поставуваш да бидат разумни. (Спореди Филипјаните 4:5, НС.)
Да се прават понекогаш конструктивни промени во твојата средина може да помогне. Ники се договорил да седи напред во училницата, близу наставникот, за подобро да се концентрира. Џесика увидела дека е корисно да ја пишува домашната задача заедно со една марлива пријателка. Може ќе увидеш дека е од помош едноставно да си ја направиш собата пријатна и удобна.
Намалување на немирот
Ако си склон да бидеш хиперактивен, учењето може да ти биде болно искушение. Меѓутоа, некои стручњаци велат дека хиперактивноста може да се насочи во физичко вежбање. „Доказите се зголемуваат“, забележува U.S.News & World Report, „дека капацитетот на секој човек да совлада нови и да ги запомни старите информации е подобрен со биолошките промени во мозокот кои настануваат преку аеробни услови.“ Според тоа, умереното вежбање — пливање, трчање, играње топка, возење велосипед, лизгање на мраз и така натаму — може да биде добро и за телото и за умот (1. Тимотеј 4:8).
Вообичаено се препишуваат лекови за нарушувања во учењето. Се тврди дека околу 70 проценти од младите кои патат од ADHD на кои им биле давани стимулативни лекови реагирале на нив. Дали ќе прифатиш третман со лекови е нешто што треба ти и твоите родители да одлучите откако ќе ги земете предвид јачината на проблемот, можните последици и другите фактори.
Задржи го твоето самопочитување
Иако тешкотијата при учењето не се смета за емоционален проблем, може да има емоционални последици. Комбинацијата на постојано неодобрување и критизирање од страна на родителите и наставниците, слабите или просечните школски резултати и недостигот на блиски пријатели лесно може да создаде мало самопочитување. Некои млади го кријат тоа чувство зад гневна и заканувачка фасада.
Но не мораш да го изгубиш самопочитувањето поради проблемите со учењето.c „Мојата цел“, вели еден стручњак кој работи со млади кои имаат проблеми со учењето, „е да им го променам нивниот став спрема животот — од ‚јас сум глуп и ништо не можам да направам како што треба‘ . . . во ‚го совладувам проблемот и можам да сторам многу повеќе отколку што некогаш сум мислел дека можам‘.“
Иако не можеш многу да сториш во врска со ставовите на другите, можеш да влијаеш врз сопствениот став. Џесика го сторила тоа. Таа вели: „Кога се судев себеси поради она што децата в училиште го велеа и поради нивното дофрлање погрдни имиња, сакав да побегнам од училиште. Но сега се обидувам да го игнорирам она што го велат и продолжувам да го правам најдоброто. Тешко е и морам постојано да се потсетувам, но тоа е делотворно“.
Џесика морала да се бори со уште една реалност. Нејзиниот постар брат бил ученик со сите петки. „Тоа ми го уништуваше самопочитувањето“, вели Џесика, „сѐ додека не престанав да се споредувам со него.“ Затоа, немој да се споредуваш со твоите браќа или сестри. (Спореди Галатјаните 6:4.)
Ако разговараш со некој доверлив пријател, тоа исто така ќе ти помогне да ги ставиш работите во исправна перспектива. Вистинскиот пријател лојално ќе остане покрај тебе додека се обидуваш да се подобриш (Изреки 17:17). Од друга страна, еден лажен пријател или ќе те разори или ќе ти даде неисправно возвишено гледиште за тебе. Затоа, внимателно избери си ги пријателите.
Ако имаш проблем со учењето, најверојатно тебе повеќе те исправаат отколку другите млади. Но не дозволувај тоа да ти создаде негативно гледиште за себеси. На стегата гледај на еден побожен начин, како на нешто од огромна вредност. Запомни, стегата дадена од твоите родители е доказ дека тие те сакаат и дека ти го посакуваат најдоброто (Изреки 1:8, 9; 3:11, 12; Евреите 12:5—9).
Не, твоите проблеми со учењето не мора да те истоштат. Можеш нешто да сториш во врска со нив и да живееш еден продуктивен живот. Но, постои уште поголема причина за надеж. Бог ветил дека ќе донесе еден нов свет на праведност во кој спознанието ќе биде изобилно и во кој секое нарушување на умот и на телото ќе биде исправено (Исаија 11:9; Откровение 21:1—4). Затоа, биди одлучен да научиш повеќе за Јехова Бог и за неговите намери и да постапуваш во согласност со тоа спознание (Јован 17:3).
[Фусноти]
a Некои имиња се изменети.
b Те молиме, види ја серијата „Да се разберат проблематичните деца“, во изданието на Разбудете се! од 22 ноември 1994 и статијата „Дали вашето дете има проблеми со учењето?“ во изданието од 8 мај 1983 (обете на англ.).
c Види ја статијата „Младите прашуваат . . . Како да си го изградам самопочитувањето?“ во изданието на Разбудете се! од 8 април 1983 (англ.).
[Слика на страница 30]
Посвети се на учењето