Глобално село, а сепак поделено
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО НИГЕРИЈА
ДАЛИ некогаш сте чуле приказни за некоја раса луѓе кои немале уста и затоа не можеле нити да јадат нити да пијат? Се велело дека преживувале преку мирисање, и тоа најмногу мирисање јаболка. Лошата миризба би ги убила.
Исто така, имало сказни за еден народ од Западна Африка кој имал злато за тргување. Капетанот на еден португалски брод, на времето известил: „Шест стотини морски милји преку царството [Мали], се наоѓа една земја чии жители имаат кучешки глави, заби и опашки. Тоа се Црнците кои одбиваат да стапат во разговор затоа што не сакаат да видат други луѓе“. Тоа биле некои од чудните идеи кои биле застапени пред многу години, пред ерата на патувања и откритија.
Народите се здружуваат
Таквите приказни со векови сериозно се сфаќале. Но додека истражувачите ја испитувале планетата, не пронашле никакви луѓе без уста кои мирисале јаболка, никакви луѓе со кучешки глави. Денес не постои скоро никаква мистерија за оние кои живеат надвор од нашите граници. Светот станал глобално село. Телевизијата ги носи странските земји и народи во нашите дневни соби. Патувањето со авион овозможува тие земји да се посетат за неколку часа; милиони луѓе го прават тоа секоја година. Други се во движење од економски или политички причини. Еден извештај на Фондот за населението на Обединетите нации, изјавува: „Во невиден размер во историјата — кој сигурно е во пораст — луѓето по светот се преселуваат и мигрираат во потрага по подобар живот“. Околу 100 милиони луѓе живеат надвор од земјата во која се родиле.
Сѐ повеќе постои економска меѓузависност кај народите. Глобалната комуникациска мрежа, како еден гигантски централен нервен систем, ја поврзува секоја нација на Земјата. Додека се разменуваат идеите, информациите и технологијата, културите се стопуваат и се приспособуваат една на друга. Низ целиот свет луѓето се облекуваат послично од кога и да е порано. Градовите на светот имаат многу заеднички работи — полицијата, луксузните хотели, сообраќајот, продавниците, банките и загадувањето. Според тоа, додека се здружуваат народите од светот, сведоци сме на она што некој го опишува како новонастаната светска култура.
Зошто луѓето остануваат поделени
Но, иако народите и културите се испреплетуваат, јасно е дека сите не се гледаат меѓусебно како браќа. „Секој попрво ќе го обвини странецот“, напишал еден грчки драмски писател пред повеќе од 2.000 години. За жал, истото важи и денес. Како докази за тоа, не треба да се оди подалеку од новинските извештаи за фанатизам, омраза спрема странците, „етничко чистење“, расни судири, религиозни немири, масакри на цивили, полиња на смртта, логори на силување, тортура или геноцид.
Се разбира, повеќето од нас можат да сторат малку или ништо за да го променат текот на етничките конфликти. Можеби не сме ни директно погодени од нив. Меѓутоа, за повеќето од нас, проблемите доаѓаат од недостигот на комуникација со странците со кои доаѓаме во контакт — соседи, колеги на работа или соученици.
Зарем не изгледа чудно што на луѓе од различни етнички групи толку често им е тешко да имаат доверба еден во друг и да се ценат? На крајот на краиштата, нашата планета е планета на огромна разноликост и бескрајна разнообразност. Повеќето од нас ја цениме богатата разнообразност на храната, музиката и боите, како и на многуте видови растенија, птици и животни. Но нашето ценење за разнообразноста некако не секогаш ги опфаќа луѓето кои не размислуваат и не постапуваат на истиот начин како ние.
Наместо да гледаат на позитивните аспекти на разнообразноста меѓу луѓето, многумина се склони да се сосредоточуваат на разликите и од нив да создадат причина за расправија. Зошто е тоа така? Каква корист има од тоа да се рашириме спрема луѓе чија култура се разликува од нашата? Како би можеле да ги срушиме ѕидовите на комуникација и да ги замениме со мостови? Следната статија ќе настојува да ги одговори овие прашања.