Гледиште на Библијата
Дали етничката омраза е оправдана?
КАКО би се чувствувале кога другите би мислеле дека сте лукав, насилен, глупав или неморален само затоа што припаѓате на извесна етничка група?a Секако дека би се навредиле. За жал, такво нешто доживеале милиони луѓе. Освен тоа, во текот на историјата безброј невини луѓе биле малтретирани, па дури и убивани, само поради нивната раса или националност. Всушност, повеќето крвави конфликти што постојат денес се вкоренети во етничка омраза. Сепак, многу луѓе што го поддржуваат таквото насилство изјавуваат дека веруваат во Бог и во Библијата. Исто така, има и такви што тврдат дека расизмот секогаш ќе постои — дека тој е дел од човечката природа.
Дали Библијата ја одобрува таквата етничка омраза? Постојат ли некои околности што би ја оправдале омразата кон оние што се од поинаква култура или раса? Има ли некаква надеж дека во иднина нема да постои етничка омраза? Кое е библиското гледиште?
Осудени според нивните дела
Еден површен поглед на тоа како постапувал Бог со човештвото во минатото би можел да наведе некого на погрешен заклучок — имено, дека Бог ја поддржувал етничката омраза. Зарем во неколку библиски извештаи не е изнесено дека Бог погубил цели племиња и нации? Да, но ако погледнеме повнимателно, ќе видиме дека Бог ги осудил тие народи поради нивното неморално занемарување на Божјите закони, а не поради нивното етничко потекло.
На пример, Јехова Бог ги осудил Ханаанците поради нивните изопачени сексуални и демонски ритуали. Тие дури и фрлале деца во оган како жртва на лажните богови! (Второзаконие 7:5; 18:9—12). Меѓутоа, во некои случаи извесни Ханаанци покажале вера во Бог и се покајале. Затоа Јехова им го поштедил животот и ги благословил (Исус Навин 9:3, 25—27; Евреите 11:31). Една Ханаанка, Раав, станала дури и предок на ветениот Месија, Исус Христос (Матеј 1:5).
Законот што Бог им го дал на Израелците покажува дека тој не е пристрасен. Напротив, Бог покажува вистинска грижа за доброто на сите народи. Во Левит 19:33, 34 ја наоѓаме следнава сочувствителна заповед што им ја дал на Израелците: „Ако странец се насели во вашата земја, не угнетувајте го, туѓинецот, кој престојува со вас, нека ви биде како ваш сонародник; љуби го како себеси; зашто и вие бевте странци во Египетската Земја. Јас Сум Господ, ваш Бог!“ Слични заповеди можат да се најдат и во книгите Излез и Второзаконие. Очигледно е дека Јехова не ја оправдувал етничката омраза. Тој настојувал да има етничка хармонија.
Исус се залагал за етничка толеранција
Кога Исус бил на земјата, Евреите и Самарјаните се презирале едни со други. Во една прилика, луѓето од едно самарјанско село не го примиле Исус само затоа што бил Евреин кој бил на пат кон Ерусалим. Како би реагирале Вие кога некој би Ве одбил на таков начин? Врз ставот на Исусовите ученици можеби влијаеле предрасудите од тоа време кога го прашале: „Господи, сакаш ли да кажеме да слезе оган од небото и да ги уништи?“ (Лука 9:51—56). Дали Исус дозволил врз него да влијае огорченоста на неговите ученици? Напротив, тој ги прекорил и мирољубиво побарал сместување во друго село. Кратко потоа, Исус ја кажал параболата за ближниот Самарјанин. Таа силно илустрирала дека етничкото потекло на еден човек само по себе не го прави непријател. Всушност, тој може да се покаже како многу добар ближен!
Етничките групи во христијанското собрание
За време на својата служба на земјата, Исус првенствено се сосредоточил на тоа да прави ученици од луѓето од неговата националност. Но, покажал дека со текот на времето и други луѓе ќе станат негови следбеници (Матеј 28:19). Дали ќе биле прифатени поединци од сите етнички групи? Да! Апостол Петар рекол: „Навистина сфаќам дека Бог не е пристрасен, туку во секоја нација му е прифатлив оној кој се плаши од него и кој го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35). Подоцна апостол Павле го поддржал ова сфаќање со тоа што јасно навел дека етничката припадност на една личност не играла никаква улога во христијанското собрание (Колошаните 3:11).
Друг показател дека Бог ги прифаќа луѓето од сите етнички групи наоѓаме во библиската книга Откровение. Во една визија инспирирана од Бог, апостол Јован видел „едно големо мноштво . . . од сите нации и племиња и народи и јазици“ што добиле спасение од Бог (Откровение 7:9, 10). Ова „големо мноштво“ ќе биде темелот на едно ново човечко општество во кое луѓето од секакво потекло ќе живеат заедно во мир, обединети поради нивната љубов кон Бог.
Во меѓувреме, христијаните треба да се спротивстават на склоноста да ги просудуваат другите на темел на нивното етничко потекло. Да се гледаат луѓето како поединци, онака како што ги гледа Бог, а не само како членови на етничките групи, е праведно и полно со љубов. Зарем не сакате и Вас да Ве гледаат така? Исус со право нѐ опоменува: „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, истото правете им го и вие“ (Матеј 7:12). Освежувачки е да се живее без етничка омраза. Тоа води до поголем душевен мир и до мир со другите. Што е уште поважно, тоа нѐ доведува во хармонија со нашиот непристрасен Творец, Јехова Бог. Колку само убедлива причина е тоа за да ја отфрлиме етничката омраза!
[Фуснота]
a Терминот „етничка група“, како што се користи во оваа статија, означува луѓе што имаат слично расно, национално, племенско или културно потекло.