„Новиот светски поредок“ — разнишан почеток
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ОД ГЕРМАНИЈА
ДОДЕКА се зазоруваше 1991, луѓето беа оптимисти. Студената војна заврши. Точно, постоеше проблемот со Кувајт, кој беше нападнат од Ирак претходниот август. Но, Обединетите нации демонстрираа сила и му наредија на Ирак да се повлече до 15 јануари. Барањето го поддржаа 28-те нации на воената коалиција на ОН која брзо се организираше и беше спремна да го присили Ирак на покорност. Имаше големи надежи дека цврстиот став кој го зазеде светската заедница го означуваше почнувањето на една нова ера.
Џорџ Буш, тогашен претседател на САД, зборуваше за „можноста, за себе и за генерациите кои доаѓаат, да се создаде нов светски поредок, свет во кој правилото на законот, а не законот на џунглата, владее со меѓународното однесување“.
Ирак подоцна го игнорираше крајниот рок — 15 јануари, а како последица на тоа беа масовните воздушни и ракетни напади против ирачки воени цели. Очигледно, светската заедница не се шегуваше. После помалку од три месеци, на 11 април, ОН објавија дека Војната во заливот заврши. Ветувањето за еден мирен, економски и политички стабилен нов светски поредок изгледаше како да станува реалност.
Војните — вознемирувачко постојани
Во средината на 1991, две републики, Словенија и Хрватска, си прогласија независност од тогашна Југославија, започнувајќи една граѓанска војна што всушност водеше до формирање на неколку одвоени нации. После помалку од една година, францускиот политички аналитичар Пјер Хаснер рече: „Слично на Европа од пред 1914, новиот светски поредок на Џорџ Буш умре во Сараево“. И покрај тоа, изгледот за мир се разведри кога во ноември 1995, во Дејтон (Охајо, САД) започнаа преговори и на 14 декември во Париз беше потпишан мировен договор. Како што 1995 година се приближуваше кон крајот, беше оживеана надежта дека новиот светски поредок најпосле и не е баш мртов.
Републиките на Сојузот на Советските Социјалистички Републики постепено се одвојуваа една од друга. Во 1991, Литванија, Естонија и Летонија беа првите кои го напуштија, а брзо после тоа следеа и другите. Во декември беше основана една лабава заедница позната како Заедница на независни земји, иако некои поранешни членки на Советскиот Сојуз одбија да се придружат. Потоа, на 25 декември, Горбачов даде оставка како советски претседател.
Меѓутоа, дури и посебните републики почнаа да се раздвојуваат. На пример, Чеченија, мала муслиманска енклава во северниот кавкаски регион на Русија, се бореше за независност. Нејзиниот обид за отцепување, на крајот од 1994, доведе до контроверзен напад од страна на руските трупи. Иако, откако започна кризата во раните 1990-ти беа изгубени околу 30.000 животи, војната продолжува и оваа година.
Од октомври 1995, од 27 до 46 конфликти — зависно од тоа како се квалификувани — се водеа ширум светот.
На работ на банкротство
На почетокот од 1990-тите, новиот светски поредок се покажа дека е разнишан не само политички туку и економски.
Во 1991, Никарагва ја девалвира својата валута, но дури и тогаш 25 милиони кордоби вредеа само еден американски долар. Во меѓувреме, Заир доживуваше инфлациска стапка од 850 проценти, принудувајќи ги своите граѓани да поднесуваат еден од најниските животни стандарди во светот. Руската економија исто така трпеше. Инфлацијата во 1992 изнесуваше 2.200 проценти годишно, правејќи ги парите речиси безвредни. Иако работите понатаму се подобрија, во 1995 крајот на економските проблеми сѐ уште беше далеку.
Во 1991 се случи финансискиот скандал на векот, кога колабира Bank of Credit & Commerce International‚ упропастена од измамнички и криминални постапки. Вложувачите од 62 земји претрпеа загуби во вредност од милијарди американски долари.
Не се тетеравеа само економско слабите нации; моќната Германија беше оптоварена од трошоците поради обединувањето. Додека работниците бараа подолги одмори и подобра здравствена грижа, невработеноста порасна. Големото отсуство и широката злоупотреба на системот за социјална помош, стави додатни оптоварувања на економијата.
Во Соединетите Држави, низа жестоки природни катастрофи предизвикаа хаос помеѓу компаниите за осигурување, кои се најдоа под голем притисок да ги исплатат барањата за отштета. А во 1993, книгата Bankruptcy 1995: The Coming Collapse of America and How to Stop It (Банкротство 1995: Претстоен колапс на Америка и како да се запре) предупреди на опасностите од наглото растење на националниот долг и буџетскиот дефицит. Дури е доведена во прашање и непоместливата стабилност на британскиот осигурител Лојдс од Лондон. Истрошен од загуби, тој бил присилен да мисли на незамисливото — можно банкротство.
Религијата — стабилизирачки фактор?
Во 1991, германскиот дневник Frankfurter Allgemeine Zeitung забележал: „Оваа визија за еден нов светски поредок доаѓа од долгата традиција на американските глобални гледишта, од кои сите имале религиозно јадро и биле изразени со христијански термини“.
Оваа религиозна позадина, можеби некој ќе помисли, би требало да придонесе кон стабилноста на новиот светски поредок. Но, во суштина, религиозната нетолеранција и борба водат до широко распространета нестабилност. Алжир и Египет беа само две од неколкуте влади кои не се согласуваа со исламските фундаменталисти. Двете земји ги зафати бран на религиозно мотивиран тероризам. Религиозните немири во Индија вклучија деветдневен период на секташко насилство во Бомбај, во текот на 1993, кое одзеде повеќе од 550 животи.
Религиозното неединство го забави екуменскиот прогрес, кога во 1994 Англиканската црква ординира 32 жени за свештеници. Папата Јован Павле II го нарече ова „длабока препрека за секоја надеж за повторно обединување на Католичката црква и Англиканската заедница“.
На 19 април 1993, тензијата помеѓу владата на САД и членовите на еден религиозен култ, огранокот Давидијанци — што веќе имало за последица една пресметка во комплексот на култот во Вако (Тексас) и убиство на четворица државни службеници — ги одзела животите на најмалку 75 членови на култот. После две години биле направени истраги за можноста дека, терористичкото бомбардирање кое убило 168 лица во федералната зграда во Оклахома Сити, би можело да биде одмазда за нападот во Вако.
Во почетокот на 1995, светот беше шокиран кога слушна за еден терористички напад со отровен гас во токиската подземна железница. Десет лица умреа, а уште илјадници беа заболени. Светот уште повеќе се шокира кога одговорноста за ова падна на прагот на апокалиптичната секта наречена Аум Шинрико, или Врховна вистина Аум.
Значајни годишници со малку причини за прославување
Во 1492, Колумбо наиде на Западната хемисфера. Прославата во 1992 за 500-годишнината од овој настан, беше завиткана со полемика. Околу 40 милиони потомци на американските Индијанци, се накострешија на изјавата дека некој Европеец ги „открил“ земјите каде што нивните предци живееле и напредувале долго пред тој да биде роден. Некои го нарекле истражувачот „гласник на експлоатација и освојување“. Навистина, пристигнувањето на Колумбо на Западната хемисфера било повеќе катастрофа отколку благослов за нејзините домородни жители. Таканаречените христијански освојувачи ја опљачкале нивната земја, суверенитет, достоинство и животите.
Во септември 1995, Израел започна една 16-месечна долга прослава за да ја одбележи 3.000-годишнината од победата на цар Давид над Ерусалим. Но, прославата имаше трагичен почеток кога на 4 ноември премиерот Јицак Рабин беше погоден од куршумите на еден атентатор, неколку минути откако одржа говор на еден мировен собир. Ова фрли сенка врз мировниот процес на Средниот Исток, покажувајќи дека постојат сериозни религиозни разлики не само помеѓу Евреите и Палестинците туку и помеѓу самите Евреи.
Неколку 50-годишнини беа одбележани помеѓу 1991 и 1995 во врска со II светска војна — нападот на Перл Харбор, кој водеше до влегување на Соединетите Држави во војна; инвазијата на Европа од сојузниците; ослободувањето од нацистичките концентрациони логори; победата на Сојузниците во Европа и фрлањето на првата атомска бомба во Јапонија. Со оглед на крвта и солзите кои ги придружуваа овие настани, некои луѓе се прашуваа дали тие настани навистина се вредни за прославување.
Ова водеше до годишнината на еден друг значаен настан, основањето на Организацијата на обединетите нации во октомври 1945. Тогаш се зголемија надежите дека клучот за постигнување светски мир најпосле е пронајден.
Обединетите нации, како што рекол неодамна во нивна одбрана нивниот генерален секретар Бутрос Бутрос Гали, постигнале многу победи. Но тие не успеале во исполнувањето на целта на нивната повелба, имено „да сочуваат меѓународен мир и безбедност“. Честопати нивните трупи се обидувале да го зачуваат мирот на места каде што немало за чување никаков мир. До 1995, тие не успеале да му вдахнат живот на разнишаниот нов светски поредок.
Додека новиот светски поредок се тетеравел вистинската теократија напредувала!
Со оглед на политичката, економската и религиозната нестабилност што предизвикала нивната визија за еден нов светски поредок да се распадне пред самите нивни очи, некои луѓе почнале да зборуваат за еден нов светски немир. Во овој развој Јеховините сведоци виделе понатамошен доказ дека само еден нов свет што Бог ќе го направи ќе се радува на стабилност на човечкото општество.
Во некои земји, крајот на Студената војна значел поголема слобода за Јеховините сведоци, дозволувајќи им да одржат значајни меѓународни конгреси во Будимпешта, Киев, Москва, Прага, Санкт Петерсбург, Варшава и на други места. Тие ја зајакнаа светската собраниска подготовка на Јеховините сведоци и помогнаа да се забрза нивното проповедничко дело. Затоа, не е изненадувачки што бројот на активни Сведоци во само едно од овие подрачја порасна од 49.171 во 1991 на 153.361 во 1995. Во текот на истите четири години, бројот на Сведоците по целиот свет порасна од 4.278.820 на 5.199.895. Вистинската теократија напредува како никогаш порано!
Да, милиони луѓе сега своите надежи за иднината ги темелат на Јеховиното ветување за „ново небо и нова земја“ во кои „ќе се настани правда“ (2. Петрово 3:10, 13). Колку е тоа помудро отколку да се гледа на еден човечки нов светски поредок кој, со разнишан почеток, наскоро ќе биде растресен до непостоење! (Даниил 2:44).