Да се надминат фрустрациите од дислексија
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ОД БРИТАНИЈА
„КОЈ е Вашиот телефонски број?“ прашува Џули. Соговорникот на телефон ѝ одговара. Но, бројките кои ги прибележува Џули немаат никаква врска со дадениот број.
‚Мојата наставничка ја искина сликата која ја насликав‘, се жали Ванеса, додавајќи: ‚Никако не можев да запомнам што зборуваше таа.‘
Давид, во своите 70-ти, се бори да прочита едноставни зборови кои ги совладал пред повеќе од шест децении.
Џули, Ванеса и Давид имаат тешкотија со учењето — тешкотија која фрустрира. Тоа е дислексија. Што ја предизвикува оваа состојба? Како можат дислектичарите да ја надминат фрустрацијата што таа ја предизвикува?
Што е дислексија?
Еден речник ја дефинира дислексијата како „нарушување на способноста да се чита“. Иако на неа често се гледа како на нарушување на читањето, дислексијата може да вклучува многу повеќе.a
Корените на англискиот збор доаѓаат од грчкиот дис што значи „тешкотија со“ и лексис — „збор“. Дислексијата вклучува тешкотии со зборовите или со говорот. Таа дури вклучува и проблеми во врска со поставување на работите во нивниот исправен ред, како што се деновите во седмицата и буквите во некој збор. Дислексијата, според д-р Х. Т. Части од Британскиот институт за дислексија, „е неспособност во организирањето што го ослабува краткотрајното памтење, перцепцијата и вештините на рацете“. Не е многу чудно што оние кои имаат дислексија увидуваат дека тоа е фрустрирачки!
Да го земеме случајот на Давид. Како овој поранешен страствен и течен читател дошол во ситуација да му е потребна помошта од неговата сопруга за повторно да учи да чита? Мозочен удар оштетил еден дел од мозокот на Давид кој е поврзан со употребата на говорот и тоа предизвикало неговиот напредок во читањето да биде мачно бавен. Сепак, подолгите зборови му задавале помал проблем од пократките. И покрај неговата стекната дислексија, Давидовата способност за разговор и неговиот остар интелект никогаш не страдале. Човечкиот мозок е толку сложен, што истражувачите допрва мораат да го разберат сето она што е вклучено во обработувањето на звуците и визуелните сигнали што тој ги прима.
Од друга страна, пак, Џули и Ванеса имале развојна дислексија, која станала видлива додека растеле. Истражувачите главно прифаќаат дека децата кои до возраст од седум или осум години манифестираат нормална интелигенција, но покажуваат некарактеристична тешкотија во учењето да читаат, да пишуваат и да спелуваат, можеби се дислексични. Честопати, дислексичните млади наопаку ја пишуваат буквата која се обидуваат да ја препишат. Замислете си ја фрустрацијата што ја чувствувале Џули и Ванеса кога наставниците погрешно ги етикетирале како глупави, спори и мрзливи!
Во Британија, секое 10-то лице страда од дислексија. Пропустот од страна на другите да ги препознаат проблемите со кои се соочуваат тие, едноставно ја зголемува нивната фрустрација. (Видете ја рамката на страница 22.)
Што ја предизвикува дислексијата?
Слабиот вид честопати предизвикува тешкотии во учењето. Ако ја исправите маната со видот и дислексијата исчезнува. Мал сразмер од оние кои имаат тешкотија да учат да читаат, сметаат дека можат подобро да се сконцентрираат на зборовите кога над текстот ставаат една тенка пластична фолија во боја. Други, пак, сметаат дека ова не помага.
Некои, забележувајќи дека состојбата му е својствена на целото семејство, нудат генетско објаснување. Навистина, списанието New Scientist неодамна известило за едно научно истражување, „искористувајќи ја познатата врска помеѓу гените вклучени во автоимуните заболувања, како што се мигрена и астма, и оние гени кои се одговорни за дислексија“. Поради тоа што кај дислектичарите и нивните роднини поверојатно е да страдаат од автоимуни заболувања, научниците веруваат дека гените за дислексија се појавуваат во пределот на геномот каде што се сместени гените за овие заболувања. Но, како што забележува научникот за бихевиоризам, Роберт Пломин истражувачите „имаат идентификувано само еден хромозомски предел, а не ген за неспособност за читање“.
Делот од мозокот што го контролира држењето, рамнотежата и координацијата е наречен мал мозок. Некои научници тврдат дека и тој има удел во нашето размислување и обработувањето на говорот. Интересно е тоа што истражувачите при Универзитетот Шефилд во Англија, разработиле тест за дислексија што вклучува рамнотежа и координација. Тие резонираат дека грешките во малиот мозок ги поттикнуваат здравите делови на мозокот да компензираат. Општо земено, децата имаат мала тешкотија во одржувањето на нивната рамнотежа кога се замолени да застанат, едната нога пред другата со испружени раце. Но, ако им ги заврзете очите, дислектичните деца се нишаат далеку повеќе, бидејќи тие силно се потпираат на видот за да им помогне за рамнотежа.
Сепак, други истражувачи истакнуваат дека мозоците на дислектичните деца покажуваат анатомски разлики. Обично, задниот дел на левата страна на мозокот е незначително поголем од соодветниот дел на десната страна, додека во мозокот на еден дислектичар, левата и десната половина изгледаат еднакво развиени. Потоа, други тврдат дека имаат најдено деформација во распоредот на нервните клетки во делови на мозокот што се занимаваат со говорот.
Но, без оглед на физичката причина за нивната дислексија, како може најдобро да им се помогне на оние кои го имаат тој проблем?
Помош од родителите
Некои кои се родители на дислектично дете чувствуваат вина и се обвинуваат себеси за лошата состојба на својот потомок. Ако се чувствувате така, растерајте го мрачното расположение со тоа што ќе признаете дека ниту еден од нас не е совршен и дека сите ние сме различни. Појдете од тоа што ќе признаете дека, како што на едно дете кое е далтонист треба да му се помогне да живее со неговиот дефект, така треба и на Вашето дислектично дете. Вие како родител треба да играте јасна улога во образованието на своето дете.
Иако дислексијата во моментов не може да се спречи или да се излечи, таа може да биде ублажена. Како? Професор Т. Р. Мајлс, автор на Understanding Dyslexia (Да се разбере дислексијата), ги советува родителите најпрвин точно да откријат каква тешкотија има дислектичното дете. Потоа, ќе можат да направат реалистична проценка на ограничувањата на нивното дете и за тоа што може да се очекува. „Детето треба да се замоли да го прави најдоброто што го може“, советува Reading and the Dyslexic Child (Читањето и дислектичното дете), „но не и подобро од тоа.“ Ако бидат сочувствителни и охрабрувачки, а особено подготвувајќи соодветно учење, родителите можат да ги минимизираат ефектите на дислексијата и, во исто време, да го намалат притисокот што го чувствува дислектичното дете.
Помош од наставниците
Запомнете, дислексија е тешкотија со учењето. Затоа, наставниците треба да поминат време со дислектичните деца во нивните класови и да вложат напор за да им помогнат. Ограничете ја фрустрацијата на децата со тоа што ќе бидете реалистични во она што го очекувате од нив. Најпосле, едно дислектично дете веројатно може да порасне во возрасен на кого сѐ уште гласното читање му е проблем.
Не станувајте малодушни. Наместо тоа, пофалете ги децата за секој напредок што го прават — и, се разбира, за сиот нивни напор. Исто така, избегнувајте пофалба без да правите разлика. Професорот Мајлс им препорачува на наставниците, кога ќе забележуваат некаков напредок, на еден дислектичен ученик да му речат: „Да, јас се сложувам дека направи некои грешки. Но, јас сепак велам дека она што го направи е добро; тоа е подобрување во однос на минатата седмица и, со оглед на твојата тешкотија, тоа е задоволителен резултат“. Но, кога нема подобрување, тој советува да се каже: „Да, тоа и тоа изгледа дека сѐ уште ти предизвикува тешкотија; ајде да видиме дали можеме да испитаме некој поинаков начин за да ти помогнеме“.
Внимавајте да не правите потценувачки забелешки во врска со читањето на дислектичното дете. Настојувајте книгите и читањето да му ги направите уживање. Како? И родителите и наставниците можат да му предложат на детето да држи маркер, можеби мала линијка, под редот што го чита, бидејќи лицето кое чита многу бавно, често дозволува вниманието да му залута. Ако се појави проблем при читањето на буквите во зборот во погрешен редослед, љубезно прашајте: „Која е првата буква?“
Замислете само колку би било обесхрабрувачки за дислектичното дете, наставникот по математика често да му вели дека неговите одговори се погрешни. Колку само е подобро да му се дадат незначително полесни задачи така што фрустрацијата која ја донесува неуспехот ќе се замени со задоволството кога ќе се решат исправно.
„Клучот за дислектичарите е“, според една специјализирана наставничка, „да се учи со помош на сите сетила.“ Комбинирајте ги видот, слушањето и допирот за да му помогнете на детето исправно да чита и да ги спелува зборовите. „Ученикот треба внимателно да гледа, внимателно да слуша, да обрнува внимание на движењата на своите раце додека пишува и да обрнува внимание на движењата на својата уста додека зборува“, објаснува професор Мајлс. Правејќи го тоа, дислектичното дете ќе ја поистовети пишаната форма на буквата и со неговиот звук и со движењата на раката што тој ги прави за да ја напише. За да му помогнете на детето да ги разликува буквите што го збунуваат, научете го да почне да ја пишува секоја буква од некоја друга точка на буквата. „Идеално треба“, препорачува книгата Читањето и дислектичното дете, „секое [дислектично] дете да има еден час дневно подучување од видот еден—учител за еден—ученик“. За жал, околностите ретко го дозволуваат тоа. Меѓутоа, дислектичарите можат да си помогнат самите на себе.
Самопомош
Ако сте дислектичар, настојувајте да го извршите поголемиот дел од своето читање кога сте најсвеж. Истражувачите забележале дека дислектичните ученици постигнуваат добри резултати ако продолжуваат да читаат околу час и половина, но дека после тоа нивната работа се влошува. „Редовни но ограничени периоди проучување секој ден се веројатно покорисни отколку повремени денови интензивен напор“, забележува Dyslexia at College (Дислексија на колеџ). Точно, тоа ќе бара подолго да читате и добро да спелувате. Но, издржете.
Користете портабл машина за пишување или, уште подобро, процесор на зборови со програма што Ви помага да го проверувате спелувањето на она што го внесувате. Поврзете го ова со учењето како да ги организирате информациите и да манипулирате со нив. (Видете ја рамката на страница 21.)
Уживајте во книгите со тоа што ќе ги слушате оние кои се снимени на аудиокасети. Всушност, ова списание и неговиот придружник Стражарска кула сега редовно се појавуваат на касета на многу јазици, како и целата Библија.
Ако откако ќе ја прочитате рамката верувате дека сте дислектичар, немојте да го криете проблемот. Прифатете го и земете го во обѕир. На пример, можеби се подготвувате за разговор за работа. Како и многу луѓе, можеби увидувате дека притисокот на ситуацијата Ви отежнува да се изразите јасно и концизно. Зошто да не се обидете претходно да извежбате неколку разговори?
Тешкотиите што ги создава дислексијата не се подобруваат лесно. Но мозокот, затоа што е чудесен орган, го компензира проблемот. Затоа, неверојатно е дека ќе сте трајно несреќни. Џули, Ванеса и Давид, сите напорно работеле за да ја надминат својата фрустрација. Вие можете да го сторите истото. Сфатете дека Вашата посебна тешкотија не треба да Ве спречи да учите. Издржете во обидот исправно да читате, пишувате и спелувате. Ако така правите, тоа ќе Ви помогне да ја надминете фрустрацијата од дислексијата.
[Фуснота]
a Некои авторитети го применуваат терминот „дисграфија“ за да опишат тешкотии со учењето поврзани со пишување и „дискалкулија“ за тешкотиите што се однесуваат на аритметиката.
[Рамка на страница 21]
Совети за самоорганизација
Употребувајте го следново:
• лична огласна табла
• планер календар
• фиока за нерешени списи
• личен регистар
• роковник
• адресар
[Рамка на страница 22]
Како да се препознае дислексија кај децата
Ако Вашиот одговор е „да“ на три или четири долу наведени прашања под секоја старосна група, можно е дотичните деца во извесна мерка да се дислектични.
Деца на возраст од 8 години или помалку:
Дали доцнеле со учењето да зборуваат?
Дали сѐ уште имаат посебна тешкотија со читањето или спелувањето? Дали тоа Ве изненадува?
Дали имате впечаток дека во врска со работи кои не се поврзани со читање и спелување, тие се будни и бистри?
Дали пишуваат букви и бројки наопаку?
Кога сметаат, им требала ли помошта од сметалки, прсти или ознаки на хартија подолго време отколку на другите на нивна возраст? Дали имаат необична тешкотија со помнењето на таблицата за множење?
Имаат ли тешкотија со набројување, разликување, мешајќи десно и лево?
Дали се необично несмасни? (Не се сите дислектични деца несмасни.)
Деца на возраст од 8 до 12 години:
Дали прават необични грешки во спелувањето? Дали некогаш испуштаат букви во зборовите или ги ставаат во погрешен редослед?
Дали прават наизглед невнимателни грешки во читањето?
Дали разбирањето на прочитаното изгледа побавно отколку што се очекува од деца на нивна возраст?
Дали имаат тешкотија со препишувањето од таблата на училиште?
Кога читаат гласно, изоставаат ли зборови или цел ред, или дали го читаат истиот ред двапати? Имаат ли антипатија кон гласното читање?
Дали сѐ уште им е тешко да ја запомнат таблицата за множење?
Имаат ли слабо чувство за ориентација, мешајќи лево и десно?
Дали им недостасува самодоверба и дали имаат мало самопочитување?
[Извор на слика]
–Awareness Information, издадено од Британското здружение за дислексија, и Dyslexia, издадено од Емитување на служби за поддршка, Канал 4 Телевизија, Лондон (Англија).
[Слика на страница 20]
За да си помогнете да го сосредоточите вниманието, држете маркер под редот што треба да се чита