Девственост — зошто?
„КУЛТОТ на девственост“ — Рендел Балмер, вонреден професор по религија на Barnard College/Columbia University на овој начин го нарекува привидно растечкиот тренд меѓу тинејџерите да ја одложат сексуалната активност додека се постари.
Не изненадува тоа што голем дел од наговарањето за сексуално воздржување доаѓа од религиозните организации. „Но погонската сила зад култот на девственоста е световна, а не религиозна“, истакнува д-р Балмер. „Вистинската мотивација да се остане девица е стравот — но не страв од божествена казна, туку страв од смртоносни болести.“ На тој начин, тој го споредува „култот на Девица Марија“, кој го прикажувал воздржувањето како религиозен идеал, со современиот „култ на девственост“, кој претставува воздржување повеќе како здравствено прашање.
„Забелешката за состојбата на религијата во 1990-тите години — дека стравот од болест го води моралот — е жалосна“, продолжува д-р Балмер. „Толку желни да избегнат да навредуваат, религиозните водачи понудиле штрбав морал, или воопшто никаков. Затоа се остава на научниците и на службениците на јавното здравство да ги советуваат адолесцентите како да ги водат своите сексуални животи.“
Меѓутоа, тоа не е случај со вистинските христијани. Земете го предвид Чед, тинејџер кој е одгледан како Јеховин сведок. На Чед му пристапила една девојка која со него започнала разговор. Но наскоро станало очигледно дека нејзините намери биле повеќе отколку само да разговара. „Тогаш ми текна“, вели Чед. „Не можев да го разочарам Јехова. Со мислата на ум секогаш да му угодувам на Јехова, ѝ реков дека морам да одам.“
Како Чед, многу млади луѓе меѓу Јеховините сведоци одржуваат добар морал не само заради доброто здравје туку првенствено за да му угодат на нивниот Творец, Јехова Бог. Стравот од болест не е тој што го води нивниот морал. Наместо тоа, таквите млади луѓе го следат советот од Проповедник 12:1 (НС): „Сеќавај се на својот Голем Творец во деновите на својата младост“.