ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g97 8/8 стр. 22-25
  • Сега сум среќна што сум жива!

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Сега сум среќна што сум жива!
  • Разбудете се! 1997
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Желба за нешто подобро
  • Повторно желба за смрт
  • Соочување со криза
  • Притисок да примам крв
  • Операција — успех
  • Помош од нашето братство
  • Поддржана преку сигурна надеж
  • Еден куршум ми го промени животот
    Разбудете се! 1996
  • Благодарна за Јеховината верна поддршка
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Вистината ме врати во живот
    Разбудете се! 1997
  • „Вие ќе умрете!“
    Разбудете се! 2000
Повеќе
Разбудете се! 1997
g97 8/8 стр. 22-25

Сега сум среќна што сум жива!

„Сфаќате дека ќе умрете, нели?“ ме праша докторот. Иронично, двапати пред тоа смртта ќе ми беше добредојдено олеснување. Но, не и овој пат. Дозволете ми да Ви објаснам.

БЕВ одгледана во една населба на Лонг Ајленд, Њујорк, каде што татко ми беше популарен возач на тркачки автомобили. Беше перфекционист кој се потхрануваше со натпреварот. Беше и темпераментен и многу тежок да му се угоди. Од друга страна, мајка ми беше помирна и потивка личност, која толку многу се плашеше од трките на татко ми што не можеше да оди да го гледа како се трка.

Брат ми и јас уште рано во животот научивме дома да живееме во сенка — нешто што мајка ми веќе беше навикната да го прави. Но тоа си зеде свој данок. Сите ние живеевме во страв од татко ми. Тоа влијаеше врз мене на тој начин што никогаш не се чувствував способна да направам нешто како што треба. Самопочитувањето уште повеќе ми се намали кога, во моите рани тинејџерски години, еден „пријател“ на фамилијата сексуално ме напаствува. Не можејќи да се справам со моите чувства, се обидов да се самоубијам. Тоа беше првиот пат кога мислев дека смртта би ми била добредојдено олеснување.

Се чувствував безвредно и несакано и развив едно растројство во јадењето кое е вообичаено за млади жени со ниско самопочитување. Почнав да водам живот во потрага по возбудливости, злоупотреба на опојни средства, блуд и абортуси — „барајќи љубов на сите погрешни места“, како што гласи стихот на една песна. Бев вклучена во мотоциклизам, тркање со коли и длабинско нуркање, а повремено одев на коцкарски патувања до Лас Вегас. Исто така, барав совет од една гатачка и користев алфабетска спиритистичка табличка заради забава, не сфаќајќи ги опасностите на спиритизмот (5. Мојсеева 18:10—12).

Освен тоа, трагањето по возбудливости ме вклучи во такви илегални активности како што се препродавање дрога и крадење по дуќани. Мојата потрага по љубов и одобрување исто така водеше до долга редица момчиња и свршеници. Сите овие фактори се комбинираа за да создадат еден начин на живот кој беше многу поопасен отколку што мислев.

Една вечер, откако примив комбинација на алкохол и дрога во автомобилските канали на тркалиштето, немудро му дозволив на моето момче да ме вози дома. Откако се онесвестив во предното седиште, очигледно и тој го направил истото. Ударот при сударот нагло ме пробуди. Бев хоспитализирана со многу повреди, но на крајот се опоравив само со оштетено десно колено.

Желба за нешто подобро

Иако имав ниско ценење за сопствениот живот, бев многу загрижена за безбедноста и правата на децата и животните и за заштита на природната околина. Копнеев да видам еден подобар свет и, во обидот да помогнам да се создаде, бев активна во многу организации. Таа желба за подобар свет е она што првобитно ме привлече кон работите кои ги кажуваше една колешка која беше Јеховин сведок. Таа постојано укажуваше на „овој систем“ на еден фрустрирачки начин секогаш кога работата не ѝ одеше добро. Кога ја прашував што мисли со тоа, ми објаснуваше дека наскоро еден ден животот ќе биде ослободен од сите грижи. Поради тоа што многу ја почитував, слушав со интерес.

За жал, изгубивме контакт, но никогаш не ги заборавив работите што ми ги кажа. Сфатив дека еден ден ќе морам да направам големи промени во начинот на живот за да му угодам на Бог. Но не бев подготвена за тоа. Сепак, на потенцијалните брачни другари им соопштував дека еден ден ќе станам Јеховин сведок и ако тоа не им се допаѓа, сега е време да се разделиме.

Како резултат на тоа, моето последно момче сакаше да дознае нешто повеќе велејќи дека, ако јас сум заинтересирана, можеби би бил и тој. Така почнавме да ги бараме Сведоците. Наместо тоа, тие нѐ најдоа кога дојдоа на мојата влезна врата. Беше започната библиска студија, но на крајот моето момче избра да престане со проучување и да ѝ се врати на својата сопруга.

Мојата библиска студија честопати беше нередовна. Ми беше потребно време за да го ценам Јеховиното гледиште за светоста на животот. Меѓутоа, штом го преиначив моето размислување, ја увидов потребата да се откажам од излетите на небеска акробатика и да престанам да пушам. Како што животот ми стануваше сѐ поскапоцен, бев спремна да се смирам и да не ризикувам повеќе. На 18 октомври 1985, го симболизирав моето предание на Јехова со крштавање во вода. Немав појма дека мојот живот наскоро ќе виси во воздух.

Повторно желба за смрт

После неколку месеци — вечерта на 22 март 1986 — се наоѓав пред мојата куќа, изнесувајќи си ги алиштата од мојот автомобил, кога еден забрзан автомобил ме удри и ме влечеше повеќе од 30 метри! Бев жртва на несреќа во која возачот го напушти местото на несреќата. Иако претрпев повреди на главата, цело време бев свесна.

Со лицето свртено надолу среде темната улица, можев да мислам само на ужасот повторно да бидам удрена. Болката беше мачна, повеќе отколку што можев да поднесам. Затоа постојано го молев Јехова да допушти да умрам (Јов 14:13). Се појави една жена која случајно беше медицинска сестра. Ја замолив да ми ја помести положбата на нозете затоа што беа тешко повредени. Го стори тоа и ми направи и завој од еден дел од нејзиниот фустан за да го запре крвавењето од сложените фрактури во едната нога. Чизмите ми беа најдени на оддалеченост од еден блок куќи, полни со крв!

Не сфаќајќи дека сум пешак, минувачите постојано ме прашуваа каде ми е автомобилот. Не знаејќи колку далеку сум била влечена, мислев дека сѐ уште сум до него! Кога персоналот за медицинска помош пристигна, мислеше дека ќе умрам. Така повикаа полициски детективи, затоа што убиството со возило може да биде кривично дело. Возачот на крајот беше фатен. Подрачјето го обиколија со јаже како сцена на злосторство и мојот автомобил го запленија како доказ. Двете врати на едната страна од автомобилот беа оттргнати.

Соочување со криза

Во меѓувреме, додека пристигнав во локалниот трауматолошки центар, дури и преку оксигенската маска постојано повторував: „Без крв, без крв. Јас сум Јеховин сведок!“ Последното нешто на кое се сеќавам е чувството на големите кројачки ножици како ми одат нагоре по грбот и како трауматолошката екипа избезумено извикува наредби.

Кога се разбудив, бев зачудена што сум жива. Постојано се освестував и онесвестував. Секој пат кога ќе се разбудев, ја молев мојата фамилија да стапи во контакт со двојката која ја проучуваше Библијата со мене. На мојата фамилија не ѝ беше драго што станав Сведок, па затоа им одговараше да „заборават“ да ги информираат. Но бев упорна — првото нешто кое го прашував секој пат кога ќе ги отворев очите беше тоа. На крајот, мојата упорност се исплати и еден ден, кога се разбудив, беа тука. Какво олеснување! Јеховиниот народ знаеше каде сум.

Меѓутоа, мојата радост беше краткотрајна затоа што крвната слика ми се влоши и доживеав висока треска. Коските за кои се претпоставуваше дека предизвикуваат инфекција беа отстранети и во ногата ми беа ставени четири шипки. Но наскоро високата треска се врати и ногата ми поцрне. Настапи гангрена и преживувањето зависеше од ампутирањето на ногата.

Притисок да примам крв

Поради тоа што крвната слика драматично ми се влоши, се сметаше невозможно да се оперира без трансфузија на крв. Лекари, медицински сестри, членови на фамилијата и стари пријатели беа повикани за да вршат притисок врз мене. Потоа, почнаа да шепотат на мојата врата. Начув дека лекарите нешто планираат, но не можев да разберам што. За среќа, една жена Сведок која тогаш беше во посета го начу планот за обидот присилно да ми се даде трансфузија на крв. Таа веднаш стапи во контакт со локалните христијански старешини кои ми дојдоа на помош.

Беше изнајмен психијатар за да ја оцени мојата ментална состојба. Јасна беше намерата да ме прогласат за некомпетентна и со тоа да ги срушат моите желби. Тој план пропадна. Потоа, еден член на свештенството, кој самиот примил трансфузија на крв, беше донесен за да ме убеди дека во ред е да се прима крв. Најпосле, мојата фамилија побара судски налог за присилно да ми се даде крв.

Околу два часот наутро, екипа лекари, судски стенограф, судски службеник, адвокати кои ја претставуваа болницата и еден судија промаршираа во мојата болничка соба. Судот заседаваше. Немав никакво претходно известување, немав Библија, немав претставник и бев под силни лекарства против болки. Исходот на заседавањето? Судијата го одби судскиот налог, велејќи дека уште повеќе е импресиониран од интегритетот на Јеховините сведоци отколку порано.

Една болница во Камден, Њу Џерзи, се согласи да го земе мојот случај. Поради тоа што болничката управа во Њујорк беше разгневена, ме лишуваа од секаков третман, вклучувајќи и лекови против болки. Исто така, на хеликоптерот кој требаше да ме однесе во болницата во Њу Џерзи, не му дозволија да се спушти. За среќа, го преживеав возењето во амбулантската кола дотаму. Кога пристигнавме, ги чув зборовите споменати во почетокот на оваа приказна: „Сфаќате дека ќе умрете, нели?“

Операција — успех

Толку бев слаба што една медицинска сестра мораше да ми помогне да ставам X на формуларот за согласување за да се даде дозвола за операцијата. Мојата десна нога мораше да се ампутира до над коленото. После тоа, нивото на хемоглобин ми падна под 2 и лекарите се сомневаа на тешко оштетување на мозокот. Тоа беше затоа што не можеа да добијат реакција кога в уво ми викале: „Вирџинија, Вирџинија“ — името на моите документи за прием. Но кога после некое време со тивок шепот слушнав: „Џинџер, Џинџер“, ги отворив очите и видов еден господин кој никогаш порано не сум го видела.

Бил Терпен беше од едно од локалните собранија на Јеховините сведоци во Њу Џерзи. Го дознал моето нагалено име Џинџер — по кое сум позната цел живот — од Сведоците во Њујорк. Тој така ги обликуваше прашањата што можев да ги одговорам со трепкање, затоа што бев на респиратор и не можев воопшто да зборувам. „Сакаш ли и понатаму да се обидувам да те посетувам“, ме праша, „и да им кажувам на Сведоците во Њујорк за тебе?“ Не можев доволно да трепкам! Брат Терпен се изложуваше на опасност, прикрадувајќи се во мојата соба, затоа што мојата фамилија нареди да немам никакви посетители Сведоци.

После шест месеци хоспитализација, и понатаму можев да вршам само основни секојдневни активности, како што се да се хранам и да си ги мијам забите. На крајот, добив вештачка нога и можев по малку да се движам со потпирач за немоќни лица. Кога во септември 1986 ја напуштив болницата и се вратив во мојот стан, една здравствена помошничка остана дома со мене уште отприлика шест месеци за да ми помага.

Помош од нашето братство

Уште пред да се вратам дома, вистински почнав да ценам што значи да се биде дел од христијанското братство (Марко 10:29, 30). Браќата и сестрите со љубов се погрижија не само за моите физички потреби туку и за духовните. Со нивната помош полна со љубов, бев во можност да продолжам да ги посетувам христијанските состаноци и, со текот на времето, дури и да учествувам во она што се нарекува помошна пионерска служба.

Граѓанската парница против возачот на автомобилот, која обично трае најмалку пет години само да се појави на судскиот календар, беше решена за неколку месеци — на изненадување на мојот адвокат. Со парите од решението бев во можност да се преселам во попристаплив дом. Освен тоа, си купив комбе опремено со дигалка за инвалидска количка и со рачно управување. Така, во 1988, стапив во редовите на општите пионери, секоја година посветувајќи најмалку 1.000 часови во делото на проповедање. Низ годините, уживав работејќи ги подрачјата во државите Северна Дакота, Алабама и Кентаки. Со моето комбе поминав преку 150.000 километри, од кои највеќе во христијанската служба.

Сум имала многу забавни искуства користејќи го мојот електричен мопед со три тркала. Двапати се имам превртено со него додека работев со сопругите на патувачките надгледници. Еднаш во Алабама, погрешно мислејќи дека со него можам да прескокнам едно мало поточе, завршив на земја, покриена со кал. Сепак, задржувањето смисла за хумор и не земајќи се себеси премногу сериозно, ми помогна да задржам позитивен став.

Поддржана преку сигурна надеж

Здравствените проблеми понекогаш беа скоро несовладливи. Во две прилики пред неколку години морав да прекинам со пионерењето бидејќи изгледаше дека можеби ќе биде потребно и другата нога да ми се ампутира. Заканата да ја изгубам ногата сега е постојана, и во изминатите пет години целосно сум врзана за инвалидска количка. Во 1994 си ја скршив раката. Ми беше потребна помош за капење, облекување, готвење и чистење и насекаде мораа да ме возат. Сепак, поради помошта од браќата, бев во можност да продолжам со пионерењето во текот на тој пораз.

Во текот на мојот живот го барав она што изгледаше дека се возбудливости, но сега сфаќам дека највозбудливите времиња претстојат. Мојата убеденост дека сите сегашни слабости Бог ќе ги излечи во неговиот нов свет кој бргу се приближува, е тоа што ме прави среќна што сега сум жива (Исаија 35:4—6). Во тој нов свет, со нетрпение очекувам да пливам со китовите и делфините, да ги откривам планините со лавицата и нејзините лавчиња и да правам нешто едноставно како што е шетање по плажа. Задоволство ми е да си претставувам како ги правам сите тие работи кои Бог ги создал за ние да ги уживаме во тој Рај на Земјата (раскажала Џинџер Клаус).

[Слика на страница 23]

Кога коцкањето ми беше дел од животот

[Слика на страница 25]

Божјите ветувања ме поддржуваат

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели