ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g97 8/11 стр. 18-20
  • Дали е погрешно да се јаде месо?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Дали е погрешно да се јаде месо?
  • Разбудете се! 1997
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Зошто некои не јадат месо?
  • Дали е погрешно да се убиваат животни?
  • Употребување животни за храна
  • Да се покажува почитување спрема животинскиот живот
  • Да се биде сочувствителен спрема животните
  • Дали христијанинот треба да биде вегетаријанец?
  • Животни
    Разбудете се! 2015
  • Свирепост кон животните — дали е погрешна?
    Разбудете се! 1999
  • Дали Бог се грижи за животните?
    Разбудете се! 2011
  • Прашања од читателите
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
Повеќе
Разбудете се! 1997
g97 8/11 стр. 18-20

Гледиште на Библијата

Дали е погрешно да се јаде месо?

„ЕВЕ, ВИ ДАДОВ СЕКАКОВ ВИД РАСТЕНИЕ, ШТО ДАВА СЕМЕ, И КАКВО ИМА ПО ЦЕЛАТА ЗЕМЈА, И СЕКАКВИ ДРВЈА, ШТО ВО СЕБЕ ИМААТ СЕМЕ СПОРЕД СВОЈОТ РОД И ВИД: ТОА ДА ВИ БИДЕ ЗА ХРАНА!“ (1. Мојсеева 1:29).

ОСУМНАЕСЕТГОДИШНАТА Суџата, од вегетаријанско хинду семејство, спремно се согласила со Божјите упатства за исхрана дадени на првиот човек Адам. Но таа веднаш прашала: „Тогаш зошто луѓето убиваат животни за храна кога има толку многу други работи за јадење?“

Многу луѓе по светот ги одекнуваат тие мисли. Стотици милиони на Исток следат исхрана без месо. Освен тоа, бројот на вегетаријанците на Запад се зголемува. Само во Соединетите Држави, околу 12,4 милиони луѓе тврдат дека се вегетаријанци, околу 3 милиони повеќе отколку пред една деценија.

Зошто толку многу претпочитаат исхрана без месо? Кое е исправното гледиште за животинскиот живот? Дали јадењето месо покажува непочитување на животот? Со оглед на она што е наведено во 1. Мојсеева 1:29, дали е погрешно да се јаде месо? Прво, разгледајте зошто некои не јадат месо.

Зошто некои не јадат месо?

За Суџата, нејзината исхрана ги вклучува нејзините религиозни верувања. „Пораснав како хиндус, верувајќи во доктрината на реинкарнација“, објаснува таа. „Поради тоа што човечката душа може да се врати како животно, животните ги сметам за еднакви на себе. И затоа изгледа погрешно да се убиваат заради храна.“ И други религии застапуваат вегетаријанска исхрана.

Освен религиозните верувања, и други фактори влијаат врз изборот на луѓето во врска со јадењето. Д-р Нил Барнард, на пример, без заобиколување тврди: „Единствените причини да се јаде месо се навиката или незнаењето“. Неговиот цврст став се темели на неговите гледишта во врска со здравствените ризици од консумирањето месо, како што е срцевото заболување и ракот.a

Во Соединетите Држави се вели дека тинејџерите се сегмент од вегетаријанците кој набрзо расте. А грижата за животните е една причина. „Децата ги сакаат животните“, вели Трејси Рајман од организацијата „Луѓе за етичко постапување со животните“. „Кога почнуваат да дознаваат што им се случува на животните пред да бидат убивани за храна, едноставно им се зајакнува сочувството кое го чувствуваат.“

Многу поединци кои имаат еколошка свест, исто така, ја поврзуваат својата исхрана со огромната побарувачка која се става врз природните ресурси за подигање животни заради храна. На пример, за да се произведе само еден килограм говедско месо, потребни се околу 3.300 литри вода, а 3.100 литри за секој килограм пилешко месо. За некои, тоа станува причина да се избегнува месото.

Како е со Вас? Дали треба да се воздржувате од јадењето месо? Пред да одговорите на тоа прашање, разгледајте едно друго гледиште. Како што стои во Псалм 49:10, 11, Јехова Бог, Создателот на сите ствари, вели: „Мои се сите горски ѕверови и добитокот по горите и говедата. Ги познавам сите птици небески, и убавината на полињата е пред Мене“. Поради тоа што сите животни всушност му припаѓаат на Бог, важно е да се сфати што Творецот чувствува за животинскиот живот и за неговото употребување како храна од страна на човекот.

Дали е погрешно да се убиваат животни?

Некои, како Суџата, кои сметаат дека животните му се еднакви на човекот цврсто се убедени дека одземањето живот на животно со која и да било намера е погрешно — а уште повеќе убивањето за храна. Сепак, Писмото покажува дека Бог прави разлика помеѓу животинскиот живот и човечкиот живот и го дозволува убивањето животни од разни причини. На пример, во Израел можело да се убие животно кога тоа претставувало закана за човечкиот живот или за нечиј добиток (2. Мојсеева 21:28, 29; 1. Царства 17:34—36).

Уште од најрано време, Бог одобрувал да се принесуваат животни како жртви во обожавањето (1. Мојсеева 4:2—5; 8:20, 21). Исто така, ги поучил Израелците да го слават споменот на нивниот егзодус од Египет со годишно прославување на Пасхата, кое вклучувало жртвување на јагне или коза и јадење на неговото месо (2. Мојсеева 12:3—9). И под Мозаитскиот закон имало и други прилики за животински приноси.

Читајќи ја Библијата за првпат, на една 70-годишна жена хиндус ѝ била непријатна помислата за животински жртви. Но како што напредувала во нејзиното спознание на Писмото, можела да види дека жртвите кои ги заповедал Бог имале некаква цел. Тие укажувале на жртвата на Исус Христос, која требало да го исполни правното барање за простување на гревовите (Евреите 8:3—5; 10:1—10; 1. Јованово 2:1, 2). Во многу случаи, приносите исто така служеле како храна за свештениците а понекогаш и за обожавателите (3. Мојсеева 7:11—21; 19:5—8). Бог, на кого му припаѓа секое живо суштество, можел со право да воведе такво уредување со некоја цел. Се разбира, кога умрел Исус, животинските жртви повеќе не се барале во обожавањето (Колосјаните 2:13—17; Евреите 10:1—12).

Употребување животни за храна

Но, што е со убивањето животни за храна? Вистина е дека првобитната исхрана на човекот била вегетаријанска. Но Јехова подоцна ја проширил за да го вклучи животинското месо. Пред околу 4.000 години — во времето на праведниот Ное — Јехова предизвикал светски потоп и ставил крај на злобата која тогаш постоела на Земјата. Ное, неговото семејство и живите суштества што ги зел во арката го преживеале потопот. Откако излегле од арката, Јехова за првпат навел: „Сѐ што се движи и живее, ќе ви биде храна; сето тоа ви го дадов, како што ви го дадов зеленото растение“ (1. Мојсеева 9:3). Меѓутоа, во исто време Бог го дал законот: „Кој ќе пролее крв човечка, и неговата крв ќе се пролее од човечка рака; зашто човекот го создадов според образот Божји“ (1. Мојсеева 9:6). Јасно, Бог не ги поставил животните на истото ниво со луѓето.

Всушност, убедувањето на Суџата во врска со животните се темелело на нејзиното верување во доктрината на реинкарнација. Во овој поглед, Библијата објаснува дека, иако луѓето и животните се души, душата не е бесмртна (1. Мојсеева 2:7; Језекиил 18:4, 20; Дела 3:23; Откровение 16:3, НС). Како души, и луѓето и животните умираат и престануваат да постојат (Проповедник 3:19, 20). Но, луѓето имаат прекрасна надеж за воскресение во Божјиот нов светb (Лука 23:43; Дела 24:15). И тоа покажува дека животните не се еднакви на човекот.

„Сепак, зошто промена во исхраната?“ сакала да дознае Суџата. Климата на Земјата очигледно претрпела драстични промени поради потопот. Дали Јехова го вовел додавањето месо во човековата исхрана затоа што ги предвидувал потребите на идните генерации кои ќе живеат во подрачја каде што вегетацијата ќе биде скудна, Библијата не кажува. Но Суџата можела да прифати дека Сопственикот на сите живи ствари имал право да воведе промена.

Да се покажува почитување спрема животинскиот живот

Сепак, Суџата се прашувала: ‚Зарем не треба да покажеме барем некакво почитување спрема животинскиот живот?‘ Да, треба. И Создателот на сите нешта ни кажал како можеме да го правиме тоа. „Само да не јадете месо во кое има уште душа, односно крвта негова“, гласи неговата наредба во 1. Мојсеева 9:4. Зошто ограничување на јадењето крв? „Зашто душата [животот] на секое тело е неговата крв“, вели Библијата (3. Мојсеева 17:10, 11). Јехова пропишал: ‚Истурете ја крвта на закланото животно на земја како вода‘ (5. Мојсеева 12:16, 24).

Тоа не значи дека подготовката да се јаде месо е дозвола да се препуштиме во непотребно истурање на животинска крв поради чистата восхитеност од ловот или за да се покаже лично јунаштво. Очигледно Нимрод го правел тоа. Библијата го идентификува како „моќен ловец во отпор против Јехова“ (1. Мојсеева 10:9, НС). Дури и денеска, лесно може кај некои да се развие возбудливост околу ловење и убивање животни. Но, таквиот дух оди рака под рака со бесцелното непочитување спрема животинскиот живот, и Бог не го одобрува тоа.c

Да се биде сочувствителен спрема животните

Некои вегетаријанци денес, исто така, се искрено загрижени поради третманот на животните од страна на современата месна индустрија. „Агробизнисот има мал интерес за природните инстинкти на животните“, коментира The Vegetarian Handbook. „Одгледани во ужасно тесни простории и неприродни услови“, забележува книгата, „современите животни се поцелосно експлоатирани отколку кога било порано.“

Иако употребата на животни за храна не е, сепак суровото постапување со нив е против волјата на Бог. „Праведниот се грижи и за животот на добитокот свој“, вели Библијата во Изреки 12:10. А Мозаитскиот закон заповедувал исправна грижа за домашните животни (2. Мојсеева 23:4, 5; 5. Мојсеева 22:10; 25:4).

Дали христијанинот треба да биде вегетаријанец?

Како што е покажано во претходно споменатото, прашањето да се стане вегетаријанец — или да се остане таков — строго е работа на индивидуална одлука. Поради здравјето, економичноста, екологијата или сочувството спрема животните, лицето може да избере да следи вегетаријански режим. Но мора да го признава тоа само како еден начин на јадење. Не треба да ги критикува оние кои избираат да јадат месо, исто како што оној кој јаде месо не треба да го осудува вегетаријанецот. Јадењето месо или воздржувањето од него не го прави некого подобар човек (Римјаните 14:1—17). Ниту треба нечија исхрана да стане првенствена грижа во неговиот живот. „Не само од леб ќе живее човекот“, рекол Исус, „а и од секој збор што излегува од устата на Бога“ (Матеј 4:4).

Што се однесува до суровоста спрема животните и злоупотребата на ресурсите на Земјата, Јехова ветил дека ќе му стави крај на овој расипан и алчен систем и ќе го замени со нов свет направен од него (Псалм 36:10, 11; Матеј 6:9, 10; 2. Петрово 3:13). Во тој нов свет, човекот и животните засекогаш ќе бидат во мир еден со друг и Јехова ќе ‚ја задоволи желбата на сѐ живо‘ (Псалм 145:16, НС; Исаија 65:25).

[Фусноти]

a Видете Разбудете се! од 8 октомври 1997, страници 3—13.

b Видете Стражарска кула од 15 мај 1997, страници 3—8, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

c Видете Стражарска кула од 1 септември 1990, страници 31, 32.

[Извор на слика на страница 18]

Punch

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели