Младите прашуваат . . .
Како можам да се справам со пристрасноста?
„Сестра ми е две години помала од мене и го добива целото внимание . . . Ми се чини дека тоа не е фер“ (Ребека).a
КОЛКУ поголемо внимание добива твојот брат или сестра, толку поизоставен можеби се чувствуваш ти. А ако имаш брат или сестра кој има извонредни способности, доживува сериозни проблеми или, пак, има заеднички интереси или карактерни особини како твоите родители, можеби треба да водиш вистинска битка за да добиеш какво и да било внимание! Колку повеќе размислуваш за тоа толку поповреден и полут може да се чувствуваш.b
Меѓутоа, Библијата предупредува: „Не грешете, гневејќи се; размислете во срцата свои и на постелите свои, и смирете се“ (Псалм 4:4). Кога си вознемирен и лут, поверојатно ќе речеш или ќе направиш нешто за што подоцна ќе зажалиш. Сети се како Каин се вознемирил поради привилегираната положба кај Бог што ја уживал неговиот брат, Авел. Бог го опоменал: „Гревот е [клечи, NW] пред вратата: тој те влече кон себе, но ти надвладај го!“ (1. Мојсеева 4:3—16). Каин пропуштил да ги надвладее своите чувства, и резултатот бил катастрофален!
Вистина, ти нема да станеш човекоубиец како Каин. Па сепак, пристрасноста може да побуди страшни чувства и емоции. Затоа, опасностите можеби клечат пред твојата врата! Кои се некои од нив? И како можеш да ја надвладееш оваа ситуација?
Воздржи го својот јазик!
Кога Бет имала 13 години, чувствувала дека нејзините родители повеќе се наклонети кон нејзиниот брат и дека со неа постапуваат неправедно. Таа се потсетува: „Мајка ми и јас многу си викавме, но тоа воопшто не постигна нешто добро. Јас не слушав што велеше таа, а таа не слушаше што велев јас, па затоа ништо не се постигна“. Можеби и ти си открил дека викањето само ја влошува лошата ситуација. Во Ефесјаните 4:31 се вели: „Секое огорчение и јарост, гнев, викање и хулење нека бидат подалеку од вас заедно со секоја друга злоба“.
Не мораш да се дереш за да го кажеш она што го мислиш. Сепак, еден смирен пристап честопати е поделотворен. Во Изреки 25:15 се вели: „Во долготрпеливоста е успехот на царевите, а мек јазик коски крши“. Затоа, ако изгледа дека твоите родители се виновни за пристрасност, не викај и не обвинувај. Начекај погоден момент и тогаш разговарај со нив на еден смирен начин полн со почитување. (Спореди Изреки 15:23, NW.)
Ако се сосредоточиш на недостатоците на твоите родители или ги прекоруваш за тоа колку се „нефер“, само ќе ги отуѓиш или ќе ги ставиш во одбрамбена позиција. Наместо тоа, сосредоточи се на тоа како нивните постапки влијаеле врз тебе. (,Навистина ме повредува кога ме игнорирате.‘) Тие поверојатно ќе бидат поттикнати да те сфатат сериозно. Исто така, биди „брз во слушањето“ (Јаков 1:19). Сосема е можно твоите родители да имаат оправдани причини зошто му посветуваат додатно внимание на твојот брат или сестра. Можеби има проблеми за кои ти не знаеш.
Но, што ако си склон да се разбеснуваш и да зборуваш непромислено кога си лут? Изреки 25:28 го споредува „човекот, кој не владее со духот свој“ како еден град „без ѕид“ (NW); тој веројатно ќе биде преплавен од сопствените несовршени нагони. Од друга страна, пак, способноста да ги контролираш своите чувства е знак на вистинска сила! (Изреки 16:32). Тогаш, зошто не почекаш додека не се смириш пред да ги искажеш своите чувства, можеби дури и да почекаш до следниот ден? Исто така, можеби ќе ти биде од помош да избегаш од ситуацијата, можеби да се прошеташ или да направиш некои вежби (Изреки 17:14). Ако ја воздржуваш својата уста, можеш да избегнеш да речеш нешто што повредува или што е глупаво (Изреки 10:19; 13:3; 17:27).
Прикриена непослушност
Една друга стапица која треба да се избегнува е непослушноста. Шеснаесетгодишната Мари забележала дека нејзиниот помал брат никогаш не бил казнуван кога ја прекинувал семејната библиска студија. Фрустрирана поради оваа привидна пристрасност, таа стапила „во штрајк“, одбивајќи да учествува во студијата. Дали некогаш си употребил протест со молчење или си спровел кампања на несоработување кога си сметал дека нешто не било фер?
Ако е така, сфати дека таквите прикриени тактики се во спротивност со библиската заповед да им оддаваш чест и да ги слушаш своите родители (Ефесјаните 6:1, 2). Освен тоа, непослушноста го поткопува твојот однос со родителите. Подобро е отворено да разговараш со родителите за твоите проблеми. Изреки 24:26 укажува дека оној „кој изговара зборови чесни“ го заслужува почитувањето на другите. Кога Мари дискутирала за таа работа со мајка си, тие дошле до меѓусебно разбирање и работите почнале да се подобруваат.
Опасност од изолацијата
Друг нездрав начин да се справиш со пристрасноста е да се повлечеш од своето семејство или да бараш внимание од неверниците. Тоа ѝ се случило на Касандра: „Се изолирав од моето семејство и се обрнав кон светските другари кои ги стекнав на училиште. Имав дури и момчиња, а моите родители не знаеја за тоа. Потоа станав многу депресивна и имав грижа на совеста затоа што знаев дека не го правам она што е исправно. Сакав да излезам од таа ситуација, но едноставно не можев да видам начин како да им кажам на родителите“.
Опасно е да се изолираш од твоето семејство и од соверниците — особено тогаш кога си вознемирен и не размислуваш јасно. Изреки 18:1 (NW) предупредува: „Оној кој се изолира себеси, ќе ги бара своите сопствени себични копнежи; ќе букне против секаква практична мудрост“. Ако сега ти е тешко да им пристапиш на своите родители, побарај некој христијански пријател како оној што е опишан во Изреки 17:17 (NW): „Вистинскиот другар љуби секогаш и е брат кој е роден за [тогаш кога има] неволја“. Обично таквиот ‚вистински другар‘ полесно се наоѓа меѓу зрелите членови на собранието.
Касандра нашла ‚вистински другар‘ во времето кога ѝ требало: „Кога покраинскиот надгледник [патувачки министер] го посети нашето собрание, моите родители ме охрабрија да работам со него. Тој и неговата сопруга беа толку реални и покажаа вистински интерес за мене. Навистина можев да разговарам со нив. Немав чувство дека ќе ме осудат. Сфатија дека самото тоа што си воспитан како христијанин не значи дека си совршен“. Нивното охрабрување и зрел совет биле токму она што ѝ требало на Касандра! (Изреки 13:21).
Опасноста од зависта
Изреки 27:4 опоменува: „Лут е гневот, нескротлива е јароста; но кој ќе издржи против зависта?“ Зависта и љубомората кон привилегираниот брат или сестра навела некои млади на непромислени постапки. Една жена признала: „Кога бев мала, имав тенка, ретка кафена коса а сестра ми имаше прекрасна златна бујна коса што ѝ растеше до половината. Татко ми секогаш обрнуваше преголемо внимание на нејзината коса. Тој ја нарекуваше негова ‚Златокоса‘. Една ноќ, додека таа спиеше, јас ги зедов шивачките ножици на мајка ми, на прсти отидов до нејзиниот кревет и отсеков колку што е можно повеќе коса“ (Siblings Without Rivalry од Адел Фабер и Илејн Мазлиш).
Тогаш, не е многу чудно тоа што во Библијата зависта е опишана како еден од злите ‚дела на телото‘ (Галатјаните 5:19—21; Римјаните 1:28—32). Меѓутоа, ‚склоноста кон завист‘ постои во сите нас (Јаков 4:5, NW). Затоа, ако се најдеш себеси да правиш сплетки за да го вовлечеш во неволја својот брат или сестра, да го направиш да изгледа лош или на некој друг начин да го спуштиш на земја, зависта и тоа како може да „клечи пред вратата“, обидувајќи се да те надвладее!
Што треба да сториш ако се најдеш себеси да негуваш такви штетни чувства? Како прво, обиди се да му се молиш на Бог за неговиот дух. Во Галатјаните 5:16 се вели: „Живејте по Духот, и желбите на телото ваше нема да ги извршувате“. (Спореди Тит 3:3—5.) Исто така, може да ти помогне размислувањето за твоите вистински чувства кон твојот брат или сестра. Дали навистина можеш да речеш дека не чувствуваш никаква љубов кон него — и покрај твојата огорченост? Па, Писмото ни вели дека „љубовта не завидува“ (1. Коринтјаните 13:4). Затоа, одбиј да размислуваш за негативните мисли кои побудуваат завист. Труди се да се радуваш со таквиот ако тој добива посебно внимание од твоите родители. (Спореди Римјаните 12:15.)
И твоите разговори со родителите може да се покажат од помош во овој поглед. Ако се уверат дека е потребно да ти посветат поголемо внимание, тоа многу ќе ти помогне да ги надминеш чувствата на завист кон твоите браќа или сестри. Но, што ако работите дома не се подобрат и ако пристрасноста потрае? Немој да се разлутуваш, да викаш или да се буниш против своите родители. Обиди се да одржиш корисен, послушен став. Ако е потребно, побарај поддршка од оние кои се зрели во христијанското собрание. Над сѐ, приближи му се на Јехова Бог. Сети се на зборовите на псалмистот: „Во случај сопствениот татко и сопствената мајка да ме остават, дури самиот Јехова ќе ме прими“ (Псалм 27:10, NW).
[Фусноти]
a Некои имиња се изменети.
b Види ја статијата „Зошто брат ми го добива сето внимание?“ во изданието на Разбудете се! од 8 февруари 1998.
[Слика на страница 23]
Тоа што ќе објасниш дека се чувствуваш запоставен може да го реши проблемот