Тие се решени да не се предадат
ВО РАЗБУДЕТЕ СЕ! од 8 февруари 1999 имаше една кратка статија за борбата што 17-годишниот Мат Тапио ја водеше против ракот. Таа беше со наслов: „Тој не се предал“. Мат умре на 19 април 1998, додека се подготвуваше статијата.
Статијата цитираше што рече Мат на снименото интервју кое беше пуштено на еден состанок на Јеховините сведоци и тоа се покажа особено трогателно за младите читатели. Еве некои нивни мисли.
Дезире, 20-годишна девојка од Канада, напиша за тоа како влијаело врз нејзе и нејзината партнерка во полновремената служба кога прочитале колку Мат го љубел Јехова: „Се расплакавме. Плачевме некое време . . . Колку само можеме сите ние, посебно младите, да научиме од Мат да ‚правиме што можеме сега! . . Што и да се случи, никогаш да не престанеме да сведочиме за Јехова‘!“
Ерин, од Кентаки (САД), напишала: „Не можев а да не плачам додека го читав неговото искуство. Како здрава 16-годишна девојка, сакам да направам колку што е можно повеќе за Јехова додека можам, така што еден ден, кога ќе воскресне, ќе можам лично да му кажам на Мат колку ме охрабри неговото искуство“. Исто така, Марија, 15-годишна девојка од Тексас (САД), објаснила: „Решена сум да правам за Јехова сѐ што можам додека сѐ уште имам добро здравје. Советот на Мат многу ми помогна“.
Џесика, младинка од Јужна Каролина (САД), напишала: „Имам 13 години и лично сметам дека е крајно охрабрувачки кога ќе се види друг младинец полн со толкава ревност и љубов кон Јехова. Само тоа што прочитав за состојбата на Мат Тапио ме натера да увидам колку сум благословена со тоа што сум здрава. Го додадов името на Мат на списокот на браќа и сестри кои планирам да ги поздравам во новиот систем!“
Сара, од Сан Северино Марке (Италија), напишала: „Статијата ме расплака. Имам 17 години, исто како Мат. Бидејќи сум со добро здравје, желба ми е никогаш да не престанам да зборувам за Јехова, исто како што имал желба Мат, дури и во најтешките мигови од неговиот живот. Ви благодарам што објавувате вакви искуства, кои нѐ мотивираат да му го дадеме на Јехова најдоброто од нашиот живот, време и енергија (Проповедник 12:1)“.
Поддржани од надежта во воскресение
Сеедно дали некој е млад или стар, денес е вообичаено да се соочи со реалноста на смртта. Хајди, 19 години, забележа: „Во последниве две седмици умреа две личности кои ми беа блиски и единственото нешто што ме одржа е надежта дека ќе ги видам во воскресението.
Многу се гордеам со Мат и со неговата цврста решеност да продолжи да им сведочи на другите и покрај тоа што бил толку болен. Тој е вистински пример за сите и едвај чекам да го прегрнам во воскресението“.
Една мајка по име Ненси напишала: „Низ солзи ја прочитав статијата. Нашата ќерка Рашел почина од тумор на ’рбетниот мозок на 11 јануари 1996, само два дена пред Мат да ја оствари својата цел да се крсти. Рашел имаше само шест години кога туморот ѝ го одзеде животот, но исто како Мат, таа беше борец и секогаш даваше сѐ од себе за да му угоди на Јехова.
Ќе биде величествен денот кога Јехова ќе ни го даде благословот да ја видиме нашата ќерка здрава и способна потполно да се радува на своето детство. Исто како Јаир и неговата сопруга, ќе бидеме вон себе од ‚восхитеност‘“ (Марко 5:42, NW).
Шенон од Џорџија (САД) напиша: „Оваа животна приказна ми покажа дека можеме да бидеме силни за Јехова дури и кога сме болни. Иако сега не боледувам од некоја сериозна болест и отсекогаш сум имала добро здравје, ќе го чувам ова за да го читам подоцна.
Се надевам дека родителите на Мат ќе најдат утеха во надежта во воскресение. И јас изгубив личност која ми беше блиска — баба ми, во 1995. Многу сум благодарна што го познавам Јехова и што ја имам надежта повторно да ги видам моите љубени“.
Една тинејџерка од Шпанија напишала: „Моите родители ја всадија во моите четири сестри и во мене важноста на присуствувањето на христијанските состаноци. Но, откако го прочитав ова искуство, сфаќам дека би можеле да почнеме да ги сметаме за рутина. Би сакала да им честитам на родителите на Мат за тоа што му дале толку добро духовно образование. Тие се пример за сите нас. Би сакала да знаат дека, иако е тешко да се справиме со таквата празнина, Јехова секогаш е покрај нас.
Се надевам дека ќе го сретнам Мат во новиот свет. Би сакала да му кажам дека тој е голем пример и дека се сеќаваме на него во нашите срца. Јехова е Бог на живите, а Мат сега е на истото место како и сестра ми која умре пред четири години — во сеќавањето на Јехова (Лука 20:38). Мат, сестра ми Ева и многу други верни Божји слуги се присутни таму. Јехова е прекрасен и никогаш нема да нѐ напушти“.
Навистина, надежта во воскресението е прекрасна. Да ни биде скапоцена и да го покажеме нашето ценење за ова величествено ветување со тоа што секојдневно ќе се сеќаваме на нашиот Творец, исто како што се сеќавал и неговиот драг Син, Исус Христос.
[Слика на страница 24]
Дезире
[Слика на страница 24]
Ерин
[Слика на страница 24]
Марија
[Слика на страница 24]
Џесика
[Слика на страница 25]
Сара
[Слика на страница 25]
Хајди
[Слика на страница 25]
Ненси, со својот сопруг и ќерката Рашел
[Слика на страница 25]
Шенон