ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g00 8/2 стр. 25-27
  • Зошто не можам да бидам подруштвен?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Зошто не можам да бидам подруштвен?
  • Разбудете се! 2000
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Проблемот со срамежливоста
  • Срамежливоста — вообичаен проблем
  • Затворен круг
  • Други фактори
  • Како можам да бидам подруштвен?
    Разбудете се! 2000
  • Како да ја победам срамежливоста?
    Младите прашуваат
  • Дали си срамежлив?
    Нашата служба за Царството 2000
  • Практична помош за младите
    Разбудете се! 2009
Повеќе
Разбудете се! 2000
g00 8/2 стр. 25-27

Младите прашуваат . . .

Зошто не можам да бидам подруштвен?

„Срамежливоста парализира. Таа е напнат страв со кој мора да се справиш и кој е толку реален“ (Ричард).a

„Додека растев, имав вистински проблем со срамежливоста. Се чувствував како да живеам во свој сопствен мал свет“ (18-годишната Елизабет).

‚ДАЛИ нешто не е во ред со мене? Зошто не можам да бидам подруштвен?‘ Дали некогаш си ги поставуваш овие прашања? Исто како Ричард, кој е цитиран погоре, можеби и ти имаш трема или си вознемирен кога прв пат се сретнуваш со некого. Можеби се грчиш од страв кога си во присуство на авторитетни лица. Или, пак, можеби толку многу си загрижен за тоа што ќе речат другите за тебе што кога ќе ти се даде прилика да ги изразиш своите чувства или мислење, замолчуваш. „Навистина ми е тешко да им пристапам и да разговарам со луѓе што не ги познавам добро“, признава младата Трејси.

Што се крие зад таквите чувства? Разбирањето на овој проблем може да биде првиот чекор за да го победиш (Изреки 1:5). Една жена рекла: „Не знаев зошто се чувствувам непријатно во присуство на луѓе. Но сега, кога сфатив во што е мојот проблем, можам да работам на тоа“. Затоа, ајде да разгледаме неколку причини зошто на некои млади им е тешко да бидат друштвени.

Проблемот со срамежливоста

Највообичаена причина веројатно е срамежливоста. Додека еден друштвен младинец обично има склопено различни пријателства, срамежливиот, повлечен младинец може да се чувствува осамен и изолиран. „Додека растев, имав вистински проблем со срамежливоста“, вели 18-годишната Елизабет. „Се чувствував како да живеам во свој сопствен мал свет.“ Дајен се сеќава на стресот со кој се соочувала во првата година од средното училиште. „Не сакав да ме забележат. Имав една наставничка која ни рече да процениме колку е важно да се биде популарен, според нашето мислење. На една скала од нула до пет, нула значеше дека воопшто не ни е важно, а пет значеше важно. Сите девојчиња кои беа популарни во училиштето ставија пет. Јас ставив нула. За мене, срамежливоста претставуваше речиси страв од популарност. Не сакаш да те забележат ниту да бидеш центар на вниманието затоа што се плашиш дека другите можеби нема да те сакаат.“

Се разбира, склоноста да се биде малку срамежлив не е нешто толку лошо. Блиско поврзана со срамежливоста е скромноста — свесност за нашите ограничувања. Всушност, во Библијата имаме заповед ‚скромно да одиме со нашиот Бог‘ (Михеј 6:8, NW). Полесно е да се биде со некој што е скромен, па дури и малку срамежлив, отколку со некој што е дрзок, агресивен или заповеднички настроен. Иако е точно дека има „време кога се зборува“, има и „време кога се молчи“ (Проповедник 3:7). На срамежливите луѓе можеби не им е тешко да молчат. Заради тоа што се склони да бидат ‚брзи во слушањето, а спори во зборувањето‘, другите честопати ги ценат како добри слушачи (Јаков 1:19).

Но, многу често некој младинец е толку молчелив, срамежлив или плашлив што му е тешко да склопува пријателства. А во некои екстремни случаи, срамежливоста може да создаде, како што вели еден писател, „еден вид невротичен самонаметнат затвор“ — изолација од другите (Изреки 18:1, NW).

Срамежливоста — вообичаен проблем

Ако те мачи срамежливоста, сфати дека таа е сосема вообичаен проблем. Во едно истражување спроведено меѓу средношколци и студенти на колеџ, „82 проценти од нив се сметале за срамежливи во некој период во нивниот живот“ (Adolescence [Адолесценција], од Иствуд Атвотер). Срамежливоста им била проблем дури и на некои луѓе од библиските времиња. Познати луѓе, како што биле Мојсеј и Тимотеј, можеби се бореле со неа (2. Мојсеева 3:11, 13; 4:1, 10, 13; 1. Тимотеј 4:12; 2. Тимотеј 1:6—8).

Размисли за Саул, првиот цар на древната нација Израел. Обично Саул бил храбар човек. Кога татко му ги изгубил своите стада, Саул смело тргнал да ги спаси (1. Царства 9:3, 4). Но, кога бил назначен за цар на нацијата, одеднаш добил напад на срамежливост. Наместо да се соочи со радосното мноштво, Саул се скрил меѓу покривките (1. Царства 10:20—24).

Привидниот недостиг на самодоверба на Саул можеби изгледа чуден. Всушност, Библијата го опишува како впечатлив, убав млад маж. Па, ‚тој бил за глава повисок од сиот народ‘! (1. Царства 9:2). Освен тоа, Божјиот пророк го уверил Саул дека Јехова ќе го благослови неговото владеење како цар (1. Царства 9:17, 20). Сепак, Саул не се чувствувал сигурен во себе. Кога му било речено дека ќе биде цар, тој скромно одговорил: „Не сум ли јас син од Венијаминово колено, едно од најмалите Израилеви колена? И домот мој не е ли најмал меѓу домовите од Венијаминовото колено? Тогаш, зошто ми го говориш тоа?“ (1. Царства 9:21).

Ако можело да му недостига самодоверба на некого како Саул, тогаш не е чудно што понекогаш можеби малку ти недостига и тебе. Како млад човек, ти си во таква фаза од животот кога твоето тело брзо се менува. Штотуку почнуваш да учиш како да се однесуваш во светот на возрасните. Затоа, сосема е нормално понекогаш да се чувствуваш малку срамежлив и несигурен. Во списанието Parents (Родители), д-р Дејвид Елкајнд напишал: „Во раната адолесценција, повеќето млади луѓе минуваат низ период на срамежливост, кога почнуваат да создаваат, како што велам јас, замислена публика — чувство дека другите ги гледаат и дека се преокупирани со нивниот изглед и постапки“.

Многу млади се загрижени за својот изглед затоа што врсниците честопати ги проценуваат врз основа на нивната надворешност. (Спореди 2. Коринтјаните 10:7.) Меѓутоа, не е добро да се биде премногу загрижен за изгледот. Една млада жена од Франција, по име Лајла, се сеќава на своето искуство воврска со ова: „Го имав проблемот што го имаат многу млади луѓе. Имав акни — мозолчиња! Не се осмелуваш да им се приближиш на другите затоа што премногу мислиш на тоа како изгледаш“.

Затворен круг

Заради тоа што срамежливите луѓе честопати се погрешно сфатени, тие лесно можат да бидат фатени во еден затворен круг на изолација. Книгата Адолесценција забележува: „На срамежливите адолесценти им е потешко да склопуваат пријателства затоа што честопати се погрешно сфатени од другите на негативен начин. Срамежливите лица се сметаат за резервирани, здодевни, незаинтересирани, вообразени, ладни и непријателски настроени. Кога со нив се постапува на таков начин, тие може да се чувствуваат уште поизолирани, поосамени и подепримирани“. Тоа неизбежно предизвикува да се однесуваат уште посрамежливо, а ова, пак, само го зголемува погрешниот впечаток дека се снобови или дека се надуени.

Се разбира, бидејќи како христијанин ти си „призор на светот“, треба да си заинтересиран за тоа каков впечаток оставаш кај другите (1. Коринтјаните 4:9). Дали избегнуваш да ги гледаш луѓето во очи кога разговараш со нив? Дали твојот став и гестови испраќаат порака дека сакаш да те остават на мира? Тогаш, сфати дека другите можеби погрешно ќе те сфатат и ќе те избегнуваат. Тоа може уште повеќе да ти отежне да склопуваш пријателства.

Други фактори

Еден друг вообичаен проблем е стравот од неуспех. Точно, сосема е нормално да се чувствуваш малку несигурен или колеблив кога правиш нешто ново, нешто што е вон твоето досегашно искуство. Но, некои млади одат во крајности. Како што вели Гејл, кога била млада имала социјална фобија. Таа вели: „Не давав коментари во одделението. А моите родители постојано беа бомбардирани со коментари како: ‚Таа не крева рака. Не кажува што мисли‘. За мене тоа беше многу непријатно и стресно. Знаете, дури и сега сѐ уште ми е тешко“. Стравот од неуспех може да парализира. „Се плашам да не направам грешки“, вели младиот Питер. „Не сум сосема сигурен во она што го правам.“ Бруталното исмејување и критикувањето од страна на врсниците може да ги зголеми личните стравови и трајно да ја наруши самодовербата на младинецот.

Недостигот на вештина во дружењето е уште еден вообичаен проблем. Можеби се колебаш да се претставиш пред некој нов, едноставно затоа што не знаеш што да речеш. Но, ќе се изненадиш кога ќе дознаеш дека дури и постарите понекогаш се чувствуваат непријатно пред другите. Фред, еден бизнисмен, вели: „Во деловниот свет многу добро знам да го направам она што го правам. Кога зборувам за бизнисот, ништо не ме спречува да оставам добар впечаток. Но, кога ќе почнам приватен разговор со истите луѓе, се колебам. Можеби ќе ме означат како здодевен или службен, или дека сум премногу технички или не многу интересен“.

Сеедно дали си срамежлив, плашлив или само ти е незгодно пред другите луѓе, во твоја корист е да научиш да бидеш подруштвен. Библијата ги охрабрува христијаните да се ‚рашират‘ и да ги запознаат другите! (2. Коринтјаните 6:13). Но, како можеш да го направиш тоа? За ова ќе дискутираме во следното издание.

[Фуснота]

a Некои имиња се променети.

[Слика на страница 26]

За срамежливите луѓе честопати се мисли дека се резервирани

[Слика на страница 26]

Заради стравот од неуспех некои млади се повлекуваат од другите

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели