ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g00 8/2 стр. 20-24
  • Подигање деца во Африка во тешки времиња

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Подигање деца во Африка во тешки времиња
  • Разбудете се! 2000
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Во Африка и брак
  • Нашата преселба во Јужна Родезија
  • И Берти и јас сме затворени
  • Нашата служба после војната
  • Нова доделба за проповедање
  • Ризично враќање
  • Благословена со прекрасно семејство
  • Зајакнат од нашето светско братство
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
  • Да се расте со Јеховината организација во Јужноафриканската Република
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • „Сегашниот живот“ — го живеам во потполност!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
  • Гледав како Јехова ги благословува своите верни слуги
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2023
Повеќе
Разбудете се! 2000
g00 8/2 стр. 20-24

Подигање деца во Африка во тешки времиња

РАСКАЖАЛА КАРМЕН МАКЛАКИ

Беше 1941 година. Беснееше ІІ светска војна. Јас бев 23-годишна мајка од Австралија, но заедно со моето петмесечно бебе се наоѓавме во затворот во Гвело, Јужна Родезија (сега Гверу, Зимбабве). Мојот сопруг беше во затвор во Сализбери (сега Хараре). За другите наши деца — на возраст од две и три години — се грижеа моите две пасторчиња кои беа на тинејџерска возраст. Да Ви објаснам како се најдов во оваа ситуација.

ЖИВЕЕВ со мајка ми и татко ми во Порт Кембла, околу 50 километри јужно од Сиднеј (Австралија). Во 1924, Клер Хонисет дојде кај мајка ми и кај нејзе го подбуди интересот за библиските науки прашувајќи ја дали го сфаќа значењето на Господовата молитва. Клер објасни што значи да се свети Божјето име и потоа рече дека Царството ќе ја спроведе Божјата волја на земјата (Матеј 6:9, 10). Мајка ми беше вчудовидена. И покрај тоа што татко ми се противеше, таа почна подлабоко да ги истражува библиските вистини.

Кратко потоа се преселивме во едно предградие на Сиднеј. Оттаму мајка ми и јас пешачевме околу пет километри за да присуствуваме на состаноците на Библиските студенти, како што тогаш се нарекуваа Јеховините сведоци. Иако татко ми никогаш не стана Сведок, тој дозволи во нашиот дом да се водат библиски студии. Сведоци станаа двајца негови браќа, Макс и Оскар Зајдел, некои од семејството на Макс, мојот помлад брат, Тери, и мојата помлада сестра, Милда.

Во 1930, Watch Tower Society купи едрилица долга 16 метри, која подоцна го доби името Lightbearer (Светлоносец). Две години овој брод беше укотвен на долниот дел од нашиот имот на реката Џорџиз. Таму го поправија за да можат да го користат Јеховините сведоци во проповедничкото дело на индонезиските острови. Сестра ми Корал и јас понекогаш ја чистевме бродската кабина и палубата и ја земавме на заем ламбата од врвот на јарболот за да одиме да ловиме ракчиња.

Во Африка и брак

Во средината на 1930-тите, во Австралија настапи економска криза. Мајка ми и јас заминавме за Јужна Африка за да видиме дали ќе биде погодно нашето семејство да се пресели таму. Носевме писмо со препорака од канцеларијата на подружницата во Австралија до Џорџ Филипс, кој во тоа време го надгледуваше проповедничкото дело во јужна Африка. Џорџ беше дојден на пристаништето во Кептаун за да го пречека нашиот брод. За да можеме да го препознаеме, под мишка ја држеше книгата Riches (Богатство) издадена од Watch Tower Society. Истиот ден, на 6 јуни 1936, нѐ запозна со петте членови на персоналот на подружницата, вклучувајќи го и Роберт А. Маклаки.a Во рок од една година, Берти, како што го викавме сите, и јас стапивме во брак.

Прадедо му на Берти, Вилијам Маклаки, дошол во Африка во 1817 од Пејзли (Шкотска). На своите први патувања, Вилијам се запознал со Роберт Мофат, човекот кој го создал писмениот облик на јазикот цвана и ја превел Библијата на тој јазик.b Во тие денови, Вилијам и неговиот партнер Роберт Скун биле единствените белци кои ја уживале довербата на Мзиликази, угледен воин во војската на прочуениот Зулу поглавар Шака. Како резултат на тоа, Вилијам и Роберт биле единствените белци на кои им било дозволено да влезат во домородечкото село на Мзиликази, каде што сега се наоѓа градот Преторија (Јужна Африка). Подоцна Мзиликази стана државник и кон средината на 19-тиот век обедини многу племиња во едно централизирано африканско царство.

Кога се запознав со Берти, тој беше вдовец кој ја имаше 12-годишната ќерка, Лајл, и 11-годишниот син, Донован. Берти прв пат ги чул библиските вистини во 1927, неколку месеци по смртта на неговата сопруга, Една. Во текот на следните девет години ја проповедал добрата вест за Божјето Царство на островите Маурициус и Мадагаскар, како и во Њасаленд (сега Малави), Португалска Источна Африка (сега Мозамбик) и Јужна Африка.

Во Јоханесбург беше полесно Берти да најде работа и затоа, неколку месеци откако се венчавме, заедно со Лајл и Донован се преселивме таму. Некое време јас служев како пионер, како што се нарекуваат полновремените министри на Јеховините сведоци. Тогаш забременив со Питер.

Нашата преселба во Јужна Родезија

По некое време, брат му на Берти, Џек, нѐ викна да му се придружиме во еден потфат, да копаме злато во близината на Филабуси (Јужна Родезија). Берти и јас отидовме таму заедно со Питер, кој тогаш имаше една година, додека мајка ми привремено се грижеше за Лајл и Донован. Кога дојдовме до реката Мзингвани, таа беше преплавена и моравме да ја преминеме во еден сандак кој се влечеше со јаже оптегнато од едниот до другиот брег. Јас бев шест месеци бремена со Полин и морав цврсто да го држам Питер во прегратка! Беше страшно, особено кога јажето речиси ја допре водата кога бевме на средината на реката. Освен тоа, беше полноќ и истураше дожд! Откако ја преминавме реката, моравме да пешачиме околу два километра за да стигнеме до куќата на еден наш роднина.

Подоцна изнајмивме една стара ранчерска куќа полна со термити. Имавме скудна покуќнина — некои елементи ги направивме од кутии кои се користеле за динамит и фитил. Полин често се разболуваше од воспаление на грлото, но немавме пари да купиме лекови. Јас бев скршена од болка, но бевме благодарни што Полин секогаш успеваше да преживее.

И Берти и јас сме затворени

Еднаш месечно одевме во градот Булавајо, оддалечен околу 80 километри, за да го продадеме златото во банката. Одевме и во Гуанда, едно гратче кое беше поблиску до Филабуси, за да набавиме намирници и да учествуваме во службата. Во 1940, годината кога започна II светска војна, нашето проповедничко дело во Јужна Родезија беше забрането.

По кратко време бев уапсена додека проповедав во Гуанда. Тогаш бев бремена со моето трето дете, Естрела. Додека се разгледуваше мојата жалба, Берти беше уапсен заради тоа што проповедал во Сализбери, оддалечен околу 300 километри од местото каде што живеевме.

Во тоа време нашата ситуација беше ваква: Питер лежеше во болницата во Булавајо бидејќи беше болен од дифтерија и не се знаеше дали ќе преживее. Јас штотуку се породив со Естрела и една пријателка ме однесе од болницата до затворот за да му ја покажам на Берти новородената ќерка. Подоцна, кога беше одбиена мојата жалба, еден богат индиски трговец љубезно плати кауција за мене. По некое време, во рудникот дојдоа тројца полицајци за да ме однесат в затвор. Ми дадоа избор. Можев да одам во затвор заедно со моето петмесечно бебе или, пак, да го препуштам на грижата на нашите тинејџери, Лајл и Донован. Одлучив да го земам со себе.

Добив задача да крпам облека и да чистам. Исто така, ми беше доделена негувателка за да помага во грижата околу Естрела. Таа беше една млада затвореничка по име Матоси, која беше на издржување на доживотна казна заради тоа што го убила својот сопруг. Матоси плачеше кога ме ослободија затоа што повеќе нема да се грижи за Естрела. Чуварката на затворот ме покани на ручек кај неа дома и потоа ме испрати на воз за да го посетам Берти во затворот во Сализбери.

Додека Берти и јас бевме в затвор, за малите Питер и Полин се грижеа Лајл и Донован. Иако Донован имаше само 16 години, тој продолжи со копањето во рудникот. Кога Берти беше пуштен од затвор, одлучивме да се преселиме во Булавајо, бидејќи работата во рудникот не одеше добро. Берти најде работа во железницата, а јас го дополнував нашиот приход со помош на моите новостекнати вештини како шивачка.

Работата на Берти како ковач во железницата се сметаше за многу важна и затоа беше ослободен од воена служба. Во текот на тие воени години, десетина бели Сведоци во Булавајо доаѓаа на состаноци во нашата малечка еднособна куќа, а неколку наши црни браќа и сестри се состануваа на друго место во градот. Но, сега во Булавајо има 46 собранија на Јеховините сведоци, составени и од црнци и од белци!

Нашата служба после војната

После војната, Берти поднесе молба до железницата да добие преместување во Умтали (сега Мутаре), едно прекрасно гратче на границата со Мозамбик. Сакавме да служиме онаму каде што имаше поголема потреба од проповедници на Царството, а Умтали изгледаше како совршено место бидејќи во тој град немаше Сведоци. За време на нашиот краток престој таму, семејството Холтсхаузен, кои имаа пет синови, станаа Сведоци. Сега во тој град има 13 собранија!

Во 1947, како семејство дискутиравме за можноста Берти повторно да започне со пионерската служба. Лајл, која се врати од пионерење во Јужна Африка, ја поддржа оваа идеја. Во тоа време Донован пионереше во Јужна Африка. Но, кога канцеларијата на подружницата во Кептаун дозна дека Берти сака повторно да пионери, го замолија наместо тоа да отвори складиште за литература во Булавајо. Така даде отказ од железницата и се вративме назад. Кратко потоа, во Булавајо пристигнаа првите мисионери во Јужна Родезија, вклучувајќи го и Ерик Кук, Џорџ и Руби Бредли, Филис Кајт и Миртл Тејлор.

Во 1948, во Булавајо дојде третиот претседател на Watch Tower Society, Натан Х. Нор, заедно со својот секретар, Милтон Џ. Хеншел, и направи подготовки складиштето да стане подружница, чиј надгледник ќе биде брат Кук. Следната година се роди нашата ќерка Линдзи. Потоа, во 1950, подружницата беше префрлена во Сализбери, главниот град на Јужна Родезија, а таму се преселивме и ние. Купивме една голема куќа во која живеевме многу години. Секогаш кај нас престојуваа пионери и посетители, па затоа нашиот дом стана познат како „Хотелот Маклаки“!

Во 1953, Берти и јас присуствувавме на меѓународниот конгрес на Јеховините сведоци на стадионот Јенки во Њујорк Сити. Колку знаменит настан беше тоа! Пет години подоцна, Лајл, Естрела, Линдзи и 16-месечниот Џереми беа заедно со нас во текот на сите осум дена на големиот меѓународен конгрес во 1958 на стадионот Јенки и на блискиот Поло Граундз. На јавното предавање последниот ден имаше рекорден број од повеќе од четврт милион присутни!

Нова доделба за проповедање

Берти служеше околу 14 години како надворешен соработник во канцеларијата на подружницата во Сализбери, но потоа одлучивме да служиме на Сејшелите, каде што имаше поголема потреба. Го продадовме нашиот дом и мебелот и го спакувавме она што преостана од нашите лични работи во нашиот автомобил караван Опел. Со 12-годишната Линдзи и 5-годишнот Џереми патувавме околу 3.000 километри по нерамните и неасфалтирани патишта на Северна Родезија (сега Замбија), Тангањика (сега дел од Танзанија), и Кенија, конечно пристигнувајќи во пристанишниот град Момбаса.

Во Момбаса беше неподносливо жешко, но имаше прекрасни плажи. Го оставивме автомобилот кај еден локален Сведок и се качивме на тридневното патување со брод до Сејшелите. Кога пристигнавме, нѐ пресретна Норман Гарднер, човек кој добил основно спознание за библиската вистина од еден сведок во Дар ес Салам (Тангањика). Тој договори да ја изнајмиме куќата на преминот Сан Соси, изграден за полицијата што го чуваше грчкиот православен владика Макариос, кој беше протеран од Кипар во 1956.

Бидејќи нашиот дом беше многу изолиран, по еден месец се преселивме во една куќа на брегот на Бовало. Таму ги каневме луѓето на говори кои Берти ги одржуваше на нашиот балкон. Почнавме библиска студија со семејството Биндшедлер, и по неколку месеци Берти ги крсти нив и нивната усвоена ќерка, како и Норман Гарднер и неговата сопруга. Со Норман и неговото бротче одевме и на островот Серф, каде што Берти одржуваше библиски предавања во хангар за чамци.

Откако поминавме околу четири месеци на Сејшелите, шефот на полицијата ни рече дека мора да престанеме да проповедаме затоа што во спротивно ќе нѐ депортираат. Не стоевме добро финансиски, а јас повторно бев бремена. Одлучивме да продолжиме со нашето јавно проповедање затоа што знаевме дека и онака набрзо ќе си заминеме. Така, кога пристигна следниот брод од Индија отприлика после еден месец, ние бевме депортирани.

Ризично враќање

Кога пристигнавме во Момбаса, си го зедовме автомобилот и се упативме на југ по песокливиот крајбрежен пат. Кога пристигнавме во Танга, моторот на автомобилот откажа. Нашите финансиски средства беа при крај, но еден роднина и уште еден Сведок ни помогнаа. Додека бевме во Момбаса, еден брат се понуди да нѐ финансира ако одиме да проповедаме на север, во Сомалија. Меѓутоа, јас не се чувствував добро и затоа сакавме да се вратиме дома, во Јужна Родезија.

Преминавме од Тангањика во Њасаленд и патувавме по западната страна на езерото Њаса, сега наречено езеро Малави. Јас толку се разболев што го замолив Берти да ме остави да умрам покрај патот! Бевме во близина на градот Лилонгве и тој ме одведе во тамошната болница. Од инјекциите со морфиум ми беше малку полесно. Бидејќи не можев да го продолжам патувањето со автомобил, Берти и децата возеа околу 400 километри до Блантир. Еден роднина ми помогна по неколку дена да им се придружам со авион. Од Блантир летав до Сализбери, а Берти и децата патуваа кон дома со автомобил.

Колку само ни олесни кога сите стигнавме во Сализбери во домот на нашата ќерка Полин и нејзиниот сопруг! Во 1963 се роди нашето последно дете, Ендрју. Едното белодробно крило не му функционираше и не се очекуваше дека ќе преживее, но за среќа, преживеа. Потоа се преселивме во Јужна Африка и конечно се населивме во Питермарицбург.

Благословена со прекрасно семејство

Берти мирно почина на 94-годишна возраст во 1995, и оттогаш јас живеам сама во нашиот дом овде. Но, воопшто не сум осамена! Лајл и Полин му служат на Јехова заедно со своите семејства овде, во Јужна Африка, а некои од нив живеат во Питермарицбург. Линдзи и нејзиното семејство се во Калифорнија (САД), каде што сите се активни Сведоци. Нашите две најмлади деца, Џереми и Ендрју, се преселија во Австралија, каде што обајцата се среќно оженети и служат како старешини во своите собранија.

Сите осум деца некогаш учествувале во пионерската служба, а шест служеа во канцелариите на подружниците на Watch Tower Society. Донован дипломираше на 16-тиот клас на библиската школа Гилеад на Watchtower во февруари 1951 и служеше како патувачки надгледник во Соединетите Држави пред да се врати да работи во канцеларијата на подружницата во Јужна Африка. Сега е христијански старешина во Клерксдорп, оддалечен околу 700 километри од Питермарицбург. Естрела живее заедно со својот сопруг, Џек Џонс, во светското седиште на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк).

Питер, мојот првороден, помина неколку години во полновремена служба, како во пионерска служба така и во канцеларијата на подружницата во Родезија. Но, пред неколку години, тагував кога тој прекина да се дружи со христијанското собрание.

Кога ќе размислам за мојот живот, можам да речам дека навистина сум среќна што како тинејџер отидов во Африка со мајка ми. Точно е дека животот не беше секогаш лесен, но имав предност да му бидам поддршка на мојот сопруг и да подигнам семејство кое помогна да се шири проповедањето на добрата вест за Божјето Царство во земјите на јужна Африка (Матеј 24:14).

[Фусноти]

a Личната приказна на Роберт Маклаки се појавува во англиското издание на Стражарска кула од 1 февруари 1990, страници 26—31.

b Видете на страница 11 од брошурата Книга за сите луѓе, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

[Карта на страници 22 и 23]

(Види во публикацијата)

ЈУЖНА АФРИКА

Кептаун

Питермарицбург

Клерксдорп

Јоханесбург

Преторија

ЗИМБАБВЕ

Гванда

Булавајо

Филабуси

Гверу

Мутаре

Хараре

ЗАМБИЈА

МОЗАМБИК

МАЛАВИ

Блантир

Лилонгве

ТАНЗАНИЈА

Dar es Salaam

Танга

КЕНИЈА

Момбаса

СЕЈШЕЛИ

СОМАЛИЈА

[Слика на страница 20]

Со Питер, Полин и Естрела, пред да ја земам Естрела во затворот со мене

[Слика на страница 21]

Лајл и Донован пред нашата ранчерска куќа во близината на Филабуси

[Слика на страница 23]

Берти, Лајл, Полин, Питер, Донован и јас во 1940

[Слики на страница 24]

Кармен и пет нејзини деца (во насока на стрелката на часовникот од лево): Донован, додека бил во Гилеад во 1951, и Џереми, Линдзи, Естрела и Ендрју денес

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели