Подземниот свет на Париз
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ФРАНЦИЈА
ГО БИРАМ бројот, вознемирено надевајќи се дека некој ќе се јави. „Ало! Ало!“, велам. „Клучевите од автомобилот ми паднаа во одводот! Ве молам, дојдете веднаш!“ Брзо пристигнува специјална екипа водоводџии. Нивната работа е да ги одзатнуваат одводните канали, да ги сушат поплавените подруми и да ги вадат клучевите, очилата, портмонеата, па дури и милениците кои редовно се губат во 18.000-те одводи во Париз. Ми ги враќаат клучевите, а јас срдечно им се заблагодарувам со воздишка на олеснување.
Следниот ден одлучувам да го посетам Musèe des Ègouts (Водоводниот музеј) на левиот брег на реката Сена, на спротивната страна од нашите прочуени бротчиња за пловење по реката и во сенката на Ајфеловата кула. Веќе 130 години, Париз гордо го покажува својот подземен свет. Открив зошто кога станав дел од повеќе од 90.000-те љубопитни луѓе кои секоја година го посетуваат овој необичен музеј. Придружете ми се додека одблизу го разгледувам она што прочуениот француски писател од 19 век, Виктор Иго, го нарекол „црева на Левијатанот“ — одводните канали на Париз.
Пристапни „црева“
Спуштен 5 метри под земја, го гледам првиот музејски експонат — препариран стаорец. Ме лазат морници! Се вели дека на секој жител на Париз има по три стаорци, кои неверојатно добро ги варат во желудникот дури и најјаките отрови. Сигурно се добро нахранети. Секој ден стаорците голтаат 100 тони, односно една третина од отпадните материи во одводните канали.
Камчиња, шајки, клучеви и други тешки предмети се мешаат со отпадната вода и дождот и се натрупуваат во одводните канали. Придружени од звукот на водата што капе, разгледајте ги машините што ги прочистуваат 2.100-те километри од овие џиновски „црева“. Секоја година, околу илјада водоводџии отстрануваат 15.000 кубни метри отпадни материи. Мракот, тушот од нечиста вода, калливите ѕидови и наглите искачувања на нивото на водата можат многу да ја отежнат работата на еден водоводџија.
Патем речено, по должината на таванот на одводните канали се протегаат обвиткани цевки во кои е сместена огромна мрежа од водоводни цевки, телефонски жици и семафорски кабли.
Започнало со Римјаните
Римјаните биле првите кои го снабдиле Париз со одводни канали. Околу 18 метри од римските одводни канали сѐ уште се наоѓаат под урнатините на римските топли бањи во Латинскиот кварт. Но, кога паднала Римската империја, се заборавило на хигиената. Париз останал нечист и нездрав со векови и ги имал само основните одводни канали (одводи среде улиците) или ендеци низ кои се одливале течните отпадни материи. Ендеците смрделе и биле плодно тло за инфекции. Во 1131, најстариот син на цар Луј VI умрел од инфекција што ја добил откако паднал во еден отворен одводен канал.
Одводите под отворено небо служеле како места за фрлање ѓубре, а исто така и неколкуте новонаправени покриени одводи, кои лесно се затнувале. За работите да бидат уште полоши, кога ќе се накачело нивото на водата на реката Сена, одводните канали исфрлале кал и отпадни материи од кои се ширела одвратна смрдеа. Во тоа време, „дигестивниот систем“ на Париз бил многу мал. Во 1636, „цревата“ биле долги само 23 километри и служеле за население од 415.000 жители. По еден и пол век, тие биле подолги за само 3 километри. Во времето на Наполеон боледувале од „тешка индигестија“.
Во 19-тиот век, одводните канали биле проверени и внесени на мапа. Се покажало дека се состојат од речиси двесте тунели, а за многу од нив претходно не се знаело. Како биле отстранети тоните кал која се таложела со векови? Се раширил глас дека под улиците на Париз можеле да се пронајдат скапоцености. Затоа, внатре влегле мноштво алчни ловци на богатство. Тие газеле по мочуриштата, вадејќи монети, накит и оружје.
Уредување на канализацијата
Конечно, одводните канали биле уредени, модернизирани, проширени и поврзани со секоја куќа. Се користеле доволно големи цевки за да се справат со ненадејните поплави. Во 1878, под големите визби имало пловни канали долги 650 километри. „Одводниот канал е чист . . . дотеран“, напишал Виктор Иго.
Во текот на 20-тиот век, овој систем станал двојно поголем, а одводните канали станале огледало на градот. На кој начин? Секој одводен канал го носи името на улицата под која се наоѓа и бројот на куќата над него. Беа направени и други подобрувања кога во 1991 започна проектот за реновирање кој вредеше 330 милиони долари. Десетгодишното реновирање на овие важни објекти, низ кои минуваат 1,2 милиони кубни метри вода на ден, опфаќа и инсталирање на автоматска опрема за чистење и компјутеризирани контроли.
Со нетрпение очекувајќи пак да го вдишам познатиот париски воздух, дојдов до крајот на посетата. Меѓутоа, мојата прошетка под земја не е завршена. „За да ги видите најскриените длабочини на Париз, отидете во катакомбите“, препорачува еден продавач на сувенири. „На длабочина од дваесет метри [66 стапки] под земја се собрани на куп коските на шест милиони луѓе.“ Од каде се тие?
Црквите го трујат воздухот
Во париските катакомби — подземни гробишта — коските биле ставени дури во 18 век. Почнувајќи од средниот век, луѓето биле погребувани во црквите или во нивна близина. Ова ѝ носело пари на црквата, но било многу нездраво бидејќи гробиштата се наоѓале во срцето на градот. Тоа станало кошмар за оние што живееле во близина на најголемата гробница во Париз, Сен-Иносен, чии 7.000 квадратни метри ги примиле мртвите од 20-тина цркви, како и неидентификуваните мртовци и жртвите на зарази.
Во 1418, црната чума донела уште 50.000 лешеви. Во 1572, илјадници жртви од масакрот на денот Свети Вартоломеј биле натрупани во Сен-Иносен.a Луѓето барале да се затвори оваа гробница. Околу два милиона тела, понекогаш наредени на длабочина од 10 метри, го издигнале нивото на земјата за повеќе од 2 метра. Гробиштата биле плодно тло за инфекции и од нив се ширела миризба на гнилеж, за која се велело дека го скиселува млекото или виното. Меѓутоа, свештениците биле против тоа да се затворат градските гробишта.
Во 1780 се отворил еден заеднички гроб и исфрлил трупови во соседните подруми. Тоа било премногу! Гробиштата биле затворени, а погребите во Париз забранети. Масовните гробници биле испразнети во запуштените каменоломи Томб-Исуар. Секоја ноќ, во текот на 15 месеци, злокобни конвои ги пренесувале коските. Освен тоа, овој процес опфатил уште 17 гробишта и 300 места за обожавање. Коските биле фрлани во една шахта длабока 17,5 метри, каде што сега има скали кои водат од улицата во катакомбите.
Посета на париските катакомби
Од плоштадот Денферт-Рошро, јужно од парискиот Латински кварт, слегувам по 91 скалило во катакомбите. Во 1787, дамите од царскиот двор биле меѓу првите кои го виделе ова подземно место за погреби под светлоста на запалени факели. Денес, секоја година доаѓаат по 160.000 посетители.
На дното на скалите има една навидум бескрајна серија галерии каде што се изложени труповите. Чекорам крајно претпазливо, размислувајќи за фактот дека катакомбите зафаќаат простор поголем од 11.000 квадратни метри. Еден човек по име Филибер Аспер стекнал непосакувана слава кога се обидел да се снајде низ овие галерии долги стотици километри. Во 1793 се изгубил во овој лавиринт. Неговиот скелет бил пронајден после 11 години и бил идентификуван според клучевите и облеката.
Ископините зафаќаат околу 30 проценти од подрачјето под Париз. Долго време копањето се вршело неконтролирано. Меѓутоа, во 1774, 300 метри од улицата д’Енфер (Пеколна улица, сега Денферт—Рошро) пропаднале во провалија длабока 30 метри. Париз се наоѓал во опасност да попушти. Камените структури „што ги гледаме над земја“, објавил еден писател, „ги снемува под нашите нозе“. Изградени се одлични сводови за да ги држат подземните галерии.
„За жал, не го поплочиле теренот додека работеле на него“, се жалам јас, гледајќи во моите чевли извалкани со кал. Се лизнав во една бара, но успеав да се фатам за една тешка бронзена врата. Зад вратата има ходник со ѕидови кои се направени од човечки коски. Черепите со гримаси и кршливите бутни и голенични коски наредени во редови и во форма на крстови и венци, претставуваат морбидна сцена. Изгравирани се плочки со библиски стихови и со поеми кои го одразуваат човековото длабоко размислување за смислата на животот и за смртта.
Веднаш штом излегувам од катакомбите, во сливникот ја чистам калта од чевлите, внимавајќи моите клучеви да не одлучат повторно да ги посетат париските одводни канали! Прошетката низ фасцинантниот подземен свет на Париз беше едно необично искуство кое нема брзо да го заборавам. Без сомнение, во Париз има многу повеќе од она што може да се види на површината.
[Фуснота]
a Видете го српското издание на Разбудете се! од 22 април 1997, страници 7, 8.
[Слика на страница 25]
Отворот на еден пресек на париските одводни канали
[Извор на слика]
Valentin, Musèe Carnavalet, © Photothèque des Musèes de la Ville de Paris/Clichè: Giet
[Слика на страница 25]
Разгледување на одводните канали
[Извор на слика]
J. Pelcoq, The Boat, Musèe Carnavalet, © Photothèque des Musèes de la Ville de Paris/Clichè: Giet
[Слика на страница 25]
Напречен пресек на париските одводни канали
[Извор на слика]
Ferat, Musèe Carnavalet, © Photothèque des Musèes de la Ville de Paris/Clichè: Briant
[Слика на страница 26]
Черепи со гримаси и кршливи голенични коски наредени во редови и во форма на крстови и венци
[Слика на страница 26]
Натпис пред излезот: „Осилката на смртта е гревот“ (1. Коринтјаните 15:56)
[Слика на страница 26]
Машини за чистење на одводните канали
[Извор на слика на страница 24]
Мапата во позадина на страници 24—27: Encyclopædia Britannica/9-то издание (1899)