Летно сметање на времето — идеја пред своето време?
Зошто многу луѓе мораат да ги дотеруваат своите часовници двапати годишно? За некои е вистинско измачување кога треба да ги поместат часовниците напред или назад. А кога се прави тоа? Како дошло до летно сметање на времето? Кој прв го започнал?
Encyclopædia Britannica вели дека Бенџамин Франклин прв ја предложил идејата за летно сметање на времето уште во 1784. Повеќе од еден век подоцна, Англичанецот Вилијам Вилет активно се застапувал за тоа. Меѓутоа, Вилет умрел пред да се донесе закон во Парламентот.
Според британскиот писател Тони Франсис, Вилет, мајстор од Чизелхерст (Кент), открил колку е корисно да се манипулира со времето додека јавал на својот коњ едно рано летно утро во Петс Вуд. Додека јавал, забележал дека се затворени прозорските капаци на многу куќи. ‚Какво ли трошење на дневната светлина!‘, сигурно си помислил тој. Почнал да води кампања за еден нацрт-закон во Британскиот парламент за да се поместат стрелките на часовникот. Ако во текот на пролетните и летните месеци едноставно се поместат нанапред сите часовници за 80 минути, при што четирипати ќе се додадат по 20 минути, а на есен се вратат назад, луѓето би можеле да имаат дневна светлина навечер многу подолго време.
Франсис известува дека во еден од своите летоци, Вилет напишал: „Светлината е еден од најголемите дарови што Творецот му ги дал на човекот. Додека дневната светлина нѐ опкружува, веселбата царува, грижите помалку притискаат и се раѓа храброст за борбата за живот“.
Цар Едвард VII не чекал да се донесе закон во Парламентот. Тој го прогласил Сандрингам, неговиот царски дворец кој покривал 7.900 хектари, за зона на летно сметање на времето. Подоцна ја спровел истата промена и во неговиот царски имот во Виндзор и Балморал.
Што е тоа што конечно ги убедило политичарите да попуштат и да го прифатат летното сметање на времето? Тие сакале да заштедат гориво за време на I светска војна со тоа што ќе ја намалат потребата од вештачко осветлување! И други земји ја прифатиле оваа идеја од слични причини. Во текот на II светска војна, во Англија било прифатено дури и двојно летно сметање на времето. Ова овозможило разлика од два часа во лето и еден час во зима.
Во Петс Вуд има еден споменик подигнат во чест на Вилијам Вилет, кој е прикажан десно. Тој е посветен на „неуморниот застапник за ‚летно време‘“. Натписот што стои под сончевиот часовник гласи: „Horas non numero nisi aestivas“, што значи „Не го сметам времето освен ако не е летно време“.
[Извор на слика на страница 31]
Со благодарност на National Trust