Јазиците — мостови и ѕидови во комуникацијата
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО МЕКСИКО
„Историјата не може да ни даде толку прецизна претстава за судбината на еден народ, за неговата општествена организација и за неговите верувања и чувства, како што може анализата на неговиот јазик“ (МАРТИН АЛОНСО).
НИЗ историјата, изучувачите биле фасцинирани од јазикот — од неговото потекло, разновидност и динамика. Всушност, нивната фасцинираност е дури и зачувана — како што се зачувани и повеќето историски извештаи — благодарение на самиот јазик. Без сомнение, јазикот е основно средство за комуникација меѓу луѓето.
Во денешно време, некои лингвисти проценуваат дека во светот се зборува на околу 6.000 или повеќе јазици, не вклучувајќи ги и локалните дијалекти. Во далеку најголема употреба е мандаринскиот кинески јазик, што го зборуваат повеќе од 800 милиони луѓе. Следните четири јазици кои се во најголема употреба, не задолжително и по овој редослед, се англискиот, шпанскиот, хинди и бенгали.
Што се случува кога одеднаш ќе дојдат во допир различни култури и, се разбира, нивните јазици? Од друга страна, пак, кога ќе дојде до изолација на одделни групи, како се одразува тоа врз нивниот јазик? Да видиме како се изградиле мостови — но и ѕидови — во комуникацијата.
Пиџин, креолски јазици и лингва франка
Колонизацијата, трговијата меѓу земјите, па дури и затворањето во концентрациони логори придонеле луѓето да почувствуваат потреба да го премостат јазот во комуницирањето затоа што немале еден заеднички јазик. Поради тоа почнале да користат некој скратен, односно поедноставен јазик. Ги отстраниле граматичките усложнувања, користеле помалку зборови и ги ограничиле на подрачја кои се од заеднички интерес. На овој начин биле создадени јазиците пиџин. Колку и да е скратен, пиџин е јазик кој има свој лингвистички систем. Но, ако исчезне потребата заради која настанал, може да изумре.
Кога пиџин ќе стане главен јазик на едно население, се додаваат нови зборови и се реорганизира граматиката. На тој начин тој станува креолски јазик. Спротивно на пиџин, креолскиот јазик ја одразува културата на еден народ. Денес, во светот се зборуваат десетици пиџин и креолски јазици — чија основа се англискиот, францускиот, португалскиот, свахили и други јазици. Некои станале дури и проминентни јазици во рамките на некоја земја, како што е ток писин во Папуа Нова Гвинеја и бислама во Вануату.
Други мостови кои ја потпомагаат комуникацијата се јазиците лингва франка. Лингва франка е заеднички јазик што го користат групи кои немаат ист мајчин јазик. На пример, во Централноафриканска Република, луѓето кои зборуваат различни локални јазици можат да комуницираат со помош на санго. Меѓу дипломатите, англискиот и францускиот се јазици кои се користат како лингва франка. Пиџин е лингва франка, а тоа можат да бидат и креолските јазици.
Во различни области на една земја можат да се користат локални вариетети на јазикот на тој народ, наречени дијалекти. Колку е поизолирана некоја област, толку полесно можат да се забележат тие разлики. Со текот на времето, некои дијалекти почнале толку да се разликуваат од оригиналниот јазик на тоа подрачје што станале сосема друг јазик. Во некои случаи, на лингвистите не им е лесно да направат разлика меѓу некој јазик и дијалект. Исто така, бидејќи јазиците постојано се менуваат, понекогаш дијалектите изумираат заради тоа што не се користат, а заедно со нив умира и дел од историјата.
Јазикот е дар од Бог (Излез 4:11). Фасцинантниот процес на внесување промени во јазикот покажува колку е флексибилен овој подарок. Исто така, од јазикот можеме да научиме дека ниедна група луѓе не е супериорна во однос на друга, бидејќи не постои такво нешто како инфериорен јазик. Исто како што е случај и со другите дарови од Бог, јазикот им е подеднакво достапен на сите луѓе, без оглед на нивната култура или местото каде што живеат. Уште од самиот почеток, јазиците на сите народи биле доволно комплетни за да послужат за својата цел. Секој од нив е вреден за почит, без оглед на тоа колку луѓе го користат.
Историски и општествени фактори
Дружељубивата природа на луѓето се гледа во јазикот. Затоа, кога културите ќе дојдат во допир — а тоа често се случува — во јазиците на тие култури со генерации останува доказот за таквиот контакт.
На пример, во многуте зборови кои се од арапско потекло, шпанскиот јазик, кој се смета за модифицирана верзија на латинскиот, содржи траги од времето кога муслиманите ја освоиле шпанската територија во осмиот век. Може да се забележи и влијанието што грчкиот, францускиот, англискиот и другите јазици го извршиле врз шпанскиот јазик. Исто така, во шпанскиот што се зборува во Америка има останато траги од древните жители на овој континент. На пример, тамошниот шпански јазик има многу зборови кои се земени од јазикот нахуати, кој го зборувале Ацтеките во Централна Америка.
Исто како што мајчиниот јазик ги идентификува луѓето од извесна нација, па дури и област, така и јазикот што го користат може да ги идентификува луѓето со некоја група, како што е професија, занает, културни и спортски групи, па дури и криминални организации. Списокот е практично бесконечен. Лингвистите ги нарекуваат овие посебни варијации жаргон или сленг, а понекогаш дури и дијалект.
Меѓутоа, кога постои непријателство меѓу нациите и етничките или културните групи, јазикот повеќе не е мост. Тој може да стане ѕид кој уште повеќе ги зголемува поделбите меѓу луѓето.
Иднината на јазиците
Комуникацијата е сложена работа. Од една страна, современа тенденција е да се срушат ѕидовите што ги создава јазикот, првенствено заради медиумите. Според Encyclopædia Britannica, секое седмо лице сега го зборува англискиот како главен или секундарен јазик. Според тоа, тој е најкористениот лингва франка во светот. Неговата употреба меѓу луѓето овозможила поширока комуникација и размена на корисни информации.
Од друга страна, пак, ѕидовите што ги создал јазикот придонеле за поделба, омраза и војни. The World Book Encyclopedia наведува: „Кога сите луѓе би зборувале ист јазик . . . би се зголемила добрата волја меѓу земјите“. Се разбира, за да има ваква добра волја, ќе биде потребно да се направи една многу подлабока промена отколку само да се користи лингва франка. Само мудриот Творец на јазикот може да предизвика сите луѓе да зборуваат еден јазик.
Библијата, Божјето главно средство за комуникација со луѓето, јасно покажува дека наскоро Бог ќе го отстрани сегашниов злобен систем на работи и ќе го замени со една влада која ќе управува од небото — со неговото Царство (Даниел 2:44). Оваа влада ќе го обедини целото човештво во еден мирољубив, праведен нов систем на работи овде на земјата (Матеј 6:9, 10; 2. Петрово 3:10—13).
Дури и сега, еден чист духовен јазик — вистината за Јехова Бог и неговите намери — обединува милиони луѓе од сите јазици, националности и поранешни припадници на други религии (Софонија 3:9, NW). Затоа, би било логично дека во неговиот нов свет, Бог уште повеќе ќе го обедини човештвото со тоа што ќе им даде на сите луѓе еден заеднички јазик, правејќи нешто сосема поинакво од она што го направил во Вавилон.
[Рамка на страница 25]
Потеклото на јазиците
Семудриот Творец, Јехова Бог, го вовел јазикот во небесното царство на ангелите (Јов 1:6—12; 1. Коринќаните 13:1). Кога ги создал луѓето, тој им всадил еден фонд на зборови и способност да го прошируваат. Не постои доказ за некој примитивен човечки јазик кој се состои од гровтање и неартикулирани гласови. Напротив, разгледајте што вели Encyclopædia Britannica во врска со сумерскиот, најстариот познат пишан јазик: „Сумерскиот глагол, со неговите . . . различни префикси, инфикси и суфикси, дава една многу сложена слика“.
Некаде околу 20-тиот век пр.н.е., спротивно на Божјата заповед да се рашират и ‚да ја наполнат земјата‘, луѓето се обиделе да го држат под контрола целото општество во рамнината Сенар, во Месопотамија, и почнале да ја градат религиозната Вавилонска кула. Различните јазици настанале кога Бог го помешал нивниот заеднички јазик, нарушувајќи им ги опасните и штетни планови (Битие 1:28; 11:1—9).
Библискиот извештај не вели дека сите јазици потекнуваат од еден првобитен јазик. Во Сенар, Бог внел многу нови фондови на зборови и шеми на размислување, а од тоа произлегле различни јазици. Затоа, обидите да се дојде до „прајазикот“ од кој настанале сите други јазици се неуспешни.
[Слика на страница 25]
Во Вавилон, Бог го помешал јазикот на бунтовните луѓе