Добивте врска — како?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЈАПОНИЈА
ВО Јапонија, земја во која има речиси толку телефони колку што има и луѓе, секој ден се реализираат повеќе од 300 милиони телефонски повици. Исто така, Јапонија секојдневно прима околу еден милион меѓународни повици и се остваруваат приближно исто толку прекуокеански телефонски повици.
Веројатно и Вие користите телефон речиси секој ден — сеедно дали обичен (фиксна линија) или мобилен. Со сѐ поголемата модернизација во светот, за многу луѓе станало рутина да телефонираат некому на некој друг континент. Но, дали некогаш сте се запрашале како е поврзан Вашиот телефон со телефонот на оној кому му се јавувате?
Поврзани преку телефонска мрежа
Како прво, Вашиот телефон треба да биде поврзан со телефонската мрежа. Ако го следите патот на жицата што е прикачена за еден обичен телефон, таа ќе Ве одведе до еден модуларен приклучок или разводна кутија, која е поврзана со електричната инсталација во Вашиот дом.a Ако продолжите понатаму, ќе откриете дека оваа телефонска линија е поврзана со еден кабел, преку електрична бандера или под земја, кој води до телефонската централа во локалната пошта. Оваа централа, пак, е поврзана со една уште поголема централа, и така се создава телефонска мрежа. Значи, кога ќе му се јавите на некој пријател во истиот град, преку една мрежа се создава врска со која се пренесува гласот помеѓу Вашиот телефон и телефонот на Вашиот пријател.
Како стојат работите со мобилните телефони? Како се поврзани тие? И овде останува да важи истиот принцип како и во случајот со обичниот телефон. Една невидлива „жица“, имено еден радиобран, го поврзува Вашиот мобилен телефон со блиската централа за мобилни телефони што е поврзана со телефонската мрежа. Но, како стојат работите кога разговарате со некого на друг континент?
Кабли преку океаните
Кабелското поврзување на два континента што ги дели океан е гигантски проект. За ова е потребно под морето да се инсталира кабел долг илјадници километри и да се премостат подводните бездни и планини. Сепак, токму така започна интерконтиненталната телекомуникација. Првиот трансатлантски подводен телефонски кабел беше инсталиран во 1956.b Тој ги поврзуваше Шкотска и Њуфаундленд и пренесуваше 36 телефонски врски. Во 1964, помеѓу Јапонија и Хаваите беше поставен првиот транспацифички кабел. Овој кабел пренесуваше 128 телефонски врски. Следеа уште подводни кабли, кои поврзуваа континенти и острови.
Какви кабли се поставени на океанското дно за да се овозможат телефонски врски? На почетокот, обично се користеле коаксијални кабли со бакар како спроводник и бакарна или алуминиумска фолија како обвивка на споровдникот. Еден од последните коаксијални кабли беше поставен во 1976 и имаше капацитет да пренесува 4.200 разговори. Меѓутоа, во 1980-тите се појави кабелот со оптички влакна. Првиот интерконтинентален кабел од овој тип, инсталиран во 1988, можел да пренесе 40.000 телефонски разговори истовремено, со помош на дигитална технологија. Оттогаш, капацитетот на каблите е зголемен. Некои кабли што го премостуваат Атлантскиот Океан можат да пренесат 200 милиони телефонски разговори!
Како се поставуваат телекомуникациските кабли под водата? Тие се поставуваат на океанското дно и го следат морскиот релјеф. Во близина на брегот, кабелот е сместен во една кутија од цврст материјал поставена во ров ископан со возило со кое се управува од далеку. Кутијата го штити кабелот да не биде оштетен од котви или рибарски мрежи. Така, кога ќе му се јавите на својот пријател на некој друг континент, еден од овие кабли можеби го пренесува Вашиот глас низ длабокиот океан.
Невидливите кабли поврзуваат оддалечени места
Сепак, подводниот кабел не е единственото средство за поврзување на континенти и острови. Обично се користи и една невидлива „жица“ — еден радиобран. Ваквиот бран, кој се нарекува и микробран, поврзува оддалечени места за интерконтинентални телекомуникации. Бидејќи микробранот патува по права линија како тенок зрак светлина, тој може да ги поврзе само праволиниските локации што му се на патот. Заради закривеноста на Земјината површина, локациите на спротивната страна на Земјината топка не можат да бидат директно поврзани. За да се поврзат вакви оддалечени места, потребна е комуникација преку сателит.
Ако над екваторот се постави сателит на надморска височина од околу 35.800 километри, во таканаречената геостационарна орбита, неговата револуција околу Земјата ќе биде приближно 24 часа — исто како и Земјината ротација. Така, тој останува практично над истата површина на Земјата. Бидејќи овој сателит може да опслужува површина што опфаќа една третина од Земјата, земјините станици — локации што пренесуваат и примаат микробранови — на ова подрачје можат да комуницираат со сателитот. Тогаш, како можат две оддалечени локации да бидат поврзани на поинаков начин освен преку сателит?
Една Земјина станица поврзана со сателит пренесува микробранов сигнал до сателитот. Ова се нарекува „поврзување со сателитот“. Кога ќе го прими бранот, еден радио примопредавател, односно транспондер, монтиран на сателитот едноставно ја намалува фреквенцијата и ја пренесува за да може да ја прими друга Земјина станица. Ова се нарекува „поврзување со Земјата“. На овој начин, две Земјини станици што не можат директно да комуницираат една со друга можат да се поврзат со невидлив кабел преку сателит.
Првиот сателит за комерцијални комуникации, INTELSAT I, познат и како „Рана птица“, беше лансиран во 1965. Во моментов функционираат околу 200 комуникациски сателити, повеќето од нив се геостационарни, поврзувајќи локации низ целиот свет. Овие сателити не се користат само за меѓународна комуникација туку и за телевизиско емитување, набљудување на времето и за други цели. Носејќи многу транспондери, ваквите сателити можат да обезбедат повеќеканалски врски. На пример, „Рана птица“ можеше да емитува една телевизиска и 240 телефонски врски истовремено. Серијата INTELSAT VIII, која функционира од 1997, може да обезбеди три телевизиски емитувања и максимум 112.500 телефонски врски истовремено.
Можете ли да препознаете?
Сите овие промени драстично ги намалија цените на меѓународните телефонски разговори. Можеби сега можете почесто да разговарате со своите пријатели или членови на семејството на некој друг континент. Како можете да препознаете дали сте поврзани со подводен кабел или со сателитска врска?
Со сателитска врска, должината на невидливата жица (која го вклучува поврзувањето и со сателитот и со Земјата) достигнува околу 70.000 километри. Тоа е приближно како двапати да се заобиколи Земјата. Иако микробрановите патуваат со брзина на светлосен зрак, времето што е потребно за да преминат растојание од една до друга Земјина станица преку сателит е приближно една четвртина од секундата. Ова значи дека Вашиот глас пристигнува до другото лице една четвртина од секундата подоцна, а истото важи и за спротивната насока. Затоа, има временско заостанување од половина секунда. Ненавикнати на вакво заостанување во секојдневните разговори, можеби ќе се чуете себеси како зборувате во исто време со другото лице. Ако сте го доживеале ова, тоа може да биде знак дека зборувате преку сателитска врска. Меѓутоа, ако го свртите истиот број во некое друго време, можеби нема да забележите никакво временско заостанување. Можеби ова е така затоа што сте поврзани преку подводен кабел со оптички влакна. Изборот за тоа како да бидете поврзани со другата страна на светот го прави зад сцената една комплицирана телефонска мрежа.
Потребна е стручноста и трудот на мнозина за да се одржува телефонската мрежа што се состои од сложен систем од подводни кабли, Земјини станици и сателити што ни ја овозможуваат удобноста на комуникацијата. Затоа, следниот пат кога ќе му се јавите на некој свој пријател, зошто не помислите на сѐ што е направено за да добиете врска?
[Фусноти]
a Бидејќи во телефонската инсталација постојано се користи извесен напон на електричната струја, кој се зголемува кога ќе заѕвони телефонот, опасно е да се чепка во разводната кутија или во металните делови поврзани со неа.
b Во 1866 успешно беше поставен телеграфски кабел преку Атлантикот помеѓу Ирска и Њуфаундленд.
[Графикон/слики на страници 20 и 21]
(Види во публикацијата)
РАДИОБРАНОВИ
Поврзување со сателитот
Поврзување со Земјата
[Графикон/слики на страници 20 и 21]
(Види во публикацијата)
ПОДВОДНИ КАБЛИ
Мобилен телефон
[Слика на страница 20]
Современите кабли со оптички влакна можат да пренесуваат 200 милиони телефонски разговори
[Слика на страница 21]
Екипажот на вселенскиот брод работи на INTELSAT VI
[Извор на слика]
Фотографија на НАСА
[Слика на страница 21]
Бродови поставуваат кабли и ги одржуваат
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на TyCom Ltd.