Многуте лица на Рим
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ИТАЛИЈА
„Ми се чини дека уште на самиот почеток Ромул [митолошки основач на Рим во 753 пр.н.е.] мора да имал божествено претчувство дека овој град еден ден ќе стане седиште и дом на една моќна империја“ (ЦИЦЕРОН, РИМСКИ ГОВОРНИК И ДРЖАВНИК, ПРВИ ВЕК ПР.Н.Е.).
КАКО и другите градови со историја што опфаќа милениуми, Рим има многу лица, и со одминувањето на вековите, тие оставиле свој белег. Би сакале ли да ги видите? Ова ќе биде добра прилика, особено ако имавте предност да присуствувате на еден од конгресите на Јеховините сведоци што се одржаа од 10—12 август 2001 во Рим, Бари, Торино и Милано.
Но, кој Рим сакате да го видите? Има древен, републикански и империјален Рим. Од поново време се средновековниот, ренесансниот, барокниот и, на крајот, модерниот Рим. За да ја заокружиме сликата, има и папски Рим, Рим на обичниот народ и Рим на благородниците. Каде и да се свртите во оваа метропола, Ве очекуваат изненадувања.
Древниот град
Најстарите населби, села со колиби од Железната доба, изгледа дека биле подигнати долго време пред осмиот век пр.н.е., на римските ридови околу она што некогаш било корито на еден древен плиток тек на реката Тибар. Бидејќи во минатото возвишенијата што го опкружувале овој крај биле лесно уочливи, се велело дека градот се издигал на седум ридови — Киринал, Виминал, Ескилин, Целијан, Авентин, Палатин и Капитол. До денешен ден, извесни подрачја од овој град носат некое од овие имиња.
Ако одлучите да го посетите Рим, не заборавајте да си понесете добар прирачник и карта. Можеби ќе добиете претстава за она што веројатно можел да го види еден древен римјанин пред околу 2.000 години.
Да го посетиме Форумот
„Форумот бил центар на политичкиот, трговскиот и судскиот живот во древниот Рим“, вели еден прирачник. Главниот влез за ова подрачје е Виа деи фори империјали (Улица на царските форуми). Таму ќе Ве однесе подземната железница и неколку автобуски линии.
Меѓу најпрочуените споменици во ова подрачје е Колосеумот, познат и како Амфитеатарот на Флавиј, симбол на империјалната ера. Висок е 48 метри, што е еднакво на денешна зграда од 16 ката. Долг е околу 190 а широк околу 155 метри. Со своите 80 влезови, тој можел да смести 55.000 гледачи! Бил изграден по налог на императорот Веспазијан во 72 н.е. Помислете на тоа кога ќе застанете покрај него. Само кога ѕидовите би можеле да зборуваат . . .
Најновите откритија покажуваат дека овој амфитеатар бил завршен благодарение на пленот што го донеле во градот римските легии по нивниот победнички поход во Јудеја, кој кулминирал во уништувањето на Ерусалим во 70 н.е. (Матеј 24:1, 2; Лука 21:5, 6). Со векови, овој амфитеатар бил домаќин на брутални гладијаторски игри. Меѓутоа, спротивно на популарното верување, изгледа дека таму не биле мачени христијани.a
Во близина на Колосеумот е триумфалната порта на Тит, подигната во чест на истиот поход. Од внатрешната страна на оваа порта можете да видите сцени од триумфалната поворка, парада на еврејски заробеници и светата опрема од храмот. Веројатно Евреите поминале токму на ова место!
Друг многу познат древен споменик, импресивен и добро зачуван, е Пантеон. Порано тој бил пагански храм посветен на сите богови; сега е католичка црква. Императорот Адријан (76—138 н.е.), познат по градењето на одбрамбен ѕид во северна Англија, го изградил ова ремек-дело на римското инженерство од 118—128 н.е. Височината и широчината на ротондата се еднакви — 43,4 метри.
Циркус Максимус, брдото Палатин и разни други места и споменици нѐ повикуваат на прошетка низ минатото. Натамошни потсетувања на блесокот и величественоста на шестата светска сила од библиската историја, древните обелисци и изгравираните столбови, како што се оние на Трајан и на Марко Аврелиј, сѐ уште се издигнуваат на различни локации во градот.
Рим од времето на апостолите
Иако апостолското христијанство наскоро било заменето со отпадничкиот христијански свет, во Рим сѐ уште можат да се видат епизоди од животот на раните христијани. На пример, кога ќе појдеме на Апиевиот пат, зарем нема да се сетиме на извештајот кога апостол Павле бил придружуван од своите христијански браќа до крајот на градот? (Дела 28:14—16). Но, треба да внимаваме да не ја прифатиме слепо традицијата. Како типичен пример, во близина на Форумот е таканаречениот Мамертински затвор, место каде што наводно бил затворен апостол Петар. Но, не постои библиски доказ дека Петар некогаш стапнал во овој град.
Додека сте во подрачјето на Апиевиот пат, можеби ќе сакате да ги посетите прочуените катакомби — неколку стотици километри подземни тунели што служеле како гробници. Откритијата поврзани со култовите на умрените и на мачениците и идеите во врска со бесмртноста на душата покажуваат дека оние што ги користеле овие древни гробници повеќе не биле вистински следбеници на Исусовите првобитни учења.b
Како ренесансата го променила Рим
Од времето на ренесансата (14 до 16 век), Рим претрпел длабока преобразба, меѓу другото, како резултат на сѐ поголемата моќ и престиж на папата. На папскиот двор биле повикани уметници, архитекти и занаетчии. Еден од најпрочуените бил Микеланџело. Некои од неговите ремек-дела се зачувани во Ватикан. Прочуени се делото „Страшниот суд“ во Сикстинската капела и фреските на таванот на истата капела, кои можат да се видат кога ќе се влезе низ Ватиканскиот музеј. Вредно е да се забележи дека „Страшниот суд“ не го прикажува чистилиштето.
Друго дело на Микеланџело е статуата „Мојсеј“, во црквата Св. Петар во окови, која се наоѓа во Рим. Неговото влијание може да се види и во многу детали на базиликата Св. Петар. Оваа црква содржи неколку ремек-дела, вклучувајќи ја и скулптурата „Пиета“ на Микеланџело. На неа е прикажан мртвиот Христос во рацете на својата мајка.
За Јеховините сведоци е интересно тоа што во оваа базилика многупати е прикажан и хебрејскиот тетраграматон, кој го претставува божественото име, Јехова. Побарајте го на надгробниот споменик на Клемент XIII и во капелата на Претставувањето.
Спектакуларниот барокен Рим
Најспектакуларното лице на Рим веројатно е она што го нуди барокниот град. Барокниот стил „има големи размери и исполнет е со впечатливи детали“, забележува една енциклопедија. Се појавил кон крајот на 16 век, а во 18 век преминал во поинтимниот рококо стил. Еден прочуен примерок на барокот е споменикот што го направил Бернини за папата Александар VII во Св. Петар. Бернини бил омилен уметник на папата. Тој ги преобразувал црквите, палатите, статуите и фонтаните во Рим. Разгледајте го полоштадот што се наоѓа пред базиликата Св. Петар, опкружен со спектакуларната колонада на Бернини, или, пак, разгледајте ја Пјаца дел Пополо, која „претставува големо симетрично претсобје до срцето на Рим“. Насекаде може да се види барок и Бернини! Не пропуштајте да ги видите живописните ефекти што ги создава Фонтаната Треви или фонтаните на Пјаца Навона, како што се Берниниевите Фонтана деи Фјуми (Фонтаната на четирите реки) и Фонтана дел Моро (Фонтаната на котвата).
Модерниот град
Денес ретко се внесуваат иновации во планирањето на градот. Последниот поголем проект датира од 1930-тите — изградбата на Еспозиционе Универзале ди Рома (E.U.R.). Намената му била да се велича фашизмот за време на владеењето на Мусолини.
Градската администрација сега има намера да го зачува и да му посвети должно внимание на скапоценото уметничко наследство на Рим, во кое може да се ужива не само на улиците и плоштадите туку и во повеќе од 100 градски музеи. Но, пред да ги посетите музеите, спомениците и археолошките локации, ќе биде мудро да се информирате за нивното работно време избирајќи соодветни сајтови на Интернет или добар туристички прирачник.
Иако Рим е познат по Ватикан, таму има најразлични религии. Јеховините сведоци имаат своја канцеларија на подружницата и Собирна сала во Рим. Во подрачјето на оваа метропола има речиси 10.000 Сведоци, кои се собираат во околу 130 собранија и групи. Освен на италијански, тие одржуваат состаноци на уште 12 јазици. Ќе бидете добредојдени во секоја Sala del Regno (Сала на Царството).
Затоа, ако сакате да го посетите кој и да е Рим од многуте што ги нуди, Ве покануваме да дојдете затоа што, како што напишал германскиот писател Јохан Волфганг фон Гете, „само во Рим можете да научите нешто за Рим“.
[Фусноти]
a Видете го англиското издание на Разбудете се! од 8 април 1991, страници 24—27.
b Видете го хрватското издание на Разбудете се! од 8 август 1995, страници 16—20.
[Карта на страница 14]
(Види во публикацијата)
РИМ
БАРИ
[Извор на слика]
Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.
[Слика на страница 14]
Триумфалната порта на Тит, со украсен раб на кој е прикажано запленувањето на храмот во Ерусалим
[Слика на страница 14]
Колосеумот
[Слика на страница 15]
Столбот на Марко Аврелиј
[Слика на страница 15]
Апиевиот пат
[Слика на страница 15]
Пантеон, поранешен пагански храм на сите богови, сега католичка црква
[Слика на страница 16]
Детаљ од делото на Микеланџело „Страшниот суд“, во Сикстинската капела
[Слика на страници 16 и 17]
Берниниевата Фонтана на Четирите реки
[Слика на страница 17]
Канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци
[Слика на страница 17]
Фонтаната Треви
[Слика на страница 17]
Според легендата, Ромул и Рем, митолошките основачи на Рим, ги доела една волчица