Заборавената слава на Византиската Империја
ВО НЕКОИ ЈАЗИЦИ ПОД ЗБОРОТ „ВИЗАНТИСКИ“ СЕ ПОДРАЗБИРААТ ИНТРИГИ, ТАИНСТВЕНОСТ И ПРЕДАВСТВО. МЕЃУТОА, МАЛКУ ЛУЃЕ ЗНААТ ДЕКА ОВОЈ ЕПИТЕТ Е ИМЕ НА ЕДНА ОГРОМНА ИМПЕРИЈА ШТО ЦВЕТАЛА РЕЧИСИ 12 ВЕКА.
ОД КАВКАЗ до Атлантикот, од Крим до Синај, од Дунав до Сахара — тоа било подрачјето на Византиската Империја кога била во својот зенит. Многу историчари велат дека таа постоела од 4 до 15 век н.е. Оваа империја не само што ја зачувала грчко-римската култура туку одиграла голема улога и во ширењето на таканареченото христијанство. Таа ги создала и ги систематизирала политичките, општествените и религиозните практики што важат дури и денес.
Меѓутоа, оваа моќна империја имала необично скромни почетоци. Според историјата, Византија била продолжение на Римската Империја кон исток. Сѐ уште се дебатира околу датумот на нејзиното раѓање. Некои историчари сметаат дека Диоклецијан (о. 245—о. 316 н.е.) бил првиот византиски цар; други сметаат дека тоа бил Константин Велики (о. 275—337 н.е.); а трети сметаат дека тоа бил Јустинијан I (483—565 н.е.). Меѓутоа, повеќето се согласуваат дека Византија почнала да се појавува како посебен ентитет кога царот Константин ја преместил престолнината на своето царство од Рим во Визант во 330 н.е. Градот го преименувал според своето име — Константинопол (денешен Истанбул).
Интересно е што ниту владетелите ниту граѓаните на оваа империја никогаш не се нарекле себеси Византијци. Тие се сметале за Римјани, односно Ромеи. Терминот „византиски“ почнал да се употребува дури по 14 век.
Блескава престолнина
Еден историчар го опишува древниот Константинопол како град „со голема слава и со уште поголемо богатство“. Сместен на раскрсницата меѓу Европа и Азија — Босфорскиот Проток — Константинопол се протегал врз еден извонредно одбрамбен полуостров и врз едно заштитено пристаниште, Златниот рог. Во 657 пр.н.е., грчките доселеници го нарекле ова место Визант, по својот легендарен водач Визас. Повеќе од 10 века подоцна го сметале за Нов Рим, станувајќи дом на половина милион луѓе во деновите на неговата слава од 6 до 11 век н.е.
Посетителите од Запад се воодушевувале од оваа метропола и главен центар на светските трговски патишта. Неговото пристаниште било преполно со бродови. На неговите пазари се продавале разни свили, крзна, скапоцени камења, ароматични дрва, резбана слонова коска, злато, сребро, обработен накит и зачини. Се разбира, Константинопол бил предмет на завист на другите сили, па затоа постојано се обидувале да ги пробијат неговите ѕидови. Пред освојувањето на Османлиите во 1453, напаѓачите успеале да го освојат градот само еднаш — тоа биле „христијаните“ од Четвртата крстоносна војна. „Од постанокот на светот никогаш не се видело и не се освоило толкаво богатство“, извикнал крстоносецот Роберт од Клари.
Трајно наследство
Верувале или не, византиската влада, закони, религиозни сфаќања и церемонијален раскош сѐ уште влијаат врз животот на милијарди луѓе денес. На пример, прочуената Јустинијанова збирка од законски принципи наречена Corpus Juris Civilis (Збир на граѓански закони) станала темел на римскиот закон во континентална Европа денес. Преку Code Napolèon византиските законски прописи биле пренесени во Латинска Америка и во други земји, каде што сѐ уште важат.
Освен тоа, византиските архитекти научиле како да постават голема купола врз четириаголен простор — стил што се проширил дури до Русија. Некои им го припишуваат на Византијците дури и популаризирањето на употребата на вилушки за време на оброците. Во Венеција, во 11 век, кога некоја византиска принцеза употребила вилушка со два запци наместо да јаде со прсти, оние што гледале биле шокирани! Меѓутоа, со векови подоцна, вилушката почнала да станува популарна меѓу богатите. И папите во Рим потпаднале под византиско влијание и почнале да носат тијара изработена според моделот на тијарата на византискиот цар. Англиските монарси исто така ја презеле императорската топка и скиптарот.
Закон и ред
Византиската Империја оставила зад себе и една фасцинантна колекција од владина политика. На пример, сиромашните биле вработувани во државните фурни и пазари за градинарски култури. „Безделништвото води до криминал“, сметал императорот Лав III (о. 675—741 н.е.). Бидејќи се сметало дека пијанството води до безредие и бунт, гостилниците се затворале во 20.00 часот. Според National Geographic Magazine, „инцестот, убиството, приватното производство или продажба на пурпурна ткаенина (наменета само за царското семејство) или поучувањето непријатели за вештината на бродоградба можело да води до отсекување на главата, набодување на колец — или давење во вреќа заедно со свиња, петел, отровница и мајмун. На продавачот што имал неточна вага му ја отсекувале раката. Оние што ќе подметнеле пожар биле запалувани“.
Интересно е тоа што во Византиската Империја бил обезбеден голем дел од грижата од колевка до гроб, како што е случај со социјалното осигурување денес. Императорите и богатите граѓани оделе толку далеку што финансирале болници, сиропиталишта и домови за сираци. Имало домови за покајнички проститутки — некои од нив станале „светици“ — па дури и поправен дом за грешните аристократки.
Царство изградено врз трговија
Таквата великодушност била одраз на просперитетот што го уживала оваа империја. Државата ги контролирала цените, надниците и наемнините. Се собирале резерви жито за неродните години. Службени лица вршеле надзор во продавниците да ги проверуваат теговите, вагите, книговодството и квалитетот на стоката. Оние што складирале стока, шверцувале, мамеле, фалсификувале и избегнувале данок ги очекувале строги казни.
Самиот император бил најголемиот трговец и произведувач во целата империја, држејќи монопол во ковањето пари, вооружувањето и прочуените византиски луксузни предмети. Лично Јустинијан ја основал прочуената свиларска индустрија со помош на јајца од свилена буба шверцувани од Кина.
Бил развиен и системот на осигурување и давање кредити. Банкарството било внимателно прегледувано. Златниот солид, монета што ја вовел Константин, ја задржал својата вредност цели десет века! Тоа била најстабилната валута во историјата.
Византискиот двор
Тогаш, како зборот „византиски“ бил доведен во врска со интриги, таинственост и предавство? Според историчарот Вилијам Леки, зад блескавата фасада на византискиот двор била испреплетена „една монотона приказна за интриги на свештениците, евнусите и жените, приказна за труење, завери, постојана неблагодарност, постојани братоубиства“.
Писателот Мерли Севери забележува: „Опкружен со потенцијални узурпатори и убијци, ниеден некадарен император не останувал долго време Божји застапник на земјата. Од 88-те императори од Константин I до Константин XI, 13 отишле во манастир. Други 30 умреле со насилна смрт — од глад, отруени, ослепени, претепани, задавени, прободени, осакатени, со отсечена глава. Черепот на Никифор I завршил како сребрен пехар од кој Кан Крум од Бугарија им наздравувал на своите болјари [благородници]“.
Дури и Константин Велики, кој бил „прогласен за светец“, наредил да се убие неговиот најстар син, а неговата сопруга да се задуши во својата бања. Императорката Ирена (о. 752—803 н.е.) била толку опседната да ја задржи власта што наредила да го ослепат нејзиниот син и му ја одзела императорската титула.
Патот кон падот
Но, политичките интриги не биле причината за падот на оваа империја. Европскиот запад почнал да се трансформира со ренесансата, реформацијата и просветлувањето, како и со подемот на науката. Меѓутоа, во Визант, секаква промена не само што се сметала за ерес туку на крајот почнала да се смета за злосторство против државата.
Освен тоа, променливата политичка клима почнала да го зема својот данок. Во седмиот век, исламот продрел во Антиохија, Ерусалим и Александрија. Навлегувањето на Словените на Балканот и освојувањата на Ломбардија во Италија довеле до расцеп меѓу Рим и Константинопол. Рим, лишен од поддршката на империјата, се здружил со германскиот запад, кој бил во подем. Сѐ послабата империја на Константинопол станувала сѐ погрчка. Потоа, во 1054, грчкиот православен патријарх и римокатоличкиот папа се екскомуницирале еден со друг заради теолошки разлики, а тоа предизвикало расцеп меѓу православната и католичката црква, кој не е премостен до денешен ден.
Во 1204 оваа империја доживеала уште една катастрофа. На 12 април, војските од Четвртата крстоносна војна кои биле на пат за Ерусалим го извршиле она што историчарот сер Стивен Ренсман го нарекол „најголемото злосторство во историјата“ — пљачкање на Константинопол. Палејќи, ограбувајќи и силувајќи во името на Христос, крстоносците го уништиле градот и го однеле пленот во Венеција, Париз, Торино и други западни центри.
Поминале повеќе од 50 години пред повторното заземање на Константинопол. Дотогаш оваа империја била само сенка на она што била некогаш. Венецијанците и ѓеновјаните имале строга контрола врз нејзината трговија. По кратко време Византија се нашла под притисок од страна на исламските Османлии.
Ваквиот притисок довел до неизбежна смрт на оваа империја. На 11 април 1453, султанот Мехмед II поставил опсада на престолнината, употребувајќи 100.000 војници и силна флота. Недоволните 8.000 бранители на Константинопол не се предавале седум недели. Потоа, на 28 мај, низ слабо чуваното пристаниште, напаѓачите навлегле во ендекот на градот. Веќе следниот ден престолнината паднала во туѓи раце. Се вели дека Мехмед — сега освојувач — ронел солзи и жалел: „Каков град опљачкавме и уништивме!“ Византиската Империја доживеала пад. Но, нејзиното влијание се чувствува сѐ до денес.
[Рамка/слики на страница 23]
ВИЗАНТИСКАТА ИМПЕРИЈА И БИБЛИЈАТА
Монаштвото било еден од најголемите религиозни трендови во оваа империја. Манастирите служеле како центри за препишување и складирање на илјадници библиски манускрипти. Три од најважните и најкомплетно зачувани библиски манускрипти — Ватиканскиот 1209, Синајскиот (приложен) и Александрискиот (заднината) — можеби биле изработени или зачувани во манастирите и религиозните заедници на Визант.
[Извор на слика]
Двата манускрипта: Фотографија добиена со љубезна дозвола на Британскиот музеј
[Рамка/слика на страница 25]
РЕЛИГИЈАТА ВО ВИЗАНТИСКАТА ИМПЕРИЈА
Коментирајќи за блиските врски што постоеле меѓу црквата и државата, во својата книга Europe—A History (Историјата на Европа) Норман Дејвис пишува: „Државата и црквата биле споени во една неразделна целина. Императорот . . . и патријархот се сметале за секуларен и црковен столб на божествениот авторитет. Императорот ја штител православната црква, а црквата ја величала империјата. Овој ‚цезаропапизам‘ не бил виден никаде на Западот“.
[Слика]
Аја Софија (Истанбул) — некогаш најголемата византиска црква, во 1453 била претворена во џамија, а во 1935 во музеј
[Табела на страница 24]
(Види во публикацијата)
КЛУЧНИ НАСТАНИ
286 Диоклецијан почнува да владее од Никомедија (Мала Азија)
330 Константин го прогласува градот Визант за престолнина на империјата, менувајќи му го името во Константинопол
395 Римската Империја е трајно поделена на источна и западна
1054 Еден религиозен раскол ја одвојува грчката православна црква од римокатоличката црква
1204 Војските од Четвртата крстоносна војна го пљачкаат Константинопол
1453 Константинопол и целата империја паѓаат во рацете на Турците
[Карта на страница 22]
(Види во публикацијата)
ЦРНО МОРЕ
КОНСТАНТИНОПОЛ
Никомедија
Никеја
Ефес
Антиохија
Ерусалим
Александрија
СРЕДОЗЕМНО МОРЕ
Темните површини ја прикажуваат империјата во нејзиниот зенит (527—565 н.е.)
[Слики на страница 22]
Изучувачите дебатираат дали првиот византиски император бил (1) Диоклецијан, (2) Константин Велики или (3) Јустинијан I
[Извор на слика]
Musèe du Louvre, Paris
[Слика на страница 25]
Цртеж на еден манускрипт, на кој е прикажана опсадата на Константинопол во 1204
[Извор на слика]
© Clichè Bibliothèque nationale de France, Paris
[Слика на страница 25]
Златна монета на двоен солид од 321 н.е., врадена во средината на еден приврзок
[Извор на слика]
Фотографија добиена со љубезна дозвола на Британскиот музеј