Ропство — неволјата сѐ уште постои
ДАЛИ ропството е мртво? Повеќето луѓе би сакале да мислат дека е така. Самиот збор создава страшни слики на бруталност и угнетување. Меѓутоа, во мислите на многумина, овие слики му припаѓаат на минатото. На пример, некои си ги замислуваат минатовековните бродови натоварени со робови — раскрцкани дрвени бродови со складишта пренатрупани со исплашени мноштва луѓе што се туркаат во речиси незамислива нечистотија.
Точно, такви бродови со робови повеќе не пловат по морињата и денешните меѓународни конвенции го прават незаконски тој облик на ропство. Сепак, ропството во никој случај не е мртво. Организацијата за човекови права Anti-Slavery International пресметува дека 200 милиони луѓе сѐ уште живеат во некој облик на ропство. Тие работат во услови што се можеби многу полоши од оние што ги трпеле робовите во претходните векови. Всушност, некои аналитичари заклучуваат дека „денес повеќе луѓе се во ропство отколку во кој и да е друг период од историјата“.
Приказните за овие современи робови го параат срцето. Канџи,a кој има само десет години, секој ден ја чува стоката на сурови господари што редовно го тепаат. „Ако имам среќа, ќе најдам парче бајат леб, инаку минувам по цел ден без храна“, објаснува тој. „Никогаш не ми платиле за работата затоа што јас сум роб и нивна сопственост . . . Децата на моја возраст си играат со другите деца, а јас повеќе сакам да умрам отколку да водам ваков ужасен живот.“
Исто како Канџи, денешните робови честопати се деца или жени. Тие напорно работат против своја волја изработувајќи ќилими, градејќи патишта, сечејќи шеќерна трска, па дури и работејќи како проститутки. И, можеби ги продаваат за само 10 долари. Некои деца се продадени во ропство дури и од нивните сопствени родители за да ги покријат тешките долгови.
Дали ваквите извештаи Ви се одбивни? Тоа не е случај само со Вас. Во својата книга Disposable People (Луѓе за еднократна употреба), Кевин Бејлз коментира: „Ропството е одвратно. Тоа не е само крадење на нечиј труд; тоа е крадење на цел живот на еден човек“. Со оглед на човечката нехуманост кон другите луѓе, каква причина имаме да веруваме дека на камшикот на ропството некогаш ќе му дојде крај? Ова прашање има поголема врска со Вас лично отколку што можеби ќе Ви изгледа на прв поглед.
Како што ќе видиме, има повеќе од еден облик на ропство. Тоа се јавува во многу различни облици, од кои некои влијаат врз секој жив човек. Затоа, сите треба да знаеме дали некогаш човештвото ќе доживее вистинска слобода. Но, најнапред да разгледаме една кратка историја на трговијата со човечки робови.
[Фуснота]
a Не е неговото вистинско име.
[Слики на страница 3]
Осиромашените жени и деца долго време биле жртви на трговијата со робови
[Извори на слики]
Фотографија горе: ФОТОГРАФИЈА НА ОН 148000/Jean Pierre Laffont
Фотографија на U.S. National Archives