Најдолгиот патнички тунел на светот
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО НОРВЕШКА
АКО сакате да видите импресивни планини и фјордови, дојдете во западна Норвешка! Ќе бидете импресионирани! Освен тоа, тесните патишта што се извиваат и многуте тунели сведочат за генијалноста на човекот. Неодамна беше завршен еден нов тунел — подвиг на инженерството што го надминува секој друг подвиг од таа област. Тоа е тунелот Лардал, најдолгиот патнички тунел на светот — автопат долг 24,5 километри, пробиен низ цврста карпа! Замислете си дека возите низ влезот во тунелот, знаејќи дека само по неколку минути над главата ќе имате планина од 1.000 метри!
Зошто беше потребен толку долг тунел? Тој е важен дел од главната врска помеѓу двата најголеми града во Норвешка, имено, Осло (главниот град, на источниот брег) и Берген (на западниот брег). Во зима, поради снегот и ветрот, отежнато е патувањето по другите планински патишта што ги поврзуваат овие два града. Затоа имаше огромна потреба од еден нов пат што ќе биде сигурен кога времето е многу лошо. Во 1992, норвешкиот парламент одлучи новиот автопат да вклучува и еден тунел помеѓу малите општини Аурланд и Лардал. По пет години градба, тунелот беше официјално отворен во ноември 2000. Како беше извршен овој подвиг на инженерството? Колку е безбеден тунелот? Како е да се вози низ него? Да видиме.
Проблеми со изградбата
Тунелот ги поврзува Лардал и Аурланд, но работниците започнаа со работа на три места истовремено. Од секој крај тргна по еден тим, а третата група почна да работи на еден вентилационен тунел долг 2 километра, кој требаше да се спои со главниот тунел на 6,5 километри од влезот во Лардал. Како би можеле трите тима да го координираат дупчењето за да бидат сигурни дека ќе се сретнат, длабоко во внатрешноста на планината? За да се одреди точната почетна точка на секој тим, се користеа сателитски навигациони системи, а правецот на дупчење се управуваше со ласерски зраци. Со овие ласерски зраци се контролираше движењето на опремата за дупчење за да се обезбеди дупките ископани за експлозиви да бидат прецизно лоцирани.
За секоја експлозија се издупчија околу 100 дупки, секоја длабока по 5,2 метри. Овие дупки беа наполнети со околу 500 килограми експлозив, кој од карпата направи околу 500 кубни метри кршен камен. Потоа, овој крш беше изнесен со камион. Пред да се започне одново со операцијата на дупчење, требаше да се обезбедат ѕидовите и таванот на тунелот. Беа користени долги челични шрафови, а површините беа попрскани со бетон збогатен со влакна. Секој тим напредуваше околу 60—70 метри седмично. Тунелот беше пробиен во септември 1999, кога со отстапување од околу 50 сантиметри се сретнаа двата тима што работеа на главниот тунел! По 14 месеци тунелот беше отворен според планираното. До тој момент трошоците достигнаа 120 милиони долари.
Како е обезбедена вентилација?
Обезбедувањето добар квалитет на воздухот секогаш претставува предизвик за инженерите на тунелите. Бидејќи се потребни приближно 20 минути за да се вози низ тунелот Лардал, особено е важно воздухот да биде доволно чист за да се дише. Како беше постигнато ова?
Вентилациониот тунел, долг 2 километра, кој се наоѓа на 6,5 километри од влезот во Лардал, излегува во една блиска долина и служи како оџак, односно излезен канал. Од двата краја влегува свеж воздух во тунелот, а загадениот воздух излегува низ вентилациониот тунел. Можат да се користат два многу силни вентилатора инсталирани во вентилациониот тунел — со заеднички максимален капацитет од 1,7 милиони кубни метри на час — за да се зголеми протокот на воздух кога воздухот е многу загаден. Овој систем обезбедува адекватен свеж воздух во тунелот од страната на Лардал; но сепак, мораше да се направи нешто повеќе за страната од кај Аурланд, која е подолга. Затоа, на таванот на тунелот беа инсталирани 32 помали вентилатора, ударни вентилатори, за да се зголеми протокот на воздух кон вентилациониот тунел. Меѓутоа, бидејќи овој воздух струи на голема оддалеченост од страната на Аурланд до влезот на вентилациониот тунел, тој станува сѐ позагаден. Како се реши овој проблем?
Решението беше да се изгради централа за прочистување во еден паралелен тунел долг 100 метри на оддалеченост од 9,5 километри од влезот во Аурланд. Овој тунел на двата краја е поврзан со главниот тунел. Воздухот во главниот тунел се пренасочува во овој паралелен тунел, од каде што се извлекуваат 90 проценти од правот и од азотниот диоксид.
Со овој систем на вентилација и процес на прочистување, низ тунелот Лардал можат успешно да поминат 400 автомобили на час. Сензорите во тунелот го контролираат квалитетот на воздухот и го регулираат ефектот на системот за вентилација. Ако нивото на загаденост стане премногу високо, тунелот ќе се затвори за сообраќај, но до сега тоа не било потребно.
Колку е безбеден?
На некои луѓе им е страв да се возат низ тунел. Ова, заедно со неодамнешните тешки сообраќајни несреќи и пожари во неколку европски тунели, ја направи безбедноста висок приоритет во тунелот Лардал. Што е направено за овој тунел да се направи безбеден?
Еден контролен центар во Лардал постојано ги надгледува различните безбедносни системи во тунелот, и ако безбедноста е доведена во опасност, тунелот ќе биде затворен. Преземени се многу мерки на претпазливост за да се обезбеди брзо затворање и брза евакуација на тунелот. Исто така, на секои 250 метри се инсталирани телефони за итен случај, а на секои 125 метри има по два противпожарни апарата. Контролниот центар автоматски го регистрира местото ако е отстранет некој противпожарен апарат од своето место. Ако биде отстранет некој апарат, црвени сообраќајни светла ги предупредуваат возачите да не влегуваат во тунелот, а знаците и светлата во тунелот им даваат инструкции на возачите да излезат надвор од тунелот во безбедна насока за да се оддалечат од опасноста. Возачите можат да ги свртат возилата затоа што има простор за свртување на секои 500 метри и 15 места што им овозможуваат свртување на поголемите возила. Исто така, тунелот е опремен со систем за радио антена што овозможува да се информираат возачите преку радиото во нивниот автомобил. Еден систем за броење и фотографирање го контролира целиот сообраќај во и надвор од тунелот. Надлежните за патишта сметаат дека нивото на безбедност задоволува со оглед на релативно малата густина на сообраќај.
Во кој поглед овој тунел е поинаков?
Како е да се вози низ тунелот? Една важна цел на инженерите била да го направат возењето низ тунелот пријатно доживување, така што возачите би се чувствувале безбедни и исто така би возеле безбедно. За да се постигне ова, внатрешноста на тунелот била дизајнирана со помош на, меѓу другите, сообраќајни психолози од еден истражувачки институт и со помош на професионални дизајнери за светлина, како и симулатор на возење.
Со каков резултат? Па, тунелот не е сосема прав. Благите кривини ги спречуваат возачите да задремат, но сепак тие можат да гледаат 1.000 метри напред. Кривините исто така олеснуваат да се одреди оддалеченоста на возилата што доаѓаат од спротивната насока. Три големи планински холови слични на пештери служат за да се разбие монотоното возење. Ова создава впечаток на возење низ четири покуси тунели наместо низ еден долг. Специјалното осветлување во овие холови, со жолто или зелено светло на подот и сино светло на таванот, остава впечаток дека влегува дневна светлина и дека е изгрејсонце. Овие ефекти заедно со доброто осветлување по должината на тунелот придонесуваат повеќето возачи да се чувствуваат удобно и безбедно.
Сега патниците можат да уживаат во уникатното искуство да минуваат низ најдолгиот патнички тунел во светот. Овој подвиг на современото инженерство создаде една сигурна врска помеѓу истокот и западот на Норвешка. Тој е силен доказ за она што може да го стори човекот кога ја користи својата вештина и генијалност на еден конструктивен начин.
[Графикон/слика на страница 25]
(Види во публикацијата)
Правец на тунелот
Лардал ← → Аурланд
[Графикон/карта на страница 27]
(Види во публикацијата)
Тунелот Лардал
Автопати
↑ кон Лардал
→ Е16 кон Осло
* Ударните вентилатори се на овие места
Насока на проток на воздух
↓
планински хол
↓
Станица со вентилатори → вентилационен тунел
↑
*
↑
планински хол
↑
*
централа за прочистување на воздухот
↑
*
планински хол
*
↑
*
↑
Насока на проток на воздух
Аурланд
↓ E16 кон Берген
1 милја
1 километар
[Извор на слика]
Statens Vegvesen, Sogn og Fjordane
[Карта на страница 24]
(Види во публикацијата)
НОРВЕШКА
Тунелот Лардал
Берген E16 ОСЛО
[Слика на страница 25]
Влезот Лардал
[Слика на страница 25]
Шематски приказ на централата за прочистување на воздухот
[Слика на страница 25]
Попречен пресек на тунелот, на кој се гледаат челичните шрафови што ги прицврстуваат ѕидовите и таванот
[Слика на страница 26]
Во тунелот има околу 100 телефони за итни случаи и околу 400 противпожарни апарати
[Слика на страница 26]
Има три планински хола со специјални светлосни ефекти
[Слика на страница 24]
Поглед од птичја перспектива: Фотографија: Leiv Bergum; централа за прочистување на воздухот: ViaNova A/S; сите други фотографии на страници 24—26: Statens vegvesen, Sogn og Fjordane