ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g03 8/4 стр. 15-18
  • Аброљос — отворете ги очите

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Аброљос — отворете ги очите
  • Разбудете се! 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Ловење и набљудување на грбави китови
  • Бедем од големи шапки
  • Птичји свет што го пленува погледот
  • Подводна сцена
  • Враќање
  • Несигурна иднина
  • Дојдоа китовите!
    Разбудете се! 2015
  • Перките на грбавиот кит
    Разбудете се! 2013
  • Огромните чудовишта од морските длабочини
    Разбудете се! 2009
  • Коралниот гребен на Белизе — светско наследство
    Разбудете се! 2007
Повеќе
Разбудете се! 2003
g03 8/4 стр. 15-18

Аброљос — отворете ги очите

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРАЗИЛ

ВО 16 век, морнарите во близина на коралните гребени покрај брегот на државата Баија (Бразил), ги предупредиле другите морнари: „Абра ос ољос!“ (Отворете ги очите!). Според традицијата, од ова честопати повторувано предупредување доаѓа името на една група од пет островчиња во тој регион — архипелагот Аброљос.

Аброљос се наоѓа во Јужниот Атлантик на само 80 километри од крајбрежните градови Каравелас и Алкобаса. Меѓутоа, тој е опкружен и одвоен со корални гребени. Морските гребени што не се одбележани на мапите, како и силните атлантски бури, ќе биле доволни да ги спречат повеќето морнари да се осмелат да влезат во овие води, доколку не постоела една голема економска атракција, грбавиот кит.

Ловење и набљудување на грбави китови

Во текот на 19 век, китовите на Аброљос станале главен извор на приходи за крајбрежните рибарски гратчиња. По една специјална миса на која локалниот свештеник ги благословувал бротчињата на ловците, тие почнувале да веслаат или да едрат кон овој архипелаг со мали, отворени бродови. Како успевале да убијат едно такво огромно суштество? Тие го користеле мајчинскиот инстинкт на китот. Најнапред китоловците го погодувале со харпун младенчето, а потоа го користеле како мамка за да ја привлечат во близина и мајката. Китовите што ги убивале ги влечеле до копното за да се извади нивната скапоцена маст во една од шесте фабрики за преработка на китови во Каравелас.

Меѓутоа, со пропаѓањето на локалниот пазар за китова маст во средината на 19 век, индустријата за преработка на китови почнала да опаѓа. Во 20 век, откако бил ловен со децении, грбавиот кит речиси го напуштил Аброљос како место за размножување. Затоа, на крајот сосема престанале да се ловат китови околу овие острови. Таму за последен пат бил убиен кит со харпун во 1929 година.

Во 1983 започнало ново поглавје во историјата на Аброљос кога петте острови на овој архипелаг и гребенот Аброљос — со вкупна површина од 910 квадратни километри — биле прогласени за поморски национален парк. За китовите не се слушало многу во текот на 50 години, но во 1987 истражувачите известиле дека биле видени китови во водите на овој парк и одлучиле подобро да го испитаат тоа. Се зачудиле кога откриле дека грбавите китови повторно се размножуваат околу островите.

Веста за враќањето на китовите, како и сѐ поголемата репутација на Аброљос како изгубен рај, почнала да привлекува посетители во мали броеви. Едно сончево летно утро, едно семејство се качило на мал рибарски брод во Каравелас и се упатило кон Аброљос, патување од шест часа. Еве како еден од нив ја опишува својата посета на овие острови.

Бедем од големи шапки

„Додека Мануел, кој нѐ носеше со бротчето, си го пробиваше патот низ Гребенскиот бедем, сфатив зошто првите португалски морнари се плашеле од овие води. Од морското дно се издигаат разнобојни корални столбови — високи до 20 метри и широки до 50 метри во близина на површината. Поради нивната форма на превртен конус, мештаните ги нарекле големи шапки. Под водата, многу од овие столбови се споиле и формирале огромни сводови и ходници, па дури и ѕидови долги по 20 километри што излегуваат на површината како платформи на гребенот. Тоа се ѕидовите на Гребенскиот бедем.

Откако го оставивме гребенот зад нас, на хоризонтот се појави Аброљос. Гледани оддалеку, петте острови личеа на џиновски клинови што пловат во океанот. Геолозите сметаат дека во далечното минато овие огромни плочи се издигнале од океанското дно под дејство на притисокот на лавата што надоаѓала. Затоа, сите острови имаат слична конфигурација на теренот — стрмни карпи што се издигаат од водата на југоисточната страна, и блага падина што преминува во тесна плажа на југозападната страна.

Сега можевме да го забележиме светилникот и една неправилна линија од двоспратни живеалишта на најголемиот остров, Санта Барбара. Вработените во Бразилскиот институт за животна средина и обнова на природните богатства (IBAMA), како и бразилските маринци што живеат на овој остров, зависат од едно бротче што носи намирници, кое доаѓа на секои две седмици. Лесно е да се претпостави дека неговото пристигнување со радост го очекуваат и тамошните кози — кои островјаните ги користат како резерва храна во итни случаи. Не се дозволени ноќевалишта, хотели, барови, ниту ресторани. Туристите што сакаат да ноќеваат, мораат да спијат на бротчињата што се закотвени околу островите.

Кога Мануел полека ја спушти котвата, внимавајќи на коралниот гребен, двајца чувари од IBAMA се качија на бротчето и ни објаснија некои правила на паркот. Туристите одат само на двата острова Сириба и Редонда, ги следат означените патеки и секогаш се во придружба на чувар. Не смее да се лови риба ниту да се земаат сувенири — дури ни камче од плажата. Строго е регулирано и набљудувањето на китовите. Ним не смеат да им пријдат повеќе од три бротчиња и не смеат да им се приближат повеќе од 100 метри. Ако до бротчето дојде некој кит, мора да се исклучи моторот, а потоа повторно да се вклучи дури кога китот ќе излезе на површината. Бротчињата мораат да го напуштат местото ако китот покаже некакви знаци на вознемиреност.“

Птичји свет што го пленува погледот

„Овде виреат многу птици. Тропската птица, ганетот, кафеавиот ганет, величествената фрегата и пепелавата морска ластовичка имаат колонии на Аброљос.

Додека со мака се искачувавме по карпестиот брег на Сириба првиот ден од нашата посета, Жордан, истражувач на IBAMA, ни покажа гнезда на ганети и на тропски птици со црвен клун. Ганетот многу сака да прави гнезда на отворен простор, но тропската птица со црвен клун повеќе ги сака пукнатините на карпите, кои ѝ обезбедуваат заштита од силните налети на ветрот што би можеле лесно да го превртат гнездото.

Ѕвезда во птичјиот свет несомнено е фрегатата, која е голема отприлика колку една кокошка. Додека трае сезоната на парење, впечатливото ќесе на вратот на мажјакот добива дречливо црвена боја и се дуе додека не стане големо колку топка. Парадоксално е тоа што фрегатата зависи од морето, но се плаши од вода. Таа има малку масло за чистење и мазнење на пердувите и затоа не може да се нурнува за да лови риба без да накисне.

Она што ѝ недостига на фрегатата во поглед на водоотпорноста, таа го надоместува со својата способност да лета. Со импресивниот распон на крилјата од 2 метра, таа ги фаќа топлите воздушни струи и останува речиси неподвижна во воздухот, додека го држи на око својот ненамерен партнер во риболовот, ганетот. Штом ганетот ќе фати нешто, фрегатата нагло се спушта и напаѓа со својот долг кукаст клун, понекогаш истргнувајќи ја рибата директно од клунот на ганетот. Ако преплашениот ганет го испушти својот улов, фрегатата се спушта удолу и вешто го фаќа пред да падне во водата. Што ако ганетот прв ја голтне рибата? Агресивната фрегата понекогаш дури и го брка ганетот и го присилува да го поврати својот оброк!“

Подводна сцена

„Вториот ден од нашата посета го минавме во подводно истражување. Температурата на водата во овој архипелаг никогаш не паѓа под 24 степени Целзиусови, а видливоста може да изнесува и до 15 метри. За да се истражува во мирните, плитки води во близина на островите не е потребна скапа нуркачка опрема. Потребни Ви се само цевка и маска за нуркање и гумени перки. Додека сонцето се нурнува во овој подводен свет, светлината се одбива од јатата риби, од зелените, лилави и жолти корали, како и од црвените сунѓери и алги. Се капеме во разнобојната светлина. Иако има мал број на корални видови во споредба со другите тропски гребени, некои од нив ги има само овде.

Неверојатно сините води околу островот изобилуваат со повеќе од 160 видови риби. Има суштества во најразлични облици и големини: ретката желка карета, францускиот скалар, рибата⁠-​хирург, морската игла, рибата-папагал, огромниот морски гргеч и мурената. Рибите се толку питоми што буквално Ви јадат од рака, а кога ќе ја изедат храната нежно ви ги грицкаат прстите барајќи уште.“

Враќање

„Попладнето од нашиот трет ден на архипелагот, тргнавме назад кон Каравелас со измешани чувства. Бев восхитен од Аброљос, но бев разочаран заради тоа што сѐ уште не видовме ниту еден кит. Меѓутоа, откако пловевме 30-тина минути, Мануел одеднаш извика: ‚Ене кит! Ене кит!‘ На оддалеченост од околу 200 метри се појавија три грбави кита — два возрасни и едно младенче. Јасно можевме да ја видиме белата долна страна од нивните огромни перки. Можеби од љубопитност, едниот од нив ни се приближи и неколку минути пливаше покрај нас. Не можев да си верувам на очите кога китот скокна. До половина го подигна од водата своето огромно тело и потоа се спушти на грбот. Направи една огромна бразда во океанот! Додека островите се губеа зад нас во далечината, сѐ уште можевме да ги видиме задните перки на китот и повремените млазови вода што бликнуваа од површината. Се радувавме што грбавите китови повторно се вратија.“

Несигурна иднина

Заканата од китоловците можеби ја нема повеќе, но остануваат други закани. Би било нереално да се помисли дека овие острови можат да бидат изолирани од еколошките проблеми. Еден океанограф се изразил вака: ‚Не е доволно да се зачува еден архипелаг и да се ограничи пристапот до него ако се уништува сѐ друго околу него‘.

Многу научници сметаат дека покачувањето на глобалната температура е одговорно за избледувањето на Гребенскиот бедем, што е знак дека неговите ситни алги исчезнуваат. Изгледа неизбежно дека уништувањето на шумите на копното и ерозијата на почвата, со кои се зголемува количеството нанос што реките го носат во морето, со текот на времето ќе се одрази врз коралите на овие острови. И, се разбира, додека секоја година расте бројот на посетители, еколозите ќе мора и понатаму да бидат будни за да спречат Аброљос да стане жртва на сопствената ненарушена убавина.

Меѓутоа, досега ниту еден од овие темни облаци што се појавуваат на хоризонтот на Аброљос не ја засенил неговата недопрена убавина — неговите чудесни акробатски китови, фасцинантниот птичји свет и уникатните корали. Иако бил откриен пред речиси 500 години, Аброљос сѐ уште е место каде што вреди да се отворат очите. Посетата на ова место претставува гозба за очите и незаборавно искуство.

[Карта на страница 15]

(Види во публикацијата)

БРАЗИЛ

АБРОЉОС

[Карта на страница 15]

(Види во публикацијата)

АРХИПЕЛАГОТ АБРОЉОС

Сириба

Редонда

Санта Барбара

Гуарита

Суесте

[Слика на страница 15]

Светилникот на Аброљос, изграден во 1861

[Слика на страница 16]

Фрегата

[Слика на страница 16]

Корал

[Извор на слика]

Enrico Marcovaldi/Abrolhos Turismo

[Слика на страница 16]

Француски скалар

[Слика на страници 16 и 17]

Ганет

[Слика на страница 17]

Редонда

[Извор на слика]

Foto da ilha: Maristela Colucci

[Слика на страница 17]

Мурена

[Слика на страница 17]

Риба-хирург

[Слика на страница 17]

Тропска птица со црвен клун

[Слика на страница 18]

Грбав кит и неговото младенче

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели