По експлозијата во една хемиска фабрика
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ФРАНЦИЈА
НА 21 СЕПТЕМВРИ 2001, само десет дена по нападот на Светскиот трговски центар во Њујорк, случајна голема експлозија во една хемиска фабрика ги разруши предградијата на Тулуз, југозападна Франција. Француското списание Le Point ја опиша како „најстрашна индустриска несреќа во Франција по завршувањето на II светска војна“.
Експлодираа околу 300 тони вештачко ѓубриво, при што се направи кратер широк 50 метри и длабок 15 метри. Од експлозијата и од ударниот бран што го предизвика таа загинаа 30 луѓе и беа повредени повеќе од 2.200 луѓе. Беа уништени околу 2.000 домови, а беа оштетени уште 27.000 домови во радиус од осум километри. Настана паника бидејќи луѓето погрешно претпоставуваа дека се работи за терористички напад и дека од фабриката излегол облак од отровен гас.
При експлозијата беа повредени неколку Јеховини сведоци, а многу беа погодени на други начини. Христијанската љубов ги поттикна другите Сведоци веднаш да преземат нешто (Јован 13:34, 35). Следи извештај за акцијата за помош.
„Ништо не остана од зградата“
Худир е еден од преживеаните што работел во хемиската фабрика. Експлозијата и кршот што летал на сите страни го онесвестиле и при тоа му биле скршени вилицата и клучната коска. Бенжамен, кој работел веднаш до хемиската фабрика, бил отфрлен три метри низ канцеларијата и удрил во ѕидот. Разлетаното стакло го исекло на неколку места и го погодило во десното око, оштетувајќи му го видот. „Имав среќа што не бев на моето биро“, рече тој. „Врз столицата паднаа околу 600 килограми цигли.“
Ален, наставник во едно училиште оддалечено само 200 метри од фабриката, фотокопирал нешто кога настанала експлозијата. Тој рече: „Ништо не остана од зградата, само челичната конструкција. Ниту ѕидови, ниту покрив — ништо. Добив повреди од парчиња стакло и бев длабоко исечен по целото лице. Беше како некој да ме удрил по лицето со боздоган“. Како последица од експлозијата, Ален ослепел на едното око и делумно оглувел.
Брза акција за помош
Колку што можеа поскоро, старешините од 11 собранија на Јеховините сведоци што беа погодени од несреќата стапија во контакт со секој член на собранието за да проверат дали има повредени и дали нешто е оштетено. Веднаш беа испратени доброволци кај оние на кои најмногу им требаше помош. Доброволците наскоро дознаа дека беа оштетени околу 60 домови на Сведоци и помогнаа десетина фамилии да се сместат на други места. Исто така, доброволците помогнаа да се поправат две оштетени Сали на Царството. Освен тоа, понудија практична помош околу тоа како да се добие обештетување.
Катрин и Мишел живеат веднаш спроти фабриката. Во моментот кога избувнала експлозијата, Катрин се возела во автомобилот. Таа објаснува: „Во почетокот осетивме нешто како земјотрес. По неколку секунди ја чувме експлозијата. Потоа видовме како се крева чад. Со автомобилот стигнав до мојата населба; личеше на некоја воена зона. Сите куќи беа разрушени, а излозите на продавниците беа испокршени. Луѓето трчаа по улицата. Други седеа или лежеа на патот, плачејќи или пискајќи. Дома, сите прозорци, па дури и рамките, беа откорнати од ѕидовите и немаше останато ниедна врата. Нашите христијански браќа и сестри брзо ни дојдоа на помош. Веќе попладнето, еден тим од собранието пристигна со кофи, метли и најлони за да ги затворат прозорците“.
Ален и Лилијан исто така живеат до оваа фабрика. Експлозијата го уништи нивниот стан. „Сѐ беше скршено“, вели Ален. „Ѕидовите и плочките беа распукани, а прозорците, вратите и мебелот беа уништени. Не остана ама баш ништо. Нашите христијански браќа веднаш дојдоа да ни помогнат. Го расчистија шутот и помогнаа да се расчистат и други станови во зградата. Соседите беа многу изненадени кога видоа дека дојдоа да помогнат толку многу луѓе.“ Утрото кога настана експлозијата, на Ален му се јавил еден библиски студент за да го викне да имаат библиска студија. Лилијан била излезена да заврши некоја работа. Затоа, никој не бил дома кога настанала експлозијата.
Помошта што ја дадоа Сведоците не беше ограничена само на членовите на собранието. Откако си помогнаа еден на друг, тие им помогнаа и на своите соседи, расчистувајќи го кршот од становите и покривајќи ги скршените прозорци. Соседите беа многу благодарни и изненадени што никој не им наплати ништо.
Им беше понудена помош и на локалните власти, кои едноставно не можеа да се справат со толкава штета. Сведоците ги расчистија училиштата и другите јавни згради. Во едно соседство, локалните власти испратија Сведоци доброволци да одат од врата до врата за да направат проценка на потребите на луѓето.
Давање духовна помош
Освен материјална помош, на многу Сведоци од местото каде што се случи експлозијата им беше потребна и духовна помош. Затоа, патувачките надгледници и локалните старешини им се јавија на сите што беа погодени од несреќата. Оваа поддршка многу се ценеше. Катрин рече: „Старешините се растрчаа околу нас. Дојдоа да нѐ охрабрат. Всушност, токму тоа ни беше потребно, и тоа повеќе од материјална помош“.
Христијанската љубов што брзо беше покажана на дело по оваа несреќа беше повод за некои интересни коментари. Еден Сведок што беше тешко повреден, рече: „Едноставно не знаеме што ќе се случи утре. Мораме постојано да му служиме на Јехова како секој ден да ни е последен“ (Јаков 4:13—15). Друг Сведок заклучи: „Сето ова ни помогна да сфатиме дека не треба претерано да се врземе за материјаните работи. Она што има вистинска вредност го има во Јеховиниот народ“.
[Слика на страница 14]
Бенжамен и Худир
[Слика на страница 14]
Ален
[Слика на страница 15]
Тулуз дента по експлозијата
[Извор на слика]
© LE SEGRETAIN PASCAL/CORBIS SYGMA
[Слика на страница 15]
Ален и Лилијан