Судирот на Галилео со црквата
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ИТАЛИЈА
ДАТУМОТ е 22 јуни 1633. Еден нејак стар човек клечи на коленици пред судот на римската инквизиција. Тој е научник, еден од најпознатите во негово време. Неговите научни убедувања се темелат на долгогодишно изучување и истражување. Сепак, ако сака да си го спаси животот, мора да се одрече од она што знае дека е вистина.
Се вика Галилео Галилеј. Случајот Галилео, како што го нарекуваат многумина, покренал сомневања, прашања и полемики што останале до ден-денес, иако поминале околу 370 години. Тој случај оставил неизбришлив печат во историјата на религијата и науката. Зошто се кренала толкава врева? Зошто случајот Галилео повторно се најде во медиумите во нашево време? Дали тој навистина е симбол на „расцеп помеѓу науката и религијата“, како што се изразил еден писател?
Многумина го сметаат Галилео за „татко на современата наука“. Тој бил математичар, астроном и физичар. Како еден од првите луѓе што го изучувале небото со помош на телескоп, Галилео го протолкувал она што го видел како поддршка на идејата за која во негово време сѐ уште се воделе вжештени дебати: Земјата се врти околу Сонцето и, според тоа, нашата планета не е центар на универзумот. Не е чудо што Галилео понекогаш се смета за основач на современиот експериментален метод!
Кои биле некои од откритијата и изумите на Галилео? Како астроном, меѓу другото, открил и дека Јупитер има месечини, дека Млечниот пат се состои од ѕвезди, дека месечината има планини и дека Венера има месечеви мени. Како физичар, тој ги проучувал законите што управуваат со математичкото нишало и со телата што паѓаат. Изумил инструменти како што е геометрискиот компас, еден вид логаритам. Користејќи ги информациите што ги добил од Холандија, го направил телескопот, кој му го отворил целиот универзум.
Меѓутоа, долготрајниот конфликт со црковната хиерархија ја претворил кариерата на овој славен научник во животна драма — случајот Галилео. Како и зошто започнал овој случај?
Конфликт со Рим
Уште кон крајот на 16 век, Галилео ја прифатил Коперниковата теорија, според која Земјата се врти околу Сонцето, а не обратно. Таа е наречена и хелиоцентричен систем (Сонцето е центар). Откако со помош на својот телескоп во 1610 ги открил небесните тела што никогаш дотогаш не биле видени, Галилео се уверил дека нашол потврда за хелиоцентричниот систем.
Според Grande Dizionario Enciclopedico UTET, Галилео сакал да направи нешто повеќе отколку само да дојде до тие откритија. Сакал да ги убеди „највисоките личности од тоа време (владетелите и кардиналите)“ дека Коперниковата теорија е точна. Се надевал дека, со помош на влијателни пријатели, ќе може да ги совлада приговорите на црквата, па дури и да ја добие нејзината поддршка.
Во 1611, Галилео отпатувал за Рим, каде што се сретнал со високите свештеници. Го употребил телескопот за да им ги покаже своите астрономски откритија. Но, работите не испаднале така како што се надевал. Во 1616, Галилео се нашол под службен надзор.
Теолозите на римската инквизиција ја нарекле хелиоцентричната теза „филозофски неразумна и апсурдна и формално еретична, бидејќи на многу места јасно му противречи на буквалното значење на речениците од Светото писмо, како и на нивното стандардно писмено толкување и на разбирањето на Светите отци и докторите по теологија“.
Галилео се сретнал со кардиналот Роберто Белармино, кој се сметал за најголемиот католички теолог од тоа време и кој бил наречен „чекан за еретиците“. Белармино формално го опоменал Галилео да престане да ги унапредува своите идеи за систем во чиј центар е Сонцето.
Пред судот на инквизицијата
Галилео се обидел да постапува претпазливо, но не се откажал од својата поддршка на Коперниковата теорија. По 17 години, во 1633, Галилео излегол пред судот на инквизицијата. Кардиналот Белармино бил мртов, но сега главен противник на Галилео бил папата Урбан VIII, кој му бил наклонет во минатото. Некои писатели го нарекле ова судење едно од најпрочуените и најнеправедни судења во стариот век, ставајќи го дури и на исто ниво со судењата на Сократ и Исус.
Што довело до ова судење? Галилео напишал една книга со наслов Dialogue Concerning the Two Chief World Systems (Дијалог во врска со двата главни система на светот). Всушност, таа го застапувала хелиоцентризмот. На авторот му било речено да се појави на суд во 1632, но Галилео одложувал бидејќи бил болен и стар — имал речиси 70 години. Отпатувал во Рим следната година, откако му се заканиле дека ќе го стават во окови и дека сосила ќе го доведат таму. По наредба на папата, тој бил сослушуван, па дури му се заканиле и со мачење.
Сѐ уште е дискутабилно тоа дали овој болен старец навистина бил мачен. Како што е запишано во неговата пресуда, Галилео бил подложен на „ригорозно испитување“. Според Итало Мереу, историчар за италијанскиот закон, таа фраза била технички израз што во тоа време се користел за да се опише мачењето. Бројни изучувачи се согласуваат со ова толкување.
Како и да е, Галилео бил осуден во една обична сала пред членовите на инквизицијата на 22 јуни 1633. Бил обвинет дека „застапува и верува во погрешна доктрина, спротивна на Светото и Божје писмо, дека Сонцето . . . не се движи од исток кон запад и дека Земјата се движи и дека не е центар на светот“.
Галилео не сакал да стане маченик, па затоа бил принуден да се одрече од своите верувања. Откако била прочитана неговата пресуда, овој остарен научник, клекнат на коленици и облечен како покајник, трезвено изјавил: „Се откажувам, ги проколнувам и ги мразам претходно наведените грешки и ерес [Коперниковата теорија] и секоја друга грешка, ерес или секта спротивна на Светата Црква“.
Има едно популарно верување — кое не е поткрепено со цврсти докази — дека, откако се откажал, Галилео удрил со ногата по подот и со протест извикнал: „Сепак се врти!“ Коментаторите тврдат дека понижувањето поради тоа што се одрекол од своите откритија го измачувало овој научник сѐ до смртта. Бил осуден на затвор, но пресудата била заменета со постојан куќен притвор. Кога ослепел, живеел речиси во потполна изолација.
Судир помеѓу религијата и науката?
Многу луѓе заклучиле дека случајот со Галилео докажува дека науката и религијата воопшто не можат да се спојат. Всушност, низ вековите, случајот Галилео ги отуѓил луѓето од религијата. Поради него мнозина биле убедени дека самата природа на религијата е таква што претставува закана за напредокот на науката. Дали навистина е така?
Всушност, папата Урбан VIII и теолозите од римската инквизиција ја осудиле Коперниковата теорија, тврдејќи дека е спротивна на Библијата. Противниците на Галилео се осврнале на изјавата на Исус Навин, „Сонце, застани“, која, според нивното толкување, требало да се сфати буквално (Исус Навин 10:12). Но, дали Библијата навистина ѝ противречи на Коперниковата теорија? Воопшто не.
Противречноста лежела помеѓу науката и едно толкување на Писмото кое очигледно не било исправно. Така гледал Галилео на таа работа. Тој му напишал на еден ученик: „Иако Писмото не може да греши, неговите толкувачи и коментатори можат, на различни начини. Еден начин, и тоа многу сериозен и многу чест, би бил кога секогаш сакаат да останат само на буквалното значење“. Секој сериозен студент на Библијата би морал да се согласи со тоа.a
Галилео отишол уште подалеку. Тој тврдел дека две книги, Библијата и книгата на природата, биле напишани од ист Автор и дека не би можеле да си противречат една на друга. Но, додал дека човек не би можел „со сигурност да тврди дека сите толкувачи зборуваат под божествена инспирација“. Ваквата одлучна критика на официјалното толкување на црквата веројатно се сметала за провокација, поради што римската инквизиција го осудила овој научник. На крајот на краиштата, како се осмелувал еден лаик да се меша во работи што се исклучително право на црквата?
Осврнувајќи се на случајот Галилео, неколку изучувачи изнеле сомневања во врска со непогрешливоста на црквата и на папата. Католичкиот теолог Ханс Кун пишува дека „бројни и непобитни“ грешки на „официјалните учења на црквата“, вклучувајќи го и „осудувањето на Галилео“, ја довеле во прашање догмата за непогрешливост.
Рехабилитација на Галилео?
Во ноември 1979, една година откако бил избран за папа, Јован Павле II се надевал дека повторно ќе биде разгледан статусот на Галилео кој, како што признал папата, „морал многу да страда . . . од рацете на луѓе и институции на Црквата“. По 13 години, во 1992, една комисија чии членови ги поставил самиот папа, признала: „Извесни теолози, современици на Галилео . . . не го сфатиле длабокото, небуквално значење на Писмото кога тоа ја опишува физичката структура на создадениот универзум“.
Меѓутоа, факт е дека хелиоцентричната теорија не ја критикувале само теолозите. Папата Урбан VIII, кој играл значајна улога во овој случај, строго инсистирал Галилео да не го поткопува вековното црковно учење дека Земјата е центар на универзумот. Тоа учење не потекнува од Библијата туку од грчкиот филозоф Аристотел.
Откако денешната комисија повторно марливо го разгледала случајот, папата ја нарекол осудата на Галилео „избрзана и кобна одлука“. Дали овој научник е рехабилитиран? „Да се зборува за рехабилитацијата на Галилео, како што зборуваат некои, е апсурдно“, вели еден писател, „бидејќи историјата не го осудува Галилео — таа го осудува црковниот суд“. Историчарот Луиџи Фирпо рекол: „Прогонителите немаат право да ги рехабилитираат своите жртви“.
Библијата е „светилка која свети на темно место“ (2. Петрово 1:19). Галилео ја бранел од погрешно толкување. Но, црквата го направила токму спротивното, бранејќи ја човечката традиција на сметка на Библијата.
[Фуснота]
a Еден искрен читател спремно ќе признае дека изјавата во врска со тоа дека сонцето застанало на небото не претставува научна анализа туку, едноставно, забележување за тоа како изгледаат работите од гледна точка на човечки очевидци. И астрономите честопати зборуваат за изгревање и заоѓање на сонцето, планетите и ѕвездите. Тие не мислат дека овие небесни тела буквално се вртат околу Земјата туку дека изгледа како да се движат по небото.
[Рамка/слика на страница 14]
Животот на Галилео
Роден во Пиза во 1564, од татко фирентинец, Галилео студирал медицина на тамошниот универзитет. Бидејќи немал голем интерес за оваа дисциплина, се откажал од неа за да студира физика и математика. Во 1585 се вратил кај своето семејство без да стекне некакви академски квалификации. Сепак, бил почитуван од најголемите математичари од своето време, па затоа добил служба како предавач по математика на универзитетот во Пиза. По смртта на татко му, економските тешкотии го присилиле Галилео да се пресели во Падова, каде што добил подобро платено место како професор по математика на универзитетот во тој град.
Во текот на 18-те години колку што престојувал во Падова, Галилео имал три деца со својата љубовница, некоја млада венецијанка. Во 1610 се вратил во Фиренца, каде што ја подобрил својата економска ситуација, што му овозможило да посвети повеќе време на истражувањето — но на сметка на слободата што ја уживал на територијата на Венецијанската република. Големиот војвода од Тоскана го поставил за „прв филозоф и математичар“. Галилео умрел во Фиренца во 1642, додека бил во куќен притвор на кој го осудила инквизицијата.
[Извор на слика]
Од книгата The Library of Original Sources, том VI, 1915
[Слика на страница 12]
Телескопот на Галилео, кој му помогнал да потврди дека Земјата не е центар на универзумот
[Извор на слика]
Scala/Art Resource, NY
[Слики на страница 12]
Геоцентричен систем (Земјата е центар)
Хелиоцентричен систем (Сонцето е центар)
[Извор на слика]
Заднина: © 1998 Visual Language
[Извор на слика на страница 11]
Фотографија: Од книгата Historian’s History of the World