ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w91 15/12 стр. 22-24
  • „Сепак се движи!“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • „Сепак се движи!“
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Науки на удар на црквата
  • Не како научен прирачник
  • Забрана на делата
  • Галилео осуден за ерес
  • Галилео
    Разбудете се! 2015
  • Судирот на Галилео со црквата
    Разбудете се! 2003
  • Книга која е погрешно прикажана
    Книга за сите луѓе
  • Науката и религијата — почеток на конфликтот
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
w91 15/12 стр. 22-24

„Сепак се движи!“

„БИБЛИЈАТА учи како се оди на небото, а не како оди небото“, рекол италијанскиот научник и пронаоѓач од 16. век, Галилео Галилеј. Ваквото верување го довеле до судир со римокатоличката црква која му се заканила со мачење и затвор. Околу 350 години подоцна, црквата го обновила процесот на Галилео. Она што се случило во деновите на Галилео било наречено „конфронтација помеѓу емпириската наука и слепиот догматизам“.

Денес трагачите по вистината можат да учат од искуството на Галилео. Но, зошто воопшто дошло до таква конфронтација? Одговорот ќе ни го даде испитувањето на прифатените научни погледи од тоа време.

Во средината на 16. век се сметало дека центар на вселената е Земјата. Се претпоставувало дека планетите кружат во совршени кругови. Иако не биле докажани со научни методи, овие идеи биле прифатени со вера како утврден факт. Всушност, науката со своите „мистични идеи“ била неразделива од религијата.

Во еден таков свет, во 1564 година, во едно угледно семејство во Пиза се родил Галилео Галилеј. Татко му сакал тој да студира медицина, но љубопитното момче се воодушевувало од математиката. Со тек на времето, како професор на науки открил извесни закони на инерцијата. Кога чул за описот на првиот холандски телескоп, тој многу го подобрил моделот и направил сопствен, понадмоќен инструмент. Го свртел кон небото и она што го научил го објавил во својата прва книга Sidereus Nuncius (Ѕвездениот гласник), во кој на својата генерација ѝ претставил четири Јупитерови месечини. Во 1611 бил повикан во Рим, кадешто во језуитскиот Collegio Romano (Римски универзитет) ги претставил своите откритија. Овие му оддале чест така што прогласиле Ден на Галилео.

Науки на удар на црквата

За несреќа, пред Галилео да го напушти Рим, еден моќен језуит, кардиналот Белармин, подбуцнал истрага против учењата на Галилео. Галилео верувал дека творбата е управувана од закони кои човекот може да ги научи преку проучување. Католичката црква се спротивставила на тоа гледиште.

Дури и некои астрономи биле против сфаќањата на Галилео. Тие верувале дека е невозможно телескопот да ја зголеми реалноста и дека пронајдокот е лакрдија. Еден свештеник дури приговарал дека ѕвездите кои се гледале биле вградени во леќите! Кога Галилео открил месечеви планини и потврдил дека небесните тела не се совршени топки, свештеникот Клавиј противречил дека Месечината е обложена со кристал, така што, иако некој може таму да види планини, таа сѐ уште е совршена топка! „Тоа“, рекол Галилео, „е прекрасен плод на фантазијата.“

Нагонот на Галилео да чита од „Книгата на природата“, како што тој го нарекувал проучувањето на творештвото, го довело до делото на полскиот астроном Никола Коперник. Во 1543 Коперник издал една книга која докажувала дека Земјата се врти околу Сонцето. Галилео го потврдил тоа. Меѓутоа, тоа Галилео го довело во судир со научните, политичките и религиозните установи од негово време.

Иако католичката црква ја користела коперниканската астрономија за одредување на датумите, како на пр. Велигден, гледиштата на Коперник не биле службено прифатени. Црквената хиерархија ја поддржувала теоријата на Аристотел дека Земјата е центар на вселената. Меѓутоа, новите идеи на Галилео претставувале предизвик за нивната репутација и моќ.

Иако независните научници ширум Европа работеле на тоа да го докажат коперниканскиот систем, тие се задоволувале со тоа само да дискутираат по тоа прашање во академскиот свет (не јавно, туку само помеѓу научниците). Затоа католичката црква не ги прогонувала. Галилео не пишувал на латински, туку на говорен италијански јазик и така неговите откритија станале популарни. Свештенството мислело дека тој ги предизвикува не само нив, туку и Божјата Реч.

Не како научен прирачник

Се разбира, откривањето на фактите за вселената не претставува навистина предизвик за Божјата Реч. Оние кои ја проучуваат таа Реч, увидуваат дека Библијата не е научен прирачник, иако е прецизна кога допира научни работи. Таа е напишана заради духовен развој на верниците, а не да ги учи за физика или за некои други природни науки (2. Тимотеј 3:16, 17). Така мислел и Галилео. Тој упатувал на тоа дека постојат два типа на јазици: прецизните научни термини и обичните зборови на инспирираните писатели. Тој напишал: „Потребно е Писмото (...) да се прилагоди за да можат да го разберат обичните луѓе, да се изнесат многу работи кои изгледаат поинакви (во значењето на зборовите) од апсолутната вистина“.

Постојат примери за ова во разни библиски стихови. Еден е во Јов 38:6, каде Библијата вели за Земјата дека има „основи“ и „аголен камен“. Некои го злоупотребиле ова како доказ дека Земјата е фиксирана. Ваквите изрази не претставуваат научен опис на Земјата, туку само поетски го споредуваат создавањето на Земјата со подигањето на некоја градба, чиј Главен Градител е Јехова.

Како што истакнува биографот Л. Гамона́ во својата книга Галилео Галилеј: „Теолозите со ограничен ум кои сакаа да ја ограничат науката со библиско расудување, не постигнаа ништо друго туку само ја уништија довербата во самата Библија“. Од себични причини, тврдоглави луѓе го сториле токму тоа. Било испратено писмо до Инквизицијата во кое се барала истрага за Галилео.

Забрана на делата

На 19. февруари 1616, на католичките теолози им биле претставени две тврдења: (1) „Сонцето е центар на вселената“ и (2) „Земјата не е центар на вселената“. На 24. февруари тие ги прогласиле овие идеи за луди и еретички. На Галилео му било заповедано да не се држи или учи за вакви теории. Голем број негови и други книги биле забранети.

Галилео бил замолкнат. Не само што католичката црква била против него, туку и неговите пријатели биле беспомошни да сторат што и да било. Тој едноставно му се посветил на истражувањето. Да не дошло до сменување на папите во 1623, можеби никогаш повеќе не би се чуло за него. Меѓутоа, новиот папа, Урбан VIII, бил интелектуалец и Галилеов приврзаник. Галилео дознал дека папата нема да биде против нова книга. На еден службен прием папата дури предложил еден аргумент кој би можел да биде опфатен. Со оваа очигледна поддршка Галилео почнал да работи на книгата.

Иако книгата на Галилео Дијалози за двата главни светски система најпрво била објавена со католичко одобрение во 1632, папскиот ентузијазам набрзо исчезнал. На старост од 70 години Галилео по втор пат бил повикан да се појави пред Инквизицијата. Обвинението за осомниченост за ерес наложувало најпрво да се објасни црквеното овластување за издавање на книгата, а било изнесено тврдење дека Галилео измамнички ја притаил поранешната забрана за учење на коперниканизмот. Бидејќи Дијалозите споредувале астрономски системи, вклучувајќи го и оној на Коперник, се тврдело дека тие ја нарушиле забраната.

Галилео одговорил дека неговата книга е критички осврт за Коперник. Тоа бил слаб изговор, бидејќи во книгата била изнесена најуверлива одбрана на Коперник. Освен тоа, зборовите на папата му биле припишани на тапоглавиот лик од книгата, Симплициус, и така бил навреден папата Урбан VIII.

Галилео осуден за ерес

Галилео бил прогласен за виновен. Веќе болен и под закана со тортура ако не се одрече, тој се одрекол. Паднат на коленици, се заколнал: „Се одрекнувам (...) од изречените грешки и ереси (...) Никогаш повеќе нема да зборувам (...) такви работи кои би можеле да ме доведат под слично сомнение“. Интересно е дека легендата вели дека откако станал, тој чукнал по Земјата и промрморел: „Eppur si muove!“ [Епур си муове: Сепак се движи!].

Казната гласела затвор и каење до смртта, која настапила девет години подоцна. Во едно писмо кое го напишал во 1634, стои: „Војнава не ја започнаа некои мои сфаќања, туку тоа што сум во немилост кај језуитите“.

Во 1822 година била повлечена забраната од неговите дела. Но сѐ до 1979, папата Јован Павле II не го отворал тоа прашање, и соопштил дека Галилео бил ‚принуден многу да страда (...) од црквените луѓе и организации‘. Марио Д’Адио, познат член на специјалната комисија основана од папата Јован Павле II, во ватиканскиот весник L’Osservatore Romano изјавил: „Се чини дека таканаречената ерес на Галилео нема никаква основа, ниту според теолошкиот ниту според канонскиот закон“. Според Д’Адио, инквизицискиот суд го пречекорил своето овластување — теоријата на Галилео не повредила ниедна точка од верата. Ватиканскиот весник соопштил дека осудата на Галилео за ерес била неоснована.

Што учиме од искуството на Галилео? Христијанинот треба да увиди дека Библијата не е научен учебник. Кога ќе се појави некој конфликт помеѓу Библијата и науката, христијанинот не треба да се обидува да го исправи секое „несовпаѓање“. И на крајот, христијанската вера се темели на „речта за Христос“, а не на научниот авторитет (Римјаните 10:17, NW). Освен тоа, науката постојано се менува. Теоријата која се чини противречна на Библијата и која денес е популарна, утре може да биде прогласена за погрешна и да биде отфрлена.

Сепак, кога укажуваат на случајот на Галилео за да покажат дека религијата ја задушува науката, научниците би постапиле добро ако се сетат дека откритието на Галилео не било прифатено од истражувачките установи од неговото време. Спротивно на современата мисла, Библијата не била во расчекор со таа вистина. На Божјата Реч не ѝ била потребна ревизија. Проблемот настанал поради тоа што католичката црква погрешно ја толкувала Библијата.

Заради извонредниот склад и природниот закон во вселената секој би требало да биде поттикнат на поголемо ценење на Творецот, Јехова Бог. Галилео запрашал: „Дали Делото е помалку благородно отколку Речта?“ Апостолот одговара: „[Божјите] невидливи особини јасно се гледаат од создавањето на светот па наваму, бидејќи се забележуваат по она што е создадено“ (Римјаните 1:20, NW).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели