Науката и религијата — почеток на конфликтот
ДОДЕКА лежи на смртна постела, 70-годишниот астроном се мачи да прочита нешто од ракописот што го држи во рацете. Тоа е лично негов манускрипт и сега е спремен за печатење. Овој човек можеби воопшто не бил свесен дека неговата книга до темел ќе ја растресе човековата претстава за вселената. Жестоки полемики ќе го потресат и самиот христијански свет, а последиците од нив се чувствуваат до ден-денес.
Ова се случило во 1543 година, а човекот на смртната постела бил Никола Коперник, католик од Полска. Според книгата на Коперник, со наслов За кружењето на небесните тела (De Revolutionibus Orbium Coelestium), во центарот на Сончевиот систем се наоѓа Сонцето, а не Земјата. Со еден удар, Коперник ја турнал од пиедесталот крајно сложената геоцентрична теорија (според која Земјата е во центарот на вселената) и ја заменил со една прекрасна и едноставна хелиоцентрична теорија.
Во почетокот немало показатели дека ќе дојде до некаков конфликт. Една причина за ова е што Коперник бил претпазлив кога ги изнесувал своите идеи. Освен тоа, изгледа дека тогаш и Католичката црква, која го имала прифатено геоцентричното гледиште, била потолерантна кон научните претпоставки и нагаѓања. Дури и самиот папа го поттикнувал Коперник да ја отпечати својата книга. Кога книгата конечно била објавена, плашливиот издавач напишал свој сопствен предговор во кој го претставил хелиоцентричниот систем како математички идеал, а не како таков што апсолутно одговара на астрономската вистина.
Конфликтот се вжештува
Како следен во конфликтот влегол италијанскиот астроном, математичар и физичар Галилео Галилеј (1564-1642), кој исто така бил католик. Користејќи телескопи што самиот ги направил со помош на новооткриената леќа, Галилеј го видел небото во детали што дотогаш ги немал видено ниеден човек. Овие набљудувања го увериле дека Коперник имал право. Галилеј видел и дамки на Сонцето, што денес се познати како Сончеви петна, и со тоа оспорил уште една омилена филозофска и религиозна догма — дека Сонцето не може да се менува ниту да се распадне.
За разлика од Коперник, Галилеј ги застапувал своите идеи храбро и со жар. Освен тоа, во негово време и религијата била понепријателски настроена, бидејќи дотогаш Католичката црква веќе отворено се изјаснила против Коперниковата теорија. Затоа, кога Галилеј почнал да тврди дека не само што хелиоцентричниот концепт е точен туку и дека е во склад со Светото писмо, на црквата ѝ замирисало на ерес.a
Галилеј отишол да се брани во Рим, но без успех. Во 1616 година, Црквата му забранила да ги застапува идеите на Коперник. Така успеала за некое време да го замолчи. Но, во 1632 година, Галилеј објавил уште едно дело во одбрана на Коперник. Веќе следната година, инквизицијата го осудила на доживотен затвор. Сепак, земајќи ги во обѕир неговите поодминати години, брзо ја преиначила казната во домашен притвор.
Мнозина сметаат дека судирот на Галилеј со Црквата е голем триумф на науката над религијата, а со тоа и над Библијата. Меѓутоа, како што ќе видиме во следната статија, при донесувањето на овој упростен заклучок, всушност, не се земени предвид многу факти.
[Фуснота]
a Галилеј непотребно си создал моќни непријатели така што возвраќал брзо, остро и со зајадлив сарказам. Освен тоа, сакајќи да им докаже дека хелиоцентричниот концепт е во склад со Библијата, тој се поставил во улога на стручњак на полето на религијата, и тоа уште повеќе ја разгневило Црквата.
[Слика на страница 3]
Коперник
[Извор на слика]
Извадок од Giordano Bruno and Galilei (германско издание)
[Слика на страница 3]
Галилеј се брани пред римската инквизиција
[Извор на слика]
Од книгата The Historian’s History of the World, том IX, 1904
[Извор на слика на страница 3]
Заднина: Карта која го прикажува концептот на Коперник за Сончевиот систем