ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g05 8/9 стр. 14-17
  • Човекот што „ја помрдна Земјата“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Човекот што „ја помрдна Земјата“
  • Разбудете се! 2005
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Млад ум желен за знаење
  • Раѓањето на една револуционерна теорија
  • Контроверзии околу ракописот
  • За движењето
  • — револуционерно дело
  • Науката и религијата — почеток на конфликтот
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
  • Мора ли традицијата да ѝ противречи на вистината?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Галилео
    Разбудете се! 2015
  • „Сепак се движи!“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
Повеќе
Разбудете се! 2005
g05 8/9 стр. 14-17

Човекот што „ја помрдна Земјата“

Од дописникот на Разбудете се! од Полска

„Има некои „зли јазици“ што си земаат за право да ме осудуваат иако не знаат ништо за математика, и кога бесрамно ја извртуваат смислата на некои стихови од Светото писмо за да одговара на нивните намери, тие се осудуваат да го кудат и да го напаѓаат моето дело; тоа ни најмалку не ме загрижува и затоа нивните осуди ќе ги отфрлам како дрскост.“

НИКОЛА КОПЕРНИК му ги напишал овие зборови на папата Павле III. Ги вклучил и во предговорот на своето епохално дело со наслов За движењето на небесните тела, издадено во 1543 година. Во врска со ставовите изнесени во оваа книга, Кристоф Клавиус, језуитски свештеник од 16 век, рекол: „Теоријата на Коперник содржи многу апсурдни или погрешни тврдења“. Германскиот теолог Мартин Лутер се жалел: „Овој будала ќе го наруши целиот систем на астрономијата“.

Кој бил Никола Коперник? Зошто неговите гледишта биле толку контроверзни? И какво влијание имал тој врз современото размислување?

Млад ум желен за знаење

Роден е на 19 февруари 1473 во Торуњ (Полска) под името Миколај Коперник. Дури подоцна, кога почнал да ги пишува своите научни дела, Миколај го присвоил латинизираното име Николаус Коперникус, кај нас познат како Никола Коперник. Татко му, трговец во Торуњ, имал четири деца; Никола бил најмал. Татко му умрел кога Никола имал 11 години. Еден чичко по име Лукас Ваценроде ги зел Никола и неговите браќа и сестри под своја закрила. Тој му помогнал на Никола да добие добро образование и го поттикнувал да стане свештеник.

Никола го започнал образованието во својот роден град, но подоцна продолжил во соседниот град Хелмно, каде што научил латински и ги проучувал делата на античките писатели. На 18 години се преселил во Краков, тогашниот главен град на Полска. Таму се запишал на универзитетот и почнал да се занимава со својата страст — астрономијата. Кога ги завршил студиите во Краков, чичко му — кој тогаш веќе бил бискуп во Вармија — го замолил да се пресели во Фромборк, град на Балтичкото Море. Ваценроде сакал внук му да работи како каноник во тамошната катедрала.

Меѓутоа, 23-годишниот Никола сакал да ја задоволи својата жед за знаење и го убедил вујко му да му дозволи да студира канонско право, медицина и математика на италијанските универзитети во Болоња и Падова. Таму Никола се дружел со астрономот Доменико Марија Новара и со филозофот Пјетро Помпонаци. Историчарот Станислав Брзосткијевич вели дека учењата на Помпонаци го ослободиле „умот на младиот астроном од стисокот на средновековната идеологија“.

Во слободното време, Коперник ги проучувал делата на античките астрономи и толку се задлабочил во тоа што кога увидел дека делата на латински јазик не се комплетни, научил грчки за да може да ги проучува оригиналните текстови. До крајот на своето образование, веќе бил доктор по канонско право, математичар и лекар. Бил и експерт за грчки јазик и бил првиот што превел некој документ директно од грчки на полски.

Раѓањето на една револуционерна теорија

Кога Коперник се вратил во Полска, вујко му го наименувал за свој личен секретар, советник и лекар — угледна функција. Во следните децении, Коперник имал разни административни функции, како религиозни така и граѓански. И покрај тоа што имал многу работа, продолжил да ги проучува ѕвездите и планетите, собирајќи докази со кои ќе поткрепи една револуционерна теорија — дека Земјата не е фиксен центар на универзумот, туку дека, всушност таа се движи околу Сонцето.

Оваа теорија била во спротивност на учењата на многу почитуваниот филозоф Аристотел и не се совпаѓала со заклучоците на грчкиот математичар Птолемеј. Освен тоа, теоријата на Коперник го побивала навидум очигледниот „факт“ дека сонцето изгрева на исток, се движи по небото и заоѓа на запад, додека Земјата не се помрднува.

Коперник не бил првиот што дошол до заклучок дека Земјата се врти околу Сонцето. Грчкиот астроном Аристарх од Самос ја изнел оваа теорија во третиот век пр.н.е. Следбениците на Питагора учеле дека и Земјата и Сонцето се движат околу еден средишен оган. Меѓутоа, Птолемеј напишал дека кога Земјата би се движела, „животните и другите предмети би лебделе во воздухот, а Земјата многу брзо би паднала од небото“. Додал: „Апсурдно е само и да се помисли такво нешто“.

Птолемеј ја поддржал идејата на Аристотел дека Земјата стои неподвижно во центарот на универзумот и дека околу неа има низа проѕирни кругови сместени еден во друг, на кои се наредени Сонцето, планетите и ѕвездите. Тој сметал дека движењето на планетите и на ѕвездите се должи на движењето на овие проѕирни кругови. Математичките формули на Птолемеј го објаснувале, со извесен степен на точност, движењето на планетите на ноќното небо.

Меѓутоа, токму недостатоците на теоријата на Птолемеј го навеле Коперник да побара алтернативно објаснување за чудното движење на планетите. За да ја поткрепи својата теорија, направил инструменти какви што користеле античките астрономи. Иако според современите стандарди тие инструменти биле едноставни, сепак со нив успеал да ги пресмета релативните растојанија помеѓу планетите и Сонцето. Поминал години во одредување на точните датуми кога неговите претходници направиле важни астрономски набљудувања. Опремен со овие податоци, Коперник почнал да работи на контроверзниот документ со кој човештвото повеќе не било во центарот на универзумот.

Контроверзии околу ракописот

Последните години од својот живот Коперник ги поминал во усовршување и надополнување на аргументите и математичките формули со кои ја поткрепувал својата теорија. Во преку 95 проценти од конечната верзија на документот се содржани технички детали со кои ги поткрепува своите мислења. Овој оригинален документ напишан на рака постои и денес и се чува во Јагјелонијанскиот универзитет во Краков (Полска). Документот нема наслов. Затоа, астрономот Фред Хојл пишува: „Не знаеме како точно сакал Коперник да се вика неговата книга“.

Уште пред да биде издадена книгата, нејзината содржина предизвикала голем интерес. Коперник објавил кратко резиме на своите идеи во една книга со наслов Commentariolus. Како резултат на тоа, извештаи за неговите истражувања стигнале до Германија и до Рим. Папата Клемент VII слушнал за теоријата на Коперник уште во 1533 година. А во 1536, кардиналот Шонберг му пишал на Коперник, поттикнувајќи го да ги објави во целост своите идеи. Георг Јоаким Ратикус, професор на Универзитетот во Витенберг во Германија, толку бил заинтересиран за делото на Коперник што го посетил астрономот и дури останал со него две години. Во 1542 година, Ратикус зел еден примерок од ракописот, го однел во Германија и му го дал на еден печатар по име Петреиус и на еден свештеник и коректор по име Андреас Осијандер.

Осијандер ѝ го дал на книгата насловот De revolutionibus orbium coelestium (За движењето на небесните тела). Со овој наслов, Осијандер алудирал дека на книгата влијаеле идеите на Аристотел. Тој напишал и анонимен предговор, во кој навел дека хипотезите во книгата не се основни постулати на верата и дека не мора да бидат вистинити. Коперник добил примерок од отпечатената книга, со неовластените промени и компромиси, само неколку часа пред да умре во 1543 година.

За движењето

— револуционерно дело

Во почетокот, промените што ги направил Осијандер ја поштедиле книгата од критика. Италијанскиот астроном и физичар Галилеј подоцна напишал: „Кога беше отпечатена, Светата црква ја прифати книгата и ја прочитаа и ја проучуваа сите на коишто ни на ум не им паднало да бараат приговори против доктрините во неа. А сега, кога искуствата и неопходните докази покажаа дека тие доктрини имаат цврста основа, има луѓе што веднаш би му ја одзеле честа на авторот и без да ја прочитаат книгата“.

Лутераните први ја нарекле книгата „чиста бесмисленост“. Католичката црква, иако во почетокот не изнела свое мислење, одлучила дека книгата се противи на нејзините официјални доктрини и во 1616 година ја ставила книгата на Коперник во списокот на забранети книги. Од тој список била тргната дури во 1828 година. Во уводот за англискиот превод на книгата, Чарлс Глен Волис објаснува: „Поради неслогата помеѓу католиците и протестантите и двете секти се плашеле од каков и да е скандал кој би можел да го поткопа ценењето за Црквата од Библијата, и како резултат на тоа почнале премногу дословно да го толкуваат Светото писмо и биле склони да го осудат секое тврдење кое би можело да се сфати како спротивно на дословното толкување на некој стих од Библијата“.a Во врска со наводната противречност меѓу теоријата на Коперник и учењето на Библијата, Галилеј напишал: „[Коперник] не ја игнорирал Библијата, туку многу добро знаел дека ако се докажат неговите доктрини, не би можеле да бидат противречни на Светото писмо доколку тоа се разбере точно“.

Денес, мнозина го почитуваат Коперник како татко на современата астрономија. Точно, неговиот опис на универзумот бил подобрен и усовршен од подоцнежните научници, како Галилеј, Кеплер и Њутн. Меѓутоа, астрофизичарот Овен Гингрич вели: „Коперник е тој што со своето дело ни покажа колку лесно можат да се срушат традиционалните научни идеи“. Со помош на истражување, набљудување и со помош на математиката, Коперник ги соборил вкоренетите погрешни верски и научни сфаќања. Во умот на луѓето, тој е човекот што „го сопре Сонцето и ја помрдна Земјата“.

[Фуснота]

a На пример, извештајот запишан во Исус Навин 10:13, во кој се зборува дека сонцето застанало, бил користен за да се докаже дека нормално е да се движи Сонцето а не Земјата.

[Рамка/слика на страница 17]

За движењето на небесните тела

Коперник ја поделил книгата на шест дела. Долу се наведени некои од главните идеи во неговата книга.

● Нашата планета е само еден од многуте „патници“ со чиишто движења управува ‚сонцето од својот царски престол‘.

● Планетите се вртат околу Сонцето во ист правец. Земјата е една од нив — таа се врти околу својата оска еднаш дневно и околу Сонцето еднаш годишно.

● Според оддалеченоста од Сонцето, Меркур е најблизу, по него следат Венера, Земјата и нејзината месечина, Марс, Јупитер и најнакрај Сатурн.

[Извор на слика]

Насловна страница од книгата на Коперник: Zbiory i archiwum fot. Muzeum Okręgowego w Toruniu

[Слика на страница 14]

Инструмент за набљудување што го користел Коперник

[Извор на слика]

Zbiory i archiwum fot. Muzeum Okręgowego w Toruniu

[Слики на страница 15]

Предмети од работната соба на Коперник што се наоѓала во неговата опсерваторија во Фромборк (Полска)

[Извор на слика]

Zdjecie: Muzeum M. Kopernika we Fromborku; J. Semków

[Слика на страница 16]

Геоцентричниот систем

[Извор на слика]

© 1998 Visual Language

[Слика на страница 16]

Хелиоцентричниот систем

[Извор на слика]

© 1998 Visual Language

[Слика на страници 16 и 17]

Сончевиот систем каков што го знаеме денес

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели