Предизвикот на лекувањето
„Не постои дијабетес што не е лош. Сите се опасни“ (Ен Дејли, Американско здружение за дијабетес).
„ВАШАТА крвна слика покажува значителни абнормалности. Потребна Ви е итна медицинска нега.“ Зборовите на докторот ја погодиле Дебора како гром. „Таа ноќ постојано размислував дека мора да се работи за лабораториска грешка“, вели таа. „Си велев дека едноставно не е можно да сум болна.“
Исто како многу луѓе, и Дебора си мислела дека е релативно здрава, па затоа ги игнорирала здодевните симптоми. Сметала дека постојаната жед што ја чувствувала се должи на антихистамините што ги земала. Мислела дека честото мокрење е резултат на тоа што премногу пиела вода. А заморот — па, која вработена мајка не се уморува?
Но, една анализа на крвта потврдила дека виновник за тоа е дијабетесот. На Дебора ѝ било тешко да ја прифати дијагнозата. „Никому не кажував за мојата болест“, вели таа. „Ноќе, кога сите од семејството спиеја, вкочането гледав во мракот и плачев.“ Кога ќе дознаат дека имаат дијабетес, некои луѓе, исто како Дебора, се преплавени од емоции, вклучувајќи депресија, па дури и гнев. „Со солзи минав низ период на негирање“, вели Карен.
Ова е природна реакција на она што изгледа како неправедна несреќа. Меѓутоа, со поддршка од другите, оние што имаат дијабетес можат да се приспособат. „Мојата негувателка ми помогна да ја прифатам мојата состојба“, вели Карен. „Таа ме увери дека е нормално да плачам. Таквиот емоционален вентил ми помогна да се привикнам.“
Зошто е сериозна болест
Дијабетесот е наречен „нарушување на самиот мотор на животот“, и тоа со добра причина. Кога телото не може да ја метаболизира гликозата, можат да се расипат повеќе животоважни механизми, понекогаш со последици опасни по живот. „Луѓето не умираат од самиот дијабетес“, вели д-р Харви Катцеф, „тие умираат од компликациите што настануваат од дијабетесот. Доста добро успеваме да ги спречиме компликациите, но не успеваме толку добро да ги лекуваме откако ќе се појават.“a
Постои ли надеж за оние што боледуваат од дијабетес? Да — ако ја сфатат сериозноста на ова заболување и ако се подложат на една програма на лекување.b
Исхрана и вежби
Иако дијабетесот од типот I не може да се спречи, научниците ги проучуваат генетичките фактори на ризик и се обидуваат да најдат начини да го спречат имунолошкиот напад. (Видете ја рамката „Улогата на гликозата“ на 8. страница.) „Кај типот II, работите стојат многу подобро“, вели книгата Diabetes—Caring for Your Emotions as Well as Your Health (Дијабетес — грижа за Вашите емоции и за Вашето здравје). „Кај многу од оние што имаат генетички предиспозиции не се гледаат никакви знаци на оваа болест едноставно за тоа што урамнотежено се хранат и редовно вежбаат, па така остануваат физички здрави и ја одржуваат телесната тежина во границите на нормалата.“c
За да ја нагласи вежноста на вежбањето, Journal of the American Medical Association известил за едно големо истражување во кое биле вклучени жени. Истражувањето покажало дека „дури и само краткотрајна физичка активност ја зголемува апсорпцијата на гликозата [од страна на телесните клетки] со посредство на инсулинот, и тоа за повеќе од 24 часа“. Затоа, извештајот заклучува дека „и пешачењето и енергичната активност се поврзани со значително намалување на ризикот од дијабетес од типот II кај жените“. Истражувачите препорачуваат најмалку 30 минути умерена физичка активност во повеќето, ако не и во сите денови од седмицата. Таквата активност може да биде и нешто толку едноставно како што е пешачењето, кое „веројатно е најдобар, најбезбеден и најевтин облик на вежбање“, како што вели American Diabetes Association Complete Guide to Diabetes.
Меѓутоа, луѓето што имаат дијабетес треба да вежбаат под стручен надзор. Една причина е тоа што дијабетесот може да го оштети васкуларниот систем и нервите, а тоа може да влијае врз циркулацијата на крвта и врз сетилото за допир. Па така, една обична гребнатинка на стапалото може да остане незабележана, да се инфицира и да се претвори во чир — сериозна состојба што може да води до ампутација ако веднаш не се преземе нешто.d
Во секој случај, редовното вежбање може да помогне да се контролира дијабетесот. „Колку повеќе истражувачите ги проучуваат користите од редовното вежбање“, вели ADA Complete Guide, „толку подобри се вестите што му одат во прилог.“
Инсулинска терапија
Многу луѓе што имаат дијабетес мораат да ја надополнуваат својата исхрана и редовната физичката активност со секојдневни проверки на нивото на гликоза и повеќепати да примаат инсулински инјекции. Како резултат на подобреното здравје преку диета и добра рутина на вежбање, некои што имаат дијабетес од типот II успеале, барем за извесно време, да прекинат со инсулинската терапија.e Карен, која има дијабетес од типот I, утврдила дека вежбањето ја зголемува ефикасноста на инсулинот што го прима со инјекции. Како резултат на тоа, успеала да ги намали дневните потреби од инсулин за 20 проценти.
Меѓутоа, ако е потребен инсулин, нема причина болниот да се обесхрабрува. „Тоа што треба да примате инсулин не значи дека нешто Ви фали“, вели Мериен, медицинска сестра што се грижи за неколку пациенти што имаат дијабетес. „Без оглед на тоа кој облик на дијабетес го имате, ако внимателно го контролирате нивото на шеќер во крвта, ќе ги намалите другите здравствени проблеми подоцна.“ Всушност, едно неодамнешно истражување открило дека кај луѓето што имале дијабетес од типот I и што строго го контролирале нивото на шеќер во крвта „значително помалку се јавувало заболување на очите, бубрезите и нервни болести како последица на дијабетесот“. Ризикот од заболување на очите (ретинопатија), на пример, бил намален за 76 проценти! Оние што имаат тип II и строго го контролирале нивото на шеќер во крвта имаат слични користи.
За да биде инсулинската терапија полесна и да не е толку трауматична, шприцевите и инсулинските пенкала — највообичаени инструменти што се користат — имаат многу тенки игли што предизвикуваат минимална неудобност. „Првото боцкање обично е најтешко“, вели Мериен. „Потоа, повеќето пациенти велат дека речиси не чувствуваат ништо.“ Други методи на ставање инјекции вклучуваат автоматски инјектори што безболно ја забодуваат иглата во кожата, инјекции со млаз што дословно вшприцуваат инсулин преку кожата со помош на еден тенок млаз, и инфузори што користат катетер кој останува два или три дена. Во последниве години станала популарна инсулинската пумпичка, која е голема отприлика колку еден пејџер. Со оваа направа, која може да се програмира, рамномерно се внесува инсулин преку еден катетер според дневните потреби на телото, со што примањето на инсулин е попрецизно и позгодно.
Постојано учете
Како и да е, нема една општа терапија за дијабетесот. Кога размислува за начинот на лекување, секој поединец мора да земе предвид повеќе фактори за да донесе лична одлука. „Иако можеби за Вас ќе се грижат медицински лица“, вели Мериен, „Вие го имате главниот збор.“ Всушност, весникот Diabetes Care наведува: „Медицинското лекување на дијабетесот без систематско поучување на поединецот сам да ја држи под контрола болеста може да се смета за грижа што е под стандардите и не е етичка“.
Колку повеќе дијабетичарите учат за својата болест, толку поопремени ќе бидат да го контролираат своето здравје и да ги зголемат изгледите да живеат подолго и поздраво. Меѓутоа, за делотворно образование е потребна стрпливост. Книгата Дијабетес — грижа за Вашите емоции и за Вашето здравје објаснува: „Ако се обидете да научите сѐ одеднаш, веројатно ќе се збуните и нема делотворно да ги користите тие информации. Освен тоа, повеќето од најкорисните информации што ќе треба да ги научите ги нема во книгите и во брошурите. Ова има врска со тоа . . . како шеќерот во крвта варира во зависност од промените на Вашите околности. Тоа може да се научи само со текот на времето, од пракса“.
На пример, со внимателно набљудување ќе научите како Вашето тело реагира на стрес, кој може да предизвика нагло да се покачи нивото на шеќер во крвта. „Живеам со дијабетес веќе 50 години“, вели Кен, „и знам што ми кажува моето тело!“ Тоа што го „слушал“ своето тело се исплатело, бидејќи Кен сѐ уште може да работи со полно работно време — иако има преку 70 години!
Важноста на поддршката од семејството
Во лекувањето на дијабетесот не треба да се превиди и поддршката од семејството. Всушност, едно дело забележува дека „квалитетот на заедничкиот семеен живот можеби е најважниот фактор“ во контролирањето на дијабетесот кај децата и кај младите возрасни.
Корисно е членовите на семејството да учат за дијабетесот, па дури и наизменично да одат на лекар заедно со болниот. Упатеноста ќе им помогне да дадат поддршка, да ги препознаат важните симптоми и да знаат како да реагираат. Тед, чија сопруга има дијабетес од типот I уште од четиригодишна возраст, вели: „Можам да препознаам кога нивото на шеќер кај Барбара ќе падне премногу ниско. Таа ќе замолчи среде разговор. Се препотува и се лути без причина. И нејзините реакции се забавуваат“.
На сличен начин, кога Кетрин, сопругата на Кен, ќе види дека Кен пребледува и се препотува и кога ќе забележи кај него промена во расположението, му поставува едноставна математичка задача. Збунетиот одговор на Кен ѝ покажува на Кетрин дека во тие моменти не треба да му дозволи да донесува каква и да е одлука и дека треба брзо да дејствува за да ја поправи ситуацијата. И Кен и Барбара многу го ценат тоа што имаат брачни другари што се добро информирани и што ги сакаат и имаат целосна доверба во нив.f
Членовите на семејството полни со љубов треба да настојуваат да давааат поддршка, да бидат љубезни и стрпливи — особини што можат да му помогнат на болниот да се соочи со предизвиците во животот, па дури и да влијаат да му се подобри здравствената состојба. Сопругот на Карен ја уверил во својата љубов, а тоа многу ѝ значело. Карен кажува: „Најџел ми рече: ‚На луѓето им треба храна и вода за да преживеат, исто како што и тебе ти треба храна и вода — и мала доза инсулин‘. Тие љубезни но практични зборови беа токму она што ми требаше“.
Семејството и пријателите треба да сфатат дека поради промената во нивото на шеќер во крвта, дијабетесот може да влијае врз расположението. „Кога сум нерасположена поради шеќерот“, вели една жена, „станувам многу тивка, нерасположена, лесно се вознемирувам и се фрустрирам. Потоа се чувствувам ужасно затоа што се однесувам како мало дете. Но, ми помага тоа што знам дека другите ја разбираат причината за тие чувства — кои јас се трудам да ги контролирам.“
Дијабетесот може успешно да се контролира, особено ако пријателите и членовите на семејството се спремни да соработуваат со болниот. Можат да помогнат и библиските начела. Како?
[Фусноти]
a Во компликациите спаѓаат заболување на срцето, мозочен удар, лошо функционирање на бубрезите, заболување на периферните артерии и оштетување на нервите. Лошиот проток на крвта до стапалата може да води до чиреви, поради кои во тешките случаи е потребна ампутација на зафатениот екстремитет. Исто така, дијабетесот е најчеста причина за слепило кај возрасните.
b Разбудете се! не се залага за некоја посебна терапија. Оние што се сомневаат дека имаат дијабетес треба да се консултираат со лекар што има искуство во превенцијата и контролирањето на оваа болест.
c Изгледа дека е поопасно да се има премногу маснотии во горниот дел од стомакот (тело во форма на јаболко) отколку на колковите (тело во форма на круша).
d Пушачите се изложуваат на уште поголем ризик бидејќи нивната навика го оштетува срцето и циркулациониот систем, и ги стеснува крвните садови. Една стручна книга наведува дека 95 проценти од ампутациите поврзани со дијабетес се извршени кај пушачи.
e На некои од тие луѓе им помогнале лекарства што ги примале орално. Во тоа спаѓаат лекови што го стимулираат панкреасот да лачи повеќе инсулин, други што го забавуваат покачувањето на шеќерот во крвта, и трети што ја намалуваат отпорноста на инсулин. (Лекарствата што се примаат орално обично не се препишуваат за дијабетесот од типот I.) Во моментов, инсулинот не може да се зема орално бидејќи при варењето на храната овој протеин се разложува пред да дојде во крвотокот. Ниту инсулинската терапија ниту лекарствата што се примаат орално не ја отстрануваат потребата од вежбање и добра исхрана.
f Медицинските стручњаци препорачуваат дијабетичарите секогаш да си носат лична карта и некаква ознака дека ја имаат болеста. Во критични моменти тие работи можат да спасат живот. На пример, реакцијата при ниско ниво на шеќер може погрешно да се протолкува како некој друг медицински проблем, па дури и како пијана состојба.
[Рамка/слика на страница 6]
Болест на младите?
Дијабетесот „станува болест на младите“, вели д-р Артур Рубенштајн, главен ендокринолог и декан на Медицинското училиште Mount Sinai во Њујорк. Просечната возраст кога се јавува дијабетесот навистина опаѓа. „Пред десет години ги учевме студентите по медицина дека оваа болест не се јавува кај луѓе помлади од 40 години“, вели стручњакот за дијабетес д-р Робин С. Голанд, зборувајќи за дијабетес од типот II. „Сега се јавува и кај деца под 10 години.“
Зошто појавата на дијабетес кај младите е сѐ почеста? Понекогаш се работи за генетски предиспозиции. Но, телесната тежина и околината исто така можат да играат улога. Во изминативе две децении бројот на згоени деца порасна за двапати. На што се должи тоа? „Во текот на изминативе 20 години настанаа многу промени во навиките на исхрана и во активностите“, вели д-р Вилијам Диц од американскиот Центар за контрола и превенција на болести. „Во нив спаѓаат сѐ почестата навика да се јаде надвор од дома; сѐ почестото прескокнување на појадокот; сѐ поголемата употреба на газирани пијалаци и брза храна; намалувањето на [физичкото воспитување] во училиштата; и укинување на одморот на училиште“.
Дијабетесот не може сосема да се излекува. Затоа, мудро е да се следи советот на еден тинејџер што ја има оваа болест, кој едноставно наведува: „Избегнувајте шунд-храна за да си го зачувате здравјето“.
[Рамка/слика на страници 8 и 9]
Улогата на гликозата
Гликозата претставува извор на енергија за билионите клетки на телото. Меѓутоа, за да влезе во клетките, потребен ѝ е „клуч“ — инсулин, хемикалија што ја лачи панкреасот. Кај дијабетесот од типот I, инсулин едноставно нема. Кај типот II, телото создава инсулин, но обично тоа не е доволно.g Освен тоа, клетките не му дозволуваат на инсулинот да влезе внатре — состојба што се нарекува отпорност на инсулин. Кај двата облика на дијабетес резултатот е ист: изгладнети клетки и опасно ниво на шеќер во крвта.
Кај дијабетесот од типот I, имунолошкиот систем на човекот ги напаѓа бета-клетките во панкреасот што создаваат инсулин. Значи, дијабетесот од типот I е автоимуна болест и понекогаш е наречен имунопосреднички дијабетес. Некои фактори што можат да предизвикаат имунолошка реакција се вирусите, токсичните хемикалии и извесни лекови. И генетичката градба може да игра улога, бидејќи дијабетесот од типот I честопати е наследен и најчесто се јавува кај белците.
Кај дијабетесот од типот II, генетичкиот фактор игра уште поголема улога, но почесто се јавува кај другите, а не кај белата раса. Најмногу заболуваат австралиските Абориџини и Индијанците, а кај вториве има најголема стапка на дијабетес од типот II во светот. Истражувачите го изучуваат односот помеѓу генетиката и згоеноста, како и начинот на кој преголемото количество масти ја зголемува отпорноста на инсулин кај луѓето што имаат генетички предиспозиции.h За разлика од типот I, дијабетесот од типот II се јавува главно кај лица постари од 40 години.
[Фусноти]
g Кај околу 90 проценти од луѓето што имаат дијабетес се работи за типот II. Порано тој се нарекуваше дијабетес „независен од инсулин“ или дијабетес „на возрасните“. Меѓутоа, овие термини не се прецизни бидејќи на 40 проценти од оние што имаат дијабетес од типот II им треба инсулин. Освен тоа, кај алармантен број млади — некои од нив не се дури ни во своите тинејџерски години — се дијагностицира дијабетес од типот II.
h Обично се смета дека некој е згоен ако има 20 или повеќе проценти над идеалната телесна тежина.
[Слика]
Молекул на гликоза
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на: Pacific Northwest National Laboratory
[Рамка на страница 9]
Улогата на панкреасот
Голем отприлика колку една банана, панкреасот се наоѓа веднаш зад желудникот. Според книгата The Unofficial Guide to Living With Diabetes (Неофицијален водич за да се живее со дијабетес), „здравиот панкреас извршува непрекинато и совршено балансирање, успевајќи да одржи рамномерно, стабилно ниво на шеќер во крвта така што лачи токму онолку инсулин колку што е потребно во склад со зголемувањето и опаѓањето на нивото на гликоза во текот на денот“. Бета-клетките на панкреасот се извор на хормонот инсулин.
Кога бета-клетките не успеваат да произведат доволно инсулин, во крвта се насобира гликоза и доаѓа до хипергликемија. Спротивното, ниско ниво на шеќер — се нарекува хипогликемија. Во усогласеност со панкреасот, црниот дроб помага да се регулира нивото на шеќер во крвта на тој начин што го складира вишокот гликоза во облик на гликоген. Кога добива наредба од панкреасот, црниот дроб го претвора гликогенот во гликоза што телото може да ја искористи.
[Рамка/слика на страница 9]
Улогата на шеќерот
Вообичаена заблуда е дека внесувањето многу шеќер предизвикува дијабетес. Медицинските докази покажуваат дека дебелеењето — без оглед на тоа колку шеќер се внесува во организмот — е тоа што го зголемува ризикот кај оние што веќе имаат генетички предиспозиции. Сепак, не е здраво да се јаде премногу шеќер, бидејќи на тој начин се внесуваат малку хранливи материи и тоа води до згоеност.
Друга заблуда е дека луѓето со дијабетес имаат ненормално силна желба за шеќер. Но, во реалноста, тие имаат иста желба за благи работи како и повеќето други луѓе. Ако не се контролира, дијабетесот може да води до глад — но тоа не мора да биде глад за шеќер. Луѓето што имаат дијабетес смеат да јадат благи работи, но тоа што внеле шеќер мора да го земат предвид во планот за својата севкупна исхрана.
Неодамнешните истражувања покажаа дека исхраната што содржи многу фруктоза — шеќер што се наоѓа во овошјето и зеленчукот — може да придонесе за отпорност на инсулин па дури и за дијабетес кај животните, без оглед на нивната тежина.
[Графикон/слики на страници 8 и 9]
Едноставен опис на дијабетесот
ПАНКРЕАС
Здрав организам
По оброкот, панкреасот реагира на покачувањето на количеството на гликоза во крвта и лачи соодветно количество инсулин
Молекулите на инсулин се врзуваат со рецепторите на мускулните влакна и со другите клетки. Ова, пак, ги активира ‚влезните врати‘ што овозможуваат да влезат молекулите на гликозата
Гликозата ја апсорбираат и ја согоруваат мускулните клетки. Така, нивото на гликоза во крвотокот се враќа на нормала
Дијабетес од типот I
Имунолошкиот систем ги напаѓа бета-клетките на панкреасот што создаваат инсулин. Како резултат на тоа не се лачи инсулин
Без помош на инсулинот, молекулите на гликозата не можат да влезат во клетките
Дијабетес од типот II
Во повеќето случаи панкреасот создава само ограничено количество инсулин
Ако рецепторите не реагираат доволно на инсулинот, не се активираат ‚влезните врати‘ што се потребни за да се апсорбира гликозата од крвта
Во крвотокот се собира гликоза, која ги спречува виталните процеси и ги оштетува ѕидовите на крвните садови
[Графикон]
(Види во публикацијата)
КЛЕТКА
рецептор
влезна врата
инсулин
јадро
гликоза
[Графикон]
(Види во публикацијата)
[Графикон]
(Види во публикацијата)
КРВЕН САД
црвени крвни клетки
гликоза
[Извор на слика]
Човек: The Complete Encyclopedia of Illustration/J. G. Heck
[Слика на страница 7]
Исправната исхрана е многу важна за оние што имаат дијабетес
[Слика на страница 10]
Дијабетичарите можат радосно да извршуваат нормални активности