Како може Библијата да им помогне на болните од дијабетес
САМОСОВЛАДУВАЊЕТО и позитивното гледиште се особено важни за здравјето и благосостојбата на луѓето што имаат дијабетес. Но, за да ги негуваат тие особини, на болните им е потребна постојана поддршка. Затоа, членовите на семејството и пријателите нема да го ставаат на искушение оној што има дијабетес да јаде нездрава храна, можеби со тоа што ќе му велат:,Земи само еднаш, нема да ти наштети‘. „Добивам голема поддршка од мојата сопруга“, вели Хари, кој има срцево заболување и дијабетес од типот II. „Таа не чува дома храна што не треба да ја јадам. Но, има некои што не го разбираат тоа и не знаат колку ми отежнуваат понекогаш.“
Ако редовно се дружите со некој што има дијабетес, имајте ги на ум овие две прекрасни начела што се наоѓаат во Библијата: „Никој да не ја бара својата корист, туку користа на другиот“ и „љубовта . . . не ги бара сопствените интереси“ (1. Коринќаните 10:24; 13:4, 5).
Сите што се загрижени за своето здравје — сеедно дали имаат или немаат дијабетес — треба да се воздржуваат кога е во прашање храната. Библијата помага во овој поглед бидејќи ја истакнува потребата секој од нас да развива самосовладување. Дали си решен да ја негуваш оваа особина во твојот живот? (Галатите 5:22, 23). Дополнителна помош можат да ни дадат библиските примери, како што е примерот на христијанскиот апостол Павле. „Тој имал постојан трн во телото“, вели еден дијабетичар, „но сепак, верно и потполно му служел на Бог. Тоа го можам и јас!“
Да, Павле го прифатил она што не можел да го промени и имал голем успех како мисионер (2. Коринќаните 12:7—9). Дастин, кој има 18 години, е слеп од раѓање и има дијабетес од 12-годишна возраст. Тој пишува: „Знам дека никој на овој свет нема совршени околности. Со радост го чекам времето во Божјиот нов свет кога нема да имам дијабетес. За мене, дијабетесот е само привремена работа. Можеби трае подолго од настинка или грип, но на крајот ќе помине“.
Кога го кажал ова, Дастин ја имал на ум библиската надеж за совршено здравје на една рајска земја под Божјето Царство (Откровение 21:3, 4). Божјата реч ветува дека под една таква Божја влада „ниеден жител нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24; Матеј 6:9, 10). Дали би сакале да дознаете нешто повеќе за ова библиско ветување? Контактирајте со Јеховините сведоци во Вашето место или пишете до издавачите на ова списание на соодветната адреса наведена на 5. страница.
[Слика на страница 12]
Самосовладувањето и позитивното гледиште се многу важни