Фасцинантниот свет на црвите
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРАЛИЈА
КРАЛИЦАТА КЛЕОПАТРА од Египет ги прогласила за свети. Аристотел ги нарекол црева на земјата. Чарлс Дарвин сметал дека тие одиграле важна улога во историјата на светот. Кое животно заслужило да му се восхитуваат толку прочуени луѓе? Скромната дождовна глиста.
Како што ќе видите, црвите заслужуваат восхит. Точно е дека се лигави и дека многу мрдаат. Но, дури и овие особини, кои можеби не ни изгледаат привлечни, можат да предизвикаат кај Вас чувство на восхит штом малку подобро ќе ги запознаете црвите. Треба само да се наведнете и да превртите една грутка почва или да претурите еден слој лисја, и веќе сте во фасцинантниот свет на црвите.
Едноставен мозок, зачудувачки таленти
Ако повнимателно разгледате една глиста, ќе забележите дека нејзиното тело се состои од прстенести сегменти што личат на ред минијатурни густо збиени крофни. Секој сегмент го движат две групи мускули. Едната група, која се наоѓа веднаш под кожата, образува прстен околу црвот. Под овој слој, втората група мускули се протега по должината на црвот. Црвот се движи ширејќи ги и собирајќи ги овие спротивни групи мускули, свиткувајќи сегмент по сегмент во ритмично пулсирање што се пренесува низ целото тело.
Ако земете глиста во раката, несомнено таа ќе се извива и ќе мрда. Црвот реагира на ваков начин затоа што неговото тело е полно се сетилни органи — само во еден сегмент ги има 1.900. Овие рецептори му даваат на црвот чувство за допир, му овозможуваат да чувствува вкус и да ја пронајде светлината.
Црвот ја фаќа почвата со помош на едни мали, влакнести израстоци. Секој сегмент од црвот има група вакви израстоци што имаат улога нешто како весла на чамец. Црвот ги зарива во почвата, се влече по должината и потоа ги повлекува. Црвот може „да весла“ и напред и назад користејќи само по една група израстоци во даден момент или, ако се преплаши, може да го прицврсти едниот крај на телото за земјата, додека брзо го повлекува другиот крај. На атлетската вештина што се гледа при темпирањето на овие „удари со веслото“ би им позавидел и некој олимписки веслачки тим.
Ако некоја птица му го одгриза опашот на црвот, кај некои видови црви тој едноставно повторно расте — но никогаш не растат повеќе сегменти отколку што се изгубени. Изгледа дека секој сегмент си создава мал електричен набој и дека на црвите повторно им растат сегментите што ги изгубиле сѐ додека не се постигне однапред одредениот максимален набој.
Илјадниците сетилни органи и сложените мускулни системи се спојуваат во мозочната ганглија, која се наоѓа од тој крај на црвот каде што му е устата. Експериментите покажале дека, освен нивните физички таленти, црвите имаат извесна способност за помнење и дека можат дури и да научат да ја избегнуваат опасноста.
Зошто се толку лигави?
Лигавата површина на црвот, која им е толку одвратна на многу луѓе, всушност му овозможува на ова мало суштество да диши. Кожата на црвот е полна со пори, а крвните садови во близина на кожата апсорбираат кислород од воздухот или од водата што е богата со кислород, а испуштаат јаглерод диоксид. Но, размена на овие гасови може да се врши само ако кожата е влажна. Ако црвот се исуши, полека ќе се задуши и ќе умре.
Од друга страна, пак, ако за време на пороен дожд некој црв остане „заробен“ во својата дупка, кислородот од водата брзо ќе се потроши. Ова е една причина зошто црвите доползуваат на површината откако ќе падне силен дожд. Ако не излезат од дупката, ќе се задушат.
Планета што врие од продуктивни орачи
На нашава планета живат преку 1.800 видови дождовни глисти. Тие живеат насекаде, со исклучок на најсувите и најстудени делови од земјата. Под саваните на Јужна Африка може да има само 70 црви на секој квадратен метар почва, додека во шумската почва во Канада може да има преку 700 црви на квадратен метар.
Во Нов Зеланд, дождовните глисти се поделени на три главни видови. Првиот вид го сочинуваат црви што брзо се размножуват и брзо се движат, кои живеат во изгниените органски материи на површината на земјата. Вториот и најраспространет вид го сочинуваат црви што копаат хоризонтално низ површинските слоеви на почвата. Црвите од третиот вид копаат вертикално во земјата и можат да поминат неколку години — колку што живее еден црв — само во една дупка. Тие се „билдери“ во светот на црвите. Имаат јаки мускулести прстени околу главата што им овозможуваат да истуркаат и да изгрицкаат сѐ што им стои на патот додека минуваат низ почвата. Еден од најголемите црви во светот живее во јужна Австралија. Овој џин може да израсне повеќе од 1,5 метри во должина и да тежи 500 грама.
Додека црвите се прпелаат низ земјината површина, тие имаат улога на минијатурни орачи. Пробивајќи си го патот џвакајќи низ арското ѓубре, низ почвата и низ растенијата што гнијат, тие создаваат еден отпаден производ наречен фецес — продукт што го произведуваат во огромни количества. Се проценува дека црвите што работат под зелените полиња на Англија годишно произведуваат околу 20 тона фецес на хектар. Поимпресивни се црвите што живеат во долината на реката Нил. Овие црви можат да наталожат цели 2.500 тона фецес на хектар. Додека црвите ја обработуваат почвата, таа станува побогата со кислород, може да впие повеќе вода и станува поплодна.
Научниците откриле дека дигестивниот систем на црвите ги претвора хранливите материи во облици што растенијата можат да ги апсорбираат, па затоа фецесот на црвите е полн со храна за растенијата. Освен тоа, многу штетни микроорганизми што се наоѓаат во арското ѓубре и во растенијата што гнијат се уништуваат кога ќе поминат низ цревото на црвот. Така, додека се хранат, црвите ја прочистуваат почвата. Како една идеална машина за рециклирање, тие се хранат со отпадоци додека во исто време произведуваат хранливи материи.
Да се искористи силата на црвите
Извонредната способност на црвот да рециклира се користи во индустријата за преработка на отпадни материи. Една компанија во Австралија користи вкупно 500 милиони црви во неколку фабрики за преработка на отпадот. Црвите се сместуваат во специјално направени легла каде што им се сервираат оброци од свински или човечки измет измешан со ситно исецкана стара хартија и други органски материи. Овие црви секој ден јадат количество храна еднакво на 50 до 100 проценти од својата тежина и произведуваат храна за растенијата богата со хранливи состојки, која се продава на многу места.
Истражувањата откриле уште една можна употреба на црвите — како извор на храна. Црвите ги содржат истите корисни аминокиселини како и телешкото месо. Кога се суви, тие содржат 60 проценти протеини и 10 проценти масти, како и калциум и фосфор. Во некои земји луѓето веќе јадат пита од црви. Во други делови од светот, луѓето пржат црви, па дури и ги јадат незготвени.
Иако црвите можеби никогаш нема да станат најомилени животни во светот, светот сигурно би бил поинаков без нив. Затоа, следниот пат кога ќе се восхитувате на некоја мирна глетка во природата, размислете малку за војската глисти што се под Вашите нозе, кои вредно ораат, наѓубруваат и ја одржуваат таа прекрасна глетка.
[Графикон/слики на страница 28]
(Види во публикацијата)
[Слика на страница 26]
Анатомија на дождовната глиста
епидерм
прстенест мускул
мочен меур
црево
нервно влакно
израсток
мускул на израстокот
напречен мускул
[Извори на слики]
Lydekker
J. Soucie © BIODIDAC
[Слика на страница 26]
Црвите „веслаат“ низ почвата со своите израстоци
[Слика на страница 27]
Црвите ја обработуваат почвата, правејќи ја поплодна
[Слика на страница 27]
Џиновскиот црв Megascolides australis, загрозен вид во Австралија, може да достигне должина од преку 1,5 метри
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на д-р А.Л. Јен
[Слика на страница 28]
Црвите го претвораат отпадот во растителна храна богата со хранливи состојки